fbpx

„Нуклеарната“ порака на Русија кон остатокот од светот

Алфред Марлеку

Политика

16.03.22

Прегледи

Во една статија во 1993 година во списанието Форин Аферс (Foreign Affairs), Џон Мершајмер, професор на Универзитетот во Чикаго изнесе аргументи дека откажувањето од нуклеарното оружје е „немудро“ и дека „една нуклеарна Украина е неопходна за да се одржи мирот меѓу неа и Русија“.

Од анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година, повеќе познавачи на меѓународните односи ја поддржуваат хипотезата дека доколку Украина го сочувала нуклеарниот арсенал што го наследи од Советскиот Сојуз, тогаш нејзиниот суверенитет немаше да биде доведен во прашање.

Големата руска воена офанзива против Украина, не само што ја врати војната меѓу државите во срцето на Европа - чии последици ќе бидат драматични пред се за украинските граѓани, но не само за нив - исто така сериозно ја става на тест реалистичката теоретска хипотеза дека државите кои поседуваат капацитети на нуклеарно оружје не можат да се нападнат.

Врз основа на овој случај и земајќи ги предвид промените во структурата на меѓународниот систем, државите во иднина ќе ги интензивираат своите амбиции за набавка на нуклеарно оружје, а ќе расте и скептицизмот кон меѓународните договори и гаранции.

Украина се „роди нуклеарна“

Една од главните карактеристики на Студената војна беше постојаното учество на двете суперсили - САД и Советскиот Сојуз - во еден жесток натпревар за конвенционално и нуклеарно оружје. Во времето кога се распадна, Советскиот Сојуз поседуваше колосален нуклеарен арсенал, како и доволно капацитети на воена индустрија кои беа од витално значење за проектирање, производство, тестирање и одржување на овој вид оружје. Најголемиот дел од нуклеарниот комплекс што го поседуваше (околу 70%), се наоѓаше во Русија. Останатиот дел од овие стратешки оружја, вклучително и многу објекти и други развојни капацитети, беа лоцирани во Белорусија, Казахстан и Украина.

Кога во 1991 година Украина прогласи независност, таа одеднаш стана нуклеарна сила. Поради овој факт, Украина „се роди нуклеарна”. Имајќи во нејзина сопственост повеќе од 4000 парчиња нуклеарно оружје, таа преку ноќ стана трета по големина нуклеарна сила во светот, веднаш после САД и Русија. Во тој период Украина ги имаше потребните природни ресурси, потребната големина на населението и основните воени средства за да се смета за една регионална сила.

Со оглед на фактот дека Украина, Белорусија и Казахстан одеднаш се најдоа на светската листа на земји со нуклеарен арсенал, САД, во координација со западните сојузници, имаа за цел да ги убедат трите земји овој арсенал да го пренесат во Руската Федерација. Овој потег во тоа време изгледаше рационален, дури и од американска перспектива. Прво, затоа што Русија веќе го поседуваше најголемиот дел од нуклеарните капацитети на СССР, и во случај нивните нуклеарни резерви да бидат зголемени, тоа немаше да претставува сериозна закана за САД, особено кога би се земало предвид социјалната и економската положба на СССР во тој период.

Второ, за време на Студената војна, Русија покажа дека е доволно способна за сигурна и безбедна контрола и управување со ова оружје. Поради овие причини, САД сметаа дека е побезбедно за сите, Руската Федерација да биде наследничка на целиот нуклеарен арсенал на Советскиот Сојуз.

Меѓународниот притисок и денуклеаризацијата на Украина

На почетокот се чинеше дека постои синхронизација меѓу интересите на Западот и украинските стремежи. Декларацијата за независност на Украина, поточно во Членот IX на Декларацијата, се вели дека „Украина свечено ја изјавува својата намера дека трајно ќе стане неутрална држава и дека нема да учествува во воени блокови и ќе се придржува до трите ненуклеарни начела кои вклучуваат: „да не прифати, да не произведува или купува нуклеарно оружје“.

Извор: pixabay.com

Сепак, не сите украински политичари во тоа време ја поддржаа оваа заложба на Украина. Додека украинскиот претседател Леонид Кравчук му испрати писмо на претседателот Џорџ Х.В. Буш ветувајќи му на американскиот претседател дека целиот нуклеарен арсенал ќе биде уништен во рок од седум години, во тоа време, украинскиот парламент, познат како „Рада”, излезе против ова ветување и инсистираше нуклеарното оружје да остане во сопственост на Украина.

Меѓутоа, соочена со невидлив меѓународен притисок, во 1994 година, „Рада” сепак гласаше да се приклучи на Договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ), како држава без нуклеарно оружје. Следствено, до 1996 година, целото оружје беше отстрането од територијата на Украина. Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање за пристапување на Украина кон НПТ (попознат како Меморандум од Будимпешта) – трилатерален договор меѓу Обединетото Кралство, Русија и Соединетите Американски Држави - Украина доби значителна економска поддршка и безбедносни гаранции од овие држави.

Безбедносниот елемент всушност беше главната компонента на Меморандумот. Потписниците ветија дека ќе ја „почитуваат независноста, суверенитетот и постоечките граници на Украина“. Исто така, се согласија дека ќе „се воздржат од закани или употреба на сила против територијалниот интегритет и политичката независност на Украина“ и дека „ниедно нивно оружје нема да биде употребено против Украина, освен во случај на самоодбрана“.

