fbpx

Гацко: Ако некое место е мало, не значи дека е и здраво

Миланка Ковачевиќ

За жителите на големите градови во регионот квалитетот на животот опаѓа. Намалувањето на зелените површини, дивоградбите, пренатрупаноста и сообраќајниот колапс се секојдневие. Но, состојбата не е подобра ниту во многу помалите места: лоша инфраструктура, нестабилно снабдување со вода и струја, непостоење на канализациски мрежи, се само дел од проблемите. Во источниот дел на Херцеговина, кој сè уште е повеќе рурален отколку урбан, голем проблем претставува и загадувањето на животната средина.

Требиње, пак, се соочува со интензивирана градба на станбени и деловни објекти, во кои јавниот интерес е помалку важен од интересот на инвеститорите, па градското собрание ги менувало планските документи за да им излезе во пресрет на инвеститорите, како што е образложено во предлог-одлуката.

Во најтешка положба се жителите на Гацко бидејќи живеат покрај термоелектрана што секојдневно испушта тони пепел во воздухот. Од оџакот висок околу 100 метри, пепелта покрива површина со пречник од повеќе од 20 километри, а благодарение на ветровите допира и подалеку отколку што се чини на прв поглед. Порозниот, карстен терен придонесува загадувањето да дојде и до реките понорници, па, според некои истраги, пронајдени се траги и во водотеците во внатрешноста на Дубровник.

Лебот го плаќаат со здравје

Во минатото, Гацко - гратче на 940 метри надморска височина, со околу пет илјади жители - важело за воздушна бања. Бронхитисот и астмата биле непознати. Опкружен со планините Лебршник и Волујак, потпрен на, според многумина, најубавиот национален парк Сутјеска, Гацко бил оаза и своевиден природен резерват. И тогаш, во средината на 80-тите години на 20 век, изградена е термоцентрала, формиран е површински коп за експлоатација на јаглен и сè тргнало наопаку за природата и за здравјето.

Со толку значаен ресурс, често нарекуван и фабрика за пареа, Гацко сепак не успеало да се развие, дури ни да го зголеми своето население.

Иако официјално спаѓа во редот на развиени општини во Република Српска бидејќи практично единствениот критериум е приходот по глава на жител, во суштина тоа е слабо развиено подрачје. Нема решен канализациски систем, не се пречистуваат отпадните води, летата се карактеризираат со рестрикции на вода, а местото нема ни уредено шеталиште, ниту, пак, парк и игралиште за деца. Да не зборуваме за базен, трим и велосипедски патеки, спортски сали и лизгалишта.

Најголемиот проблем е огромното загадување на природата како резултат на работата на Рудникот и термоелектраната Гацко. И додека се прекопуваат десетици хектари плодна земја во потрага по јаглен, потоа се засипуваат со јаловина, а водотеците се загадуваат со отпадна вода што излегува непречистена од постројките и копот на рудникот, а потоа од оџаците во воздухот секој ден во последниве месеци, а сега веќе и години, излегуваат и по две илјади тони пепел!

И ова е општо познато, не само на граѓаните, туку и на надлежните институции, еколошките инспекции и обвинителството. Но, во БиХ, како и во некои други земји во регионот, институциите се обесмислени, а одлуките се носат во согласност со лични проценки, договори и/или интереси на функционерите.

Исто така, споменатото претпријатие Рудник и термоелектрана (РиТЕ) Гацко, кое работи како дел од Електропривреда Републике Српске (РС), работи спротивно на прописите и законите. Покрај тоа што не ги исполнува одредбите од еколошката дозвола, прекршува уште најмалку неколку закони - на пример, оној за заштита на животната средина и здравјето на населението.

Меѓутоа, функционерите, од општински до ентитетски, имаат ист став – РиТЕ Гацко мора да работи и да произведува струја, по секоја цена.

А цената ја плаќаат со здравјето. Голем број деца имаат проблеми со бронхитис и алергии, а не се поштедени ниту возрасните. Конјунктивитис, отежнато дишење, чешање се симптоми на сè поголем број жители кои бараат помош во аптеките, наместо во локалниот дом на здравје бидејќи и онака мора да купат поголем дел од лековите. А поради неплатениот придонес, извесно време повеќето работници во општината беа без осигурување.

Извор: Wikimedia Commons

„Во споредба со другите места во нашиот регион, овде значително е зголемен бројот на заболени од карцином и алергиски болести, а особено се изразени карциномот на белите дробови и карциномот на дојка и алергиите на непозната супстанца“, изјави д-р Златан Ивковиќ, тогашен советник во Собранието на општина Гацко.

Плаќаат огромни пари за лекови бидејќи најголем дел од нив не се на листата на Фондот за здравствено осигурување. Сепак, нема конкретни податоци бидејќи во изминатите четири децении колку што работи ТЕ Гацко, немало систематско следење на здравствената состојба на населението, ниту пак студија за влијанието на оваа постројка врз здравјето на населението. На седница во 2019 година, собранието на општина Гацко ја разгледуваше темата на загадување и одлучи да се направи студија, но до денес ништо не е преземено по тоа прашање.

Центарот за животна средина од Бања Лука од февруари до мај 2017 година спроведе онлајн анкета наменета за жителите на Гацко, чија цел беше да се добијат мислења за работата на постојната термоелектрана Гацко, со посебен осврт на квалитетот на воздухот. Резултатите од анкетата не се воопшто охрабрувачки.

