fbpx

Новаковски: Овие избори ќе бидат бескрупулозни и ќе создадат уште поголема поделба меѓу граѓаните

Интервју

04.04.24

Прегледи

Македонија е пред двојни избори, кои според ситуацијата, анализитие и анкетите би можеле да донесат политички пресврт во власта. Со оглед на влогот што го ностат особено паралментарните избори, битката е практично закрвена уште и пред стартот на кампањата. За огранизацијата на двојните избори, капацитетите на ДИК, измените во Изборниот законик, каква кампања може да очекуваме, за финасирањето на партиите и потенцијалните проблеми во изборниот процес разговараме со поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, кој во периодот од јуни до нември минатата година ја предводеше Комисијата формирана од Министерството за правда, а задолжена за измени во Изборниот законик по препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Според Новаковски двојните избори се сериозен предизвик за државата, а врз основа на негговото искуство очекува „црна“ кампања и жестока битка за секој глас, особено што политичките фактори покажаа дека ги користат и најмалите „дупки“ во законите за да профитираат.

Исполнети ли се условите за фер и демократски избори во април и мај вклучувајќи го тука и аспектот на проблемите со личните документи и нецелосното решение кое беше усвоено во Собранието за можноста да се гласа со истечени документи, но само девет месеци од денот на изборите ? ДИК објави детали околу тоа што носат овие измени, но и натаму остануваат проблематични дел од граѓаните кои ќе останат без можност за гласање. Дали ова фрла дамка на изборниот процес ?

Од денешен аспект, за еден изборен процес да добие оценка дека бил фер и демократски, мора изборите да бидат, не само технички добро спроведени и организирани, туку сите институции во државата да бидат на висина на својата задача во рамки на своите надлежности. Ако гледаме вертикално, на прво место се граѓаните, потоа се оценува дали постои слобода во општеството, дали медиумите се слободни и имаат избалансиран пристап, тука се и невладините организации, а сето тоа претставува основа за едно здраво општество.

Хоризонтално гледано, на прво место е државата, која треба да создаде слободен амбиент преку заедничка доверба, сето тоа оценето од аспект на владеење на правото, поделбата на власта како битен сегмент и независните институции кои би дале гаранција за почитување на тие правила. Тоа значи дека мора, во овој предизборен период, да се создадат услови сите гласачи да може да го остварат правото на глас, а проблемот со патните исправи може да создаде проблем при гласањето кај голем дел од граѓаните, кои нема да не можат да го остварат правото на глас. Да, тоа може да фрли сериозна дамка на изборниот процес.

Законската измена според која се зголемува прагот за независните кандидатски листи, предизвика жестока реакција, тврдењата се дека им се прави опструкција на помалите и независните листи. Ставот на Државната изборна комисија е дека со ова решение била испочитувана препораката на ОБСЕ/ОДХР. Дали се согласувате со ова? 

Со право има реакции на законската измена донесена непосредно пред изборите, односно по распишување на изборите. Иако се работи за локални избори, прагот за кандидирање, за собирање на потписи на локални избори без поширока дебата и анализа, парламентарните партии го изгласаа, без да дадат какво било образложение. Не е точно дека ова било препорака на ОБСЕ/ОДИХР, но и да е така, не значи дека секоја препорака мора да биде уважена, бидејќи треба посериозна дебата. Самиот факт што ова се гласа непосредно пред избори и од сите доставени законски измени од Работната група за измени и дополнувања на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои не се усвоени, кои не се разгледувани и парламентот, од за мене непознати причини, не дебатираше за ова, туку измени два-три члена од Изборниот законик, кои во моментот не беа неопходни, освен измената на членот за важење на патните исправи, која е дискутабилна, ако се има во предвид рокот од девет месеци, а зошто не подолг рок, покажува дека не може да се согласам со измената за прагот. Посебно што работната група треба да работи на донесување на нов Изборен законик кога ова прашање можеше да биде отворено. Зголемување на прагот не е препорака на работната група која ја предводев јас.

Со оглед на тоа каква е перидов политичката ситуација во земјава, голем дел од претпоставките одат во насока на тоа дека е можна смена на власта, првпат по 2016 година. Извесно е дека ќе има голема борба, особено на парламентарните избори. Што ќе значи ова од аспект на изборниот процес и на изборниот резултат ?

