fbpx

Гутиерез: Најдобрата одбрана од дезинформациите е квалитетното новинарство

Интервју

13.06.24

Прегледи

Извештајот на Репортери без граници за слободата на печатот (РСФ), објавен неодамна, предупредува дека слободата на медиумите е загрозена токму од оние кои треба да бдеат врз неа и да ја сочуваат од притисоци. Сè поголем број влади не ја исполнуваат својата улога на гарант за правото на јавноста на веродостојни, независни и плурални информации. РСФ бележи „загрижувачко влошување на поддршката и почитувањето на медиумската автономија и зголемување на притисокот што го врши државата или другите политички актери“. Македонија се наоѓа годинава на 36. место и е најдобро рангирана во нашиот регион, подобро и од Хрватска или Словенија, а блиску до Австрија која е на 32. место.

Но, во некои од западните земји, медиумските слободи се сериозно загрозени.

За ова влошување на медиумските слободи во либералните демократии во ЕУ, разговаравме со генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез. Неговиот заклучок е генерален пад на безбедноста на новинарите насекаде во Европа.

Новинарството и слободата на медиумите во Европа се под закана и притисок на сé повеќе влади. Останаа ли земји со вистнска слобода на печатот?

-Повеќе нема безбедни земји. До пред 20 години проблемите беа во земји како Азербејџан, Русија, Турција, но во старите европски демократии немаше проблем, беа безбедни. Денес тоа не е случај. Ако ја погледнете аларм-платформата на Советот на Европа, ќе видите дека земјата во која има најмногу аларми се Турција, Русија, Украина и на четврто место е Франција! Петта е Србија, шеста е Италија! Две земји со либерална традиција стануваат земји во кои има голем број нарушувања на слободата на медиумите. Точно е дека во Франција нема новинари во затвор како во Русија, но има случаи на заплашување, вознемирување и дури физички закани за физичкиот интегритет на новинарите. И тоа е навистина загрижувачко. Гледаме дека тоа што некогаш беше карактеристично за некои земји, денес е генерализирано.

РСФ вели дека државите не го штитат новинарството. Од ова што го велите, излегува дека новинарството треба да се заштити од државите?

-Да. Ако ја погледнете платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството, всушност може да се види дека сите аларми се класирани според критериумот на изворот на алармот. Дали изворот е државен како полиција, правните институции или некој министер за внатрешни работи навредил новинар, потоа има недржавни извори или непознати извори како кога новинарот ќе добие закани за убиство и не знае дали е тоа некој што застапува држава или мафија итн. Изворите се класирани според три категории. Државните извори претставуваат 60 отсто од 1.800 аларми или тешки нарушувања на слободата на новинарите кои се регистрирани од 2015 година. Значи, главната закана доаѓа од државите и нивните органи. Насекаде! Пред скоро време, премиерот на Малта, на прес-конференција, нападна новинар во трамповски стил од типот на „новинарите се непријатели на народот“ или „непријатели на естаблишментот“. И сето тоа покрај напорите на оваа земја во вистинска насока по убиството на новинарката на Дафне Каруана Галициа. Ова е нов елемент во западна Европа и во либералните демократии. Реторика која ги обвинува новинарите и се обидува да им ја одземе мисијата на одбрана на јавниот интерес. Новинарот е тој што треба да бара отчет од оние кои ја имаат власта во интерес на граѓаните.

За жал, оваа реторика на властите има успех. И тоа го прават политичарите од сите партии, не само конзервативните партии туку и прогресивците. На Малта премиерот е социјалист. Целта им е да ја ослабнат моќта на медиумите. И тоа го прават со декредибилизирање на новинарството. Ова струење постои во сите земји. Порано тоа беше само Орбан, а сега го гледаме насекаде.

Ние во Македонија го познаваме тој феномен. За време на владеењето на Никола Груевски, пред десетина години, ова што го опишувате беше присутно кај нас. Може ли да се спореди?

