fbpx

Александра Ѓуркова: Јазикот се сфаќа како средство преку кое се рефлектираат политичките претензии

Интервју

19.12.23

Прегледи

Јазичните политики во Македонија како да се жртва на политичките процеси во последниве дваесетина години, почнувајќи од 2001 година вели професорката Александра Ѓуркова во интервју на Рес Публика. Таа посочува дека со досегашните законски решенија се намалува обемот на употреба на македонскиот јазик во Македонија и во македонското општество, на институционално ниво, во образованието и на неговата важност, значење и неговото присуство во јазичниот пејзаж. Оваа состојба е последица на неконсултирањето на лингвистите, почнувајќи уште од периодот на оформувањето на Рамковниот договор од 2001 г. и на одредбите кои ги опфаќаат јазичните прашања, преку оформувањето на Законот за јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните од 2008 г. и на Законот за употреба на јазиците од 2018 г. Конечно при подготовка на новиот Предлог-закон за употреба на македонскиот јазик од 2023 г. лингвистите беа прашани и соодветно, стручно успеаја да укажат на извесни аспекти кои беа коригирани во Предлог-законот.

Годинава излезе од печат вашата книга Социолингвистика – Македонски јазик:  Јазично планирање и јавна комуникација. Што Ве поттикна да го проучувате аспектот на јазикот во врска со општеството? И во каков однос се тие  во моментов?

-Јазикот е насекаде околу нас, со јазикот ги изразуваме нашите мисли, чувства, јазикот е средство за сублимирање на научните истражувања на секое поле, јазикот е средство за убедување и влијание во политиката, новинарството, рекламите итн. Оттаму, односот на јазикот и општеството е динамичен и секогаш актуелен за проучување, и тоа на повеќе нивоа – од аспект на употребата на стандардниот јазик, на состојбите во разговорниот јазик и сл.

Како актуелни процеси може да се посочат на пример: употребата на англицизми во рекламите, мешањето на кирилицата и латиницата во јазикот на медиумите (особено на интернет-порталите), употребата на дијалектен говор во формалната комуникација, политички коректниот говор итн.

Во Македонија имаме Закон за употреба на македонскиот јазик и Закон за употреба на јазиците. Па од тука каква е состојбата со јазичната политика? (според вашата анализа како да се во колизија овие два закона?)

-Јазичните политики во Македонија како да се жртва на политичките процеси во последниве дваесетина години (почнувајќи од 2001). Од една страна, може да се каже дека е позитивна грижата на државата што се искажува преку волјата за регулација на употребата на македонскиот јазик и сите други јазици што се употребуваат во државата, што подразбира и нивна заштита.

Од друга страна, оваа сфера се (зло)употребува преку политичкото влијание и јазикот се сфаќа како уште едно средство преку кое се рефлектираат политичките претензии.

Позитивно е што имаме нов Предлог-закон за употреба на македонскиот јазик од 2023 г. во кој се прецизирани сферите во кои е задолжителна употребата на македонскиот јазик (во законодавната, извршната и судската власт и во дипломатско-конзуларните претставништва, во локалната самоуправа, во јавните установи и претпријатија и сл.).

Пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт. Во овој Предлог-закон како и во Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 г., познавањето и употребата на македонскиот јазик се смета за право и обврска на сите граѓани.

Во врска со Законот за употреба на јазиците треба да го имаме предвид мислењето на Венецијанската комисија од 2019 г. во кое најпрвин се зема предвид дека пред Уставниот суд е поведена постапка во врска со уставноста на Законот, во врска со Член 7 од Уставот, така што Венецијанската комисија се воздржува од коментар за уставноста на Законот. Првенствено, Венецијанската комисија се оградува од оцена за тоа дали се работи за усогласување со законската регулативна на ЕУ, но потенцира дека тоа не би била валидна причина за употреба на скратена постапка во неговото носење, избегнувањето дебата во Собранието и гласање на Законот без присуство на опозицијата.

Венецијанската комисија констатира дека со овој Закон во голема мера се проширува употребата на албанскиот јазик, во однос на Законот од 2008 г. и во својата анализа наведува десетина точки кои се однесуваат на: двојноста во употребата на терминот „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“, употреба на други формулации како: „официјален јазик што го зборува граѓанинот“ и „службен јазик освен македонскиот“, со што е Законот оценет како нејасен и се препорачува прецизност во одредбите што се однесува на албанскиот јазик, а што на другите јазици на заедниците.

Други сфери на интерес во извештајот се: потребата од прецизирање на ситуациите во кои употребата на албанскиот јазик претставува обврска или дадена можност т.е. индивидуално право, потребата од поголемо вклучување на јазиците на заедниците во законските одредби, употребата на албанскиот јазик на банкнотите, кованите пари, униформите, поштенските марки, печатите итн. далеку ги надминува стандардите за заштита на малцинските јазици, а таква одредба не постои ни во Европската повелба за регионални или регионални јазици, неможност за обезбедување ресурси за спроведување на Законот – се препорачува ревизија со ограничување на пишаната комуникација, гломазност и неможност да се применува во судството со препорака да се напушти одредбата за двојазичност во правните процедури, се потенцира потребата од анализа на спроведувањето на Законот од 2008 г., преглед на последиците во однос на буџетот и човечките ресурси и особено се нагласува – да не се користи скратената постапка за ревидирање на Законот за употреба на јазиците.

