fbpx

Формалното образование е најголема вредност во животот на спортистот по завршувањето на кариерата

Интервју

11.01.24

Прегледи

Спортските фанови го паметат како еден од најтрофејните кошаркари во историјата на македонската кошарка, поранешен репрезентативец и припадник на кошаркарската ,,династија" Стојановски заедно со своите двајца легендарни браќа Војдан и Дамјан. Познат по продорите и прецизните асистенции - овие особини Огнен Стојановски ги нема загубено ниту скоро деценија по завршувањето на активната кошаркарска кариера. Денес е раководител на Секторот за спорт при Агенцијата за млади и спорт, каде на истиот начин се труди околу унапредувањето на домашниот спорт, но можеби уште поважно - спортистите да не го занемарат формалното образование и навреме да сфатат колку е важно да работат на себе и надвор од спортските борилишта. Со Огнен Стојановски разговараме за тоа, зошто вложувањето во сопственото високо образование е клучот за напредокот на едно општество, но и на спортистите како едни од примерите за младите во него, кои се психолошките предизвици кога кариерата се ближи кон крајот и колку формалниот образовен процес влијае на животот и психата на еден спортист.

Публиката најдобро Ве памети како еден од нашите најтрофејни кошаркари по осамостојувањето и како поранешен репрезентативец во овој спорт, за денес да сте раководител на секторот за спорт при Агенцијата за млади и спорт. Сепак, оние кои Ве познаваат подобро, знаат дека сте еден од најгласните заговорници спортот и образованието да одат рака под рака. Дали вака отсекогаш сте размислувале или е резултат на животното искуство?

- Моето досегашно искуство е дека образованието е најважната работа. Без образование, младите многу тешко се пронаоѓаат во општеството и најчесто тоа не завршува без негативни последици, односно води кон донесување на погрешни одлуки во животот. Потекнувам од семејство во кое сите се високообразовани, и јас и моите браќа сме исто со високо образование. Уште во основното училиште, а потоа и во средното „Раде Јовчевски - Корчагин“, пред да почнам со професионално тренирање кошарка, имав одличен успех и знаев дека тоа е правилно - да се биде одговорен и совесен ученик. Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, морам да признаам дека го завршив за подолго време поради професионалниот ангажман во кошарката. За време на тој период, многупати размислував и на моменти сакав да се откажам од студирањето, но тука ќе ги споменам моите родители, кои беа многу упорни и ме потсетуваа цело тоа време дека имам и за учење и дека тоа е многу поважно од кошарката - иако во тој момент јас имав финансиски прилив скоро колку нивните плати.

Еден од најпрославените кошаркарски тренери на просторот на поранешна Југославија, Душко Вујошевиќ, кој впрочем е познат и по тоа што своите кошаркари ги мотивирал да читаат, во една прилика ќе рече дека покрај талентот и работата, значајна улога во животот на еден спортист мораат да играат домашното воспитание и формалното образование. Како гледате на ова негово размислување?
  • Душко Вујошевиќ е тренер кој во своите редови многу внимателно ги бирал младите и талентирани играчи, и не секој, без разлика на талентот имал можност да биде трениран од него. Примерно однесување и домашно воспитување биле предуслов за соработка. Имало и играчи на кои тој лично им го променил начинот на живеење баш со инсистирањето на негување на работи како читање книги, слушање примерна музика и дружење со морални луѓе. Знаеме многу врвни светски играчи кои биле тренирани од Вујошевиќ кои сега се пример за однесување и вистински „role model“ во општеството. Според мене, неговата филозофија за третманот на талентираните кошаркари е вистинскиот начин. Без домашно воспитување и без образование, млад играч многу потешко трпи авторитет, слуша и дејствува дисциплинирано и секако води спортски живот и е имун на лошите пороци.

Бевте извонреден кошаркар, но повредите ве примораа да се повлечете од кошарката на само 30 години. Претпоставувам дека ниту еден спортист не е подготвен на такво сценарио, особено на таа возраст, но колку тоа Ве погоди во смисла на дилемата – што понатаму?

- Од тој аспект немав многу среќа во мојата кариера, и до мојата 30 година имав дури 4 оперативни зафати на колената и на скочниот зглоб. Тоа беше причина да се откажам многу порано отколку што замислував и очекував. Секој спортист сонува да прекине со спортување од природни причини, односно да го дочека својот природен старосен спортски век. Мене лично ме погоди неочекуваниот крај на кариерата и бев многу тврдоглав да продолжам со играње кошарка, не престанував со терапии и посетување на рехабилитационите центри, за на крајот после неколку месеци конечно да сфатам дека навистина дошол крајот и време е за нов живот.

