fbpx

Новата берза на електрична енергија само индиректно ќе биде во корист на граѓаните

Интервју

23.05.23

Прегледи
  • На берзата доминира генерално македонска енергија која трговците ја имаат во своето портфолио и одлучиле да ја продадат на нашиот пазар, но тргувањето е анонимно.
  • Досега имавме пазар на билатерални договори на пазарот на големо, сега треба полека нашите домашните трговци и снабдувачи да го менуваат својот менталитет.
  • Ние немаме генерација на трговци во Македонија и ова дава можност во Македонија да се обучат трејдери кои ќе бидат добри.
  • Тргувањето се одвива на тајни локации кои не се во Македонија, а за тоа си води грижа нашиот сервис-провајдер кој е број еден во Европа.
  • Ќе има фајде за граѓаните кога сите ќе купуваме од некој снабдувач кој купува од берзата каде конкурентноста ќе донесе подобри цени.

По пет години подготовки, Македонија ја доби својата берза за електрична енергија. Берзата е дел од Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје и на неа дневно се тргува со електрична енергија. Регистрирани снабдувачи, трговци и производители продаваат и купуваат електрична енергија за своите клиенти или за понатамошно тргување на другите берзи. Од берзата се оптимисти дека иако Македонија е мал пазар, сепак е доволно интересен и затоа ќе има доволно понуда и побарувачка. Десетина дена откако стартуваше со работа, разговаравме со Симон Шутиноски, управител на Национален оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје кој е задоволен од интересот и вели дека берзата е на добар пат да биде ликвидна.

Господине Шутиноски, што точно значи берза за електрична енергија? Што работите?

Берзата претставува пулт на кој може да се истргува енергија, односно оној што продава да проба- да ја продаде енергијата, а тој што купува, да проба да ја купи енергијата која планира да ја купи. Со која енергија работиме? Работиме со различна енергија. Тука доминира генерално енергија од нашата земја, т.е. македонска енергија, енергија која трговците ја имаат во своето портфолио и одлучиле баш овде на нашиот пазар да ја продадат. Од каде е, не знаеме. Нема ни да дознаеме. Целиот процес на тргување е анонимен. Што значи анонимен? Тие што ќе продадат, продаваат на МЕМО. Ја продаваат енергијата на берзата, а овие што купуваат, купуваат од тој базен на берзата кој е наполнет од овие што продаваат. Значи, тие не се знаат, не се знае никогаш кој од кого купил енергија. Тоа е поентата на транспарентното тргување. Значи, вие давате понуда со одредени цени  по кои сакате да продадете енергија, тоа го овозможува системот, во секој саат се пишуваат цени. Можете да правите и микс во вашето портфолио: до долку пари продавам, а од толку пари купувам. Или обратно.

Кои се купувачи, а кои се продавачи?

Купувачи се сите трговци и снабдувачи кои се регистрирани на пазарот на големо во Македонија. Продавачи се истите овие, плус производителите. Тоа е АД „ЕСМ“ како најголем производител во Северна Македонија кој продава енергија, ги продава вишоците енергија, а понекогаш и купува енергија за оптимизирање на своето портфолио, а може да продадат и сите овие трговци кои во одреден момент сакаат да продадат дел од енергијата. Имаат, на пример, некаде закупени капацитети низ Европа со енергија или некаде им останала енергија од своите клиенти, сакаат да ја продадат тука. Ја нудат тука. Дали ќе ја продадат, нема гаранција.

Да се вратиме на клучното прашање. Зошто снабдувачите да не прават директни договори со производителите, туку да одат на берза?

Секој си го наоѓа интересот. Има трговци кои ќе купат и ќе изнесат енергија од Македонија. Ако нема потреба нашето стопанство, нашата држава од таа количина на енергија, ако сите си нашле енергија за тој ден, трговците ја купуваат енергијата и таа тие ја пласират, како што реков, 10.35 часот ние затвораме. Тие одат после во Србија во 11.00 и ја нудат ако има вишок енергија. После на било која берза во Европа може да ја понудат. Тоа е веќе разигран модел на пазар на електрична енергија.

Кој тргува на нашата берза за електрична енергија?

