fbpx

Тамара Чаусидис: Секоја политичка партија сака критички медиуми сѐ додека не станат цел на критика

Интервју

12.04.23

Прегледи
  • Порано новинарските грешки беа реткост, бидејќи имаше процес во изработката на медиумската содржина - уредник, редактор, лектор, за разлика од сега кога тие инстанци ги нема.
  • За нивото на кое денеска е новинарството има одговорност кај големите новинарски пера, кои навистина си дозволуваат да бидат „во кревет“ со политиката и ја водат уредувачката политика на тој начин.
  • Политичарите лажат и тоа многу и кога ќе ја изгубите довербата во официјалниот извор на информациите, во Владата, тогаш е навистина тешко да верувате и во изворот на информацијата и во оној што ви ја пренесува.
  • Шарената револуција е најромантичниот период од македонското новинарство која нѝ даде едно драгоцено искуство да не веруваме веќе во ветувања.
Новинарството наместо да произведува вести самото во последно време е вест. На што се должи тоа?

Да, но новинарството е јавна професија и како такво секогаш е во фокусот на јавноста и заслужува и јавна критика и рецензија и рефлексија. Она што е страшно е за жал ситуацијата во која под новинарство се подразбира како активност која всушност е рекет, уцена, заплашување, пресметување и сл., и потоа тоа такво новинарство станува вест и тоа е навистина проблем. Затоа што не се прави разлика, се изедначува. Мислам дека е задача и на новинарите и на медиумите е да ја направат таа дистинкција. Не сѐ што се објавува и е присутно на јавната сцена е новинарски производ.

Токму деновиве беше осуден на затворска казна еден сопственик на портал поради кои сите црвенеевме изминатите години, бидејќи од јавноста беше доживеан како медиум иако тоа не е според ниту една дефиниција. Дали можеме да го опфатиме во една ваква тема за новинарството за кое разговараме сега?

Па можеме, затоа што новинарството е една од ретките отворени професии. Вие денес не можете да бидете лекар, адвокат, дури ни чевлар не можете да бидете без некоја квалификација или без почитување на правилата на еснафот. Меѓутоа, кај новинарството е многу специфична ситуацијата, бидејќи е отворена професија. Во неа влегува секој, бидејќи тоа дава можност за влијание врз јавноста, дава можност за популарност и слава. Многу често најголемата награда во новинарството е токму тоа. И затоа новинарството е „мека“ за его манијаци, тоа е професија која привлекува социопати, но и опортунисти и криминогени карактери. И тоа ни се случува толку често, што сега тој плевел се претставува како жито, како носител на професијата. А професионалците се замолчени. Ако сакам да објаснам зошто е тоа така мислам дека прво беа веројатно шокирани од дрскоста, па не реагираа навреме. Потоа беа збунети што многумина довчерашни колеги се прешалтаа и почнаа да користат истите методи што не се карактеристични за професијата, но даваат некаков ефект, на пример им обезбедуваат пристап под масата на која се носат одлуките, па некоја трошка ќе падне и за нив. А сега мислам дека толку многу време помина што веќе сме и посрамени, малодушни и не веруваме дека промени се можни.

Би сакала да мислам дека токму реакциите на случајот кој што го посочуваме, со сопственикот на порталот „Доказ“ кој е неправосилно осуден, покажа една иницијална потреба за диференцијација. Тоа и е идејата за саморегулација која што во пракса сѐ уште не еволуирала до таму, но јас се надевам дека тоа во иднина ќе се случи.

Не можеме да повлечеме паралела со „Доказ“, тоа е сепак како да споредуваме лекари со надрилекари, но сепак ќе се согласите дека падот на стандардите во новинарството доведе до таа флексибилност секој да може да влезе во професијата како да е продавница, иако е тоа професија од највисок јавен интерес?

