fbpx

Моќта на доларот под закана?

Виктор Јакимовски

Политика

14.10.22

Прегледи

Дали намалувањето на производството на нафта од страна на ОПЕК-земјите е сигнал дека се подготвува процес за предизвикување на моќта на доларот и како Саудиска Арабија е во центарот на сите процеси?

На својот последен  состанок, земјите-членки на ОПЕК+ картелот (кој во голема мера е предводен од Саудиска Арабија) донесоа одлука да го намалат производството на нафта за два милиони барели дневно со цел да ги зголемат цените – настан кој ги вклучи алармите во многу земји во светот. Меѓу тие земји се оние кои имаат низок и среден животен стандард, кои дополнително ќе страдаат од зголемувањето на цените на енергенсите и нивниот ефект врз економијата.

Исто така, ова е удар и врз земјите-членки на ЕУ, особено што одлуката доаѓа на само два месеци пред планираното ембарго на ЕУ за руска нафта. Сепак, овој чин веројатно најмногу ги загрижи политичарите во Вашингтон. Тука се поставува прашањето, зошто би биле загрижени САД кога и тие се меѓу најголемите извозници на нафта во светот и ова би им одговарало? Одговорот е петро-доларот (термин или кованица за американски долари со кои се плаќа на земјите-извозници на нафта) или скриената рака на американската хегемонија.

Дали во моментов моќта и иднината на американскиот долар како и можеби иднината на меѓународниот монетарен систем како што го знаеме е во рацете на Саудиска Арабија!?

Како доларот остана водечка валута по напуштањето на златниот стандард

По напуштањето на златниот стандард во 1971 година, тоа значеше дека важноста на американскиот долар почнуваше полека да опаѓа. За САД да останат на врвот и американскиот долар да остане водечка резервна валута беше потребна нова стратегија.

Во 1974 година нафтената криза значително ги погоди САД. Ембаргото од арапските ОПЕК-земји поради американска воена помош за Израелците за време на војната во Јом Кипур ја зголеми цената на нафтата за четири пати. Инфлацијата се зголеми, берзата падна, а американската економија се најде во хаос. Тогашната Никсонова администрација се најде на искушение и само со два круцијални приоритети – да ја неутрализира суровата нафта како оружје и да ја убеди Саудиска Арабија да го финансира тогашниот растечки дефицит на САД со нејзините петро-долари.

Архитекти на оваа дипломатска „операција“ се тогашниот државен секретар на САД задолжен за финансии (еквивалент на министер за финансии), Вилијам Сајмон и неговиот заменик, Гери Парски кои учествуваат во разговорите со Саудијците и им ја „продаваат“ идејата дека САД е најбезбедното место за нивните петро-долари.

Основата од овој договор е прилично едноставна. САД ќе купуваат нафта од Саудиска Арабија и ќе и дадат воена помош и опрема. За возврат, Саудијците ќе ги „вратат“ нивните милијарди петро-долари во американскиот буџет со купување на обврзници на САД и ќе ги финансираат трошоците на САД. Исто така, тоа значеше дека Саудиска Арабија ќе прифаќа само долари во замена за својата нафта.

Бргу после тоа сите земји-членки на ОПЕК се согласија да ја наплаќаат својата нафта во замена за долари. Со овој потег, американскиот долар и до денес останува најкористената валута.

Сепак, постигнувањето на овој договор за САД има и друга димензија – Саудиска Арабија е еден од најголемите странски кредитори на САД. Имено, по неколкуте состаноци, кога речиси се било договорено, тогашниот крал Фајсал бин Абдулазиз Ал Сауд инсистирал набавките од американското Treasury (слично на министерство за финансии) да останат „строго тајни“. Оваа тајна во САД се чуваше четири децении, откако пред неколку години нивното Treasury заклучи дека овие информации веќе се во согласност со транспарентноста и законот на откривање на податоците.

Извор: freepik.com

Според бројките од 2016 година, со сума од 117 милијарди долари Саудиска Арабијабеше помеѓу најголемите американски странски кредитори. Некои аналитичари шпекулираа дека Саудијците можеби гo маскираат вкупното поседување на американски долгови со акумулирање на обврзници преку офшор финансиски центри, кои на овој начин се појавуваат во податоците на други земји.

Иако, со „бумот“ на американската нафта од шкрилци (неконвенционално произведена нафта од фрагменти од карпи од шкрилци со пиролиза, хидрогенизација или термичко растворање), САД ја намали зависноста од саудиската нафта, сепак Саудиска Арабија и понатаму има една предност врз САД – иднината на доларот.

Предноста која ја има Саудиска Арабија

Саудиска Арабија е една од основачите на ОПЕК и проактивно ги води процесите во рамки на оваа организација. На почетокот на оваа година, повеќе добро упатени медиуми пишуваа дека Саудиска Арабија е во активни разговори со официјален Пекинг за продажбата на нафта на Кина да биде плаќана во јуани.