Кај нас на берзава, а и во околните европските берзи, регистрирани се големи играчи и најмногу тие тргуваат на берзите меѓу кои и европските. Значи, тука се европски гиганти во трговијата на енергија. Тука е еден ГЕН - И од Словенија, тука е еден Данскe „Комодитис“ кој ни се приклучува овие денови, тука е „ЕФТ“, тука се „Интеренерго“, „Сентрејд“, „Дуферко“, тие се големи трговци кои го работат тој бизнис во цела Европа.

Дали е одржлива нашава берза? Бидејќи, за да биде одржлива треба да има не само побарувачка, туку и понуда. Треба да имаме капацитети кои што ќе имаат вишоци за продажба. Ние сме узвозници на електрична енергија. Од каде ќе се најдат понудувачи со вишок електрична енергија. Да објасниме како ќе функционира сево ова?

Од она што можам да го заклучам од овие денови, денеска сме 15 – ти мај.  Пет дена тргуваме на наша берза. Понудата е многу поголема од побарувачката во овој момент. Имавме денови кога беа понудени 3.500 мегават часови, а беа купени само 250. Понуда има секогаш. Енергија има, дури и повеќе од доволно. Сите овие големи играчи што ви ги кажав на европските берзи, сите имаат интерес да продадат негде.  Они одат по ред. Црна Гора прва го затвора тргувањето - ден однапред во 10 часот, ние затвораме во 10.35 часот. Она што нема да се продаде таму, го нудат тука. Тоа што нема тука да го продадат, одат да го продадат во Србија, каде тргувањето се затвора во 11часот. Ако не се продаде во Србија, во 12 часот затвораат сите берзи во цела Европа. Продава сегде. И ќе го затвори портфолиото. Понудата е многу поголема во моментов од побарувачката. Тоа е нормален тек на настаните на една берза која почнува да работи. Сега треба да ги научиме и да ги охрабриме овие другите што треба да купуваат, да почнат да купуваат количини повеќе и како ќе ја зголемуваат нивната активност на берзата, ќе се зголемува и волуменот на берзата. Кога ќе кажам волуменот, мислам на количината која е истргувана.

Мислите дека ќе биде одржлива берзава, бидејќи реално сме мал пазар? Домаќинствата си се снабдуваат на сосема регулиран пазар, а компаниите си купуваат од снабдувачи со кои склучуваат директни договори?

Дали ќе биде кај нас одржлива, значи дали ќе биде ликвидна, тоа е прашањето. Ликвидноста ќе ја зголемуваме полека со зголемување на количините на истргувана енергија. Да, мал пазар сме, но сме многу разигран пазар. Интересот за нашиот пазар го покажаа сите оние 22 компании кои се регистрираа на нашата берза. Имав една прилика минатата година, на еден состанок со техничкиот директор на „Хупекс“ кога бевме во зачеток и ме праша: „Каков е пазарот во Македонија оти не сум го разгледал“? Кога му кажав  дека очекувам 20-тина, тој ми рече дека тоа е феноменална бројка, затоа што ние сега имаме 25 активни кои работат. Ако успееш да донесеш 20, домашни и европски играчи, сте ја завршиле 90% од работата. Е сега, тоа нѝ го покажуваат и првите денови на тргувањето. Нашата цел беше првиот ден и овие денови да успееме да обезбедиме каква-таква ликвидност. Ние имаме каква-таква ликвидност. Што значи тоа? Во секој час имаме цена, имаме истргувана енергија во секој час од денот. И тоа е успехот. Прво, нашата цел беше да проработат платформите за тргување и финансиско поремнување и за клиринг, тие проработеа и покажуваат добри резултати. Ликвидноста значи зголемување на волумен на тргување, зголемување на количините на тргување на самата берза.

Зошто е важно тоа?

