fbpx

Биљана Јеремиќ: Во Скопје има само 11 инспектори за борба против семејно насилство

Интервју

20.06.24

Прегледи

Биљана Јеремиќ е началник во Одделение за семејно насилство при Министерството за внатрешни работи во СВР Скопје со работен стаж започнат од 2001 година. Во нејзината меморија има многу случаи на семејно насилство и многу солзи на жени кои биле жртви. Изминатиот период во јавноста имаше многу случаи кои завршија дури трагично, каде причината е семејното насилство. Токму тоа беше причината таа да ни биде сооворник со кој ќе зборуваме за тоа дали нашата држава има доволно кадар и ресурси за да може да се справи со семејното насилство како проблем, но и како тие како инспектори го носат товарот од несреќните судбини на жртвите, кога во исто време треба и да им помогнат.

Што значи да се биде жена-инспектор за семејно насилство? Каква е обврската кога ќе се соочите, од една страна со жртвите, а од друга со насилниците, имајќи предвид дека иако повеќето жртви се жени, сепак ги има и од другата страна?

Евидентно е дека државата инвенстира средства што може да се забележи по бројните обуки, работилници, трибини и друг тип на средби што е особено значајно заради стекнување и размена на искуства во полето на родово базирано насилство и семејно насилство. На ниво на град Скопје делуваат само 11 полициски службеници што укажува дека сме дефицитарен кадар, имам чуство како државата да затаила и не се залага доволно или пак релевантните фактори не се запознаени со состојбата на терен со речиси секојдневните пријави за телесно повредени жени жртви на семејно насилство. Поради обемната работа и работата со лица жртви сме под постојан стрес, кој всушност и не го препознаваме додека не се манифестира некое ментантално или физичко заболување како резултат на континуираниот стрес. Научивме да живееме со несреќните судбини на жртвите.

Што е конкретно Вашата работа и што за СВР Скопје значи семејното насилство и пристапот кон оваа категорија која опфаќа малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство?

Да се биде жена инспектор во ова традиционално општество каде домашните обврски или обврските на работа се делат на машки и женски и сè уште постои размислување дека мажот е „глава на семејството“ и притоа трудот на мажот е повеќе вреднуван за разлика од жената, заради самиот факт што е маж, е голем предизвик за нас жените, кои сме упорни истрајни и достојни на сите задачи. Приоритет на секој инспектор/ка е заштита на жртвите и санкционирање на сторителот.

Биљана Јеремиќ е началник во Одделение за семејно насилство при Министерството за внатрешни работи во СВР Скопје

Има ли Скопје доволно инспектори за семејно насилство, колку од нив се жени, а колку мажи и дали оние кои излегуваат на самото место каде има случаи на семејно насилство се зашитени и безбедни?

Скопје има едвај 11 полициски службеници за семејно насилство, доминатна е застапеноста на жени односно 7 инспекторки и 4 инспектори. Безбедноста на инспекторите е приоритет и секогаш излегуваат на терен најмалку по двајца, а онаму каде има висок ризик при нашето постапување, се вклучуваат и инспекторите од нашата организациона единица, униформирани полициски службеници од месно надлежна полициска станица, но и униформирани полициски службеници од единица за јавен ред и мир кои освен што преземаат мерки и активности од нивна надлежност, воедно, внимаваат и за нашата безбедност.

Колку е текна линијата од семејно насилство до убиство?

Надлежните институции при вршење на работите од својата надлежност се должни веднаш и не подоцна од 12 часа, да направат проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзинто семејство, (се пополнува образец со содржани прашања, а според одговорите се утврдува висината на сериозноста) проценка на ризик од повторување на насилството со цел управување со ризик и обезбедување мерки за координирана заштита и помош на жртвата. Полицискиот службеник кој ќе процени дека на самото место постои висок ризик од непосредна сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзинто семејство, ќе го лиши од слобода сторителот согласно закон. Обично ние кои постапуваме 24/7 и сме во контакт и работиме со жртви и сторители, умееме да ја процениме и да го предвидиме идниот тек на постапување, но постојат и исклучоци.

