fbpx

Наместо „пиши-бриши Устав“ – Нова политика за иднината на Македонија и ЕУ

Свето Тоевски

Политика

20.09.23

Прегледи

Настојувањата да се промени Уставот на Македонија се повеќе наидуваат на неуспех и потребни се чекори за надминување на пат-позицијата, во која запаѓа државата. Потребна е и темелна ревизија на постојната државна евроинтеграциска политика на Македонија, приспособена кон новите движења и барања на народите во Европа.

Неуспехот да се промени Уставот на Македонија веќе е се поизвесен. „Од Македонците само 15 отсто сметаат дека Бугарите треба да се внесат во Уставот, додека високи 80 отсто се против“ – ова беше едно од клучните согледувања од истражувањето „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“, изработено од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје и фондацијата „Конрад Аденауер“ и објавено во февруари годинава.

Два месеци подоцна Институтот за политички истражувања од Скопје во своето истражување на јавното мислење соопшти: „Дури 79,3% од Албанците даваат поддршка на внесувањето на Бугарите во Уставот, но дури 72,4% од Македонците се против.“

„Не, никако!“

На 11 септември 2023 година информативниот портал „Фактор.мк“ ја објави и најновата сондажа на јавното мислење, која е, исто така, високорелевантна, оти се заснова врз изјаснувањето на 46.005 граѓани од Македонија „Од нив 32.546 се изјасниле дека се ‘против’ измена на уставот, што е 71 отсто од оние што гласале. ‘Не, никако’. – е одговорот, што го заокружиле овие граѓани во анкетата“. – пишува „Фактор.мк“.

Ова е една од главните причини поради кои Владата не може да обезбеди 80 пратеници во Собранието, за да ги спроведе наложените промени на Уставот како предуслов за отворање на преговорите за членство со ЕУ. Најголемиот притисок е насочен кон ВМРО ДПМНЕ и нивните пратеници, но таа партија бездруго пресметала каков одраз врз нејзиниот политички рејтинг и врз гласањето за нејзините кандидати на предвремените парламентарни избори би имала одлуката да ги поддржи промените во Уставот.

Споменатите сондажи на јавното мислење одразуваат ставови на значителен дел од гласачкото тело на оваа опозициска партија.

Втора крупна причина, поради која нема поддршка за промената на Уставот, е и позицијата на широката интелектуална и експертска јавност во Македонија. Во овој контекст за издвојување е и позицијата на историчарката д-р Наташа Котлар.

Во својата колумна објавена во јуни годинава, таа ѝ порачува на политичката и општествената елита дека не смее да се помисли за интервенција во Уставот во услови кога Бугарија го проблематизира македонскиот посебен историски развој – идентитетот и не го признава постоењето на Македонците на нејзина територија и покрај европските пресуди.

„Внесувањето на Бугарите во Уставот како конститутивен народ ќе значи целосна промена на историјата на македонскиот народ и неговата држава... и реализација на бугарските намери за асимилација, односно бугаризирање на сè она што се е македонско...“ – укажува Котлар.

Професорката д-р Гордана Силјановска – Давкова од Катедрата за уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ во повеќе пригоди има укажано на суштинските моменти, поради кои се неприфатливи и неспроведливи предлогот на Владата и барањето на официјална Софија и ЕУ за менувањето на Преамбулата на македонскиот Устав.

Во јануари годинава д-р Силјановска – Давкова се огласи со став во медиумите дека „во Договорот со Бугарија нема барање за внесување на Бугарите во Уставот“, додека во интервју по три месеци ќе нагласи: „Далеку е од тоа дека се работи за слободи и права на Бугарите, туку ова е во функција на бугарската политика. Бугарскиот претседател Радев вели дека сме вештачка творба. Бугарската идеја е релативизирање на идентитетот и културата на Македонците.“

Сепак, и покрај јасно изразената политичка волја на најголемиот дел на македонскиот народ, кој отфрла какво било посегање во Уставот, и наспроти аргументираните предупредувања на уставните експерти за реалните последици од внесувањето на Бугарите во него, САД, водечките држави на ЕУ, Франција и Германија, односно сите 27 членки на ЕУ и самата Европска унија, како и низа други земји и меѓународни форуми и организации, секодневно продолжуваат да инсистираат на промени на основниот акт на Македонија како држава.