Значи, политичките чинители, Собранието и правниците во Македонија треба сериозно да се занимаваат и да ги решат овие прашања. Со вакви законски решенија се намалува обемот на употреба на македонскиот јазик во Македонија и во македонското општество, на институционално ниво, во образованието и др. и на неговата важност, значење и неговото присуство во јазичниот пејзаж.

Всушност, според Уставот македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи, така што македонскиот јазик носи значајна функција – а тоа е да биде кохезивно средство во општеството, меѓунационално средство за комуникација и заеднички елемент за сите граѓани, во институциите, образованието и сл.

Не треба да ја заборавиме многу важната интегрирачка функција што ја има секој службен односно национален јазик во европските земји како Холандија, Франција, Шпанија, Обединетото Кралство, потоа во САД и други. И поделбата на учениците во образованието во Македонија според јазикот на наставата е, исто така, неповолен елемент што се однесува до интегрираност во образованието, факт на којшто посочил и Комесарот за човекови права во 2018 г.

Дали во креирањето на јазичната политика се консултирани лингвистите или политичарите го кројат животот и развојот на македонскиот јазик?

-Во оформувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 г. и новиот Предлог-закон од 2023 г. лингвистите беа и се консултирани, преку јавни дебати и, сепак, успеаја да укажат на извесни аспекти кои беа коригирани во Предлог-законот. Во изминатиот период, односно при оформувањето на Рамковниот договор од 2001 г. и на одредбите кои ги опфаќаат јазичните прашања лингвистите не беа консултирани, исто како што не беа консултирани и при оформувањето на Законот за јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните од 2008 г. и на Законот за употреба на јазиците од 2018 г.

Би сакала да истакнам дека за соодветно оформување на јазичните политики е оптимално да се вршат истражувања поврзани со познавањето на јазиците од страна на говорителите, ставовите спрема јазиците и сл. – истражувања кои може да се спроведуваат во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ преку финансирање проекти од државата. Само на таков начин може да добиеме закони кои ја опфаќаат оваа материја, засновани на фактичката состојба, а не под влијание на политичките случувања и претензии. Државата треба да ги користи ресурсите на научните институции и да ги применува резултатите од научните истражувања во оваа сфера.

Според ова, македонскиот јазик е сфера на интерес само на македонистите, а тие се сé помалку, знаејќи го бројот на студенти на катедрите јазик и литература. Со ваквата поставеност на македонскиот јазик каква му е иднината?

-Државата и институциите имаат обврска македонскиот јазик да биде и нивна сфера на интерес, зашто само во Република Македонија македонскиот јазик е службен јазик, а во оформувањето на законите задолжително да ги консултираат лингвистите. За македонистите и лингвистите македонскиот јазик претставува сфера на интерес во смисла на научно истражување, а секако треба да се споменат и истражувањата во областа на македонската литература.

Забележителен е и бројот на лекторати во странство во коишто се изучува и се проучува македонскиот јазик на високообразовно ниво, како на пример во: Краков, Букурешт, Москва, Истанбул, Будимпешта, Париз, Риека, Љубљана, Братислава и др. За зголемување на интересот кај младите за проучување на македонскиот јазик, исто така, има голема улога државата којашто треба да обезбеди зголемување на квотите за вработување на млади македонисти и лингвисти на факултетите и во институтите. Тоа е само минимално опфатено со Предлог-законот за употреба на македонскиoт јазик од 2023 г. со предлози за стипендирање на ученици од четврта година средно образование и на додипломските и докторските студии, но проблемот останува со можностите за вработување.

Научните истражувања на јазиците и на историјата на јазиците претставува сфера во која вложува секоја сериозна држава, а тоа се одразува поволно и во рангирањето на државните универзитети на светските ранг-листи. Императив е со овој Предлог-закон сериозно да се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите итн. На таков начин, и интересот за студирање македонски јазик ќе биде поголем. Како што претходно кажав, јазикот е насекаде околу нас, а на пример, во медиумите е главна алатка за работа, така што македонскиот јазик е предмет на голем интерес, се надевам, и во медиумската сфера.

Каков е денес македонскиот јазикот во политиката, а каков во публицистиката?

-Во политиката се чини дека е јазикот прилично близок до разговорниот јазик, односно се случува често во формалната комуникација да имаме употреба на дијалектен говор, разговорен јазик, несоодветни изрази, несоодветна интонација т.е. акцентирање, обраќањето е, исто така, интересна тема во политичката комуникација и сл. Исто така, има употреба на лексика под влијание на англискиот јазик и на (понекогаш) директното преведување од англиски на бројни европски регулативи.

Во публицистиката и поточно во новинарскиот (пот)стил јазикот се одликува со динамичност и актуелност, а и тука не недостига влијанието од англискиот јазик, но интересно е и дека, на пример, турцизмите наоѓаат свое место, често како експресивно средство во текстовите.