-Да, но сега е тоа генерализирано. Повеќе пати повторувам дека одбраната на новинарството не значи одбрана на корпоратизмот, туку е одбрана на граѓаните за да добијат пристап до независна, слободна и плурална информација. Граѓаните се лишени од пристап до вакви информации и изложени на владина пропаганда или пропаганда на социјалните мрежи.

Тоа е вториот проблем, дискредитирање на традиционалните медиуми. Така што граѓаните ги напуштаат овие медиуми  и за да се информираат одат на Фејсбук итн. Овие мрежи даваат пристап до информации. Но, прашањето е - до кои информации? Како пример, еве што мене ми се случи. На Фејсбук објавив официјално соопштение на високиот комесар на Обединетите Нации за човекови права за ова што се случува во Газа. Соопштението констатира дека се направени ѕверства во една болница, дека имало тортура. Го постирав ова соопштение без да додадам мој коментар. Ставив цитат од соопштението во делот каде можете да ставите ваш коментар. Фејсбук ја ретроградираше оваа објава со порака до мене дека ги нарушувам стандардите на ФБ заедницата. Тоа значи дека сме им дале на приватни лица, на сопствениците на ФБ, право да решат што може да биде објавено, а што не.

Јас не го кажав моето мислење. Во крајна линија, дури и ќе разберев ако Фејсбук сакаше да го цензурира моето лошо расположение во врска со настаните што ги опишува соопштението. Но, овде немаше мој став. Заклучок е дека напуштањето на традиционалните медиуми е ризик за манипулација на јавноста.

Може ли да се каже дека оваа ситуација се влошува откако почна рускиот напад на Украина и потоа конфликтот на Блискиот Исток?

-Експертите што работеле на ова прашање, ова го ситуираат во нападите во САД од 11 септември 2001 година. Тоа е моментот кога настапува криза на довербата на јавноста кон медиумите и потоа редица напади на властите против новинарите и медиумите. Пред сè прислушување и следење. Интересно е во тој поглед да се види филмот на Лора Поатрас насловен „Граѓанинот бр 4“ за Едвард Сноуден. Филмот ги раскажува првите контакти на Сноуден со новинарите и може да се види како функционира еден свиркач, која е одговорноста на новинарот итн.

Филмот, исто така, покажува како државите стануваат репресивни со новинарите и свиркачите. Тезата на овој документарец е дека точката на пресврт е 11 септември. Последните конфликти придонесуваат се разбира, но има поларизација на светот што ги прави порепресивни тие што се на власт. Насекаде, не само Орбан или Путин. Тоа, исто така, е еден вид класична рамнотежа помеѓу безбедност и слобода.

Франција сакаше да се легализира незаконска пракса на следење на новинарите

Што значи тоа поточно?

-Министрите што се занимаваат со безбедност се поважни во очите на премиерот отколку тие што се баваат со одбрана на слободите. Министерот за култура спореден со тој за внатрешни, нема свој збор.

На пример, во првиот Закон за слободата на медиумите во ЕУ, усвоен, со многу мака, на крајот на 2023 година, Франција водеше битка во текстот да се внесе исклучок од принципот дека новинарите не треба да се следат разузнавачки и дека не треба да се употребуваат софтвери за следење на новинарите. Законот ќе влезе во сила дури на крајот на 2025 година. И кога ќе биде на сила, ќе можат да употребуваат такви софтвери само во многу стриктни услови. Но, Франција со тоа не се согласи. Париз сакаше да се внесе исклучок за „национална безбедност“. Значи, Франција на Макрон бараше тоа да важи штом се појави проблем со националната безбедност, а сите знаеме дека тоа може да се однесува на сè и сешто. И тоа е фрапантно.