Важно е затоа што, колку имате поголема побарувачка и понуда, толку добивате подобри, попрецизни цени на пазарот. Тука е пазарната логика во целиот тој систем. Колку повеќе се бара и се продава, тука имате поголем промет и тогаш се создава таа ликвидност. Не подразбираме ликвидност дали ние ќе заработиме како МЕМО пари. Кога велам ликвидност, се мисли ликвидност на тргувањето. Тоа е битното. Да се завртат количините на енергија. Колку се тие поголеми, толку е поликвиден пазарот. За почеток сме задоволни и повеќе од задоволни од тоа што го добивме. Е сега убаво кажавте - навиките кај нас се многу различни. Досега имавме пазар на билатерални договори на пазарот на големо, сега треба полека нашите домашните, да кажаме, трговци и снабдувачи да го менуваат својот менталитет. Сè додека не пробаат, тие нема да знаат. Од тоа што сум задоволен овие денови, гледам, домашни снабдувачи кои пробуваат, пробуваат да го најдат своето место и успешно го прават тоа. Како пример ќе ги дадам МЕПСО, систем-операторот кој дел од своите загуби за системот, веќе почнува да ги купува на берзата, по пазарни услови. И тоа е за поздравување. Тука очекуваме поддршка во иднина и од дистрибутивниот систем – оператор да почне дел од загубите да ги набавува преку берзата. Со моделот за универзалниот снабдувач согласно Законот за енергетика, оваа година беше со тендерска постапка на која се јави АД ЕСМ, а АД ЕСМ има должност да даде 60% од потребите на Универзалниот, но поради кризната состојба и беше наложено да даде 100% за да се одржи баланс на цените спрема граѓаните. Но, најголемата ликвидност ќе се достигне со пазарно спојување.

Што значи тоа. Какво е тоа поврзување? Да имаме само соработка или да има централизирано управување, да бидеме ние како експозитура за овој пазар, а сепак, на пример, Словенија, Љубљана да биде капата од кај што ќе се координираат сите останати мали берзи?

Паневропскиот модел на пазари на електрична енергија предвидува маркет- каплинг на сите земји од Европа поединечно, односно секоја држава треба да направи национална берза и да ја подготви за да ја спои со соседните. Се користи ист алгоритам, значи, еден алгоритам во Европа на кој се тргува прекугранично, тоа е Еуфемија- алгоритмот, математички алгоритам, кој го имаат измислено математичари во Европа, во сопственост на најголемите сервис-провајдери или оние кои ги имаат платформите измислено за тргување. Една од тие е и нашата платформа во моментов која ја добивме на јавна набавка и е на „Епекс Спот“, најголемата берза во Европа. Европската берза на електрична енергија, со седиште во Париз која оперира во повеќе од 15 – тина земји во Европа. Ние, при нашето тргување ја користиме таа платформа. За пример, само за споредба, ќе кажам дека таа платформа е иста со платформата во Унгарија. „Хупекс“ тргува на истата платформа. Од аспект на безбедност на тргување, дискреција, тука сме на врвот. Е сега, маркет-каплингот значи поврзување со соседните берзи, тоа не значи централизирано управување. Секоја берза си управува сама за себе, но прекуграничните капацитети, кои денеска се тргуваат во одредени аукциски куќи, при маркет-каплингот тие во најголема мера се ставаат на располагање на берзата. Значи, нема да треба овие кои тргуваат со електрична енергија, трговците, да се грижат дали имаат обезбеден капацитет за енергијата која ќе ја купи во Македонија, а таа што му е вишок во Македонија да сака да си ја однесе негде. Капацитетот по секоја граница стои на берза, се знае до која количина преносните систем-оператори ги определуваат лимитите од двете страни на границата, трговците плаќаат само надомест ако дојде до загушување на капацитетот. Тоа е математиката, тоа е веќе измислено. Таа математика прекугранично ја прави тој алгоритам, Еуфемија.

Што ако берзата не е ликвидна. Која е опасноста од тоа?

