fbpx

Родовата еднаквост е вечното плашило на Црквата

Соња Стојадиновиќ

Политика

08.05.23

Прегледи
Родовата еднаквост која жената ја бара не е закана ниту за општеството, ниту за семејството, туку исклучиво за мизогиниот и патријархален систем кој ја угнетува со векови.

Речиси и не поминува значаен верски празник во Македонија, особено Велигден, а владиката Петар да не се огласи и предизвика лавина од реакции со своите, во најмала рака, невнимателни изјави. Последната негова изјава - дека со барањето за родова еднаквост, жените во Македонија требало да прифатат и поголема одговорност - е тешка навреда за сите жени во Македонија, бидејќи ја става жената во позиција на незрело суштество кое бара права, без да преземе обврски.

Македонската православна црква официјално не се огласи во врска со оваа навредлива изјава, исто како и претходните години, но владиката Тимотеј искоментира дека ставот на владиката Петар не бил далеку од вистината.

Владиката не прецизираше кои се тие обврски кои жената треба да ги преземе но со овие ставови и коментари, црквата индиректно го покажува својот став дека жената е незрело, нестабилно суштество кое не заслужува „поголеми права“.

Стравот на црквата кон родовата еднаквост ја гледаме и во соседството, поточно во Србија каде патријархот Порфирије коментираше дека родово сензитивниот јазик е директен удар врз семејството. Овие реакции покажуваат страв од промени и намалување на доминантниот став на црквата во нашите општества.

Обврските кои не ги спомна владиката се всушност, обврски кои со векови жената ги извршува, а тоа не се смета за труд и не е платена за него. Жената е столбот на семејството, обезбедува грижа и за деца и за сопруг, за дом, а во исто време, е способна и извршува илјадници други работни обврски во општеството.

Родовата еднаквост која жената ја бара не е закана ниту за општеството, ниту за семејството, туку исклучиво за мизогиниот и патријархален систем кој ја угнетува со векови.

Општество изградено врз родова еднаквост

Се заборава дека пристапот до работа, правото на глас и да се биде избрана, правото на еднакво наследување на семеен имот, правото на абортус, се права за кои жената во македонското општество се избори преку вистинска борба.

Македонската жена не многу доцна после британските и американските суфражетки почнува борба за право на глас, право на наследување на имот и еднаква плата со мажите. Историските записи зборуваат и за жени кои не само што ги поддржувале комитите и комитската борба за слобода, туку и облекувале комитска облека, и за жени како Захарија Василева Шумљанска и Тимка Икономова од Битола кои биле хуманитарки.

Извор: makfax.com.mk

Јавноста малку знае за Аспасија Мишева Каневчева, Евтимица Јанчулева и Славка Пушкарова, кои на крајот на 19 и почетокот на 20 век дејствувале во своите заедници јавно како интелектуалки, а тајно како учеснички во македонските револуционерни организации.

Македонските жени после Првата светска војна, иако биле дел од работната сила во Кралството Југославија, вработени во фабриките и на полињата за тутун и афион, не биле еднакви со мажите ниту по услови за работа, ниту по плата. Со вклучувањето на жените во Комунистичката партија на Југославија и нејзиниот огранок во Македонија, помеѓу двете светски војни, македонската жена ја почнува борбата за својата еднаквост и исти права со мажите.

Жените во Втората светска војна во Македонија подеднакво гинат и страдаат со своите мажи, но во позадина даваат и многу повеќе во поддршка и помош за партизаните. Жената е пак столбот на целата борба, на фронтот и во позадина, преку Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ).

Во социјалистичка Југославија, жената продолжува да биде столбот и максимално да придонесува во општеството во сите сфери, без притоа да го занемари и семејството. Една од првите историчарки и историографки која оставила завиден академски материјал е Вера Весковиќ Вангели. Таа била прва претставничка на Социјалистичка Република Македонија во „Декадата на жената“ (1975 - 1985) глобален настан при ОН и една од основоположниците на интернационализацијата на академското истражување во Македонија.

Црквата и македонската жена од 21 век

Наспроти говорот и изјавите на гореспоменатиот владика и индиректното поддржување на МПЦ на неговата изјава, на Факултетот за компјутерски науки и инженерство, минатата академска година 48% oд запишаните студенти биле жени.

Според последните податоци за застапеност на жените во науката во Европа, Македонија е на прво место со 52,3% жени во науката. Со сите можности за образование, напредок, патувања и услови за личен развој, жените полека се ослободуваат од стегите на црквата и насилното туркање во неизбежната матрица на мајка, жена, домаќинка... Позицијата на жената во општеството не може да биде ограничена само на тие улоги, кога нејзините можности и капацитети се неограничени.

За иронијата на состојбата во македонското општество да биде поголема, телевизијата „Вистел“, која деновиве ја отвори владиката Петар, почна да емитува програма со филм во кој се зборува за барањето на невести во странство од македонски државјани. Третирањето на жената како предмет кој се купува и продава, продолжува да се шири и во 21 век. Жената сè уште се гледа како домаќинка, а од друга страна, молчешкум се признава дека куќа/дом без неа не бидува.

Македонското општество е општество на контрадикторности каде се судираат еманципацијата на жената, нејзините професионални и научни достигнувања од една страна и неправедниот третман кон неа како помалку вредно битие од мажот, од друга страна.

Иако имаме закони и стратегии за родова еднаквост и заштита на жените во секој сегмент од општеството, Црквата која се води по принципите и уверенијата од пред две илјади години сè уште ја крои судбината на жените зад завесата. Сакаме и бараме еманпципација, но да не се наруши нездравиот и угнетувачки систем. Тие работи не одат една со друга.

Одамна е време да се преиспита положбата и влијанието на црквата во македонското општество. Некои верници се навредија од транспарентот од маршот на 8 март во кој експлицитно се вели Црквата да се тргне од репродуктивните органи и телото на жената. Тој транспарент им пречеше, но што би рекле тие за сомнителните активности на владиката во Австралија и во Македонија и замешаноста на МПЦ во градежниот и бизнисот со струја?

Македонските жени се израснати со примери од женската борба, комитки, партизанки, научнички, суфражетки, политичарки, инженерки, докторки и ретроградните ставови на црквата се помалку имаат влијание врз нив.

Еманципацијата и родовата еднаквост нема да го наруши семејството, како што пропагира црквата, туку ќе му го даде вистинскиот облик. Обликот во кој жената не е слугинка и машина за раѓање, туку рамноправен член кој одлучува за своето тело и за својата иднина.

Дваесет и првиот век одамна почна, а македонските жени го живеат и обликуваат, и се допаѓало тоа на црквата или не.

 

Текстот е изработен со поддршка на проектот Мрежа за разновидност 2.0, финансиран од Европската Унија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.