Франција не успеа во тоа, но шест држави го поддржаа Париз, помеѓу кои и Грција и Италија на Мелони, Финска, Кипар и Шведска. За среќа, Шпанија тогаш беше на чело на ЕУ и, министерот за култура кој е прогресивен, успеа да го убеди Советот на ЕУ да не го прифати ова барање. Франција не успеа да собере доволно поддршка кај земјите членки, некои се воздржаа а на други им беше едноставно незгодно да кажат „да“, како Германците кои се бореа против францускиот предлог. Значи, за првпат во историјата се прави закон за заштита на новинарите и Франција сака да легализира нелегална пракса. РСФ објави документ на француското МВР и разузнавачката служба, во која се кажува дека тие тоа веќе го прават и дека ова била добра можност да се легализира нешто нелегално, според судската пракса на Судот за човекови права.

Франција е татковина на човековите права, либерална демократија, но и покрај тоа ситуацијата на медиумите во Франција се чини загрижувачка?

Во Франција денес има пропагандистички телевизии и радија. Тие придонесуваат за поларизација на општеството. Им даваат збор на политичари или аналитичари кои ги презираат новинарите и сосема отворено се против слободата на медиумите.

Ситуацијата е загрижувачка, а познато е дека анкетите предвидуваат дека на наредните европски избори ќе има пробив на екстремната и радикална десница. Прашањето е, во таква ситуација, каква Европска комисија (ЕК) ќе имаме. Италија на Мелони сигурно нема да предложи прогресивен комесар.

Случајот со Италија

Стравувате ли од наредниот состав на ЕУ по европските избори?

Актуелната ЕК ѝ даде поддршка на слободата на медиумите. ЕК беше релативно активна на ова поле. Тоа ѝ го должиме на комесарката Вера Јурова, прогресивна либералка од Чешка. Таа знае што е диктатура и се бори против тоа. Познато е дека слободата на медиумите не е надлежност на ЕУ, но таа успеа да протне мал буџет за оваа област преку пилот-проекти. Факт е дека ЕК направи повеќе во споредба со претходните колеџи на ЕК, но тоа сепак останува капка вода во море. Јурова тоа го стави под капата на единствениот пазар, со наратив дека за здрав единствен пазар е потребна слобода на медиумите.

Стравуваме дека со конзервативна ЕК на оваа слобода нема да ѝ се даде заслуженото место. Оваа ЕК направи нешто и покрај ограничувањата во овластувањата. Оваа ЕК објави препорака за 27 влади за безбедност на новинарите. Три години подоцна, ЕК излезе со оценка за да се види дали владите направиле нешто во таа насока. Оценката ја правеше консултантската фирма „Прајс Вотерхаус Купер“.

Тој извештај ја покажува пасивноста на државите во земјите членки, но констатира дека ситуацијата е толку лоша, што се препорачува да се усвои национален план за безбедност на новинарите. Само три држави го направиле тоа - Данска, Литванија и Шведска, а три други - Грција, Латвија и Италија креирале институт. Но, тие структури не се сосема оперативни. Другите речиси ништо. Нашата асоцијација имаше реакција на ова. Штета е што медиумите не пишуваат на оваа тема, веројатно за да не бидат обвинети дека ги бранат сопствените интереси. Според мене тоа е грешка, затоа што тоа не е одбрана на медиумите туку одбрана на интересот на граѓаните.

Од 2015 година имаме алатки за оценување на состојбата на медиумите. Во светот вакви објективни алатки за набљудување има само во ЕУ. Но, драматично е што сите аларми на овие алатки светат црвено. Во однос на плурализмот на медиумите, само шест држави имаат задоволувачка состојба со плурализмот на медиумите.

Џорџа Мелони е на власт во Италија веќе една ипол година. Дали се покажаа оправдани стравувањата на сите кои велеа дека Мелони ќе креира авторитарна држава со оглед на нејзиниот екстремно десен бекраунд?

-Италија е пример како може ситуацијата да се влоши за многу краток период. Партијата на Мелони, Браќата на Италија, е екстремно десна партија со фашистички корени. И во само неколку месеци, една речиси нормална ситуација, се влоши. Националниот радио ТВ сервис РАИ е тотално заробен. Социјалдемократите на екс-премиерот Матео Ренци погрешија што не ѝ гарантираа независност на РАИ. Тие всушност ги воведоа сите алатки кои ѝ овозможија на екстремната десница денес да го зароби РАИ. Денес тие ги користат правилата што постојат и не го кршат законот. Воведена е цензура.