Па стандардите не паднаа само во новинарството. Видете ги и другите професии. Стандардите се во постојано опаѓање. Новинарството е огледало на едно општество. Негов артикулиран глас. Видете ги и нашите политичари. Колку е паднат стандардот на политичарите, на нивниот јавен говор. Погледнете што зборуваат од говорница. Како да очекуваме тоа да не се одрази и во другите професии, а најмногу во новинарството. Од друга страна, јас мислам и тврдам дека новинарството е авангардна професија, тогаш кога се врши професионално. Воедно, тоа е една од ретките, ако не и единствена професија која се обидува самата да  се регулира. Има на пример многу случаи на лекарски грешки за кои што лекарската фела одмолчува. Ние сепак не молчиме. Имаме примери каде што новинарите кренале глас против кршење на професионалните стандарди. Но, сѐ уште недоволно и сѐ уште не ја гледаме големата слика. Преовладуваат од позиција на симпатија или блискост, од колегијалност. Но, под колегијалност не се подразбира премолчување на рушење на професионалните стандарди. Јас го мислам токму спротивното: Највисок израз на колегијалност е да укажете кога нешто не е како што треба. Затоа што дамката паѓа на сите – и на оние кои што се трудат и на оние кои ја злоупотребуваат професијата.  Но, тоа е навистина многу тешко.

Колкава е улогата на политиката во овие процеси?

Во Македонија имаше еден период кога нам ни се случи нешто што мислам дека се има случено во Русија, а тоа е по независноста на државата беа слободни, бидејќи се уште не постоеја политичките центри и олигарсите. Односно тие беа збунети и тогаш медиумите одиграа клучна улога во воспоставувањето на независноста.  Меѓутоа, кога политиката и олигарсите се консолидираа во доцните ’90-ти, почна да се враќа таа прегратка меѓу политиката и медиумските газди и олигарси дотаму што ни се случија Мартин Протуѓер и Груевски. И во „бомбите“ го слушнавме тоа „што сакаш шефе“, „кого сакаш шефе да критикуваме“, „ти само кажи ние ќе извршиме“.... Се разбира јас сега парафразирам, ама тој слугински однос кон политичарите од страна на сопствениците и уредниците беше евидентен и беше многу тешко да се слуша и да се сведочи. Тоа е мислам крајниот дострел на тој еден процес на заробување на медиумите како што беше и процес на заробување на државата.

Горчливо е кафето со политичари

Некогаш беше реткост да се види дезинформација во медиуми, а кога ќе се случеше веднаш следуваше извинување и поправање на грешката. Денес медиумите се полни со дезинформации, но не го сфаќаат тоа „трагично“ и преку тоа поминуваат многу лесно. Што зборува тоа за новинарството тогаш и денес?

Порано грешките, прво, беа тешко можни. Имаше цел процес во изработката на медиумската содржина кој што подразбираше уредник, редактор, лектор. Производствениот процес беше многу побавен, имаше многу инстанци и не беше така лесно и можно да се згреши освен тогаш кога намерно се правеше во пропагандни цели. Сега тие инстанци ги нема. Сега има медиуми во кои уредништвото значи само да се стави веста кога ќе дојде на ред да се емитува во вести или да се објави во портал или весник. За жал веќе се заборавени тие скалила на производство на вести и медиумски содржини. Второ, имаме хиперпродукција, односно се продава медиумска содржина врз основа на кликови. Тоа нужно подразбира дека се пишува за кликови, а не за публика и јавност.

Потоа се случи и тривијализацијата на медиумската содржина, аматеризам, односно паѓање на степенот на образование и генерално на писменоста. Така што сето тоа води кон полуфабрикати во фелата. Жално е што се случува, не само во портали со еден човек, туку и во редакции каде што има повеќе луѓе и уредници.

Мора да те прашам околу дебатата што ја отвора помладата генерација новинари со аргумент дека за сегашната состојба е виновна поранешната генерација, бидејќи, меѓу другото, јавно се фалеле дека пијат кафе со политичари. Срамота ли е новинар да испие кафе со политичар и да се избрифира?

Не е срамота да испие кафе и да се избрифира, но срамота е да биде фамилијарен и близок, а тоа навистина се случува. Така што јас не мислам дека помладата генерација не е во право. Свесни сме дека имаме градација на новинари врз основа на тоа колку им се блиски и колку им се достапни политичарите на телефон. Кој имал прилика да присуствува на средба на новинари со некој носител на функција, гледал дека новинарите повеќе сакаат да „советуваат“, да коментираат, отколку да прашуваат. Тоа не е работа на новинар. Новинарот треба да се брифира, треба да праша ама не смее да се интимизира. Кај нас таа лекција не е научена уште од времето кога сите беа во некогашната комунистичка партија,  а новинарите беа таканаречени општествено-политички работници чија што задача беше одлуките на власта да ги пренесат на народот на начин на кој тој нема да се буни. Така што јас се согласувам со впечатокот дека во голема мера нивото на кое сме денеска е резултат на улогата на мојата генерација. Не се изземам од сето тоа. Има одговорност кај големите новинарски пера, кои навистина си дозволуваа, па и сѐ уште си дозволуваат да бидат во кревет со политиката или бизнис центрите на моќ и ја водеа и ја водат уредувачката политика на тој начин.