На пример, пред околу 13 години имаше еден специфичен случај на семејно насилство. Стануваше збор за сопружници, односно сопруг кој бил насилен за време на долгогодишното нивно заедничко живеење. Чашата се прелеала откако тој го сторил насилството во присуство на нивната ќерка која се обидела да го отргне, да го одврати. По поднесената пријава од од жртвата, од страна на полициските службеници била придружувана до надлежна здраствена установа, а воедно и беше и понудено сместување во сигурносна куќа, што таа го одбила и заминала во својот дом. Веднаш истиот ден откако е обезбеден сторителот, извршен е разговор со него, при што тој јасно манифестираше каење, плачеше, ветуваше дека никогаш повторно нема да го стори насилството, дека ја сака својата сопруга и не може животот да го замисли без неа. Но, за жал, не го исполни ветувањето, туку напротив ја лиши од живот на свиреп и подмолен начин во нивниот дом.

Или пак земајќи го како пример последното двојно убиство во с.Стајковци каде брат ги уби снаата и братот со умисла поради нарушени семејни односи. Причината за убиството е узурпирање на просторија, гаража, која сторителот сметал дека е исклучиво негова. По барање на јавниот обвинител од страна на психијатар вештак извршено му психијатрско вештачење по што е утврдено е дека лицето е свесно за постапката и дека станува збор за пресметливо лице, значи убиството го врши со намера да ги лиши од живот снаата од брат, а потоа и братот. Што да се каже за ваквите случаи? Некогаш од обична поплака за нарушени семејни односи може да прејде во убиство. Тенка е границата помеѓу пријавата за вознемирување до лишувањето од живот.

Недостига интегриран пристап на институциите

Му веруваат ли граѓаните доволно на МВР за да се охрабрат и да пријават дека трпат насилство и дека стравуваат за својот живот?

Самиот број на пријавени настани и поднесени кривични пријави до Основно јавно обвинителство говори за довербата на граѓаните во полицијата, но говори и за пожртвуваноста на инспекторите од Одделнието за семејно насилство, иако се малку по број и искуство. Во период на 2022 поднесени се 280 кривични пријави, расчистени се 320 кривични дела, а во 2023 поднесени се 180 кривични пријави и расчистени се 246 дела сторени од 234 сторители, што се забележува пад на пријавени кривични дела. Ова значи сензибилизирање на јавноста и препознавање на семејното насилство како кривично дело.

Им веруваат ли жртвите повеќе на жените-инспекторки отколку на мажите и каков е пристапот? Умеат ли и мажите да ја придобијат довербата кај жртвата, со оглед дека најчесто помош се бара за да се заштитат од лице од машки пол?

Пристапот и третманот на жртвите е индивидуален и согласно законската регулатива, сензитивноста на инспекторите произлегува од вродените или стеканатите карактеристики и вештини за постапување, мажите инспектори, исто така, се едуцирани и сензитивни при постапување со жртви на семејно насилство, па со оглед на тоа лесно ја придобиваат довербата, без оглед што се жртви на лица од машки пол. Но, секако тимот се состои од лица од двата пола заради евентуални потреби и барање на жртвата. Третманот на сторителот е дел од нашето полициско постапување согласно позитивните норми, при тоа давајки му до знаење дека државата има нулта толеранција за сторителите на семејно насилство, границата меѓу шлаканица и убиство е мала.

Има ли државава доволно ресурси за да се справи со насилството и дали сметате дека мерката со која, ако во брак жена трпи насилство, па мажот добива мерка да се оддалечи од домот кој е негов, ги лути или ги освестува насилниците?

Брзото и ефикасно меѓуинституционално постапување е клуч за заштита на жртвите. Мерката на предлог на МВР за отстранување на сторителот од домот, без оглед на сопственоста и забрана за приближување до домот, не е трајно решение за жртвата, уште помалку за сторителот, особено кога не постојат центри од затворен тип за ресоцијализација и третман на сторителите, ниту, пак, има можност за следење на мерката преку видео надзор, како што е во другите земји со ставени алки со локатор, ниту на предлог на МВР веднаш итно се изрекува мерката, па „запнува“ комуникацијата со Судот кој ги изрекува мерките... Едноставно недостига интегриран пристап. Ние го поднесуваме барањето за остранување на сторителот од домот и го доставуваме во архива на судот, а потоа се чека пристигнување на одлуката за изречената мерка, што значи итноста не се зема во предвид. Поради тоа во ситуации кога постои висок ризик од повторување на делото или е доведен во опасност животот на жртвата, откако таа ќе се смести на безбедна локација, веднаш се преземаат мерки и активности во насока на приведување/лишување на сторителот, негово задржување со предходна консултација со ЈО, односно постапуваме согласно Закон за полиција, Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Кривичниот законик.

Се практикува ли често ова како мерка и каде се сместуваат овие лица и што кога има деца во постапките?

