Обвинувањето против извршниот директор на Тикток за комунистички симпатии, го покрена прашањето: Колку кренатата прашина околу загриженоста за безбедноста на децата на платформите на социјални медиуми, може да служи и како политичка алатка и злоупотреба од државите или властите.
На 31 јануари 2024 година, Сенатот на САД одржа сослушување на тема „Онлајн заштита на децата: испитување на улогата на компаниите за социјални медиуми“. Сослушувањето беше свикано за да одговори на загриженоста за безбедноста на децата на платформите на социјални медиуми. Беа поканети извршните директори на големите технолошки компании, вклучувајќи ги Мета (поранешен Фејсбук), ТикТок, Икс (поранешен Твитер), Снеп (матична компанија на Snapchat) и Дискорд.
Фокус на мерки за заштита против сексуалната експлоатација на деца (CSE)
Централна тема на сослушувањето беше сексуалната експлоатација на деца (СЕД/CSE), сериозно прашање за онлајн платформите. Сенаторите изразија длабока загриженост за распространетоста на ваквите содржини, истакнувајќи ја леснотијата со која предаторите можат да ги експлоатираат децата на интернет.
Она што беше нагласено во повеќе наврати е потребата технолошките гиганти да преземат посилни мерки за заштита на децата. Извршните директори на секоја компанија беа опширно испрашувани за тоа какви напори вложуваат за да се борат против СЕД на нивните платформи. Тие наведоа различни мерки кои веќе ги имаат спроведено:
- Модерација на содржините со користење на автоматизирани алатки и човечки модератори за идентификување и отстранување на содржините.
- Механизми за известување и отстранување со алатки за пријавување сомнителна содржина.
- Соработка со органите за спроведување на законот
- Проверка на возраста, пред се, построги мерки за да се спречат малолетниците да пристапат до несоодветни содржини.
- Едукација на корисниците, особено децата и родителите, за безбедноста на интернет и како да се заштитат од онлајн предаторите.
Загриженост за ефективноста на мерките
Сето ова се чини премногу генерички. Овие мерки веќе се применуваат и не даваат резултати во зголемувањето на безбедноста. Исто така, се поставува и прашањето колку се применува вештачката интелигенција на ова поле. Таа секако може да направи повеќе, со оглед на нејзината способност за препознавање матрици во човечкото однесување, а со тоа и брзина на детекција, означување, отстранување и пријавување на потенцијалните престапници.
Но, тоа веќе почнува да наликува на научно-фантастичен филм во којшто потенцијалните престапници се фаќаат пред да направат престап, како во филмот/книгата „Малцински извештај“.
Во однос на постоечките мерки, и самите сенатори на САД беа скептични во врска со нивната ефективност. Тие укажаа на континуираното присуство на СЕД содржини на платформите и се сомневаа во адекватноста на напорите на компаниите да го решат проблемот.
Конкретните прашања кои предизвикуваат загриженост, а кои ги покренаа сенаторите ја вклучуваат ефективноста на алгоритмите за модерирање на содржината, особено нивната точност и ефикасност во откривањето и отстранувањето на сомнителните содржини; улогата на шифрирањето кое ја штити приватноста на комуникациите на корисниците и влијанието врз менталното здравје на децата.
Сенаторите на САД ја признаа сложеноста на проблемот и ја препознаа потребата за соработка помеѓу технолошките компании, креаторите на политики, агенциите за спроведување на законот и други. Ја истакнаа и важноста на транспарентност од технолошките компании, повикувајќи ги да дадат подетални податоци за распространетоста на СЕД содржините на нивните платформи.
Извор: cbc.ca
Дали под максимата на заштита на децата се крие нешто друго?
Никој не го оспорува тоа дека треба да има поголема контрола на негативните аспекти на социјалните медиуми, но се поставува едно битно прашање - дали таа контрола води кон злоупотреба и собирање приватни податоци и во случаи кога тоа не е потребно?
Токму тоа се случи кога Едвард Сноуден во 2013 ги обелодени на јавноста глобалните активности за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ/NSA) во соработка со меѓународните партнери. Тогаш се дозна дека АНБ во соработка со меѓународни организации собира податоци директно од серверите на големите американски технолошки компании.
