fbpx

Српските и руските дезинформации, закана за демократските процеси на Косово

Фитим Гаши

Несогласувањата меѓу државите од Западен Балкан за иницијативите како „Отворен Балкан“ и празнините создадени како резултат на неизвесноста на евроинтеграциските процеси, создаваат терен за надворешните актери како Србија, Русија и Кина да ги истуркаат нивните агенди за дестабилизација.

Поради внатрешните превирања поврзани со нерешениот проблем со Србија, Косово претставува атрактивна цел за деструктивните надворешни актери кои се обидуваат да ги поткопаат демократските процеси. Така, косовското општество е исклучително чувствително на вести и дезинформации од надворешни фактори.

Дезинформациите денес во ЕУ претставуваат сериозна закана за нормалното функционирање на демократијата, политичкиот систем, општеството и економијата. Во случајот со Косово, пропагандата придружена со дезинформации координирана од надворешни актери се обидува да се искористи како адут за геополитичко влијание.

Главен извор на дезинформации кога станува збор за Косово е претежно Србија со поддршка на Русија, кои главно ги таргетираат зоните/општините населени со Срби. Косово ја изрази својата непоколеблива намера за членство во Европската Унија, преземајќи ги обврските од единствениот активен договор што моментално постои- Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА).

Пад на поддршката за ЕУ интеграции

Но, кредибилните извештаи потврдуваат дека перцепцијата што постоеше со години за граѓаните на Косово како нај проевропски настроени почна да се колеба. Ова се должи на доцнењето во однос на визната либерализација, неизвесноста во процесот на интеграција поради непризнавањето на Косово од страна на пет земји членки на ЕУ, како и пристапот кон дијалогот со Србија.

И покрај „статус-квото“ за прашањата што го блокираат Косово кон ЕУ, испитаниците од Барометарот за безбедност на Западен Балкан (ББЗБ) продолжуваат силно да ја поддржуваат интеграцијата на Косово во ЕУ. 92 отсто од испитаниците го поддржуваат членството на Косово во ЕУ. Само 4 отсто не ја поддржуваат интеграцијата, додека останатите немаат став за тоа прашање. Иако Косовците во голем процент ја подржуваат интеграцијата во ЕУ, постои скептицизам дека тоа може да се оствари наскоро. На прашањето дали ЕУ е подготвена да го прифати Косово како земја членка, 75 отсто одговориле позитивно, но мнозинството (41 отсто) од нив сметаат дека членството нема да се случи во блиска иднина. Од друга страна, 20 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ воопшто не е подготвена да го прифати Косово како членка.

Регионалната соработка е меѓу главните предуслови на патот кон интеграција во Европската Унија. Но, дилемите во земјите членки на ЕУ во однос на политиката на проширување со земјите од Западен Балкан честопати донесоа разочарување во регионот. Како резултат на тоа, се преземаа дејствија и иницијативи кои предизвикаа поделби дури и во државите од регионот, како што е иницијативата „Отворен Балкан“, која започна од Нови Сад во Србија, првично под името „Балкански мини-шенген“.

Косовските функционери кои досега одбиваа да се приклучат на оваа иницијатива, која дури ја опишаа како проект на Русија и Србија и против вредностите што ги промовира Европската Унија. Ваквиот наратив се засили по изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој на еден од самитите одржани во Охрид изјави дека ја поддржува иницијативата за „Отворен Балкан“.

Балканот „Отворен“ кон дезинформации

Несогласувањата меѓу државите од Западен Балкан за иницијативите како „Отворен Балкан“ и празнините создадени како резултат на неизвесноста на евроинтеграциските процеси, создаваат терен за надворешните актери како Србија, Русија и Кина да ги истуркаат нивните агенди за дестабилизација.

Извор: slobodenpecat.mk

Особено, обидот на Русија да го прошири своето влијание на Балканот продолжува паралелно со агресијата врз Украина.

Следствено, од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, Косово не беше имуно на руската хибридна војна. Косово стана цел на изјави на високи руски функционери, кои во некои случаи обвинија дека наводно регрутираните платеници од Косово, заедно со оние од Албанија и Босна и Херцеговина, се вклучени во војната во Украина.

Но, косовските институции ја демантираа оваа информација, опишувајќи ја како злобна руска кампања против Косово и другите земји од Западен Балкан, чија цел е да креира тензии и да го попречи патот кон интеграција во Европската Унија.

За да се спречи руската пропаганда, која главно се јавува преку создавање негативни наративи за Косово, прикажувајќи го како земја која ги крши правата на Србите, косовските власти презедоа неколку мерки. Тие се состојат од забрана за работа на медиумите и онлајн платформите кои потекнуваат од Русија, а кои произведуваат лажни информации за Косово.

Покрај тоа, Владата на Косово во иста линија со Европската Унија и Соединетите Американски Држави воведе санкции кон Русија, вклучително и замрзнување на руските средства на Косово, забрана за патување на територијата на Косово за санкционирани лица, како и блокирање на субјекти и фирми кои префрлуваат финансиски средства, директно или индиректно, на санкционирани поединци и субјекти.