Ако не е ликвидна, ќе се доведеме во ситуација да немаме ценовни сигнали во секој час од денот, а тоа не е добро. На почеток, тие се оправдани причини, бидејќи секоја берза која е млада, која почнува нормално е да очекувате во некои саати да нема истргувана енергија поради навиките кои ги споменавме претходно. А ако е ликвидна берзата, кажав и претходно, со поголема ликвидност доаѓаме до попрецизни цени. Поголема конкуренција, односно поголем промет. Кога го имате прометот, тогаш вкрстувањето на понудата и побарувачката ќе се случува на повеќе делови од нивните понуди и од нивната побарувачка. Кога има повеќе понуди, тој што сака да купи загарантирано му е дека ќе купи. Кога има помала понуда, не му е загарантирано. И обратно, кога има поголема побарувачка, поголема му е гаранцијата на овој што продава дека ќе ја продаде енергијата. Како го подигаме тоа ниво на истргувани количини, ќе добиваме се пореални и пореални цени. Ние досега во Македонија немавме реални цени. Имаме билатерални договори кои се склучуваат на секаков начин - дали на одредени временски периоди, дали на тендерски процедури.

Ѕвончето го удривме. Берзите подразбираат и нешто што се вика брокери. Брокери, значи некои што во наше име ќе тргуваат... Рековте 22 компании кои што се вклучени во берзата и тие купуваат за свои потреби и после тоа може да ги тргуваат надвор, може да ги продадат некаде внатре ако има дополнителна побарувачка. Но дали може некој голем капацитет кој има потреба од електрична енергија да нема снабдувач, туку преку свој брокер директно да си тргува на берзата?

Апсолутно, тоа е целта. Ќе го споменам „Макстил“, ќе го споменам „Фени индустри“. „Макстил“ овие денови си купува сам, директно. Не користи ни брокер ниту снабдувач или трговец. Кај нас не се вика брокер на берзата на електрична енергија, се вика индиректен учесник на берзата. Значи, ако јас како фирма немам кај мене во мојата компанија луѓе кои знаат да тргуваат, сепак е посебна наука, посебен кадар и не мислам да го развивам делот на трејдинг, на тргување со електрична енергија, а сум голем корисник, можам да склучам договор со некои од трговциве што учествуваат и тој индиректно во мое име да тргува. Но, сум индиректен учесник. Таа можност ја има кај нас на берзата, и таа можност стои дека можат тие тоа да го користат. Некои имаат внатре обучен кадар. Го спомнав „Макстил“, „Макстил“ си има луѓе кои се обучени, они тргуваат и на „Хупекс“, си купуваат струја, тие се директни потрошувачи големи, согласно законот, тие можат самите да се снабудваат. Тие не мора да имаат снабдувач или трговец. Можат, но не мора. И тие ќе може самите да си купуваат енергија.

Сега, на пример, фирма има фотоволтаици и сака да ја пласира електричната енергија на пазарот. Дали може да се појави како понудувач како правно лице? На пример, знам сериозни компании, кои инсталираат 2 мегавата 3 мегавата, 4 мегавата, дали тие компании можат да си се појават директно на берзата и да речат имам вишок и ако имаат обучени луѓе за тоа, да ја продадат директно или мора да случат договор со некој трговец кој е на берзата?

Доколку тие компании се регистрирани на пазарот на електрична енергија, со кој управува МЕМО, тие можат, како компанија, да си ја продават и да оперираат со својата електрична енергија на берзата. Доколку се регистрирани на пазарот и ја имаат решено својата балансна одговорност, тоа е процес за регистрација. Ако вие, како компанија X, имате производствен капацитет од 2, 3, 1 мегават, и сте регистрирани на пазарот на електрична енергија, треба само да се регистрирате на берзата како учесник на берзата, а си имате обучен кадар, можете во секое време да нудите, да си продавате.

Мислам дека ОКТА има лиценца за тргување со електрична енергија...

Да. „Макстил“ има лиценца, Фени има лиценца, Окта има лиценца, овие се директни потрошувачи. Сите можат на берзата да дојдат, да купат и ако имаат вишок во некои сати да продадат. Што им дава берзата? Зашто е добра берзата за овие потрошувачи? Според тоа, како ќе играат на берзата, на организираниот пазар, можат да си го оптимизират своето производство. На пример, да си најдат поевтина енергија во некои часови во текот на денот, во тие часови ќе го зголемат производството. Со тоа може да си го оптимизира производството и крајната цена на чинење на својот финален производ.

Значи сега кој колку ќе се снајде...

