„Хуманоидниот робот го замисливме првенствено да биде ди-џеј, а потоа во иднина може да има различни идентитети“, вели иноваторот проф. д-р Анис Сефиданис, кој во соработка со други инженери и експерти во различни областа го создадоа првиот хуманоид кај нас. Неговото создавање се приклучува на најавувачкиот бран на четвртата индустриска револуција која според Сефиданис ќе биде предводена од роботиката и вештачката интелигенција и ќе направи дисрупција на секое поле од животот, поголемо од она што го направи електричната енергија. Тој верува дека имаме ресурси, талент и сѐ што е потребно за да се приуклучиме на овој бран. Единствено нешто што одлучува е волјата.
По паметниот споменик на Григор Прличев во Охрид, нѝ го претставувате роботот со димензии на човек, кој што е надоврзување во вашето поле на работа, дигиталната хуманост. Каков е овој хуманоиден робот?
- Хуманоидот е замислен да фукнционира во даден социјален контекст, при што ќе може да се приспособува на истиот, да манипулира предмети во просторот, да остварува ефикасна комуникација со корисниците и автономно или заеднички со нив да извршува различни задачи. Оттаму и неопходноста за робот со антропоморфен изглед, т.е. во форма и природни димензии на човек, автомат кој ќе биде социјално инклузивен. Пластично претставено, роботот може да фаќа предмети, да ги поместува, ротира, да склопува односно комбинира различни делови во целина, да меша течности и слично. Со помош на вештачка интелигенција, хуманоидот генерира говор налик на човечки глас и препознава природен говор што може да го интерпретира како команда или наредба за извршување на одредена активност.
Технички вклучува мехатроника за емулирање на груба и фина моторика, како и софтверски модули базирани на вештачка интелигенција, за соодветна симулација на психофизичките способности кај луѓето. Хуманоидот со помош на различни сензори има способност да заробува широк спектар податоци и да ги процесира во реално време. Роботот користи модели на вештачка интелигенција, тренирани на податоците кои самиот ги прибавува од корисниците и околината, во што е суштината и на вештачката интелигенција, да предвидува, односно да антиципира следен настан. Користени се најновите парадигми на невронски мрежи, кои комбинираат надгледувано и ненадгледувано машинско учење.
Роботот го правевте со инженери и студенти, но и со лица од други области за да се постигне вака напредна форма?
- Покрај бројни инженери од областа на машинството и информатичките науки и технологии, на хуманоидот работеа и професионалци од различни области и дисциплини кои се вркстуваат во полето на роботиката. Така, неопходна беше соработка со медицински лица кои ја познаваат анатомијата и принципите на биомеханиката, естетичари за соодветно мапирање на природните пропорции на човекот, индустриски и модни дизајнери. Ја создадовме и првата македонска колекција „За луѓе и роботи”, каде се нагласува предноста на човекот врз машините, но исто така се истакнува и нивната кохезија. Облеката е изработена под брендот Sefidanis® и е дел од парадигмата наречена techware, при што е изработена од посебни материјали за да обезбедува максимална мобилност на различни делови од телото.
Го замисливме како ди-џеј
Колкава е применливоста на хуманоидот во оваа прототип форма? Каков идентитет може да има, на пример рецепционер, банкарски службеник...?
- Хуманоидот замисливме првенствено да биде ди-џеј, бидејќи на тој начин може да се оправда неговиот антропоморфен изглед и богатиот интерфејс за мултимодална комуникација со широка публика. Со најновите парадигми на генеративна вештачка интелигенција роботот сам може да компонира музика. Сѐ ова е веќе готово и се наоѓа во Охрид.
Но, роботот е граден врз технологии со отворен, како и технологии со затворен код. Истиот е модуларен и може да се надградува понатаму, било од луѓе било од роботи, така што и овој робот во иднина може да има различни идентитети. За неговото производство користени беа 3Д печатачи, 3Д скенери, ЦНЦ рутери и други системи кои се своевидни роботи. Сепак, автономијата на хуманоидните роботи е сѐ уште ограничена и со тоа истите не претставуваат закана за човекот. Целта е да креираме општество кое ќе биде целосно инклузивно, за нас луѓето и роботите, и каде можеме да се комплементираме во своите посебности за да креираме поквалитетен живот за сите.
Колку чини овој робот? Колку и дали воопшто добивате средства за развој на вакви иновативни проекти? Кои ресурси ги користите?
