Професорката по уставно право Рената Дескоска е редок спој на правен експерт и политичар, иако поранешен, кој може да даде компетентни одговори токму на прашањата кои се во моментов актуелни во нашето општество. Таа е и член на Венецијанската комисија во која од минатиот месец напредуваше во потпретседател на Поткомисијата за судство. Тоа ѝ овозможи да ги набљудува и анализира и да дава мислења за судствата во различни земји вклучително и Холандија. Со неа разговаравме на повеќе теми и ни даде интересни одговори, како на пример, дека секој министер чија работа нема да биде добро оценета во европскиот извештај треба да си поднесе оставка, и дека мандатите на функционерите треба да бидат кратки. На Судскиот совет му порачува дека добил втора шанса, а во однос на законот што се заговара за лицата под американски санкции вели дека не е потребен, бидејќи веќе постои правна рамка за дејствување.
Професорке Дескоска, Вие бевте министерка за правда, па првото прашање е како дојдовме до сегашната ситуација во Судскиот совет? Дали кога бевте министерка постоеја сигнали дека Судскиот совет оди кон катастрофа? И сметате ли дека со враќањето на Дамева заврши кризата во Судскиот совет?
-Неодамнешните случувања во Судскиот совет покажаа немање на елементарна свест кај одредени негови членови за улогата која овој орган го има и ги извадија на површина личните слабости и недостаток на личен капацитет и авторитет. Еден орган има углед и репутација, во зависност од угледот и репутацијата на неговите членови. Во текот на мојот мандат како министерка за правда се сменија двајца претседатели на Судскиот совет и се донесоа поголем број закони во сферата на судството кои добија позитивно мислење од релевантни меѓународни експертски тела, вклучувајќи ги и Венецијанската комисија и од надлежни тела на ЕУ. Во тоа време постоеше ентузијазам и желба да се отстранат сите пречки за добивање позитивна препорака за отворање преговори со ЕУ, кои би се јавиле поради недостаток на реформи во областа на судството и јас како министер се трудев да мотивирам позитивен и одговорен однос на сите институции кон спроведување на реформите. И тоа беа години во кои нашите напори беа валоризирани од органите на ЕУ и нивната оценка беше дека постои добар напредок на реформите во судството.
По бугарското вето како да спласна ентузијазмот во одредени институции кон евроинтегративниот процес и можевме да забележиме застој или негативен тренд. Една од тие институции е и Судскиот совет. Внатрешната пресметка на јавна сцена во Судскиот совет и каубојското разрешување на Дамева беше една примитивна епизода која не доликува на било кој орган, а најмалку на органот кој треба да е чувар на независноста на судството. Настаните во Судскиот совет покажаа дека најзначаен квалитет кој треба да го поседува било кое лице кое се именува на одредена позиција е интегритетот, покрај компетентноста и мотивираноста да се работи согласно правните правила. Со враќањето на Дамева на функција Судскиот совет доби втора шанса за поправен испит. Лошо е што тие самите не си ја дадоа таа шанса, со исправање на грешката која ја направија. Сега од нив зависи дали ќе ги остават настрана суетите, дали ќе се однесуваат зрело и одговорно и дали ќе вложат сериозен напор да ја искористат таа шанса. Но, со оглед на нивниот нарушен углед и изгубена доверба во јавноста, тоа нема да им е нималку лесно.
Недостасува навремена реакција
Каков заклучок извлековте за судството по Вашето извршување на функцијата министерка за правда?
-Судството е „правничката елита“ во секоја држава. Ние имаме добри судии и обвинители, но и поединци кои се срам за професијата. Одговорност на судиите и обвинителите е да го исфрлат „дивото месо“ меѓу нив и да си ја вратат довербата кај јавноста. Единствено самите тие, единствено судството и јавното обвинителство можат да се справат со криминализираните судии и јавни обвинители, бидејќи во нив е надлежноста да гонат криминал и да судат за криминал. Тука извршната или законодавната власт не можат да помогнат, ниту смеат да се мешаат. И за тоа не поминуваат изговори од типот „политички влијанија“ или „правни празнини во законите“. Јас сум имала можност да анализирам и оценувам и судски системи на западноевропски земји, во кои извршната власт именува судии или парламентот избира судии на највисоките органи, а тоа не влијае на довербата во судството која е преку 70%. Битно е, кога ќе ја облечете судската тога, со неа да ја преземете честа и одговорноста која таа ја носи и да одговорите на очекувањата на граѓаните – а тоа е спроведување на законот и остварување на правдата.
Каква е улогата на Академијата за судии и обвинители, бидејќи се знае дека имаме синови, внуци кои не само што се дел од академијата и положиле туку немале довршено формално образование, а си влегоа во Академијата и станаа судии и обвинители?