Овие избори се распишуваат во време кога постои сериозна и жестока реторика, особено помеѓу партиите кои претендираат за освојување на власта. Во периодот кој им претходи на овие избори се создаде голема поделба помеѓу граѓаните, беа донесени и промени во Уставот за промена на името, потоа беше потпишан договорот со Р Бугарија и главните политички фактори имаа крајно дијаметрални ставови, што кај граѓаните создаде сериозна поделба. Обвинување за предавство, потоа обвинувања за тоа да едни се антиевропски, анти-НАТО, па во склоп на случувањата во парламентот на 27 април 2017 година, сето тоа ќе биде користено во кампањата, сето тоа ќе доведе до уште пожестоки обвинувања, кои ќе доведат до уште поголема поделба, која може да резултира и со слаба излезеност. Така што очекувам тензични избори. Но, се надевам дека изборниот процес ќе биде заокружен и затоа зборувам за реакциите на институциите кои треба да бидат навремени и веднаш да има реакции на секоја повреда на правилата на избори. Една од главните изборни фази е и признавање на резултатите, ако институциите реагираат професионално, тогаш и да има сомневања, изборниот процес ќе биде заокружен.

Предвремена кампања

Седуммина кандидати влегуваат во трката за претседател на државата. Што значи бројноста на кандидатите  за овие избори и може ли да има расцепкување на гласовите ? Може ли цензусот да биде проблем ?

Не е првпат да има поголем број на кандидати за претседател. Па и во 2009 година имаше ист број на кандидати, сепак главно е дека овде, претседателските избори се спроведуваат по мнозински модел, така што тие гласови можат да бидат расцепкани во првиот круг, а во вториот круг да продолжат само двајца кандидати. Постои опасност во вториот круг да има послаба излезеност, имајќи го во предвид цензусот.

Ние имаме примери од минатото кога одредени партии го бојкотираа вториот круг, но повторно тука ќе напоменам, дека битно е однесувањето на институциите - надлежни за изборниот процес, какви упатства ќе донесат. Наизглед се работи за технички прашања, но тие можат да влијаат на цензусот. Олеснителна околност за исполнување на цензусот е тоа што во вториот круг на претседателските избори, ќе се одржат и парламентарните избори, во ист ден. Ние сме во постојана изборна кампања, што би рекол, предвремена кампања, која се одвива во целиов овој период со јавни собири од сите поголеми учесници во изборниот процес.

Постои правен вакум во Изборниот законик за периодот од распишување избори до потврдување на листите, но треба да сфатиме дека не може сè да биде до крај уредено со закон, па политичките партии кои претендираат да ја освојат власта или да бидат политичките кандидати - носители на високи функции, очекувано е да покажат одговорност и самите да се свесни дека свесно ја прекршуваат кампањата. Тоа покажува дека овие избори ќе бидат бескрупулозни и ќе биде борба за секој глас, со што ќе создадат уште поголема поделба на граѓаните.

Негативната кампања, непримерниот горвор, навредите, сето ова стануваат фолклор во нашите изборни процеси. Како Ви изгледа вам ова од аспект на експерт за избори и поранешен претседател на ДИК ? Има ли некаква контрола за тоа кој, што и како зборува за време на изборната кампања ? Се добива впечаток дека секој може за секого да каже буквално што сака без речиси никакви последици ?

Очекувам негативна кампања, непримерни реторики, навреди, а тие констатации ги влечам од самите говори кои беа јавно достапни и кои се одвиваа во Парламентот. Како никогаш досега, дел од пратениците користеа крајно несоодветни говори, со што имаше и лични дисквалификации меѓу нив и сето тоа не создава атмосфера за добри демократски практики, што ќе биде и дел од фолклорот и на овие избори. Сметам дека негативната кампања може да создаде апстиненција на гласачите, но сепак тоа се проценки на штабовите.

Останува да видиме како тоа ќе се одвива, но контрола за нивните говори, во тек на избори, е тешко да се врши, но затоа во земјите кои се членки на Европска унија, овој дел е покриен со реакции на надлежните институции кои треба да бидат независни и кои можат да ги санкционираат, па макар и после изборите. Многу е битно да сфатиме дека и по завршувањето на изборите, можат да се преземат соодветни законски санкции или да се иницираат постапки пред надлежните судови, бидејќи сето тоа е во рамки на владеење на правото. Наш најголем недостаток е постоење на недоверба на граѓаните кон институциите, а за еден изборен процес да биде оценет како фер и демократски и согласно европските стандарди за избори, се оценува и постизборниот период како и тоа што преземаат институциите за настани кои се случиле во текот на изборниот период и дали има соодветна реакција.