Копирање на Трамп

Која е причината некој медиум да шири дезинформации? Дали тоа го прави свесно или несвесно, или е во прашање брзина на сметка на квалитет? Пред некој ден имавме смешна ситуација речиси сите портали и веб единици на телевизии да објават неточна вест дека во „Скопјанка“ се случува грабеж. Се истрчаа дури и искусни и афирмирани портали....

Има повеќе причини за тоа, тоа е комплексна појава и нема еден одговор што би ја објаснил. Посебно би го посочила феноменот мрзливо новинарство. Зошто до тоа доаѓа, исто така има повеќе причини. Не се платени новинарите, не се мотивирани, немаат верба дека веќе можат нешто да сменат. Ги мрзи да проверат вест. Тоа може да се разбере и како малодушност и неукост и непознавање. Тоа е една причина. Втората причина е желбата за брзина и да се фати чекор со „ексклузивата“ заради кликовите. Бидејќи како што реков погоре, многумина продаваат кликови, а не информации. Но, она што е опасно се намерните дезинформации или свесно изменети и делумно вистинити информации за одредена цел. Прашањето е зошто тоа се прави? Па се прави ако медиумот е близок до одредена политичка групација, за да се наштети на противникот и тогаш ги филуваат, ги злоупотребуваат информациите и ги ставаат во контекст да се влијае на јавното мислење за кога ќе дојдат на избори, луѓето да кажат нема да гласаме за овие. Освен тоа, медиумите најчесто имаат сопственици кои имаат некои други интереси. Па ќе видите медиум чиј што газда се бави со одредена индустрија кога нешто се менува во таа индустрија или може да ги загрози интересите на фирмата, одеднаш секој ден се говори за некоја тема, одеднаш тоа станува тема од јавен интерес. Во секој случај дезинформациите се секогаш производ на свесна желба да се сврти јавното мислење во полза на интересите на тој што ги пласира. И тоа е опасно.

Сега по ново ги викаме лажни вести, што станува полека светска тема број еден. Ги има и во нашето новинарство. Што треба да се направи за да станеме поотпорни на таа појава?

Терминот лажни вести не е нов. Прво почна да го користи Трамп за да ги дискредитира медиумите кои што беа критични кон него. И тој само ќе одмавнеше со рака и ќе речеше „тоа се лажни вести“. Таа тенденција постои и денес кај многу политичари под лажни вести да подразбираат информации кои што ним не им се допаѓаат. Проблем е меѓутоа како да се спречат новинарите и медиумите да лиферуваат навистина лажни вести. Еден од начините е носителите на јавните функции, тука мислам и на учесниците во јавниот политички живот, да престанат да лажат. Бидејќи и политичарите лажат и тоа многу. И, кога ќе ја изгубите довербата во официјалниот извор на информациите, кога Владата вели ова е бело, а после три месеци ќе се покаже дека не било бело туку црно, тогаш е навистина тешко да верувате и во изворот на информацијата и во оној што ви ја пренесува. Како да се спречи тоа? Веројатно со транспарентност, бидејќи сите грешиме и јас сум голем поборник на доблеста да се признае грешка. На тој начин се гради и довербата. Убаво би било тоа да го прават и учесниците во јавниот живот.

Но за жал ние како општество тонеме во една трибална атмосфера. Во вулгарна и примитивна јавна реторика, за која сите ја плаќаме цената.

Кога го спомнавме Трамп, се сетив дека и ние имавме неколку примери каде што премиерот кој што треба да дава пример за почитување на медиумите, влегуваше директно во дуели со новинари на јавна сцена, а неговиот пример го следеа и некои министри. Колку тоа ги загрозува медиумските слободи и треба ли да бидеме загрижени дека се враќаме во некои црни времиња?