Кога ја донесов таа одлука, единствената светла точка во мојата глава беше „добро е, имам диплома, јас сум дипломиран економист и имав успешна кариера па ќе можам да го поминам полесно овој период и ќе се снајдам, сè е во ред“. Не беше едноставен тој премин, имав многу идеи и размислувања за како и каде да продолжам да работам но се решив да продолжам во областа на спортот. Првото мое работно искуство го почнав како тренер во младинските категории на КК „МЗТ Скопје Аеродром“ - прво како тренер, а потоа како координатор на младинската школа, за после две години да се вработам во Агенцијата за млади и спорт.

За еден спортист кој имал многу динамично секојдневие, да седне на столче и осум часа да работи административна работа е навистина голем предизивик. Мислам дека успешно го поминав тој предизвик и еве веќе седма година сум во Агенцијата за млади и спорт.

Спортските психолози честопати употребуваат една реченица за која сметаат дека најверно го отсликува животот на спортистот, а тоа е дека тој умира два пати – првиот пат кога ќе заврши кариерата. Колку има вистина во тоа?

- И тоа како има вистина. Потврдувам дека тоа е многу вистинито, го имам почувствувано и јас лично. Спортскиот век кој си има позитивни работи, од финансиски, статусот во општеството, влијанието врз луѓето - во истиот момент кога веќе не сте активен спортист, кога не сте на терен пред полна сала, тоа многу брзо се заборава од поблиското и подалечното окружувањето, и за мене лично од тој момент почна адаптирањето на новиот реален животен век. Поддршката од моето семејство, особено раѓањето на мојата ќерка во тој период, моите родители, моите браќа, можам да кажам дека имав среќа да бидам опкружен и со вистински другари, и прилично брзо и успешно го пребродив тој период.

Векот на спортската кариера е значително покус во однос на останатите професии – лекари, професори, возачи, новинари, итн. Колку се спортистите самите свесни за тоа на нејзиниот почеток?

- Сметам дека спортистите се свесни, да, можеби не на самиот почеток, но со тек на време, со размена на информации и искуства со постарите колеги, некој повеќе некој помалку, но конкретно во кошарката, на возраста од околу 35 години веќе кошаркарите во Македонија почнуваат да размислуваат за пензионирање, односно за завршување со професионално играње кошарка и размислуваат како понатаму да продолжат да бидат финансиски стабилни.

Нема гаранција за комотен живот

Колкава е важноста еден млад спортист во самиот зародиш на својата кариера да има некого кој ќе знае да го посоветува околу формалното образование и неговиот избор?

- Важноста е преголема. Не секој можеби има таква среќа да има некој околу себе да му укаже дека формалното образование ќе му биде најголема вредност во животот. Затоа и тренерите во спортските клубови, особено оние кои работат со млади категории, како дел од своите обврски имаат и да ги контролираат своите млади спортисти какви ученици се, дали имаат неоправдани отсуства, дали се примерни.

Под претпоставка дека спортистот навистина има свест и волја образовно да се развива паралелно со спортската кариера – колку и самиот спортски живот и обврски го дозволуваат тоа?

- Кога сте дел од професионалниот спорт, време и енергија има многу малку во текот на денот за учење и посветување на образованието. Два пати на ден тренинг, патувања, а и социјализацијата која е малку повеќе потребна за еден спортист поради тоа што е половина ден во спортска сала, се сериозни пречки за континуирано учење односно образување. Волјата е клучот за тоа дали професионалниот спортист ќе успее да биде високо образован или не. Успехот во средното училиште е исто така индивидуална волја на секој спортист дали ќе биде одличен, добар или доволен. Свеста за тоа колку е потребно и корисно образованието во текот на целиот животен век според мене е доволна мотивација за учење и образување.

Дури и физички најподготвените спортисти, кариерата ја завршуваат некаде во пресрет на својата четириесетта година – пред нив е практично цел еден нов живот. Голем дел од нив за време на кариерата не заработува огромни суми како што честопати се мисли во јавноста. Ова особено важи за Македонија. Доколку немаат опција да останат во спортот како тренери или функционери, колкава е опасноста по нивната егзистениција ако немаат формално образование или, да речеме, резервна професија?