-Според мене, а и според оценките на Европската комисија, Академијата за судии и обвинители има позитивна улога во едукацијата на идните судии и обвинители. Сè додека приемните испити се објективни и регуларни и кога условите се исполнети од кандидатите, Академијата, согласно постојната законска рамка, нема основ да спречи упис на кого било. Но, доколку има проблем со вистинитоста на документи или начин на стекнување одредени дипломи, тоа мора да се истражи од надлежни органи, да се преземат мерки и да се извести јавноста.
Во конкретниот случај на кој алудирате, нужно беше произнесување на Министерството за правда од две причини: Министерството за правда согласно законот врши надзор над работата на Академијата и тоа е орган каде се полага правосудниот испит. Понатаму требаше да се произнесат МОН и Универзитетот кој ја издал дипломата, како и на надлежните инспекции. И тогаш ќе се утврдеше дали е направена злоупотреба во Министерството за правда или настанал пропуст на Универзитетот, на кој на цела генерација студенти им се издадени дипломи на дипломирани правници пред да стекнат законски определен број кредити според ЕКТС. Дали е инцидентен случај за конкретно лице или е во прашање цела генерација студенти и сл.
Во Македонија, проблемот е што недостасува навремена реакција од надлежните органи по отворањето на одредени теми и исцрпно информирање на јавноста за утврдените состојби. Отсекогаш сум сметала, а тоа беше и мое мото додека бев член на Владата, дека транспарентноста е најдобриот сојузник на секој носител на функција кој работи регуларно. Подобро да се информира јавноста за вистината, колку и да е таа непријатна, отколку да се остави да се шпекулира и да се креираат „теории на заговор“, да се префрла одговорноста таму каде што не е.
Измените на Кривичниот закон - „системска дупка“
Каков е Вашиот став за измените на КЗ? Колку тие придонесоа за негативната перцепција на граѓаните кон владата?
-Измените на КЗ се типичен пример за набрзина и нетранспарентно донесен закон, кој создаде „системска дупка“ што продуцира неказнивост. Брзината на носење на тој закон, нетранспарентноста на процесот, но и однесувањето на партиите од власта и опозицијата во Собранието покажа дека сите се соучесници во неговото носење и не случајно во јавноста се јавија шпекулации дека постои таен договор за негово носење.
Во Министерството за правда пред 5 години почна да се работи на нов Кривичен законик кој треба да креира објективни параметри за казнена политика согласно тежината на кривичните дела и јасни описи на кривични дела кои ќе овозможат предвидливост на забранетите дејствија. Не знам зошто тој процес не е завршен до сега.
Владата разгледува текст за измена на Законот за меѓународни рестриктивни мерки за што веќе има негативни реакции, бидејќи се дава тежина на американската црна листа (и на Обединетото Кралство), односно тие листи стануваат основа за пресуди без судења во Македонија. Сметате ли дека е тоа во ред и како да не се наруши принципот на правда, а да се засили законската основа за гонење на личностите кои ни ги сервираат Американците како готови случаи за корупција и организиран криминал?
-Секое решение кое придонесува за зголемена и зајакната борба против криминалот и корупцијата е добредојдено, но неспорно е дека во таа борба мора да се почитуваат правата на правична постапка и другите права од Европската конвенција за човекови права.
Според моето мислење и согласно сегашната регулатива, надлежните органи можат да водат ефикасна борба против криминалот и корупцијата.
Во Македонија најлесно е решението за непостапување на одредени органи да го барате во законски измени. Неодамна разговарав со еден странски експерт кој помага во реформите во судството кај нас. Кога ме праша за мислење какви препораки да даде, на шега му реков: „Ако сакате да ни биде полесно, дајте ни препораки за менување на закони. Тоа лесно ќе го направиме. Ако сакате да ни е потешко, дајте ни препораки за менување на праксата на институциите.“ Според мене, капацитетни институции можат да изградат добра пракса и врз лош закон, лоши институции можат да потфрлат и во услови на добра законска рамка. За жал, кај нас се случува второво.
Не е лесно во коалициона влада
Кога бевте министерка имавте ли впечаток дека ДУИ ги влече сите конци во власта?
-Не. Јас бев министерка во периодот 2017-2020. Тоа беше во мандатот на Собранието по изборите во 2016 година. Пред формирањето на Владата во 2017 беа поставени основите за коалициската соработка и тие се почитуваа. Не е лесно да се работи во коалициона влада, треба договарања и усогласувања, но ако имате заедничка цел, а во тоа време беше добивање позитивна препорака за отворање преговори, тоа мотивира и ја олеснува соработката. Секако бројките на пратеници во Собранието ги дефинираат и односите во рамките на коалицијата. Во тоа време ДУИ имаше 10 пратеници во Собранието, а коалицијата на СДСМ 49.