Сега е веќе јасно дека начелата на овој меѓународен трилатерален договор одамна се прекршени, односно од 2014 година кога Русија го анектираше Крим.

Теоретските пророштва и политичките предизвици

Од перспектива на реалистичката теорија, одлуката на Украина да се откаже од својот нуклеарен арсенал се смета за неприфатлива. Еден од ретките автори кои отворено беа против овој потег беше Џон Мершајмер, професор на Универзитетот во Чикаго. Во една статија во 1993 година во списанието Форин Аферс (Foreign Affairs), тој изнесе аргументи дека откажувањето од нуклеарното оружје е „немудро“ и дека „една нуклеарна Украина е неопходна за да се одржи мирот меѓу неа и Русија“.

Според него, „Украина во никој случај не може да се брани со конвенционално оружје од Русија вооружена со нуклеарно оружје и дека ниту една држава, вклучително и Соодинетите Американски Држави, нема да може да и ги обезбеди на Украина потребните безбедносни гаранции за да избегне повторно окупирање од Русија”. Нуклеарното оружје на Украина е „единствената веродостојна гаранција против руската агресија“, заклучи тој.

Во тоа време овој автор се соочи со многубројни критики, како од експерти за меѓународни односи, така и од различни политичари. Сепак, судејќи од историската перспектива на анексијата на Крим во 2014 година и војната што моментално се одвива, теоретските наоди на овој автор, искажани пред речиси триесет години, звучат како предвидувања од страна на пророк.

Впрочем, овие видови оружје се познати и како „оружје на слабите“. Кога државите сметаат дека е невозможно да се натпреваруваат преку економските достигнувања или конвенционалното оружје - со цел да ја надоместат оваа неповолна позиција и да обезбедат безбедност и опстанок во меѓународниот систем - тие често ја насочуваат целата своја енергија кон обезбедување на нуклеарно оружје.

Сличен скептицизам како и професорот Мершхајмер, имаа и некои украински политичари од тоа време кои имаа слично предвидување за геополитичка динамика и беа доволно свесни за потенцијалот на Русија за закана. Еден од нив, Володимир Толубко, поранешен командант на нуклеарната постројка и пратеник во тоа време, изјави дека Киев никогаш не треба да се откаже од својот адут, односно поседувањето нуклеарно оружје.

Во говорот пред украинскиот парламент, тој кажа дека е „романтично и прерано“ Украина да стане ненуклеарна држава и инсистираше на тоа дека треба да задржи барем некои од нејзините ракети со долг дострел. Еден таков нуклеарен капацитет, без разлика колку е мал, изјавуваше тој, би бил доволен за „одвраќање на секој агресор”.

Денуклеаризацијата на Украина честопати беше оценета како еден модел на триумф на човечкиот разум и колективната безбедност наспроти одредени интереси на државите и заканата од ова апокалиптично оружје. Занесени од крајот на Студената војна, меѓународниот притисок, но и недостатокот на финансиски можности и потребното научно знаење, многу други земји ги напуштија своите аспирации да станат нуклеарни држави. Јужна Африка, на пример, успеа да развие нуклеарна бомба, но доброволно се откажа од неа по крајот на апартхејдот.

Бразил и Аргентина од 1960-тите до 1980-тите години беа во мртва трка за развој на нуклеарно оружје, но и двете држави на крајот се согласија да престанат. Либија прекина во обидите да обезбеди оружје за масовно уништување во раните 2000-ти. Но, во последно време се чини дека овој тренд е сериозно предизвикан.

„Нуклеарните˝ лекции

Денес Украина се бори за својот опстанок. Без разлика каков ќе биде исходот од оваа војна, сега е извесно дека овој случај испрати јасен сигнал до многу земји со нуклеарни амбиции, како Иран или Северна Кореја, да ги интензивираат напорите за понатамошен развој на нуклеарно оружје. Во исто време, овие настани ќе ги алармираат и другите земји како Јапонија, Јужна Кореја или Тајван сериозно да размислат за превентивниот потенцијал што го има ова оружје во услови на можна закана од страна на Кина.

Најтажно е тоа што случајот со Украина испраќа порака дека ако државите се откажат од своите нуклеарни програми и ја доверат својата безбедност на меѓународни меморандуми или гаранции (без разлика дали тие се ветени од моќни држави како САД или Обединетото Кралство), најверојатно е дека ќе играат „геополитичка коцка“ со националната безбедност и нивната иднина.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Алфред Марлеку

Алфред Марлеку е доктор по политички науки и професор по меѓународни односи и компаративна политика на Факултетот за политички науки во рамки на УБТ Колеџ, Косово. Автор е и коавтор на голем број научни трудови од областа на политичките науки во релевантните регионални и меѓународни списанија. Покрај тоа, тој е коавтор на серија стратешки документи, главно во областа на високото образование. Неговите истражувачки интереси вклучуваат, но не се ограничени на, меѓународните односи, мали држави и процесот на градење на државата. Повеќе од 8 години работи како проект-менаџер во различни програми финансирани од Европската комисија, УСАИД, амбасадата на САД и други, кои главно се однесуваат на реформите во високото образование во Косово, особено фокусирајќи се на истражување и развој, одлив на мозоци, развој на наставни програми итн.