- Финансиските услови во Македонија кои ги нудат спортските клубови, во текот на една кариера на успешен спортист, не гарантираат дека до крајот на својот живот ќе можат да функционираат и живеат комотно. Голем процент од професионалните спортисти продолжуваат во спортот, на некоја од функциите кои ги нудат спортските клубови и спортските субјекти - нели, тоа го правеле долг период и логично е да се случува. Сепак, реалноста е дека нема доволно спортски професионални клубови и спортски субјекти кои можат да ги ангажираат сите спортисти кои се пензионираат. Тука почнува тој ризик и неизвесност за оние кои немаат формално соодветно образование, едноставно да почнат да експериментираат со инвестиции или стартување на реализација на своите идеи за финансиски бенефит. Во Македонија, искуствата, за жал, покажуваат дека има многу повеќе негативни примери отколку позитивни.

Постои ли ризик доколку навремено не е размислено околу прашањето што после кариерата, самиот спортист да се соочи со депресија?

- Сметам дека да. Притисокот да се почне со нова кариера која би била финансиски ефикасна како периодот кога некој бил спортист е многу голем, и неисполнувањето на очекувањата можат да влијаат на човековата психа. Често гледаме примери како поранешни спортисти се покорени од модерните пороци.

Не можеме да го занемариме и постоењето на еден друг проблем, кој се чини дека е пораспространет во сегашното модерно време кога е сè на дофат на раката – дури и оние спортисти кои заработуваат натпросечно и би можеле да си овозможат лагоден и безгрижен „пензионерски“ живот, во младоста трошат нерационално, сметајќи дека, со народен речник кажано, никогаш нема да снема. Од колкава важност е и тие да бидат правилно советувани уште од моментот кога големите пари сè уште не почнале да пристигнуваат?

- Многу е важно. Нормално е дека што порано сфатат дека колку и да заработуваат, колкав и да е договорот од соништата, 21 век е многу скап и може лесно за брзо време да се потроши сè што е заработено. Затоа, големите клубови во Европа и цела лига во НБА, имаат задолжителни предавања по финансиски совети и планови, за правилно распоредување на своите пари. Често гледаме примери на социјалните мрежи како врвни НБА ѕвезди неколку години по завршување на својата кариера прогласуваат банкрот. Истите додека играле, се однесувале како кралеви.

Двојна кариера

Во светот веќе и не може да се замисли сериозна држава која сериозно вложува во спортот, а која не посветува внимание на освестување и насочување на спортистите кон тоа после кариерата да го најдат својот пат – помеѓу останатото, и преку формалното образование. Имате голем број контакти и пријатели низ сите меридијани, па што велат вашите сознанија, како во пракса функционира и како помага тоа?

- Во пракса тоа е називот на проектот „двојна кариера“ -  додека сте уште активен, да можете да изберете дејност во која може да се просперира и заработи, да се насочите и да почнете да размислувате, истражувате и навлезете во целата таа област на интерес. Во Македонија, мислам дека тоа не е доволно застапено и не се обрнува доволно внимение. Секој спортист, тоа секој треба да го знае, е многу горд - да не кажам со значително поголемо его, и не избира да работи било што. Затоа, ова е многу важна тема на која треба да се работи значително.

Каква е состојбата кај нас во поглед на истиот проблем? Има ли Македонија начин, или барем идеи, како да се погрижи за спортистите подготвени да го дочекаат тој „нов живот“?

- Во Македонија има стручни лица кои можат да подготват спортска стратегија за оваа проблематика и верувам со вистинската презентација ќе може да се обезбеди солиден буџет од државата за да може да се покрене реализацијата. Кај нас сè уште нема ништо конкретно покренето да се реши дел од оваа тема.

Колку поранешните спортисти во пракса ги советуваат и им помагаат на помладите и сè уште активни колеги чија кариера се приближува кон крајот?

- Поранешните и постарите спортисти ги советуваат помладите. Знам, бидејќи и мене ме советувале и несебично ги споделувале своите грешки и грешките на нивните постари колеги. Предноста на спортот е солидарноста и пренесувањето на позитивните искутва како на терен така и вон него. Тука зборувам за животни и финансиски искуства.

Кои би биле Вашите препораки и совети – и за самите спортисти, но и за надлежните кои ја имаат моќта да помогнат во пракса?

- Моето размислување околу финансирањето и инвестирањето во спортот е дека секој вложен денар во спортот има голем бенефит кој се враќа повеќекратно во општеството. Младата популација како двигател на секое општество, со ефикасна спортска стратегија и политика, ќе може да резултира и да се развие во поздрава нација, помалку млади кои користат модерни пороци, поголема социјализација, поголема промоција на својата држава во европски и светски рамки, и многу други примери што една држава ќе ги има на своја позитивна страна. Инвестирањето во спортот и спортската инфраструктура е клуч за здрава и продуктивна млада популација.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Никола Здравковиќ
Фото: Наке Батев