Одговорит„е на граѓаните и граѓанките покажуваат дека состојбата во Гацко е повеќе од загрижувачка, а во исто време здравјето на населението не е на листата на приоритети. Мерната станица во центарот на градот не функционира, а податоци за квалитетот на воздухот и емисиите на честички може да се добијат само од термоелектраната. За жал, се гледа дека не постои волја кај властите да им обезбедат на граѓаните транспарентност на податоците и со тоа да откријат од каде доаѓа загадувањето“, изјави Душка Кудра, од Центарот за животна средина.

Самиот тој податок доволно говори за тоа што им е приоритет на надлежните и колку се грижат за здравјето на жителите од овој регион.

Поради пепелта што го покрива поширокото подрачје, тешко е да се зборува за здрава храна, која беше бренд, па дури и адут на локалната заедница во промоцијата на планинскиот туризам. Добитокот исто така пасе трева и пепел, а како тоа влијае на него покажува и фактот што ветеринарите забележуваат зголемување на бројот на заболувања кај кравите.

„Повеќе случаи имало во селата Наданиќи, Краварево и Рудо Поље. Кравите оделе на испаша, нема друга причина за тоа, а штетите се големи“, рече еден од мештаните на протестот пред РиТЕ Гацко во средината на мај годинава.

„Страшно е ова што се случува. Кому раѓаме деца? Велат дека се храниме здраво затоа што живееме на село, а каква здрава храна има кај нас кога стоката ни доаѓа од испаша, па тој кајмак и млеко се загадени. Воздухот ни е загаден, има ли крај на ова?“ се запраша Снежана Марковиќ, жителка на Наданиќ.

Ќе треба да го почекаме решението

Причината за прекумерната емисија на пепел во воздухот лежи во неквалитетниот јаглен што се користи за производство на електрична енергија во термоелектраната Гацко. Имено, тој се експлоатира од таканаречената Повлатна зона - подрачја каде јагленот се наоѓа на мала длабочина, па неговата експлоатација е поевтина и поедноставна. Таквиот јаглен е генерално со помала калориска вредност и со висок процент на нечистотии. Тоа значи дека при согорување во котелот на термоелектраната ѝ дава помала моќност, потешко гори, а уделот на пепел е до 30%. Донекаде поквалитетното гориво од „главниот слој на јаглен“ било изгубено пред извесно време, првенствено поради лошите одлуки на раководството, доцнењата со откривката и големите неисправности на механизацијата.

Сега, од управата на претпријатието тврдат дека имаат решение, но дека ќе треба да се чека најмалку две години. Имено, планот е да се набави постројка за сепарација на јаглен која ќе го подигне квалитетот. За тоа се потребни пари (околу 35 милиони евра, рече премиерот на РС, Радован Вишковиќ), кои РиТЕ Гацко ги нема, но очекува помош од Електропривреда РС и Владата на РС.

Од друга страна, површинскиот коп зазема значителен дел од Гатачкото поле - најплодното земјиште, областа која најмногу наликува на огромна рана – ниту се смалува, ниту се рекултивира, а илјадници тони плодна земја што требаше да се зачува, со јаловината неповратно се изгубија на одлагалиштето.

Пропуштена е шансата овој ресурс да се искористи за доброто на општината. На крајот од својот технолошки век, ТЕ Гацко толку многу ја уништи природата што ќе треба не само време, туку и огромни средства за колку-толку да се рекултивира подрачјето. Со лошите решенија, со подигање на котата на насипот, се предизвикаа огромни штети, чие санирање им беше оставено на идните генерации.

А сè можеше да биде поинаку.

За мала заедница, голем ресурс навистина може да донесе благосостојба и живот по мерка на секој жител. Тоа што не беше искористена можноста да се инсталира греење под главните сообраќајници и тротоари на ова место со чести снежни падежи е можеби премногу футуристички (иако не би смеело да биде), но фактот што огромната топлина оди во воздухот наместо да се загреваат куќите и становите во Гацко, најмногу зборува за вистинска негрижа на сите оние кои во одреден момент биле на раководни позиции.

Тие можеби имале моќ, но немале визија и желба да работат за општото добро. Затоа сметката сега ја плаќаат оние кои останаа да живеат на работ на рудникот, можеби каејќи се за некои пропуштени прилики да живеат на друго, попријатно и поздраво место.

Засега жителите на Гацко имаат ветување од премиерот на РС, Радован Вишковиќ, дека Владата ќе ѝ помогне на компанијата РиТЕ Гацко да купи постројка за пречистувањe јаглен во следните две години, со што, како што тврдат, би се намалила емисијата на честички, но и производството на електрична енергија би станало попрофитабилно. Дотогаш, апелираат жителите на оваа општина да бидат трпеливи и стоички да ја поднесат пепелта најмалку уште некоја година.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.Ова издание на Приказни од регионот е исто така спроведено во партнерство помеѓу ИКС и проектот UPSURGE, финансиран во рамки на Хоризон 2020 на Европската Унија според договорот за грант бр. 101003818.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Миланка Ковачевиќ

Миланка Ковачевиќ е вработена во локалната радио станица Радио-Гацко како новинар-уредник. Таа пишува за бројни медиуми во БиХ, главно обработувајќи теми за корупција, транзиција, социјални и еколошки проблеми, социјална правда, воени злосторства. Заедно со своите колеги, таа во 2018 година го лансираше порталот „Директ“ во кој критички пристапуваат кон реалноста и, во исклучително ригидно опкружување како што е Босна и Херцеговина, покренуваат теми од суштинско значење – ја разгледуваат работата на институциите, коруптивните практики на поединци позиции на моќ.