Одделението ги третира следните кривични дела: убиство, телесна повреда, тешка телесна повреда, присилба, противправно лишување од слобода (кога делото е случено во рамки на семејното насилство), загрозување на сигурноста, демнење. Потоа, насилство врз дете, односно секоја форма на малтретирање, навредување загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на страв, вклучувајки и закани за такви дејствија спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домакинство, како и спрема поранешен и сегашен брачен другар или вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или делел истото живеалиште или не.

 Жртвите кои побарале заштита успеваат да се отргнат од насилникот

Каде жените можат да пријават семејно насилство и умеат ли да го препознаат или сè уште важат стереотипите дека една шлаканица не е насилство и дека можеби го заслужиле ќотекот?

Жртвите кои вобичаено се жени, семејното насилство го пријавуваат дирекно во 192, во месно надлежни полициски станици, дирекно во просториите на ЕНК-ОСН, во 112, Центар за социјална сабота, пријавуваат на СОС - телефоните за помош на Жртвите. Исто така, пријавите пристигнуваат и преку здравствени и образовни установи, од граѓани директно или доставуваат анонимна пријава, од здруженија на граѓани итн. Жртвите секогаш се охрабруваат од наша страна да го пријават настанот, да го пријават сторителот, да не молчат и свесно да не го прикриваат сторителот и да влезат во процесот на заштита. Оние кои ќе се согласат и ќе тргнат низ процесот на заштита, успеваат да се отргнат од рацете на насилникот, но дел од нив се двоумат, се откажуваат од понатамошниот прогон од различни, за нив оправдани, причини.

Обично жените-мајки и возрасни стари лица, жртви од своите деца се откажуваат и бараат други мерки за заштита преку Центарот за социјална работа, но и како причина се наведува дека сторителот „ќе се сменел“, се мисли на тоа дека ќе го промени однесувањето, прв пат се случува, јас сум виновна, воедно и поради лажното ветување и манипулирање од партнерот дека ќе го промени своето однесување. Тие, за жал, повторно стануваат жртви, а насилникот станува сè погласен и охрабрен.

За оние сторители кои веќе го повториле делото, а повторно постои висок ризик од повторување и веќе е процесуирана кривична пријава до Основно јавно обвинителство на наше барање и согласнот на ОЈО, се изрекуваат дополнителни мерки за заштита, што значи процесуирање на кривичната пријава во брза постапка заради одредување на дополнителни мерки како мерка притвор до изрекување на казна.

Што е вашиот совет до жртвите врз основа на искуството?

Нулта толеранција за семејното насилство, санкционирање на сторителите и нивна ресоцијализација е нашето мото. Жртвите секогаш се охрабруваат од наша страна да го пријават насилството, да го пријават сторителот, да не се срамат да не молчат, да не прикриваат нешто што навистина не е вредно штом посегнал по нечиј живот. Со оглед дека телесната повреда е по предлог на самата жртва потребна е дадена писмена согласност на записник за прием на кп, за поведување барање за водење на кривична постапка, освен во случаи на висок ризик постапката продолжува и без дадена согласност, а потребна е согласност и за нејзино сместување преку интервентниот тим, од Центрите за социјални работи, од во СОС - куќите кои им се на располагање.

Што е со економското насилство кога жените се грижат за домот, децата, готват, но не одат на работа и за сите овие големи обврски не добиваат финансиска надомест, а мажот работи и постојано им се префрла дека не придонесуваат со ништо?

Економското насилство е честа форма на насилство преку кое сторителот ја контролира секоја постапка на жртвата преку ограничување на пристапот до финансисики ресурси, образование или до пазарот на трудот. Контролните механизми меѓу другото, може да се состојат и од контрола на жртвата до здравствени услуги, вработување итн. Во нашето општество поголем број од мажите не го вреднуваат трудот на жената домаќинка која што се грижи за домот за децата за нивниот раст и развој, за мажот, за сè она што е неопходно потребно сметајки дека жената е подредена и е само исклучиво обврска на жената, не сфаќајќи дека зад успешниот маж стои жена која му дава поддршка се грижи за целото семјство, притоа оставајќи му на сопругот малку обврски во домот. Таа жртва на жената не е земена предвид, односно нема надомест за нејзиниот труд, за жал. Менувањето на перцепцијата кај мажот за вредноста на жената почнува со самото раѓање, со оглед на тоа дека едукацијата за рамноправноста на двата пола почнува од најрана возраст.