Веројатно ѝ е познат на јавноста настанот од 25 април, Денот на ослободувањето на Италија од фашизмот. Тој ден на РАИ беше поканет писателот Скурати. Неговиот настап беше откажан. За среќа, презентерката на емисијата, за да го покаже револтот на новинарите, го прочита текстот на Скурати што тој требаше да го чита. Цензурата не успеа, но благодарение на храброста на некои од новинарите. Заробена е, исто така, и националната прес-агенција. Државата ја продава агенцијата на еден пратеник од Браќата на Италија.

Се зголемува бројот СЛАПП процедурите против приватните медиуми како либералниот левичарски весник „Домани“. Весникот е изложен на напади од министри, особено од министерот за одбрана и против весникот се водат судски процеси за да се замолчи малата новинарска екипа.

Италија, исто така, го модифицира Законот против клевета за да се зголемат казните. Казна што ќе се зголеми на 50.000 евра. Замислете независен новинар да треба да плати 50.000 евра!? Тоа е алатка за автоцензура. Неверојатно. И нон стоп има владини говори против медиумите, новинарите. Сето тоа води во пад, од нормална состојба, во режим во кој слободата на медиумите е под вистинска закана. И тоа во сосема демократска држава.

Може ли да се каже дека со вакви нарушувања, дека овие земји членки на ЕУ, да беа денес кандидати за членство, немаше да ги исполнат критериумите?

-Кога ќе стапи на сила Законот на ЕУ за слобода на медиумите на крајот на 2025 година, Италија, каква што е денес, би била одбиена за членство. Проблем е што тие одредби за заштита доаѓаат многу доцна. Проблем е, исто така, што тој закон ќе стапи на сила со одложен рок. Нормално, вакви закони треба да стапат на сила веднаш штом бидат усвоени. Но, овој пат, за некои одредби од овој закон владите имаат 9 месеци рок за примена, а за други 15 месеци. Ова е за првпат една регулатива на ЕУ да добие таков долг рок за примена. Оправдувањето на владите беше дека за примена треба промена на закони и дека тоа бара време. Точно е дека стапувањето на сила на Законот за слобода на медиумите бара промена на закони за медиумите или јавните аудио-визуелни сервиси. Сепак, роковите се предлоги.

Добрата работа на Балканот е отпорот

Каква е ситуацијата во другите членки на ЕУ?

Во Грција е проблем следењето на новинарите. Убиството на Јоргос Караиваз сè уште не е расветлено. И бројот на случаи на шпионирање со употреба на софтвери како Предатор итн, покажува дека тоа тотално ја нарушува работата на новинарот. Нема слобода на медиумите без заштита на изворите на новинарот. Ќе дојдеме во ситуација во која новинарите ќе мораат да работат како мафијата, без мобилни телефони, само со хартијa. Oсвен тоа, се криминализираат новинарите кои се обидуваат да ги заштитат своите извори.

Во Германија, исто така, има проблем, а тоа е притисокот врз новинарите од страна на есктремно десната партија АфД (Алтернатива за Германија). Особено за време на протестите. Новинарите се напаѓани дури и физички, а полицијата не ги штити доволно и тоа е проблем. Значи, не е проблем само АфД, туку и пасивноста на властите.

Во Белгија, во фламанскиот регион, здружението на новинари е навистина сериозно загрижено. До нив стасуваат вести за сé повеќе новинари врз кои се прави притисок од страна на екстремно десната партија Вламс Беланг. Новинарите отворено кажуваат дека практикуваат автоцензура. А Вламс Беланг не е дел од владата на Фландрија. Оловниот покрив од кој се стравува со доаѓањето на власт на екстремната десница, е веќе присутен, а крајната десница сé уште не е на власт!

