fbpx

Јасмин Куреши: Жените носат поинаква перспектива во политиката

Интервју

15.02.24

Прегледи

Со учество на жените во политиката општествата се понапредни и просперитетни- вака може да ја сумираме пораката на британската пратеничка Јасмин Куреши која деновиве беше во посета на нашата земја. Оваа пратеничка е посебна по многу нешта: успешно го носи своето пакистанско потекло во британската политика во која влегла на 16-годишна возраст и тоа го крунисува со успех- таа е една од трите први жени муслиманки кои зачекорија во Парламентот како пратенички.

Со оглед на темата за која дојдовте во Македонија, нашето прво прашање до Вас е кои се бариерите и предизвиците со кои се соочуваат жените во политиката?

-Жените и во денешно време се претежно ориентирани кон семејството. Ако некој се разболи во домот, на крајот жената се грижи за нив. Без разлика дали станува збор за воспитување деца, дали се работи за грижа за повозрасни родители или членови на семејството, најчесто одговорноста е кај жените. А тоа значи дека тие не можат да бидат слободни и со можности да прават работи како некој што ја нема таа одговорност. А често тоа се мажите кои ја немаат таа одговорност. Кога ќе се вклучите во политиката, важна работа е да имате флексибилност, да можете да излезете и да работите, да присуствувате на состаноци, да присуствувате на настани, да присуствувате на митинзи. Но, ако имате обврски да се грижите за други членови на семејството или за нешто друго, тогаш е многу потешко. И мислам дека тоа е една од најголемите бариери за жените.

Другото е, се разбира, општеството да признае дека жените треба да се занимаваат со политика. И тоа бара и време, бидејќи, знаете, луѓето не сакаат брзо да се откажат од својата моќ. Кога политиката се контролира од мнозинството мажи, нивниот број ќе се намали ако влезат повеќе жени. Што значи дека и тие се неподготвени да им направат простор на другите. Значи, борбата е против тоа, а потоа се разбира, да се увери и општеството дека жените можат да направат сè. Тие можат да бидат политичарки, можат да бидат министри, можат да бидат премиери и претседатели.

Така што, мислам дека многу од почетните бариери се она што би го нарекле социјални бариери, можеби културолошки бариери, и тие се оние што треба да ги надминеме. И мислам дека штом ќе ги надминеме, животот ќе биде полесен.

Влеговте во политиката на 16 години. Дали политиката е безбедно место за жените, дури и во Велика Британија? Прашувам затоа што темата за учество на жените во политиката е сè уште актуелна насекаде во светот....Дали жените се добредојдени со оглед на тоа што мажите ја сметаат политиката за „машки клуб“?

-Кога реков дека се приклучив на Лабуристичката партија на 16 години, да кажам дека голем дел од мојата работа беше внатре во рамките на Лабуристичката партија. Не беше тоа политичка функција, туку позадинска работа, подготовка на материјал, да доставуваш материјали, да разговараш со луѓе и слични работи. И да бидам искрена, добро беше. Немаше никакви проблеми таму. Кога станав пратеник, беше поинаку. На социјалните медиуми, има многу тролање, луѓето ги злоупотребуваат на социјалните мрежи. И тоа мислам дека е повеќе против жените отколку против мажите. И тоа мислам дека ги обесхрабрува некои жени. Но, секако дека не мислам оти Обединетото Кралство е насилно место. Не го чувствувам тоа. Се чувствувам прилично безбедно.

Може во различни земји, во различни делови на светот, кадешто има проблеми, секако може да има доста политичко насилство. Но, во Обединетото Кралство ние сме добро. Имавме еден или двајца пратеници кои беа избодени до смрт, едната беше жена, а еден маж пратеник. Значи, не мислам дека тоа е нужно поврзано со родот во Обединетото Кралство. Злоупотребата на социјалните мрежи е многу поврзана со родот.

Професијата е ветер во грб за политиката

Со какви предизвици се соочивте на патот по кој ја градевте Вашата политичка кариера? Вие сте една од првите три муслиманки избрани во британскиот Парламент. Можеби сте имале некои пречки на тој пат?

-Кога имав 16 години се приклучив на Лабуристичката партија, но сè уште бев студент. Мислам дека тоа што сум адвокат по професија, тоа што се занимавам со адвокатура, ми помогна да станам многу посилна личност, многу поспособна да се залагам за она што сакав да го работам. И мислам дека тоа ме направи помалку плашлива.

Но, влегувањето во реална политика беше друго. Прво, затоа што сум жена, а и муслиманка, и не сум бела. Сите овие три прашања беа предизвик за мене. Но, претпоставувам, така е и со многу други работи, нели? Ако сакате нешто доволно многу, и имате можност и ги имате ресурсите, тогаш можете да го направите тоа. Имав среќа поради мојата професија, имав добри приходи и можев да си дозволам да патувам на различни места. Овде слушнав искуство дека партиите давале пари на жените ако сакаат да присуствуваат на состаноци. Мојата партија не правеше ништо во тие денови кога јас сакав да успеам.

Но, бидејќи бев финансиски стабилна јас можев да ги правам тие работи. Тоа ми помогна. Не морав да се потпирам на никого. Но, за многу жени не е таков случајот. Не сите имаат професија што може да им биде поддршка. Значи, тие комбинирани фактори и желбата да се стане пратеник, тоа е многу важно. Навистина го сакав тоа.

Дали имате некое корисно искуство да споделите со жените во Македонија кои сакаат да влезат во политиката, но се плашат од стигматизација?