Кој колку ќе научи да тргува. Цела наука е. Ние немаме генерација на трговци во Македонија, ова дава можност. Ние ги викаме трејдери. Трејдери да се обучат во Македонија кои ќе бидат добри. Големите компании имаат феноменални трејдери. Тие веќе работат и со софистицирани алатки, работат и со датабази, анализи. Зборувам за големите трејдери - трговски компании со електрична енергија кои работат во цела Европа и кај нас. Тие истите и кај нас тргуваат. Сега очекуваме да се појават како нов тренд, како нова фела. Тоа е интересна професија.

Како ќе заработуваат?

Ќе си се вработуваат во компаниите или ќе ги плаќаат на некаков начин. Еве на пример, може да заработуваат од фина истргувана зделка. Ако успее да постигне да истргува за некој кој го најмил, да му го организира портфолиото добро, тој може да заработи добро.

Ова е сосема на почеток, еве веќе 10-тина дена функционирате, а се развивавте 5-6 години, но еве велите дека сте задоволни, дека во секој час имате понуда и побарувачка, системот технички функционира што според вас е најбитно. Системот гарантира безбедност, доверливост и тајност. Зошто се битни овие елементи?

Тие елементи се битни затоа што берзата пред се дава недискриминаторно доверливо тргување. Значи, тука е загарантирана дискрецијата и начинот на работа на оние компании кои учествуваат на берзата. Ние им гарантираме доверливост и безбедност. Самото тргување не се врши овде на овој компјутер. Самото тргување се врши на машини, односно серверски машини кои Епекс знае каде се, не знам каде се. Значи, не може да дојде до манипулација на цената. Прво. Значи не може да дојде некој на сила и под присила, некого да присили овде во МЕМО да прави некакви малверзации на цената на електрична енергија. Тоа е основата. Тргувањето се одвива на тајни локации кои не се во Македонија, за тоа си води грижа нашиот сервис-провајдер кој е број еден во Европа. Понудувачите на тие платформи, најголеми се две во Европа, едната е Епекс, другата е Нордпул, норвешката берза на електрична енергија, оперираат со големи број на податаци и гаранцијата е на највисоко ниво. Имаме техничка поддршка, на линија сме со Французите цело време, секој ден се слушаме со колегите од таму, има посветен дел таму кој работи само за македонската берза кои го следат тргувањето, заедно отстрануваме ако настане некој непријатен настан во делот на тргувањето.

Системот го плативте 1,5 милиони евра. Ќе заработите ли доволно пари за да ја покриете оваа сума во наредниве четири години? Како оди тоа?

Ние планираме да заработиме. Ние имаме ценовник за тргување на берзата која е одобрена од Регулатурната комисија за енергетика, согласно Законот за енергетика. Значи, секој учесник плаќа учество на берзата, тоа е одредена сума, потоа се плаќа годишна членарина за сите оние кои тргуваат и плаќаат, има одредена сума по истргуван мегават час. Тоа е некое фи кое оние кои ќе истргуваат го плаќаат за услугата на МЕМО. Во суштина што повеќе истргувано, тоа поголема заработувачка.

Ќе има ли фајде за нас, обичните граѓани, со оваа берза, нешто поевтина струја да имаме?

За нас граѓананите, се надевам дека поголемата конкурентност на берзата ќе донесе и подобри цени. За снабдувачите кои сепак таа енергија ја пласираат во индустријата од каде ние граѓаните купуваме крајни продукти. Значи, тука има влијание во тој дел. Што се однесува за домаќинствата, како потрошувачи тој пазар е либерализиран во моментов, но сè уште ние како граѓани, се снабдуваме од универзалниот снабдувач. Ќе има фајде кога сите ќе купуваме од некој снабдувач кој купува од берзата. Тоа е крајната цел. Берзата не е цел, граѓаните никаде во Европа, ниту во светот берзите не се место каде што граѓаните купуваат енергија. Тие се за трговија на големо. Значи, цените кои ќе се постигнуваат на берзата е фајдето за граѓаните. Како што кажав, крајниот производ кој ние го купуваме, од индустријата кој се произведува, тие да можат да имаат сигурна набавка на енергија, да не дојдат во ситуација да немаат енергија и да дојдат до поевтина енергија.

 
Новинар: Горан Теменугов
Фотограф: Томислав Георгиев