Цел на нападите се и жените новинарки. Во Франција го следиме случајот на Насира Ел Моадем (таа е цел на расистички и мизогински пораки, вклучително и смртни закани, поради твит). Цел се и новинарите специјализирани за заштита на животната средина („Медиумите и планетата во опасност“, Извештај на УНЕСКО од 3 мај). Од почетокот на оваа година утврдивме 13 случаи на новинари што биле заплашувани затоа што се бават со овие проблематики.

Кај поранешната земја-членка на ЕУ Велика Британија, на пример, беа уапсени новинари што покривале протести на Екстинкшн Ребелион,  (глобално ненасилно еколошко движење кое користи граѓанска непослушност за да ги натера владите на акција за климата). Новинарите отишле да го следат протестот и биле уапсени. Само затоа што известувале за протестот и биле сведоци на настаните. Тоа е повторно еден вид цензура. Новинарите се разбира биле ослободени после неколку часа во полиција, но тоа води кон автоцензура и заплашување, а темата не е обработена затоа што новинарот бил затворен. Накусо, граѓанинот нема да ја добие информацијата на која има право.

Се чини дека во оваа темна слика на европското новинарство, еден од ретките исклучоци е Шпанија. Се согласувате ли со тоа?

-Пред некој ден шпанскиот весник Ел Паис објави голем текст, бидејќи Владата на Санчез, која е прогресивна, најави дека ќе усвои закон против дезинформациите. А тоа е опасно. Нашата стратегија не е да се има закон. Најдобрата одбрана од дезинформациите се квалитетното новинарство, етичкото новинарство и медиумската писменост.  Луѓето да научат да прават разлика помеѓу кредибилна информација и лажна вест од Тик Ток. Трет елемент е транспарентноста на властите. Дезинформациите се хранат со недостигот на транспарентност. Закони или сајтови за да се демантираат лажните вести не дава резултати.

Макрон, на пример, сакаше закон против дезинформации што би се спроведувал само за време на избори. Нашата порака беше дека не треба закон. Треба да се одбранат и зајакнат новинарството и медиумската писменост. Разговарав тогаш со здружението на судиите во Франција и тие рекоа дека таков закон едноставно не може да се спроведе. Како еден судија може да се бори против фабрики на тролови како што видовме во Македонија или во Русија? Судија не може да ги викне на испитување. И дури ако се затвори сајтот, три минути подоцна пак е отворен под друго име.

Освен тоа, ова е контрапродуктивно и го зајакнува мислењето дека државата сака да контролира. Треба борба против дезинформациите, но не може да се гарантира една слобода со напад врз друга. Слободата на изразување денес во Европа е под закана, насекаде, насекаде, насекаде. А на владите им е поважно да гарантираат безбедност отколку да ја  гарантираат фундаменталната слобода на изразување.

И Балканот е загрижен за слободата на медиумите, но се чини дека повеќе не сме само ние лошиот пример?

-Што се однесува до Балканот, тој секогаш бил еден вид лабораторија со понекогаш позитивни искуства - има периоди кога Балканот е подобар од другите. Да, има и земји во кои слободата на печатот е задушена. Но, во Турција на пример има колективни договори кои се прогресивни, како заштита на новинари што и припаѓаат на ЛГБТ заедницата. Тоа го нема во Европа. Или мали финансиски надоместоци за новинари кои имаат домашно милениче. Тоа може да се чини безначајно, но ве уверувам дека не е. Работодавачот со тоа става на знаење дека добробитта на вработениот е битна и дека миленичето придонесува во таа насока. Во Европа не би се ни осмелиле да тргнат во такво нешто. Во Турција има силно граѓанско општество. Како и на Балканот.

Тоа што е добро во Турција и на Балканот, и покрај лошите услови за работа, е отпорот. И во таа борба тие често го добиваат тоа што е потребно и покрај лошата ситуација, корупцијата и мафијата кои се борат за доминација на индивидуалните интереси а не за општествените. Вие сте во освојување на тој терен, додека на Запад се чувствува повлекување и самоодбрана. На Запад се борат да ги зачуваат придобивките. Логиката е поинаква.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Светлана Јовановска
Фото: Слаѓан Милошевски