Ние, после изборите како сè да забораваме, а доказ за тоа е и фактот што не ги усвојуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои ги добиваме после секои избори. Сериозно сум загрижен дали институциите ќе се справат со овие предизвици, дали ќе дадат придонес во релаксирање на изборите или дали, со своето постапување или непостапување, ќе создадат и поттикнат уште поголема тензија.

Изборот на претседател во Собранието уште повеќе би ја ослабело неговата улога

Финансирањето на политичките партии и нивните кампањи преку буџетот на државата кој се спроведува кај нас е едниствен метод кој не постои во ниту една друга држава. Како го оценувате ваквото решение ? Партиите практично со парите на граѓаните ги убедуваат истите граѓани да ги гласаат на избори? Треба ли да се направи промена на ова решение ? 

Финансирањето на политичките партии и нивните кампањи е едно од прашањата за кои ОБСЕ/ОДИХР имаат свои забелешки. Работната група имаше предлог за измени на овој дел и беа дадени забелешки од институции кои се одговорни и кои имаат свој удел во контрола на финансирањето. Да, ова треба да претрпи измени, и пак ќе констатирам дека за жал, уште во ноември, Работната група достави свој предлог, но како што гледаме тоа не се случи, односно истото да биде разгледувано и во тој дел да има промени на Изборниот законик.

Мандатот на Работната група беше од јуни до ноември 2023 година. Оваа група беше задолжена да изготви измени и дополнувања на Изборниот законик во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и истото го направи и во тој дел ја заврши својата работа. Истата работна група треба да продолжи со работа за изготвување на нов Изборен законик, кој е исто така препорака на ОБСЕ/ОДИХР, но тоа бара подолг период и се надевам дека оваа работна група ќе биде поддржана да работи и на новиот Изборен законик, а дел од тоа ќе биде и измена на делот за финансирање на политичките партии и нивните кампањи.

ДУИ настапува со барање, изборот на претседател во иднина да се врши во Собранието наместо на непосредниизбори. Ова барање дури и го доведе до точка преку која би одело и коалицирањето. Слично барање има и здружената опозиција на партиите на Албанците. Има ли основа за ваквото барање ?

Ако се има предвид улогата на претседателот согласно Уставот и законите, како и фрагилноста во функционирањето на Собранието и Владата, сметам дека претседателот треба да се избира на непосредни избори со што ќе има мандат соодветно да реагира на сите повреди, направени од законодавната и извршната власт. Со непосредните избори, тој ќе има полн легитимитет, добиен од граѓаните и тоа треба така да остане. Ако се избира во парламент, тоа повторно може да е знак дека сака да се ослаби улогата на претседателот, односно воспоставување на еден вид на контрола и зависност од тие кои го избрале во Парламентот. Точно е дека пратениците се избрани од граѓаните и треба да ги штитат нивните права, да спроведуваат нивната волја, што, за жал, до сега пратениците не успееа во тоа, па како тие ќе ја пренесат волјата на граѓаните до претседателот ако тој е избран во Собранието? Тоа кај нас е сериозен хендикеп и затоа сметам дека претседателот треба да биде избран на непосредни избори.

Партиски послушници во Собрание и во ДИК

Во однос на искуствата, кој модел сметата дека е подобар, пропорционалниот или мнозинскиот? И дали треба да се размислува за преминување на една изборна единица и отворени листи?

Мнозинскиот систем за избор на пратеници покажа многу слабости и сериозни нарушувања на изборниот процес, бидејќи локалните моќници ги користеа сите средства да победат, па по сите анализи се премина на пропорционалниот модел, кој покажа и свои добри страни. Сметам дека сè уште треба да остане пропорционалниот изборен систем, а треба да се размисли за бројот на изборни единици или преминување на една изборна единица, а секако и на прашањето за отворени листи. Сведоци сме и во овој процес, на овие избори, кога од страна на партиите се креираат изборните листи, дека без разлика што истите вешто ги сокриваат, постојат големи проблеми односно не можат во тие листи да се изборат вистинските луѓе, туку сè повеќе добиваат на значење партиските послушници. Тоа е поврзано и со прашањето на изразување на волјата на граѓаните, односно дали пратениците повеќе ги слушаат партиските лидери или одлучуваат врз основа на волјата на граѓаните.