Сепак, најзабележливо е преземањето од англискиот јазик на лексика во различни сфери, употреба на англиски изрази без превод, па и несоодветна употреба, како што се примерите со: меморија, моментум, форма и сл. Треба да се спомене и тоа дека, особено забележливо во содржините на интернет-порталите, се појавуваат текстови лошо преведени од српски јазик, а оттаму се забележува и влијанието од српскиот јазик.

А дали имаме паралелен јазик на интернет и социјалните медиуми кој е најмногу под влијание на англискиот јазик и технологијата?

-Не би го нарекла „паралелен јазик“, зашто генерално сите видови на текстови може да се реализираат и на Интернет. Но, под влијание на комуникацијата на социјалните мрежи на кои доминира англискиот јазик се случува еден наплив на англицизми во македонскиот јазик, повеќето карактеристични за разговорниот јазик, како на пример: лајка, хејта, шејма, гејма, адне, блокне, булинг, мобинг и др., се забележува мешање на латиницата и кирилицата и сл., што како особености навлегуваат и во публицистиката, во рекламите итн. Ваков тренд, инаку, се одбележува и кај други словенски и европски јазици.

На локално, но и на  глобално ниво сведочиме на политички коректен јазик на јавната сцена. Говорите се полни со метафори, еуфемизми, па несвесниот говорител често е изгубен и го пропушта значењето на суштинската порака. (особено денес кога светот гори во војни). Каква е функцијата на јазиците во општеството?

-Општа е тенденцијата за политички коректен говор, генерално земено, а тоа е најочигледно преку јазикот на медиумите. Медиумите, пак, од своја страна ги пренесуваат политички коректните изјави и еуфемистичките изрази што се користат од страна на различни општествени и политички чинители. Оттаму, може да се види дека јазикот, освен што претставува средство за комуникација, има улога на средство за влијание, убедување и изразување моќ и контрола.

Дали можеме да зборуваме за новоговор во Република Македонија во 2023 година? Кои се неговите особености и што може да се препознае по него?

-Како што споменувам и во книгата, голем дел од особеностите на т.н. новоговор во глобални рамки е одраз на потребата од придобивање на поддршката од народот од страна на политичките актери и еден обид да се наметне своето мислење, па оттаму и изразите: пријателска стрелба, интелигентни бомби, редистрибуција на населението итн.

По независноста на Република Македонија и воспоставувањето на Собранието, во политичкиот амбиент се појавија бројни партии, а со телевизиското пренесување на седниците на Собранието, сите ние имавме и имаме можност да го оцениме познавањето на македонскиот јазик од страна на пратениците, јазичната култура итн. Мислам дека како најчесто употребувани изрази за изминатиот период треба да се посочат: едноумие. еднопартиски систем и политички маркетинг. И во изминатиот период се одбележуваат некои слични особености, како на пример употреба на родениот говор во формални ситуации, несоодветно обраќање и сл., а што се однесува до новоговорот тој започнуваше тогаш да навлегува директно, преку директно пренесување на програми на странски телевизии како Си-Ен-Ен и Би-би-си, па потоа започна преведувањето од англиски на македонски и нивното навлегување во македонскиот јазик.

Обичниот читател на медиумска содржина кој е воедно и несвесен говорник на македонскиот јазик има многу предизвици како да ги користи или разбере точно, вистинито новинарските текстови. Според вас какви вештини денес му се потребни на медиумскиот корисник?

-Сметам дека е општата ситуација со медиумите таква, што на корисникот му е потребно да прочита определена вест на повеќе медиуми за да добие прилично добра, релативно објективна слика за ситуацијата. Многу е важно кој ја пласира информацијата и, секако, како е добиена информацијата, а во денешната состојба со социјалните мрежи и брзото ширење на секакви и лажни вести, тоа е прилично тешка задача.

Во секој случај, потребно е внимателно читање меѓу редови. А, во ваква атмосфера на бомбардирање со содржини во дигитална форма и во реално време, не знам дали корисниците можат да се посветат на тоа. Сметам дека е ваква состојбата со медиумите воопшто, на глобална сцена. Од друга страна, постојат и проверувачи на факти на социјалните мрежи коишто имаат улога да заштитат од лажни вести, но може да биде тенка линијата меѓу она се означува како неточно од она што се означува како непожелно од определена перспектива – и повторно доаѓаме до прашањето за тоа од каква позиција настапува определен медиум, социјална мрежа, проверувач на факти итн.

Неодамна излезе во јавност и Речникот за медиумска писменост https://recnik.medium.edu.mk/  кој е „решение“ за термините кои се последица на глобализациските и технолошките  влијанија. Каква е неговата социолингвистичка вредност?

-Верувам дека користењето на Речникот за медиумска писменост во голема мера ќе ја олесни потребата на корисниците да ги одгатнат дилемите во медиумската сфера, во ситуација на енормно брз дигитален развој на медиумите.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова Арсеновска
Фото: Маја Јаневска Илиева