fbpx

Михајлова-Стратилати: Ако Грција тужи, нашите аргументи ќе бидат неубедливи

Интервју

06.06.24

Прегледи

Темата за Преспанскиот договор сѐ уште ги бранува односите меѓу Македонија и Грција. Професорката по меѓународно право на Правниот факултет Елена Михајлова-Стратилати, која е и член на Европската комисија за борба против расизам и нетолеранција (ECRI) на Советот на Европа како и дел од експертската група за подготовка на уставните измени формирана од Министерството за правда во 2023 годин, во кусиот разговор што го водевме за Рес публика, вели дека државните органи се обврзани со Уставот државата да ја нарекуваат Северна Македонија. Таа посочува дека, ако продолжи вербалната војна меѓу Атина и Скопје, последиците би биле влошување на меѓународната позиција на државата. За ЕУ интеграцијата оценува дека има очигледно двоумење на големите земји од ЕУ да го олеснат пристапот на Западен Балкан.

Ги сметате ли за оправдани реакциите на Мицотакис, Фон ден Лајен, Советот на Европа,  САД и други меѓународни претставници, за одбегнувањето на зборот „Северна“ од страна на претседателката Сиљановска и Мицкоски и воопшто од новиот политички естаблишмент кој произлезе од последните избори?

-Да, реакциите се оправдани, бидејќи однесувањето на претседателката и наскоро премиерот е јасно кршење на Договорот од Преспа. Второ, затоа што ваквото однесување неповратно го повредува имиџот на земјата на меѓународен план.

Некои сметаат дека Сиљановска во моментот кога ја даваше свечената изјава сѐ уште не беше претседателка и не морала да се придржува кон уставното име. Што мислите вие?

-Сметам дека ова е оправдување соодветно само за деца. Како и да е, таа продолжи а и понатаму ќе продолжи да го користи истиот термин и по нејзината заклетва на функцијата. Видете, еден граѓанин или човек може да се повика на своето уставно или човеково право да се чувствува како што сака и да зборува како што сака. Но, кога дејствувате како државен орган, немате човекови или уставни права – тоа би бил правен апсурд, имате само уставни надлежности. Државните органи немаат права, тие имаат надлежности.

Носителот на функцијата има права кога постапува во свое индивидуално својство. Како поединец. Кога сте државен орган, должни сте да постапувате во согласност со обврските на државата која ја претставувате. Значи, вие сте обврзани со Уставот и меѓународното право државата да ја нарекувате Северна Македонија. Ако не го сторите тоа, тогаш ги прекршувате вашите обврски кон Уставот и меѓународното право. Тоа е толку едноставно. Ако челниците на ВМРО ДПМНЕ сакаат да ја нарекуваат државата Македонија додека зборуваат како индивидуи или во нивните социјални интеракции, можат да го сторат тоа. Но, не кога дејствуваат како државен актер.

Повторно, употребата на такви детски аргументи е знак дека никој не може сериозно да не сфати на меѓународно ниво.

Може ли да се очекуваат натамошни проблеми од Грција на нашиот европски пат?

-Да се каже проблеми од Грција, е потценување на работите. Грција ќе го блокира тој пат. Но, Грција не е најголемиот проблем тука. Всушност, нашиот европски пат сепак беше полн со пречки, една од кои беше очигледното двоумење на големите земји од ЕУ да го олеснат пристапот на Западен Балкан. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ им дава совршен изговор на скептиците да не го олеснат процесот. Тие ќе речат - не можеме да прифатиме да почнеме да преговараме со земја чија влада не е способна да ги почитува меѓународните обврски. Кој би бил спремен да преговара со таква влада, знаејќи дека секој договор нема да има вредност?

Меѓународните договори се закон

Што остана неисполнето од Преспанскиот договор од грчка страна а што од македонска страна?

-Кратко и јасно, сите механизми за соработка се практично замрзнати.

Какви последици може да имаме како држава ако продолжи оваа „вербална војна“  меѓу Атина и Скопје?

-Последиците би биле нарушен кредибилитет во нашите меѓународни односи и општо влошување на меѓународната позиција на државата.

Може ли навистина нешто да се смени во Преспанскиот договор или двете страни го користат за внатрешно-политички цели: ВМРО-ДПМНЕ да го оттргне вниманието на јавноста  од мегаломанските барања на ВЛЕН при составувањето на новата влада а Нова Демократија на Мицотакис да добие поени пред европските избори?

-Точно како што велите.

Кои аргументи ќе користи Македонија ако грчката страна поведе меѓународна тужба?

-Неубедливи аргументи „без заби“ во сериозни правни кругови.

Дали тужбите од ваков вид се ефикасни со оглед дека веќе добивме спор против Грција за тоа прашање, а на политички план тоа не се ефектуираше?

-Ефективноста е поврзана со последиците по имиџот и дипломатската тежина на нашата земја на меѓународен план.

Колку се цврсти билатералните договори како што е Преспанскиот меѓу Македонија и Грција и дали е лесно да се раскинат?

-Ниту еден договор и ниту еден правен документ не може да го осигура своето спроведување, ова е политичко прашање. Договорот сам по себе не може да биде слаб, оние кои се одговорни за неговата имплементација се тие кои го прават силен или слаб. Меѓународен договор е еден вид закон, може да биде важечки или неважечки. Договорот од Преспа е полноважен, но неговото спроведување не е правно прашање, тоа е поврзано со политичка волја.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Дарко Андоновски