Не знам дали се враќаме во црните времиња, но страшна е таквата појава. Не знам дали ги загрозува слободите, но сум сигурна дека ги навредува граѓаните. Бидејќи кога медиумот нешто прашува, тоа го прашува во име на граѓаните. Кога вие на медиумот му се обраќате со такви зборови, со вулгарности и со презир, вие всушност се обраќате на илјада, пет илјади, сто илјади публика која што го следи тој медиум. Вие ги навредувате нив, не новинарот што стои пред вас. И пресметката со медиумот е пресметка со тој дел од населението. Кога политичарите тоа ќе го сфатат, ќе престанат така да се однесуваат. Само за жал нашиве политичари изгледа бегале од часови кога се предавала таа лекција. Никако да ја научат. Не сфаќаат дека ударот, шлаканицата, оди всушност до оние кои не сакаат да ги навредат, односно оние кои сакаат да ги придобијат. Би било добро тоа да го сфатат.

Шарената револуција разочара

Остана нерасветлен еден период од новинарството кој се однесува на времето на Шарената револуција во која учествуваа истакнати новинарски имиња. Може ли сега од денешна дистанца да дадеме дефиниција или критички осврт на тој период, бидејќи се доби впечаток дека новинарството се стопи во политиката?

Мислам дека е доста рано, немаме историска дистанца, сѐ уште сме емотивни, а осврти не се прават со емоции. Но, пожелно е и би било убаво ако новинарите имаат сила да се навратат на тој период. Се разбира јас ќе бидам лична кога ќе кажам дека според мене периодот на новинарскиот активизам кој што јас не би го поистоветила со Шарената револуција, а подоцна ќе кажам и зошто, е најромантичниот период на македонското новинарство. Во исто време, тоа е веројатно и најтрагичниот или најтажниот период на македонското новинарство. Во јавноста постои одредена тенденција да се стави знак на еднаквост помеѓу Шарената револуција и новинарите кои маршираа на улица. Притоа се спомнува Кежаровски, се спомнуваат некои други наши новинарски активности. Но, треба да се знае дека новинарите беа на улица од 2011 година. СДСМ излезе на улица во 2015 г. А под Шарена револуција се подразбираат настаните од 2015 г. Се заборава дека на бомбите и активностите на тогашната опозиција им претходат голем број маршеви, протести, активности на новинарските организации, тука мислам на ЗНМ, на ССНМ, па дури имаше и некои паралелни здруженија кои се создаваа за да се замолчи гласот на овие, но новинарите и тука покажаа дека се авангарда. Беа авангарда. Можеби затоа што мораа, беа притиснати, бидејќи Груевски владееше преку заробување на медиумите. Тој го држеше медиумскиот простор прилично грубо. Тоа беше навистина едно грозно време кое нас нѐ извади на улица. Ние имавме затворање на телевизии, на емисии, проскрибирање на новинари. Се вадеа текстови од печатница, да не ги враќаме сега тие слики. Шарената револуција се случи кога кон протестите кои избија во повеќе други сфери (лекарите, хонорарците на пример) се приклучи опозицијата и практично го презеде целиот процес. Можеби тоа изгледаше како монолитен процес, но многумина што излегуваа на улица немаа партиски агенди да уриваат власт, туку да менуваат работи.  Затоа велам дека тоа беше најромантичниот период на македонското новинарство, поради  вербата што ја имавме дека работите ќе се сменат и никогаш повеќе нема да бидат такви.

Па, се сменија ли? Денес повторно имаме новинарски протести, а и не се искачивме многу на светските листи за новинарски слободи?

Ветувањата беа дека веќе нема да има буџетски пари во приватни медиуми, нема да има плаќање под маса, нема да има црни листи на забранети новинари, меѓутоа перформансите беа разочарувачки. СДСМ дојде на власт во 2017 г. сега сме 2023 г. Не се смени ниту законот за АВМУ, не се сменија гарнитурите во МРТ. Постојано има притисок да се вратат рекламите, не само од приватните телевизии, туку и Владата го сака тоа. Сите мислевме дека тоа нема да се повтори. И што се случи? Приватните телевизии не беа задоволни од одлуката да нема буџетски пари преку владини реклами и прашање на ден е кога тие ќе се вратат. Јас не верувам дека тогашната опозиција, а сегашна власт свесно манипулираше кога ветуваше работи кои не ги исполни. Но факт е дека не ги исполнија. Сѐ на сѐ многу големи разочарувања. Сега ситуацијата не е така драматична, црна во смисла на директни закани, на отпуштања поради поставено прашање и слично, но според мене таа сега е пострашна затоа што сега веќе нема надеж. Барем не во таа смисла. Она што сега лично мене ме поразува е што видов дека ниту една политичка номенклатура не сака критички и слободни медиуми. Тие обожуваат критички медиуми до оној момент додека тие не станат цел на критика. И постојано мислат дека можат да ги изманипулираат медиумите. Јас, за жал, повеќе не верувам дека било која партиска структура да дојде на власт, ќе биде поинаква. Во таа смисла мислам дека Шарената револуција е еден важен период во македонското новинарство, кое ни даде едно драгоцено искуство да не веруваме веќе во ветувања, да знаеме да процениме.