Сметате ли дека беше грешка што Заев се повлече и му го отстапи премиерското место на Ковачевски?
-Секој има право да се повлече од политика во одреден момент или да го врзе своето останување на функција со победа на одредени избори. И тоа не можеме да го оценуваме дали е грешка или не, бидејќи тоа се лични одлуки кои треба да се почитуваат. Уште повеќе, во компаративната пракса, изборниот пораз е редовно прифатен како причина за оставка. Заев како премиер, го врза своето останување на премиерската функција со изборите за град Скопје. Тој своето ветување на избирачите, дека ќе се повлече доколку кандидатот на СДСМ не победи во град Скопје, го исполни и со тоа придонесе за развој на политичката култура и отчетност.
Вие бевте во тоа време активен член на СДСМ… дали некој воопшто предвиде дека СДСМ ја чекаат толку предизвици во власта?
-Владата во која јас бев избрана дојде во период на тешка политичка криза предизвикана од огромните злоупотреби на дотогашните носители на власт и беше јасно дека не е лесно да се биде власт во таква состојба. Беше јасно дека нѐ чекаат тешки предизвици во кои треба да се возобнови руинираниот политички и административен систем. Беше јасно дека не е нималку привлечно да се врши функција во такви околности, но нѐ водеше вербата дека мора да се вратат работите на вистинскиот пат и да се консолидира државниот апарат и на тој начин да се спречи државата да потоне во авторитаризам.
Што мислите за непотизмот? Клопчето почна да се одмотува во М-НАВ, но не дека и досега не е отворано тоа прашање и во судството, но и во здравството, па и некои од водечките Министерства како одбрана и внатрешни работи….
-Непотизмот е проблем исто како и нестручноста, непрофесионалноста и партизацијата. И пред него не треба да се замижува, туку треба да се бараат решенија за негово превенирање. Како едно од тие решенија, во мое време се донесе Законот за спречување на корупција и судир на интереси, во кој предвидовме обврска секој носител на функција да ја информира Државната комисија за спречување на корупција во случај на вработување на нему блиско лице. Тоа треба да овозможи да се испита дали вработувањето е засновано на објективни критериуми или на роднински врски, дали е пресуден квалитетот или непотизмот.
Се случи пад по 2020 година
Вреди ли и понатаму да се зборува за уставните измени или тој проект „банкротираше“?
-Мислам дека оваа тема ќе се активира по парламентарните избори и ќе биде едно од клучните прашања околу кое ќе се градат коалициски сојузи по изборите. Уставните измени не се пропаднати, туку се само одложени за по изборите. Државава има преземено обврска да ги спроведе договорените уставни измени и таа обврска нема да исчезне, без оглед колку тоа граѓаните ги нервира или фрустрира. Со неа ќе мора да се справи новата влада по изборите.
Какви поуки може да извлече СДСМ од практикувањето на власта? Дојде на власт на крилата на една револуција која ја нарекоа Шарена револуција со ветувања за големи позитивни промени. Дали се случија такви промени?
-Во еден дел се случија, но не сите. А за тоа има и објективни и субјективни причини. Ако ги погледнете извештаите за борба против корупција, економски раст, реформи во правосудството, состојбата со човековите права, слободата на говор и медиуми од 2017 до 2020 ќе видите земја која чекорела со големи чекори напред. За жал, по 2020 во многу квантитативни анализи се забележува пад, а некои области, како што е сферата на правдата, се оценети со негативни оценки во последниот извештај на ЕУ. Во сложениот сплет на коалициски партнери во Владата, може да се забележи дека и нема иста мотивираност кај сите партии и министри во спроведување на реформите. Затоа можеби треба да се размисли за коалиционен договор на партиите кои се залагаат за евроинтеграција на земјава, според кој секој министер кој нема да добие позитивна оценка од ЕУ за реформите, да се повлече од функција. Македонија нема време да чека некој да се учи во ресорот.
Ќе ни откриете ли зошто се пасивизиравте од СДСМ?
-Веќе три години сум надвор од политиката, вклучувајќи ја и партиската политика и имам можност пообјективно и со поизострен фокус да ја следам политичката сцена. Во шесте години на активно учество во политиката стекнав големо искуство, се вложив максимум и повеќе не гледам предизвик во тоа. Покрај тоа, начелото во кое верувам е дека во вршењето на политичките и другите раководни функции треба да има кратки мандати и сменливост. Не треба да има вечни функционери, туку циркулација на кадри кои носат во себе нов ентузијазам, посветеност и знаење.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Наке Батев