За жртвите кои ќе побараат помош во МВР секогаш без исклучоци се постапува, но кога е потребно преземањето на мерки и активности од други институции, може да го успори процесот ако немаат предвидено дежурен кадар. Обично имаме интегриран пристап со ЦСР, ОЈО и др релевантни институции. Често во постапка пред надлежен суд, жртвите се откажуваат од понатамошната постапка и тука процесот на заштита завршил, тука се повторуваат насилствата. Бидејќи, еднаш насилник-секогаш насилник и потоа повторно од почеток се преземаат мерки и активности, повторно се покренува цел систем на заштита кој трае. Значи, потребно е време за изрекување каква било мерка и незадоволството на жртвата се јавува токму тука, има чувство дека има системски недоследности, што не е така.

Имате ли добра соработка со овие институции што ги споменувате или некаде оваа комуникација може да „запне“?

Запнува комуникацијата со Судот кој ги изрекува итните мерки, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот. Едноставно недостига интегриран пристап. Ние го поднесуваме барањето за остранување на сторителот од домот и го доставуваме во архива на судот, а потоа се чека пристигнување на одлуката за изречената мерка, што значи итноста не се зема предвид, како што е предвидено во чл. 66 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство став 1, во кој е пропишан начинот на постапување, цитирам

,,Судот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од МВР, без да одржи рочиште ќе одлучи за изрекување на мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување“.

Поради ова, во ситуации кога постои висок ризик од повторување на делото или е доведен во опасност животот на жртвата, откако таа ќе смести на безбедна локација, веднаш се преземаат мерки и активности за приведување/лишување на сторителот, негово задржување со предходна консултација со ЈО, односно постапуваме согласно Законот за полиција, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, Кривичниот Законик.

Каде жените можат да пријават насилство и како се носите со случаите во кои, да речеме, жртвата пријавила, сте постапиле, но ете во текот на постапката, бидејќи не е вклучено само МВР, не сте успеале да ја заштитите жртвата, а побарала помош од вас?

Секогаш кога има пријава во Центарот за информирање и контрола 192 или месно надлежната полициска станица, по добивањето на основни информации за жртвата како место на извршување и каде е сторителот - дали е присутен во домот, дали во близина има предмети со кои може да посегне по животот на жртвата, дали заканата по живот е со употреба на огнено оружје и дали сè уште постои опасност од продолжување на кривичното дело, веднаш се упатуваат полициски службеници. Ваквите информации се неопходно потребни заради личната безбедност на полициските службеници кои пак ја обезбедуваат сигурноста на жртвата.

Работата и приказните со кои секојдневно се соочувате исцрпуваат голем дел од вашата енергија, бидејќи најчесто се тоа проблематични и специфични судбини, а често во нив има и деца.

Секогаш има случаи кои оставаат трага. Некаде длабоко во душата имам едно катче за жртвите кои минале, но и оние кои успеале да излезат од вртлогот во кој биле и жалам за оние кои ги изгубија своите животи на свиреп начин. Лошите судбини на жртвите остануваат во нашата меморија.

Како се носите со овој товар?

Работата со жртвите секојдневно исцрпува голем дел од нашата енергија, особено кога станува збор за деца жртви, без оглед дали се дирекни или индиректни жртви изложени на насилство од своите родители или најблиски членови на семејството. Сето тоа е насилство, без оглед во која форма се јавува и остава голема болка и траума. Врската меѓу умот и телото е комплексна и не е потполно разбрана, но јасно е дека кога се/сме под стрес умот може да предизвика физички симптоми како главоболки, забрзана работа на срцето, потење, сува уста, гадење, грутка во стомакот, што понатаму можат да развијат некакво заболување прифакајќи ние или не. Впрочем, соматизацијата е самата состојба кога менталните, психолошките или емоционалните фактори ќе развијат или ќе предизвикаат физички симптоми, што всушност се развиваат кај жртвите но не нè одминуваат и нас кои работиме со жртви и насилници.

Поради природата на Вашата работа, имате бенифициран стаж, односно заминувате во пензија порано од останатите на Ваша возраст кои работат други професии. Што потоа и каква порака ќе им оставите на сегашните и идните инспектори, но и на институциите?

Работам од 2001 година, и за околу 5 години активен стаж ќе заминам во пензија, но верувам дека ке продолжам да бидам активна и ќе се борам за правата на жртвите на семејно насилство, но и за права на жените и децата воедно мојата порака до сите е ,,Нулта толеранција за родово базираното насилство и за семејното насилство.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Додевска

Фотографии: Дарко Андоновски