Ние сè уште не сме го надминале тоа. Оние лица кои имаат свои ставови, размислуваат со своја глава и се докажани во своите области на работење, едноставно, знаејќи ги овие, би рекол, односи во партиите, се оддалечуваат од партиите и едноставно се пасивизираат и затоа секој нареден парламентарен состав кај нас е сè послаб според квалитетот. Кај нас се создаде атмосфера на затворање на партиите во нивните ровови, наизглед покажуваат дека демократски работат, но на сите кои го познаваат системот на работа на партиите им е јасно дека на листите се ставаат пратеници кои ќе се верни, прво, на своите лидери, а потоа на сè друго.

За жал, имајќи ги предвид случувањата наназад, со гласање на одредени системски закони, никој од партиите не сака да ризикува со ставање на листа на лица кои имаат сопствен став, плашејќи се од нивно гласање спротивно на ставовите на партиите, иако за одредени прашања имаат различен став. Во сите демократски земји партиите во себе имаат фракции.

Дали сметате дека изборот на членовите на ДИК треба да се промени со оглед дека станува збор за правници, но се работи за личности блиски до партиите?  Низ годините, ДИК имаше разни формати, што според вас би било најдоброто решение?

Изборот на членови на ДИК, исто така, во изминатиот период имаше различни начини. Во еден период ДИК беше составен од девет членови, претседателот се избираше на предлог на Претседателот на државата, имаше четири члена од редот на судии од Врховниот суд и четири члена од редот на истакнати правници и тоа беше непрофесионален состав. После тоа претрпе измена, бидејќи се бараше судиите да излезат од изборниот процес, бидејќи и во општинските изборни комисии беа судии од редот на основните судови. Во 2006 година се донесе кодифициран Изборен законик и се отиде на решение да се избираат седум члена на ДИК и тие да бидат избрани со двотретинско мнозинство на јавен оглас.

Верувајте, тогаш многу членови се пријавија сметајќи дека драстично ќе се намали политичкото влијание при изборот, посебно имаше непишано правило претседателот да биде прифатлив од сите парламентарни партии, со што, без разлика што беше предлаган од одредена група на партии, мораше да има одредени квалитети, да биде прифатлив и секако условот да не бил член на партиски орган и со изборот да биде независен.

Се премина на професионализација на ДИК да членовите професионално ја вршат работата. Сето тоа можеби создаде услови за помало влијание на партиските групи кон составот на ДИК, но после 2011 година имавме драстична промена на тоа непишано правило, па и претседателот и членовите се избираа само формално транспарентно, а од друга страна партиите местата кои ги предлагаа другите партии без дискусија ги потврдуваа. Со други зборови, партиите покажаа дека не попуштаат од нивниот став да имаат свои претставници и контрола над нив.

За жал, неуспешен беше и моделот кога на едни избори се отиде повторно на девет члена, од кои тројца да бидат од редот на експертите, претседателот, потпретседателот и еден член, но и тоа неславно заврши, па се вративме на стариот систем. Сето тоа покажа дека ние, односно главните политички сили, не сакаат да формираат професионална Државна изборна комисија и во тој дел сум песимист. А дали е потребно, сметам да и тоа е неминовна потреба која ќе реши голем број проблеми во спроведување на изборите.

Дали спојувањето на претседателските и парламентарните избори има оправданост? Дали е можно првиот круг од претседателските избори да се искористи за да се повлече гласачко тело и на конто на некоја од партиите?

Спојување на изборите можеби би имало економска оправданост, помали трошоци, но сметам дека тоа беше неминовно и за ДИК која сега располага со сериозен број на професионални државни службеници односно секретаријат и не треба технички да претставува проблем за спроведување. Ние сме имале такво искуство и во техничкиот дел немало проблем, на пример во 2009 година имаше и претседателски и локални во ист тајминг и тие беа оценети како најдобро организирани избори во нашиот повеќепартиски период.

Во однос на влијанието на резултатите од првиот круг претседателски избори врз волјата на граѓаните и за нивната одлука за прв круг парламентарни избори, да ќе има. Резултатот на првиот круг претседателски избори, според мене може да има силен импут врз резулатите од парламентарните избори, бидејќи граѓаните во голем дел ќе се определат врз основа на тие резултати. Но, ќе напоменам дека пет претседателски кандидати ќе испаднат и постои можност и за партиски комбинаторики за прелевање на тие гласови во вториот круг за еден од двајцата кандидати, но тоа сепак е дел од дозволените комбинаторики.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Фото: Наке Батев