- Набавката на суперкомпјутерот на NVIDIA преставуваше најголемиот дел од инвестицијата, но исто така и останатите гореспоменати технологии за производство на машински делови, компјутери, простории, ангажирани лица, лиценци, патенти и останато. Тешко е да се процени севкупниот трошок, бидејќи ваквите проекти всушност никогаш и не завршуваат.
Паметниот споменик на Григор Прличев го реализиравме со логистичка поддршка на Општина Охрид, додека Споменикот на иднината кој беше промовиран по повод празникот Св. Кирил и Методиј, беше поддржан од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.
Хуманоидот е реализиран со сопствени средства на друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид, но во фаза сме на преговори за странска инвестиција која ќе овозможи глобална комерцијализација на проектот.
Револуцијата „ги јаде“ своите деца
Од првите создадени роботи во доцните 20 години на 20 век, Телевокс и Ерик, преку WAseda roBOT WABOT-1(1970 to 1973), до денес, развојот на хуманоидните видови оди забрзано преку Софија (2016) направена од Хансон Роботикс, Атлас (2017) од Бостон Динамикс, Нина (2018) ЕТХ Цирих, до Калеидо на Кавасаки Хеви индустри. Какви се перспективите за развој на хуманоидна роботика кај нас, ако се знае дека зад споменатите стои академија и индустрија?
- Во неколку фабрики во Македонија постојат веќе компоненти на роботи, најчесто роботски раце кои служат за автоматизација на процеси (на пример, склопување на компоненти), но ова е првиот хуманоиден робот кој може да биде ставен да работи оперативно во социјален контекст, односно да соработува со луѓе во најразлични сценарија.
Но, идејата за роботите е стара можеби колку и самото човештво. Низ вековите наназад оваа идеја се разработувата во сѐ пософистицирани урнеци, а современите експоненцијали технологии кои се денес достапни, овозможуваат да се отелотвори истата во практична имплементација на целосно функционален хуманоиден робот. Во нашиот случај, горниот дел од торзото е изработен според урнекот на Inmoov, на кој се додадени дополнителни модули и сензори за поефикасна работа на истиот. На лицето поставен е лед дисплеј со висока резолуција, бидејќи сметавме дека на тој начин можеме да претсавиме и аспекти на емоционална интелигенција.
За контрола на серво-моторите и останатите компоненти од мехатрониката, користиме RaspberryPi и Arduino, повторно две широко достапни open source технологии. Софтверот е целосно изработен од наша страна во програмските јазици Python, Java и C и можеме да го споделиме со сите заинтересирани субјекти.
Иднината на светот несомнено е во хуманоидните роботи, но дали и колку имаме ние тло да имаме наши локално произведени роботи, кои би биле конкурентни глобално?
- Светот е поврзан повеќе од било кога, тоа ни дозволува да имаме пристап до знаење и технологии кои се неопходни за научно истражувачка дејност и создавање на применети иновации. Четвртата индустриска револуција ќе биде предводена од роботиката и вештачката интелигенција и ќе направи дисрупција на секое поле од животот, како што тоа го направи електричната енергија, да не речам поголемо. Јас верувам дека имаме ресурси, талент и сѐ што е потребно за да се приуклучиме на овој бран. Единствено нешто што одлучува е волјата.
Вие сте професор на Универзитет „Св. Апостол Павле“, колку ваквите проекти ја зголемуваат атрактивноста на студиите? Дали младите имаат љубопитност да работат на вакви проекти?
- Роботот, паметните споменици и другите интерактивни експертски системи се изработени во „Сефиданис“, каде работеле студенти од повеќе универзитети во државата, меѓу кои УИНТ „Св. Апостол Павле“, УКИМ, УКЛО, како и бројни Еразмус студенти од Франција, Италија, Украина, Малта, Романија, Литванија, Турција и други. Револуцијата ги јаде своите деца. Вештачката интелигенција најнапред направи дисрупција на ИТ- индустријата, каде бројни софтверски инженери ги загубија своите работни места, или мораа да се прекфалификуваат преку ноќ.
Новите генерации се свесни дека софтверското инженерство е веќе минато, односно визуелното програмирање е она што некогаш било пишување на машински код. ГПТ- технологиите поефикасно го премостуваат јазот помеѓу човечкиот неструктуриран говор и програмскиот структуриран код. Новите курикулуми треба да бидат дизајнирани со цел идните инженери да создаваат свој хардвер, меѓу кој и роботи, за кој ќе пишуваат наменски софтвер. Се трудам целосно да ги инспирирам младите кадри да се приклучат на овој нов бран на иноватори.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова
Фотографии: Приватна архива