fbpx

МОН ги дискриминира и ги дели научниците на пензионирани и вработени

Интервју

21.05.24

Прегледи

Условите за наука во Македонија се повеќе од скромни, вели пензионираниот хемичар, проф. д-р Владимир Петрушевски, кој сè уште работи на трудови и ги публикува во престижни списанија. Но, неговите публикации, за жал не се вреднувани од нашето Министерство за образование и покрај Правилникот кој е јасен и нема дискриминација меѓу активните и пензионираните членови на академската заедница. Петрушевски и овој пат се јавува како гласноговорник (н.з. беше гласен за менување на претходната ректорска управа на УКИМ), овој пат за третманот на пензионираните научници и нееднаквиот третман кој го имаат во нашата заедница, за разлика од светот, каде тие се сериозни обликувачи на јавното мислење.

Како пензиониран научник, кој е сè уште професионално активен, од оваа позиција, како денес изгледа вашата научна дејност?

-Да, во пензија сум од октомври 2021. Што се однесува до мојата научноистражувачката работа, нема големи промени, вратите на Институтот за хемија и на Природно-математичкиот факултет ми се широко отворени. Можам да ги користам инструментите (значи целокупната апаратура) што ги имаме на располагање, лабораториите, хемикалиите и библиотеките... Практично, имам слободен пристап до сè што ми беше достапно и во периодот пред пензионирањето и тоа е нормално и вообичаено на нашиот Институт. Конечно, секој труд што ќе ја види „светлината на денот“ ќе оди под фирма на Институтот, Факултетот и Универзитетот, па од мојата работа (и нашата, како пензионери) имаат корист сите набројани, вклучително и државата.

Зошто и натаму публицирам и се трудам да публицирам во престижни списанија, можеби некој ќе се праша, а одговорот не е сложен - сакам да покажам, од една страна, дека кариерата на наставниците не завршува со пензионирањето. Впрочем, не случајно сме членови на академската заедница до крајот на животот. Штом е така, ајде да направиме нешто корисно за сите: за себе, за институциите на кои припаѓаме и за нашата татковина, како што спомнав погоре. Во мојот случај имам и дополнителна мотивација во вид на две 11-годишни ќеркички. Пензијата, имено, не ми е толку голема за да им овозможи безгрижен живот, па секој денар е добредојден.

Вашите трудови се цитирани повеќе од 1.000 пати. Но, како тоа државата го вреднува? Односно дали за вашите нови научни трудови добивате некаква валоризација или тие само го задоволуваат вашиот научнички порив?

-Државата го вреднуваше тоа сè до скоро, зашто има критериуми за таа работа. Сега, од септември минатата година, и покрај тоа што ги исполнувам критериумите и ми се доделени околу 3.000 евра за моите публикации во престижни списанија, како што е објавено на Интернет страницата на МОН, администрацијата на МОН (нашето ресорно министерство) одбива да ја изврши исплатата и покрај тоа што е објавено дека ми се доделени средствата. За ова, очигледно, имаа поддршка од досегашниот министер.

Покрај тоа, одбиваат и да ми достават решение со поинаква содржина од она што е објавено, за да не можам да се жалам по редовните канали. Имам впечаток дека некои уличари се вмешале во оваа работа и служејќи се со уличарски трикови, се обидуваат да ми ги украдат заработените пари! Кога тие би успеале во ова, би останал задоволен само мојот научнички порив. Сепак, се надевам дека новата власт нема да дозволи вакви бандитски трикови и дека ќе ја исправи грешката што администрацијата на МОН најверојатно свесно ја прави (на што им беше укажано неколку пати).

Кодошот што ме пријавил како пензионер (и покрај тоа што пензионерите не се изземени од правото да конкурираат со свои трудови пред МОН) самиот си знае што сака да постигне, ама едвај чекам да дојде новиот министер со својот тим, за да реагирам, очекувајќи да им се застане на пат на ваквите насилници, кои го дискриминираат развојот и на и онака скромната наука во земјава, делејќи нè на пензионери и вработени.

Дали претходно постоеле вакви практики или вие сте првиот случај? Што велат искуствата од минатото или вие сте еден од ретките што бранува?