Овие податоци вклучуваат е-пошта, документи, онлајн разговори, историја на прелистување и други видови на онлајн комуникации на обични граѓани, политичари, влади и практично (ако сакаат и на) секој човек на планетата. Тогаш националната безбедност, контратероризмот и разузнавањето беа дадени како причина, но кој вели дека и безбедноста на децата нема да биде искористена за истото?
Уште еден негативен момент од сведочењето, во инаку позитивната и добра намера на Сенатот на САД, е испрашувањето на извршниот директор на Тикток во врска со неговото државјанство и врските со Кина.
Начинот на кој беше испрашуван дали е член на кинеската комунистичка парија потсетуваше на „лов на вештерки“ и практиките на мекартизмот од 1950-тите години за време на Студената војна. Мекартизмот (според американскиот сенатор Џозеф Мекарти), се однесува на периодот на интензивна антикомунистичка хистерија и политичка репресија во САД во текот на 1950-тите, карактеризиран со неосновани обвинувања, ставање на црни листи и прогон на поединци осомничени за комунистички симпатии, често базирани на малку или никакви докази.
(Овој период е популаризиран во филмовите како „The Front“ (1976) со Вуди Ален, "Guilty by Suspicion" (1991) со Роберт де Ниро, "The Crucible" (1996) базиран на драма на Артур Милер, „JFK“ (1991) на режисерот Оливер Стоун, "Trumbo" (2015) за животот на сценаристот Далтон Трамбо. Тие зборуваат за опасностите од масовната хистерија и лажните обвинувања, прикажуваат една општа атмосфера на сомнеж, теории на заговор, страв од комунистичка инфилтрација и нејзиното влијание врз американското општество).
Се разбира, мекартизмот подразбирал и политички прогони, уништувања на кариери и затворски казни, што тука не е случај, но неколку тактики се исклучително слични во делот со сослушувањето на директорот на ТикТок: тактиката на наметнување вина по пат на асоцијација (без конкретни докази), ширењето страв и параноја и притисокот за признавање со упорно поставување на едно исто прашање додека не се добие посакуваниот одговор. Сето ова со цел да се предизвика сомневање за лојалноста поради националноста и наводните врски со Кина.
Што треба да се направи за подобра онлајн безбедност?
Фокусот на сослушувањето можеби би требало да се прошири, не само на темата која беше доминантна, туку општо за безбедноста на децата на интернет, како што се сајбер малтретирањето, онлајн вознемирувањето и зависноста која ја предизвикуваат социјалните медиуми. Темата на менталното здравје беше опфатена на претходното сослушување.
Извинувањето на Закерберг на родителите чии деца биле жртви не беше перцепирано како искрено. Тој спомна дека Мета има над 30 алатки за подобра безбедност за децата на интернет со функции за родителите како временски ограничувања и онлајн следење на интеракциите и комуникациите на нивните деца. Мета има инвестирано 20 милијарди долари во безбедносни мерки со работна сила од околу 40.000 луѓе за да се справи со овие прашања.
Меѓутоа, скорешните извештаи укажуваат дека ваквите мерки не се ефикасни. „Злосторствата поврзани со слики од злоупотреба на деца (CAI) се зголемија за една четвртина во изминатата година,“ според извештајот на Гардијан. „Речиси половина од инцидентите се случуваат на Snapchat, со 26% на Facebook, Instagram и WhatsApp“.
Се поставува прашањето - ако мерките не се ефикасни, зошто воопшто се применуваат. Тоа останува мистерија.
Расправата во Сенатот на САД за безбедноста на децата на интернет послужи како клучна платформа да се нагласи сериозноста на проблемот и да се повикаат технолошките компании одговорни за нивната улога во заштитата на децата.
Додека извршните директори наведоа различни иницијативи преземени од нивните компании, сенаторите останаа неубедени во нивната ефикасност, барајќи посилни мерки и пристап со соработка за справување со тековниот предизвик.
Она што треба да се направи, според нив, е континуирана контрола од законодавците, измена на законите и напори од технолошките компании за подобрување на своите безбедносни мерки.
Сомнителниот момент со обвинувањето на извршниот директор на Тикток за комунистички симпатии, покренува и едно друго прашање. Колку кренатата прашина може да служи и како политичка алатка?
Особено со изборите во САД на повидок. Колку таа контрола, причинета од добра намера (заштита на децата) и намалување злоупотреба (од престапници), може да предизвика негативни последици (намалување на приватноста, следење и собирање податоци од невини...) и злоупотреба од страна на државите или властите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.