Паралелно со геополитичките случувања и војната во Украина, Косово, исто така, се обиде да го искористи создадениот моментум за членство во меѓународните организации, кои беа на мирување на одреден период како резултат на Договорот од Вашингтон.

Со цел да продолжи Косово кон својот трасиран проевропски пат, Собранието преку резолуција ја задолжи Владата да ги преземе сите неопходни активности за поднесување на апликација за членство во НАТО, Европската Унија, Советот на Европа и другите меѓународни организации. Така, Косово ја достави апликацијата до Советот на Европа, аплицираше за статус на земја кандидат во ЕУ и формираше работна група за подготовка на апликацијата за членство во НАТО.

Но, иако мнозинството земји-членки на ЕУ декларативно ги поддржуваат аспирациите на Косово за членство во евроатлантските структури, тоа е тесно поврзано со напредокот во дијалогот Косово-Србија.

И покрај фактот дека се ангажирани и фокусирани со ситуацијата во Украина, САД и ЕУ го вратија својот фокус и внимание кон Западен Балкан, а главното нивно барање е првенствено да се стави крај на „статус-квото” во односите меѓу Косово и Србија. Од почетокот на војната во Украина, покрај дијалогот со Косово, ЕУ беше погласна во барањето Србија да им се приклучи на западните земји во воведувањето санкции кон Русија, што досега одбиваше да го направи.

Сепак, дијалогот продолжи и покрај тоа што одвреме-навреме остануваше под сенка на тензиите на северот населен со српско мнозинство, кои кулминираа во декември минатата година со поставување барикади на патиштата кои водат до граничните премини со Србија.

За време на тие тензични недели и месеци, цело време се пренесуваше тврдењето на Србија за наводното протерување на Србите од Косово, правејќи аналогија со можното протерување на Русите од источниот регион на Украина. Тие беа поттикнати од одлуките на Владата на Косово за примена на реципроцитет за регистарските таблички на возилата и личните карти. Србија започна жестока кампања на дезинформирање по одлуката на косовската влада за реципроцитет во врска со регистарските таблички и личните карти. Белград ја опишуваше одлуката на Курти како антиевропска „бидејќи личните карти на Србите наводно ќе бидат одземени на граница, акција што ќе му претходи на конечното протерување на Србите од Косово“.

Но, ова беше лажна вест, затоа што не се планираше никакво одземање на документи, а Косово го спроведе точно она што Србија повеќе од една деценија го применуваше во однос на сите граѓани на Република Косово. Така, за да ја мине границата со Србија, на секој граѓанин на Косово до лани требаше да му биде доставен дополнителен документ на границата, кој го издаваше српската држава.

Отстранувањето на оваа мерка на еден од состаноците во Брисел и изнаоѓањето привремено решение за проблемот со регистарските таблички, ја натера ЕУ да се врати на напорите страните да дојдат до еден сеопфатен договор.

Лажна транспарентност и волја за соработка

По интензивниот дијалог со посредство на Брисел кој кулминираше со средбата во Охрид на 18 март, високиот претставник на ЕУ, Џозеф Борел соопшти дека премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се договориле за документот предложен од ЕУ, познат и како француско-германски план.

Но, овој документ и анексот за имплементација не беа официјализирани со потпис од двете страни поради одбивањето на српскиот претседател Вучиќ. Вучиќ инсистира на итно формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, прашање кое документот го третира во рамките на спроведувањето на минатите договори. Двата члена на договорот кои се однесуваат на членството на Косово во меѓународните организации и во Европската Унија, исто така, се сметаа за важен аспект на договорот.

Но, само два дена по договорот, српскиот претседател Вучиќ изјави дека никогаш нема да дозволи Косово да стане дел од Обединетите нации. Ваквиот став го зголеми скептицизмот дека може да продолжи сегашниот пристап, каде што страните не ги спроведуваат преземените обврски.

Во отсуство на решавање на отворените проблеми, Косово и регионот на Западен Балкан ќе продолжат да бидат погодна почва за надворешните актери како Русија и Кина, кои нема да престанат да се обидуваат да ја спречат интеграцијата на земјите од регионот во Европската Унија и другите евроатлански структури.

Конечно, за да се спречи влијанието на злонамерните актери, ЕУ мора да биде поактивна во однос на земјите од Западен Балкан во смисла на забрзување на патот кон интеграција во семејството на демократските земји.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Фитим Гаши

Фитим Гаши е долгогодишен новинар во „KOHA Group“, покривајќи ги политичките, социјалните и правосудните прашања во Косово. Гаши има 16-годишно новинарско искуство, а претходно работел за „Косова Сот“, „Трибуна“, и „Лајм“. За својата работа Гаши добил повеќе награди од домашни и меѓународни организации. Учествувал и во повеќе меѓународни програми за унапредување на професионалното новинарство. Гаши е дипломиран магистер по политички науки и јавна администрација.