Ако се земе предвид влијанието кое го има Саудиска Арабија во рамки на ОПЕК, како и поучени од примерот дека сите членки на ОПЕК во 1970-тите ја следеа Саудиска Арабија во рамки на прифаќање на доларот како единствена валута во замена за нивната нафта, тогаш веројатно е дека при прва размена на саудиска нафта за кинески јуани, овој пример би бил следен и од други земји-членки на ОПЕК, особено од оние неколку (Иран, Ирак, Венецуела и Либија) кои чувствуваат анимозитет спрема САД. Сепак, прашање е дали и Саудиска Арабија би можела толку лесно да повлече таков едностран потег, бидејќи, пред се, со САД имаат значајни меѓузависни односи, особено тоа што САД во значајна мера се важни за безбедноста на Саудиска Арабија.

Меѓудругото, и во време кога се случува глобална рецесија и недостаток на енергија и храна, многу земји почнаа да инсистираат на својот интерес, каде во некои случаи тој интерес значи опстанок. Во ваква ситуација не би било изненадување да се појави процес на деглобализација во одредени региони од светот. Глобалните девизни резерви годинава веќе паѓаат со најбрзо темпо досега, бидејќи централните банки на некои држави интервенираат за да ги поддржат нивните валути. Токму затоа оваа година резервите се намалија за околу 1 трилион долари, или 7,8%.

Предизвикот наречен БРИКС?

Засилената активност на БРИКС (организација основана од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) по руската агресија во Украина и пројавувањето на интерес кај Саудиска Арабија, Турција и Египет за членство во оваа организација, како и тоа дека во мај оваа година, министрите за надворешни работи на Казахстан, Саудиска Арабија, Аргентина, Египет, Индонезија, Нигерија, Сенегал, ОАЕ, Тајланд и други земји, како гости, за првпат присуствуваа на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС, укажува дека веќе повеќе земји размислуваат за некаков нов меѓународен систем на водење на економските односи.

Вака поставено, ако се анализира кои земји размислуваат за приклучување на БРИКС, може да се воочи дека тоа се дел од земјите кои се членки на ОПЕК и/или ОПЕК+, што би значело дека доколку ова сценарио се реализира, БРИКС ќе го претставува и новиот светски енергетски поредок.

Вакво евентуално сценарио би значело и појава на нова светска резервна валута – во случајов или кинескиот јуан, или, меѓународна резервна валута заснована на кошница со валути на членките на БРИКС – нешто што Владимир Путин го предложи во јуни оваа година.

Како дојде до ова?

Тешко е да се каже дека само еден потег или еден фактор влијаел да се дојде до оваа точка, но има едно нешто што некои би го оцениле како конспиративна теорија, но во голема мера може да послужи како објаснување за повеќе случувања во последната година.

Откако Русија ја започна војната во Украина, западните земји наметнаа низа економски санкции врз Русија. Помеѓу тие санкции беа и исклучувањето од СВИФТ и замрзнување средства на руски олигарси, како и на моментални руски политичари. Ова за земјите кои не се партнери и кои не ги делат истите политички убедувања со САД и со повеќето европски партнери се виде како голема опасност и злоупотреба на привилегиите од моменталната светска економска и политичка архитектура.

И веројатно рекоа доста е. Eлитите во погоренаведените земји, меѓу кои најголем дел  се со авторитарен начин на владеење, се почувствуваа загрозени, особено за нивниот капитал, дека тоа во иднина може да им се случи и ним и дека една или неколку земји не смее да имаат толкава моќ врз нив. Затоа и не треба да биде чуден интересот на повеќето земји со авторитарен начин на владеење за членство во БРИКС, односно промена на статус квото ако се земе предвид дека на другата страна се земји-членки на Г7, ЕУ и НАТО.

Тука се поставува прашањето дали во моментов се случува процес за напуштање на петро-доларот и дали тоа треба да доведе до создавање на нов меѓународен монетарен систем и енергетски и економски зависна Европа?

Ако се земе предвид дека создавањето алтернатива на глобалниот платен систем кој е заснован на доларот ќе им овозможи на Москва и Пекинг да ги избегнат економските санкции - финансиско оружје чиишто овластувања станаа видливи во одговорот на западните земји на руската инвазија на Украина, тогаш одговорот веројатно е да.

Но ова не е нешто што е ново. Русија и Кина во 2014 година го потпишаа т.н. Договор за соработка, со кој го заобиколуваат доларот и почнуваат меѓусебно да си плаќаат во домашните валути. Од тогаш па навака, овие две земји и во рамките на БРИКС, а и надвор од него изразито го заговараат овој концепт.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Виктор Јакимовски

Виктор Јакимовски е дипломиран политиколог. Своите студии ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први" - Скопје. Во моментов ги изучува своите магистерски студии по меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија на истиот факултет.