Расцеп во меѓуетничките односи

Напоредно со позицијата на овој дел на меѓународната заедница постои уште еден многу сериозен момент – ставот на најголемиот дел на албанското население во Македонија, изразуван преку споменатите анкети, дека тоа поддржува уставни промени. Едновремено и речиси сите албански политички партии (без оглед дали се од позицијата или од опозицијата) повеќепати имаат „порачано“ дека ќе гласаат во Собранието за промена на Уставот. Сево ова дава индикации дека постои расцеп во меѓуетничките односи.

Извор: freepik.com

Независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд, сега веќе и лидер на новоформираната албанска партија „Движење на народот“, во собраниската расправа во врска со предлогот за уставни промени на 18 август 2023 година рече дека „албанските општини може да побараат свој пат кон ЕУ, одделно од македонските општини“, ако „не се отворат заедничките хоризонти кон ЕУ“, односно ако не се изгласа промената на Уставот.

Овој став на Реџепи е повторување на позициите не само на една политичка партија од албанскиот блок во Македонија. На 10 февруари 2023 година претседателот на Алијансата на Албанците Арбен Таравари посочи дека „можното загрозување на европската перспектива на земјата“, преку неможноста да се отвори македонскиот Устав и во неговата Преамбула да се внесат Бугарите, „би можело да ги зголеми фрустрациите кај Албанците во Македонија“. „Тогаш кај Албанците можат да се појават и идеи за реорганизација на државата.“ – рече Таравари.

Илузорно е да се помисли дека САД, ЕУ и сите оние држави, чии претставници зачестено доаѓаат во Македонија со барање да се стават Бугарите во Уставот, ќе се откажат од брањето. Илузорно е да се помисли и дека албанското население и нивните партии во Македонија, така лесно би прифатиле можен развој на ситуацијата Албанија да започне преговори со ЕУ за членство, а Македонија да остане во пат-позиција, и натаму во чекалницата на ЕУ.

Нема ниту Владата да се откаже од настојувањата по секоја цена и до последен момент да обезбеди уште 7-8 пратеници, колку што и требаат за двотретинското мнозинство за уставните измени. Затоа, констатацијата дека во овој момент се наѕира неуспех на обидите за промена на Уставот не значи дека тоа никогаш нема да се случи.

„Трпението кон ЕУ е завршено“

Што да се прави отсега натаму, за Македонија да не западне во политичко-безбедносна криза и меѓународна изолација?

Првиот чекор што треба да се преземе е спроведување брзи предвремени парламентарни избори. Зошто би биле потребни такви избори, ако и конечно пропадне планот за уставните промени, како што стојат работите засега? Сегашнава владејачка коалиција не настапи на тогашните избори со јасно изразена програмска заложба дека планира менување на Уставот и внесување на Бугарите во него. Оттука таа не располага со политички легитимитет, ниту легалитет да менува преамбула на Устав.

Потребни се нови парламентарни избори и нова Влада, која ќе добие нов потврден политички легитимитет и која ќе биде способна мудро да истапи пред меѓународната заедница, избегнувајќи контрапродуктивни конфронтирања со неа, да укаже колку е навистина најважна работа менувањето на Уставот во ситуација кога државата се задушува од корупција и криминал и кога живејачката и стандардот на најшироките слоеви на населението се доведени на критично ниско рамниште.

Новата Влада на Македонија ќе треба да пројави дипломатска способност искажаното „не“ за промена на Уставот од страна на повеќе од две третини на македонскиот народ да ѝ го посочи на севкупната меѓународна заедница, но и умешно да опстои до крај на таа позиција.

Новата Влада на Македонија мора да биде способна да погледне со поинакви очи на постојната европска и светска реалност. Оваа и ваква Европска Унија е се помалку релевантен геополитички чинител во веќе настапената ера на мултиполарната реалност во светот. Македонија треба конечно да почне да си го бара своето место во новата мултиполарна реалност, постапно пристапувајќи кон долгорочно градење нова политика на неутралност со геостратегиска еквидистанца, но и избалансирана соработка и позиција и кон САД, и кон Русија, и Кина, како и другите водечки држави во Европа и светот.

Веќе се покажува како неодржлива тезата дека „за Македонија нема алтернатива за ЕУ“. Алтернативите за Македонија се и БРИКС, Арапската Лига, АСЕАН - Здружението на нации од Југоисточна Азија... Сите можни економско-политички асоцијации, каде што ќе може да настапува македонската држава со својата економија и со својата неутрална политика.

