fbpx

Што може да се очекува од новиот сојуз помеѓу Русија и Северна Кореја?

Јун Јанг-Кван

Политика

12.07.24

Прегледи

Новиот воен сојуз склучен помеѓу Русија и Северна Кореја предизвика подеднаква вознемиреност кај Кина и САД како и кај нивните сојузници во Азија, поради неговиот потенцијал за дестабилизација на цела североисточна Азија. Во подготовка на својата реакција, Западот треба да ја искористи стратешката неусогласеност која постои помеѓу Кина и нејзините помали сојузници.

Незадоволен со нарушувањето на мирот во Европа, рускиот претседател Владимир Путин неодамна потпиша сеопфатен договор за стратешко партнерство со својот колега од Северна Кореја, Ким Џонг-Ун. Овој договор подеднакво ги вознемирува лидерите на Кина и западните земји, ја „тресе“ геополитиката на североисточна Азија и неговото ехо одекна низ целиот свет.

И покрај ваквата стратешка непријатност предизвикана од Путин, Западот мора да внимава да не ја прецени ниту да ја потцени важноста на тој договор. Причините зошто Путин неодамна го посети Пјонгјанг, што, инаку, е негова прва посета во 24 години, беа од мошне прагматична природа. На Русија итно ѝ се потребни муниција, оружје и работници од Северна Кореја за да може да продолжи со војната против Украина; Северна Кореја, од друга страна, иако е изолирана, како и секогаш, копнее по дипломатска поддршка, енергија, храна, пари и чувствителни воени технологии кои се од таков тип што може да бидат обезбедени само од Кремљ.

За лидерот на Северна Кореја руските воени технологии се особено важни бидејќи тие би можеле да им овозможат на нуклеарните интерконтинентални балистички ракети на Северна Кореја да го преживеат повторното влегување во атмосферата на Земјата и да погодат која било цел во светот без притоа да бидат пресретнати од системи за противракетна одбрана. Освен тоа, ако Северна Кореја би можела да произведе тивки нуклеарни подморници со помош на Русија, тоа би претставувало голем безбедносен ризик не само за Јужна Кореја и Јапонија, туку и за Соединетите Држави.

Ако Русија навистина ѝ обезбеди такви чувствителни технологии на Северна Кореја, тоа ќе ја наруши воената рамнотежа на Корејскиот полуостров и во североисточна Азија. Сепак, постои едно големо ограничување кое може да ја спречи Русија во ваквата нејзина намера: тоа е неусогласеноста помеѓу глобалната стратегија на Кина и онаа на Русија и Северна Кореја.

Највисок стратешки приоритет на Кина е победа во глобалниот натпревар против САД. Нејзините лидери сакаат униполарниот меѓународен систем кој е предводен од САД да биде заменет со мултиполарен систем во кој ќе доминира Кина, и притоа се обидоа да вметнат клинови помеѓу САД и нивните сојузници во надеж дека ќе успеат да повлечат некои од тие сојузници во својата орбита. Кина се воздржува од обезбедувањето директна воена помош за Русија, и покрај нивното партнерство „без граници“, токму затоа што сака да избегне ситуација во која европските земји целосно би влетале во прегратките на Америка.

Слично на тоа, Кина има попријателски дипломатски односи со Јужна Кореја, вклучително и со учеството на трилатералниот самит помеѓу Јужна Кореја, Јапонија и Кина кој се одржа во Сеул во мај, каде што ја искажа својата посветеност на „денуклеаризација на Корејскиот полуостров“. Потоа, еден ден пред Русија и Северна Кореја да го склучат својот нов договор, Кина и Јужна Кореја одржаа дипломатски безбедносен дијалог на високо ниво 2+2 во Сеул.

Кина долго време се залага за стабилност на Корејскиот полуостров, главно затоа што сака Северна Кореја да има функција на тампон зона меѓу неа и јужнокорејските и американските трупи кои се стационирани јужно од демилитаризираната зона. Спротивно на тоа, главна актуелна грижа на Русија е да победи во војната што ја започна. Во својот очај, Путин изгледаше подготвен да ги тргне настрана сите други грижи но, бидејќи неговиот нов договор со Јужна Кореја е само брак од интерес, истиот е можно да почне да попушта веднаш откако ќе заврши војната во Украина. И со оглед на тоа дека Доналд Трамп изјави дека ќе стави крај на војната веќе првиот ден кога ќе ја преземе функцијата (најверојатно со тоа што ќе му го даде на Путин она што го сака), тој момент можеби не е премногу далеку.

Во меѓувреме, Ким очајно ќе сака да ги добие чувствителните руски воени технологии. Неговата главна цел е да ја етаблира Северна Кореја како де факто нуклеарна држава што ќе мора да биде прифатена од меѓународната заедница.

Се разбира, ако Русија навистина подлегне на притисокот на Северна Кореја и му ги даде на Ким технологиите што тој ги сака, партнерството меѓу САД и Јапонија и Јужна Кореја ќе стане уште посилно. Ќе има почести заеднички воени вежби на полуостровот ќе му бидат доделени повеќе американски стратешки средства. Јавното мислење на Јужна Кореја, исто така, може дополнително да се смени во насока на поддршка на домашната програма за нуклеарно оружје или за прераспоредување на американското тактичко нуклеарно оружје на територијата на Јужна Кореја. Сите овие случувања би биле во спротивност со стратешките интереси на Кина.

И покрај тоа што се чини дека стои настрана од стратешкиот брак на Русија и Северна Кореја, Кина има значајно влијание врз овие две помали сили. Кинеската економија е околу девет пати поголема од руската и повеќе од илјада пати поголема од онаа на Северна Кореја. Русија веројатно не би можела да продолжи со војната во Украина доколку Кина престане да го купува рускиот извоз на енергија или ако престане да обезбедува материјали кои имаат двојна употреба (и цивилна и воена, со што се ослободени од санкции). Дополнително на тоа, економијата на Северна Кореја, едноставно, не може да преживее без кинеска храна, енергија и трговија.

Со оглед на ваквиот развој на настаните, Западот треба да се фокусира на тоа да ја искористи стратешката неусогласеност меѓу Кина, Русија и Северна Кореја. За САД, тоа значи дипломатски ангажман со Кина и одвраќање во однос на Русија. Доколку се потврди дека Русија навистина ѝ овозможила чувствителни воени технологии на Северна Кореја, САД, Јужна Кореја и Јапонија ќе треба да преземат многу повидливи чекори за зајакнување на нивната безбедносна соработка и креирање подиректни врски помеѓу Источна Азија и НАТО.

Стратешките интереси на Кина и САД многу повеќе се преклопуваат на Корејскиот Полуостров отколку во Украина или на Блискиот Исток. И двете земји сакаат стабилност во регионот, што упатува на тоа дека дипломатијата која се стреми кон таквата цел има реални шанси за успех, и тоа доколку двете земји вложат соодветни напори.

Јун Јанг-Кван

Јун Јанг Кван е поранешен јужнокорејски министер за надворешни работи и трговија, и претседател на Институтот за политички студии Asan.