fbpx

Како да го однесеме спортот на повисоко ниво

Иван Анастасовски

Спорт

05.01.22

Прегледи

Проф. д-р Иван Анастасовски

Ivan Anastasovski 200x250

Од големо значење е тоа да го подигнеме организациски и функционално спортот на едно повисоко ниво, односно да се направи јасна и цврста конекција помеѓу нашиот врвен спорт и образовниот систем во Македонија.

 

Спортскиот менаџмент како дел од спортските науки претставува систем или вештина на управување. Исто така, спортскиот менаџмент е насочен кон обезбедување на функционалност на спортските организации (федерации, сојузи или клубови).

Спортовите се разликуваат значително во степенот до којшто тие станале „голем бизнис“. Оваа секвенца најдобро може да се разбере ако направиме разлика помеѓу еволутивните фази каде што промената е бавна и постепена и револуционерните фази каде што промената е рапидна и фазата се карактеризира со високо ниво на несигурност.

Овие фази се:

  • Основање (Еволутивна) која кажува дека спортот произлегува од античка фолклорна традиција (на пр. Фудбал).
  • Кодификација (Револуционерна) која може да претставува формализација на некоја вежба, резултат на организациски распад или потребата да се дефинира играта во време кога е измислена.
  • Стратификација (Еволутивна) која укажува на тоа како се развивал спортот и неговата поделеност во општествата на база на моќ или економска состојба.
  • Професионализација (Револуционерна), која му нуди на спортот популаризација преку гледаност, спортската публика (гледачите) се подготвени да платат за да го гледаат, а инвеститорите се подготвени да ги поддржат спортските клубови, поради алтруистички но и комерцијални причини, а се овозможува и плаќање на играчите.

Спортот во целина најчесто припаѓа на непрофитните организации. Меѓутоа, врвниот спорт во денешното време е организиран во системот на профитни организации, кои што како и другите организации од секторот бизнис, егзистираат на база на капиталот. Спортскиот менаџмент како дел од врвниот спорт е процес на предвидување, планирање, организирање, раководење, обезбедување на кадар и контрола на човечките, материјалните, финансиските и други организациони ресурси на спортската организација, поради постигнување на саканите цели.

Како што е познато, спортот е поделен на колективен и индивидуален. И двете поделби се категоризирани во делот на врвниот спорт. Гледано од аспект на нашата држава, многу е тешко да се говори за врвен или професионален спорт кој изискува големи финансиски средства и голема професионална ангажираност.

Од една страна, спортовите како што се фудбал, ракомет, кошарка и одбојка кои се дел од колективните спортови се во категоријата врвен спорт, кај индивидуалните спортови е нешто сосема поинаку. Кај нив, ако го иземеме тенисот кој е најпопуларен кај индивидуалните спортови, останатите не би можеле да се сместат во делот на врвен спорт поради фактот што индивидуата во тие спортови не е во можност да биде 100% професионално фокусирана на својата спортска кариера и притоа да може да егзистира од учество во одредена спортска диспилина.

Токму поради тие факти, многу наши млади спортисти се определуваат да го надградуваат своето образование се со цел да имаат своја професионална кариера, или во делот на образованието како наставници или пак во делот на спортот како спортски тренери. Но, ретко кој од големата бројка на активни спортисти, дали од колективни или индивидуални спортови, се одлучува да се приклучи на образовниот систем за нивно усовршување во насока на спортски менаџер како професионална кариера. Ова од причини што нашиот образовен систем не го поддржува овој профил на професионален кадар. Воедно, таква можност за студирање пред се им нудат државите во регионот и Европа како што се: Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Германија и други.

Kako da go odneseme sportot na povisoko nivoИзвор: ffm.mk

Прилагодување на постојниот едукативен систем во Македонија

За нашата држава, од големо значење е тоа да го подигнеме организациски и функционално спортот на едно повисоко ниво, односно да се направи јасна и цврста конекција помеѓу нашиот врвен спорт и образовниот систем во Македонија со приватниот сектор. Денес, најзначајниот аспект и без кој не може да се замисли врвниот спорт и неговото професионално функционирање се финансиите, т.е. капиталот, но сето тоа треба да биде поткрепено со степен на образование кое ќе биде насочено кон подигање на нивото на квалитет на спортот. Без оглед дали тоа оди преку едукација на кадрите во делот на спортски менаџмент или пак преку современи научни сознанија за да може да се има позитивни резултати во врвниот спорт.

Затоа, менаџментот или управувањето во врвниот спорт претставува една засебна научна дисциплина која по логиката на нештата би требало да припаѓа во делот на спортските науки. Управување во спортот би требало да биде дел од високообразовниот процес кој би се насочил кон уредување на односите во врвниот спорт преку истражувања во спортските науки кои понатаму би имале своја практично-педагошка примена.

Во моментов, во нашава држава само две високообразовни институции се насочени кон едукација на кадри за потребите на управувачкиот дел од врвниот спорт. Тие се Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (магистерски студии по спортски менаџмент), како и приватниот Универзитет АУЕ-ФОН, каде што постои насока која е дел од нивниот економски факултет, насочена кон едукација на кадри во областа на управување во спортот, на првиот и вториот циклус студии.

Поради тоа, сериозноста за помошта која треба да ја дава државата за врвниот спорт и образованието се огледа во тоа да ги мотивира (преку законски измени) високообразовните и научни институции да почнат со акредитирање на студиски програми за едукација на кадри од областа на спортските науки, поточно спортски менаџмент. Најлесен и наједноставен начин е самата држава во делот на Законот за спорт да направи одредени измени и усогласувања во делот на управувањето и организираноста на спортот. Односно, да им се даде до знаење  на кадрите кои треба да работат во спортот дека треба да имаат завршено студии од областа на спортски менаџмент.

Конечно, државата не би требало само да ги насочува финансиите преку ваучерите кон спортот и спортистите, туку таа треба да има своја проактивна улога во создавање услови за развој на спортот како една профитабилна гранка или бизнис сегмент, по примерот на развиените европски образовно-спортски системи.

Таа проактивна улога на државата треба да се состои во следното: поттикнување на приватниот сектор преку други форми на даночни олеснувања (спонзорства, не донации) за помош на спортот, мотивирање на приватниот сектор за поголема инволвираност во уделите во спортските клубови (нивно директно учество), промена на образовниот модел на основни студии за образување на кадри за потребите на врвниот спорт – спортски менаџмент.

Исто така, државата треба да има своја база за сите оние кои се директно вработени во спортската индустрија и да води сметка колкав е тој процент од вкупно вработените на територијата на државата. И особено значајно е да се воведе ред во контролниот дел на државата за ваучер политиката преку засебна, стручна и едуцирана спортска инспекција, која би можела да биде организирана и образувана преку нашиот високообразовен систем.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван Анастасовски

Проф. д-р Иван Анастасовски e продекан за наука и меѓународна соработка на Факултет за физичко образование, спорт и здравје.