-Она што би им го кажала на жените е, ве молам, не дозволувајте луѓето да ве плашат. Не дозволувајте некој да ве плаши. Правете го она што сакате да го правите. Ако навистина сакате да влезете во политиката, само направете го тоа. Тоа е како било што друго во животот, нели? Без разлика дали сакате да бидете лекар, адвокат, новинар, актер, само работете на тоа. Не дозволувајте да ве поколебаат, никој на овој свет нема да ви даде ништо што сакате. Треба да се борите за тоа. Без разлика дали ќе станете новинар, или што и да е, треба да се борите.

Би рекла, мојот е добар пример. Дојдов во Обединетото Кралство кога имав 9 години, не сум ни родена во Обединетото Кралство. Не припаѓам ниту на мнозинската вера. Да го помине некој како мене сето ова, требаше долго време. Но, добро е, се надевам дека е охрабрување за секого.

И мажите можат да ја вклучат машината за перење

Колку медиумските наративи можат негативно да влијаат на статусот на жените дома и на работното место?

-За среќа сега малку се оддалечуваме од социјалните мрежи. Во Обединетото Кралство, порано, секогаш кога се рекламираше било што поврзано со апарати за домаќинство, како шпорет или фрижидер или храна, секогаш беа жените што ги прикажуваа како мијат, жените готвеа. Сега, всушност покажуваат и мажи како го прават тоа и мислам дека тоа може да направи многу разлика затоа што луѓето почнуваат да размислуваат, дека мажите можат да ги стават алиштата во машината за перење, можат да готват за децата. Значи, тоа се позитивни работи и мислам дека тоа ќе помогне. И ако го немате тоа, само продолжува стереотипизирањето дека ова е улога на жените.

Медиумите секако можат многу да помогнат во ослободувањето од она што е таканаречена женска, а што е машка работа. А, ако тие ги туркаат традиционалните улоги, тогаш тоа не им помага на жените. Сакале да признаеме или не, на сите нам ни влијае она што го читаме и гледаме во весниците, на телевизија и во медиумите.

Што губиме ако нема учество на жените во политиката? Каков баланс носат жените во политиката?

-Мислам дека навистина жените имаат различен начин на размислување. И во моето искуство увидов дека жените имаат тенденција да бидат многу повеќе кооперативни, обидувајќи се да бараат решение. Мислам дека има еден елемент, што мислам дека е важен. Успешно е она општество каде има жени кои се активни на работното место, на пазарот на трудот, кои имаат добри работни места. Затоа што жените носат поинаква перспектива и исто така гледаат на работите поинаку. Освен тоа, имајте на ум дека во повеќето земји, речиси половина од населението се жени, мислам дека е навистина важно да ги има во системот, бидејќи тие се разликуваат, размислуваат поинаку, и поинаку ќе гледаат на работите.

Партиите да ги промовираат жените

Имате долгогодишно политичко искуство, па дали имате совет за локалните политички актери овде во Македонија како да ги отворат политичките партии за жените?

-Првото нешто што би им го кажала на луѓето е, придружете се на политичка партија, која ги споделува вашите ставови. Потоа, вклучете се во политичката партија. Знаете, многу политички партии се фокусираат на кампања, изработка на материјали, достава на материјали, разговор со луѓе, митинзи, демонстрации, што сакате да правите. Вклучете се, но и политичките партии треба да имаат систем каде што активно треба да ги промовираат жените во нивната партија.

Во Англија имаме систем каде директно ве избираат од вашата област, изборна единица, а знам дека во Македонија има пропорционален систем, така што е малку поинаку. Но, она што треба да го направат партиите е, кога ќе ја направат својата листа на кандидати кои сакаат да ги кандидираат на избори, да ги стават жените на врвот. Наместо жената да биде број 10 на листата, можеби жените треба да бидат 1 и 2, а потоа мажите да бидат 3 и 4, така што кога доделувате пратенички места, кога победувате, тоа е позитивен начин на кој политичките партии можат да го направат тоа.

И, исто така, тие можат да ги охрабрат жените, да им создадат безбеден простор, да се погрижат жените да се чувствуваат удобно. Има многу што може да се направи, ако партиите сакаат да направат.

Како би ги поттикнале жените и девојките во Македонија да бидат активни во политиката?

-Мислам дека треба, како што реков, само да се вклучат во кампања. Не мора да се дел од политичка партија за да се вклучат во политика. Политиката значи и групи за притисок, водење кампања за одредено прашање, пристап до високо образование или слично. Има многу различни групи на притисок, или волонтерски групи кои работат. Вклучете се во тие групи, обидете се да видите што прават. Дали се работи за попреченост или ментално здравје или стари лица, или, знаете, луѓе од посиромашно потекло, организации кои им помагаат. Можете да се вклучите во сите овие работи, што е начин на учество во граѓанското општество, а тоа често може да ве доведе и до политиката.  Значи да се излезе од дома на некој начин и да се направи нешто. И мислам дека мора да станат поактивни.

На пример, работев во Лабуристичката партија, сè уште учев во исто време, но станав и советник на училиште, па факултет, на дообразување, се занимавав со правнички работи волонтерски. Имаше многу работи што ги работев, а тоа беше неплатена работа, бидејќи мојата вистинска работа беше како адвокат. Треба да ги правите тие работи затоа што дознавате како функционира општеството, ви дава искуство како да се однесувате со луѓето, а исто така учите многу за тоа како функционираат различни организации, како работи владата, како работат локалните совети, парламентот. Така што, кога ќе посакате да бидете пратеник, ќе ви биде навистина значајна помош тоа што сте ги поминале сите тие лекции. Тоа покажува дека сте сериозна личност, дека сте некој што е веродостоен.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Иван Поповиќ
&nbsp