-Уште од времето на министерот Никола Тодоров постоеше наградување на авторите на значајните публикации. Денешниот Правилник е донесен како резултат на, преработка, подобрување и појаснување на претходниот. Тоа го стори проф. д-р Рената Дескоска, како ресорен министер за образование и наука, во 2018-тата година. Во сегашниот Правилник, повторувам, нема дискриминација меѓу активните членови на академската заедница и пензионираните членови. Не знам како било во времето на Тодоров, можеби било поинаку, па администрацијата работејќи по инерција не се ни обидела да ги прочита и разбере измените на Правилникот. Меѓутоа, да се биде толку тврдоглав и да не се обидеш да се соочиш со фактите е... ајде, да не давам квалификација, оти ќе биде уште понепофална за „службите“ на МОН. И, секако, најнепофална за актуелниот министер во заминување. Не знам за што бил заинтересиран младиот министер за време неговиот мандат, ама очигледно не му било гајле за право и правдина. Не треба да бидеш правник, за да разбереш што пишува во Правилникот. Тој е напишан кристално јасно. Само, ете – нема кој да го прочита, ама има еден куп толкувачи! Е, тоа е, веќе, за срамота.

Бевте своевиден гласноговорник во времето на менување на ректорската управа. Што би кажале денес? Дали некоја од сугестиите беше / е прифатена?

-Бев „гласноговорник“, како што велите, дека актуелниот ректор треба да си замине, бидејќи е темелно неподготвен да ја врши таа функција со дигнитет и компетентност. Фукцијата ректор на универзитет подразбира многу предуслови, а нашиот претходен „магнификус“ најголем дел од нив не ги исполнуваше. Да речеме, треба да бидете меѓународно познат преку своите публикации; или да бидете врвен предавач; треба течно да говорите англиски; не е на одмет да знаете уште некој странски јазик (ама не само српски, бошњачки и црногорски); да бидете, општо земено, добар оратор; да не бидете осветољубив; не смеете да влезете во историјата на универзитетот како ректорот што прв избрка некого од работа; не смеете да бидете нарцисист; не смеете да работите само за свое добро и гледајќи го својот интерес, туку првенствено интересот на Куќата што ја претставувате итн.

За среќа, првите впечатоци од новата Универзитетска управа се прилично позитивни, па да видиме како ќе им оди! Еве, УКИМ е на листата од најдобрите 2000 универзитети (според CWUR) на светот. Тоа е добар старт! Инаку, сигурно бевме во првите 2000 и пред 10–12 години, ама во тоа време мислам дека ги даваа само првите 1000 универзитети на листата!

Ревизија на вкупниот број универзитети е повеќе од добредојдена

Како долгогодишен професор, своевремено и декан на ПМФ дали и колку „методите на експериментирање“ со образовните програми овозможија пад на интересот на студентите за природните науки во споредба со минатото? Кои се причините, според вас?

Експериментирањата во образованието може да бидат погубни. За ова сме пишувале со мојот постар колега проф. Ѓорѓи Ивановски, уште во 1996 година. Кога сте оптоварени со тоа да правите реформи во образованието (основно и средно) по секоја цена, па ќе забегате до таму што уште пред да го дочекате крајот на една реформа, вие ќе подготвите друга, имате извонредни шанси зад себе да оставите пустош. Искрено се надевам дека намалувањето на бројот на студенти на ПМФ се должи, барем делумно, на други причини, а не на ваквиот „пустош во образованието“ кој политичарите го оставаат зад себе, како резултат на своите експерименти. Еве на што мислам, иако и тоа е експериментирање во образованието, ама е експериментирање во високото образование, а не во основното и средното.

Во Македонија, имено, се отвори погубно голем број универзитети. Некои од нив, најверојатно, не ни требало да се отворат. Се плашам дека Агенцијата за квалитет на високото образование (преку одборите за акредитација и за евалуација) не постапува ригорозно, па така опстојуваат во малечката Македонија, повеќе од 20 универзитети (шест државни и остатокот приватни).

Така, потенцијалните студенти се одлеваат на факултети и универзитети кои, всушност, не би ни требало да постојат. Некаква ревизија на вкупниот број универзитети е повеќе од добредојдена.

Дали има опција за високото образование? Каде е силата на УКИМ?

Верувам дека има. Еве, по ред: Да се „истурат“ повеќе средства во ресорот за наука; Од овие средства поголем дел да оди на проектите од оние што подостојно го репрезентираат својот универзитет и државата; Секој универзитет да направи различни критериуми за напредување во различните подрачја. Во зависност од престижноста на ваквите критериуми треба да биде и еден дел од финансирањето на науката.