Од друга страна ние и внатрешно се искомпромитиравме. Коj влегол во кабинет, кој влегол во оддел за пи-ар, кој станал советник, пратеник ... И сега со кого ќе излезете на улица? И на крајот на денот за кого ќе излеземе на улица? Ја нема веќе таа солидарност. Многу луѓе и се излажаа. Не би исклучила дека некои од тие што влегоа во пи-арот на Владата итн., имале најдобри намери да помогнат, таа да биде потранспарентна, подобра, но тоа заврши катастрофално и срамно.

Новинарите не се паднати од Марс

Така доаѓаме до неизбежното прашање: Зошто и по толку многу обуки и семинари новинарството и натаму тоне?

Не е до обуките. Едноставно новинарството односно медиумската сцена е одраз на општеството. Видете ние сме општество кое е во регионот најксенофобично, со предрасуди, со непочитување на различности. Така што, не може новинарските обуки да го променат општеството. Новинарите не паѓаат од Марс, тие се израз на зрелоста на заедницата, доаѓаат со општа култура, со воспитување од дома. Со образование такво какво што го имаме. Со систем на вредности таков како што го немаме. Оттука не можеме да очекуваме дека обуките ќе сменат нешто. Тие можат многу да ги оспособат новинарите, да користат истражувачки алатки, да знаат како да дојдат до информација, меѓутоа не можете возрасен човек од 25 години да го научите на нешто што требало да го научи на 9 години. Сепак, тие обуки помогнаа на многу колеги да изградат регионална кариера, да работат за странски медиуми, да бидат дописници, да работат во редакции во кои што не се зависни од рекламери и политичко-бизнис групации, меѓутоа не е фер од неколку десетици новинари да очекувате да ви го сменат општеството. Идејата е тие неколку островца на слободата и професионализмот што ги имаме со својот пример да покажат дека сепак е можно добро и професионално новинарство и се разбира, на публиката да ѝ покажат зашто е важно тие да постојат.

Има ли сила и волја новинарството да ги покаже со прст оние кои ги спуштија професионалните стандарди, кои му нанесоа штета или ќе продолжи со молчење и чекање пазарот да ги издвои добрите од лошите?

Пазарот никогаш нема да го направи тоа. Се прашувам во која мерка ние имаме  слободен пазар, а колку контролирана економија и групации кои што прават што сакаат. Отворен пазар би имале кога би биле дел од ЕУ. A дали ќе ги посочиме? Па ајде да завршиме со примерот со кој почнавме, а тоа е примерот со портал преку кој се вршеше линч на луѓе и кој што многумина го сметаат за медиум, иако не е тоа. Еве јавната и кривично-правна осуда за тој портал и неговиот сопственик може да биде некаков почеток на препознавање на елементи кои не припаѓаат во професијата а се нарекуваат такви. Јас порано го користев терминот псевдоновинари, лажни новинари. Едно е сигурно – додека не се научиме да ги препознаваме и посочуваме натрапниците во професијата, ќе бидеме изедначувани со нив и ќе ја споделуваме со нив судбината. Тоа е факт. Кога тоа ќе го направиме? Таа лажна солидарност е многу лоша работа. БИРН каде што работам пред неколку години објави база на медиуми во која наведовме кој е сопственик, каква уредувачка политика има, но реакцијата кога ги баравме тие податоци беше како да сакаме да убиеме некого. Таква непријателска реакција доживеавме од многу медиуми. А внимавајте, медиумите се учесници во јавниот простор, тие би требало да бидат транспарентни еднакво како што бараат транспарентност од тие што ја имаат моќта. Така што јас гледам дека ние не само што не сме способни да ги посочиме натрапниците во нашите медиуми, туку ние не сме подготвени ни да зборуваме не за грешките, туку воопшто за себе. Не може вие да барате транспарентност ако самите не сте транспарентни, професионалност ако самите не сте професионални...

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотограф: Дарко Андоновски