Новите политички сили во Германија, Италија, Франција, Унгарија, Чешка, Словачка и други држави-членки на ЕУ, не случајно ги отфрлаат политиките и диктатите на лидерите на ЕУ. Тие не случајно бараат темелна трансформација на оваа и ваква Европска Унија во еден нов „Европски сојуз на суверени нации-држави“.

Пред неколку дена, илјадници Чеси во Прага на покана на вонпарламентарната партија „Право, Почит, Струка“ протестираа против коалициската влада на десниот центар на премиерот Петар Фиала и против ЕУ, САД... „Не ја сакаме владата на ЕУ, не ја сакаме американската влада, ја сакаме владата на Чешката Република, на чешките граѓани.“ – рече лидерот на споменатата партија Јиндрих Рајхл, како што информираше весникот „Слободен печат“.

Застапник на струјата на евроскептиците и противниците на ЕУ во Холандија е „Форумот за демократија“ – десничарско-конзервативна партија со 63 илјади регистрирани членови и со осум пратеници во главното законодавно тело „Домот на претставниците“ на холандскиот парламент.

„Европа треба да развие сопствена политика, која ќе биде одвоена од Западот. Ако ние ја изгубивме волјата да управуваме со себе, со нашите сопствени нации, да ја штитиме својата култура, да го браниме својот начин на живот, како и остатокот на светот, тогаш тоа ќе го прави некој друг наместо нас“. – порачува Тиери Боде, лидерот на „Форумот за демократија“ во интервју за српскиот „Нови стандард“.

Со своето спротивставување на уставните промени порачуваат и Македонците дека не ја изгубиле политичката волја самите да управуваат со себе, како самостојна нација, различна од Бугарите и сите други на Балканот. Отфрлајќи нова амандманска епизода во серијалот „Пиши-бриши Устав“, Македонците го нагласуваат своето природно право да ги штитат својот национален македонски идентитет, македонски јазик и македонска историја и култура, да го бранат својот македонски начин на живот, како и сите други нации во светот.

Дека не се подготвени да препуштат сето тоа да го прават некои други наместо нив самите.

Многу укажува и позицијата кон ЕУ на десничарската „Алтернатива за Германија“, која бележи постојано зголемување на рејтингот и популарноста во Германија.

„Нашето трпение кон ЕУ е завршено. Таа се разви во недемократска конструкција, која привлекува се повеќе насилство и е управувана од нетранспарентна, неконтролирана бирократија.“ – цитираше „Made in Bocholt“ дел од клучните ставови на оваа партија со поддршка од 22 проценти од севкупното бирачко тело на оваа држава, наоѓајќи се на втората позиција, веднаш зад водечката Социјалдемократска партија на Германија.

Кога 18 милиони Германци поддржуваат партија која бара преобразба на ЕУ во „заедница на нации според нивните интереси“, логично е прашањето: дали не би можеле и Македонците да почекаат сегашнава Унија прво да се реформира како заедница на суверени нации, а дури потоа Македонија да пристапи кон неа?

Нов изглед на македонската евроинтеграциска политика

Затоа, Македонија треба сега целосно да ја редизајнира својата државна евроинтеграциска политика, приспособена кон новите движења и барања на дел од народите во Европа.

Не е никаква политичка утопија ставот дека треба да се „замрзне“ и редизајнира сегашната македонска евроинтеграциска политика. Тој е сосема оправдан земајќи ја предвид реалноста во која францускиот претседател Емануел Макрон бара „Европа во две брзини“, потег што Словенија и Хрватска го отфрлаат, и кога претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел порачува дека 2030-та е година за „новото проширување на ЕУ“, додека, спротивно на него, Урсула фон дер Лајен само по неколку дена ќе се заложи за проширување ама без да даде никаков датум.

Потребно е отсега Македонија постапно да започне да се врти кон самата себеси и своите државни приоритети, кон првично „внатрешно европеизирање“, базирано врз вистинските државно-национални македонски интереси.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Свето Тоевски

Свето Тоевски е долгогодишен новинар и независен социоекономски и политички аналитичар, магистер по политички науки и самостоен истражувач во политичките науки и лингвистиката и македонистиката.