УКИМ треба, како прв, најголем, најстар и најдобар универзитет да предничи во строгоста на критериумите. Ако се опстои на тоа дека поддршката на науката ќе биде, во еден дел, пропорционална на резултатите, работите нужно ќе тргнат напред. Ќе стимулираат соработка на послабите со подобрите од нив. Ама треба да се почне и главни иницијатори на ова треба да бидат универзитетите во содејство со МОН.

Треба да се внимава и на интересот на „бизнисот“, зашто таму каде што постои преклопување на интересите, добростоечките компании имаат директен интерес да бидат спонзори, знаејќи дека инвестицијата ќе им се врати повеќекратно. За ова имам директни сознанија од соработката на мојот институт, Институтот за хемија при ПМФ, со компанијата „Џонсон-Мети“. Соработка што е од заемен интерес.

Условите за наука кај нас се помалку од скромни

Како ја доживувате „животната средина“ Македонија  надвор од лабораторијата? Какви услови има тука да вирее и да се развива науката?

Животната средина Македонија е во хаос и тоа хаос кој расте од година в година и така 33 години по ред! Надежта последна умира, ама имам впечаток дека ни остана уште само малку пати да се надеваме!  Услови за наука? За жал, помалку од скромни! Всушност, за најважните работи сме препуштени самите на себе. За среќа, барем на мојот Универзитет, постојат неколку групи со видна актива и одлична соработка со странство, па благодарејќи на тоа по нешто и успеваме да продуцираме. Треба многу повеќе, ама да видиме како новата власт ќе му пристапи на тоа прашање. Некои работи што сметам дека се важни, ги спомнав и претходно, ако не се лажам.

Дали науката може да биде обединувачки фактор на разединетото тло (н.з. политички и етнички)?  Какви процеси нѝ се потребни?

Мислам да. И теориски и практично. Впрочем, за некои работи ние имаме директни, докажани и позитивни искуства. Еве, мојот „братучед“, професорот Арианит Река (не сме роднини, ама така си се викаме), беше примен за асистент на еден скромен универзитет: Државниот Универзитет во Тетово. Тој успеа да воспостави соработка со два факултета од УКИМ (Природно-математичкиот и Технолошко-металуршкиот).

На вториот факултет (ТМФ УКИМ) тој и докторираше и „исфрли“ неколку првични публикации кои му отворија пат надвор. Доби Фулбрајтова стипендија во САД и тука доби понуда да остане на UCLA (University College of Los Angeles), ама мораше да се врати поради ограничувањата со визата, но вратите на UCLA му останаа отворени. Погледнете сега: во разединета (политички и етнички) Македонија неколку души од три различни факултети (два универзитета) успеваат без никакви проблеми да соработуваат, бидејќи науката е онаа што ги поврзува.

Шансата е и натаму пред нас, Арианит да нè прикаже во убава светлина на UCLA, кога ќе измине времето од две години, по што може повторно да добие виза. Така двата универзитета од малата Македонија ќе бидат поврзани со еден врвен универзитет од САД, во интерес на трите страни. Ете, тоа ни треба во колку што е можно поширок обем: да не бидеме оптоварени со своите и своето, туку да гледаме далеку... преку океанот, во случајов. Не само што е можно, туку е и реално!

Каква е моќта на научникот? Што може тој да стори наспроти сите оние други „креирачи“ на јавното мислење?

Во светот, врвните научници успеваат сериозно да бидат opinion makers (обликувачи на јавното мислење). Да се потсетиме само на славниот Ајнштајн: кога добил информација (за која подоцна се покажало дека не е вистинита) дека Германците се пред конструкција на атомска бомба, тој веднаш му напишал писмо на претседателот Рузвелт, поттикнувајќи го да преземе нешто за да го „спаси светот“. Од тој момент, Американците „во трк“ се пренасочуваат на конструкција на бомбата како врвен приоритет и... го знаеме крајот на прикаската.

Факт е, значи, дека некои научници може да имаат огромна моќ, односно влијание! Единствено треба да бидат врвни во својата струка и тоа да им биде признаено од јавноста! Е сега... ова е само академско прашање, зашто кај нас имаме добри научници, ама не на нивото „врвни“...

А и инаку, ние сме специфична средина, па кога кај нас и би се појавил некој врвен, веднаш би се нашле тројца други што би посведочиле дека тој е шарлатан. Впрочем, го знаете вицот за Македонците во пеколот. Нив никој не ги чува да не избегаат!

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова Арсеновска
Фотографии: Дарко Андоновски