fbpx

Тилев: Без реформи не можеме да се надеваме на пари од Планот за раст на Западен Балкан

Интервју

20.03.24

Прегледи

Во ноември 2023 Европската комисија донесе финансиски план за раст на Западен Балкан „тежок“ шест милијарди евра. Драган Тилев, државен советник за европски политики и координација во СЕП нѝ открива дека Македонија од овој колач може да се надева на околу 810 милиони евра, што е добра вест, но „лошата“ вест е дека парите ќе дојдат само ако се направат реформи. Во интервју за Рес публика, со Тилев зборуваме и за значењето на оваа финансиска инфузија за економијата, за реформската кондиција на Македонија и за опасноста средствата да бидат пренасочени кон друга држава доколку изостанат бараните реформи. Овој редок професионалец во политичкиот ринг за освојување на членството во ЕУ, предупредува и на високото ниво на политизација во администрацијата за кое вели дека има негативни ефекти и треба да прекине со консензус на сите политички партии. Исто така, како слаба страна на државата го посочува и одливот на квалитетен кадар од државните институции и вели дека е неопходно да се обезбеди влез на млади кадри со повеќе ентузијазам.

Господине Тилев, при крајот на 2023 силно одекна веста дека ЕУ спакува финансиска помош од 6 милијарди евра за економски раст на Западен Балкан. Подоцна ќе зборуваме за деталите, на почеток би сакала да Ве прашам до каде се активностите за тоа?

-Активностите се во тек, со полна пареа, во дадените околности. Откако на 8 ноември минатата година Европската комисија го најави Планот за раст за Западен Балкан и потенцијалните вкупно шест милијарди евра дополнителни средства за поттикнување на економскиот раст и намалување на диспаритетите помеѓу земјите од нашиот регион и ЕУ, Владата и сите наши надлежни институции интензивно работат на развивање на т.н. Реформска агенда. Во постојан контакт сме со службите на Европската комисија, поконкретно со Генералниот Директорат за проширување, со кои, заедно со другите државни институции, имавме и неколку работни средби, вклучително и онлајн.

Активностите се одвиваат на три нивоа. Прво, во рамките на Европските институции, беше обезбедена одлука за две милијарди евра дополнителни средства во Буџетот на Европската Унија, врзани со потенцијал од четири милијарди евра поволни заеми, а во тек се последните рунди на преговори за усвојување, во редовна процедура, на новата Регулатива за Инструментот за реформи и раст. Се надеваме и очекуваме дека процедурата успешно ќе заврши најдоцна до крајот на април, доколку сѐ биде во ред и во Европскиот Парламент, со што правната подлога за овие дополнителни средства ќе биде воспоставена пред истекот на мандатот на овој состав на Европскиот парламент и Европската комисија.Од наша страна се подготвуваме за имплементација на регулативата.

Второ, на лидерско ниво, земјите од Западен Балкан, и Македонија, усогласија низа приоритети на кои ќе се фокусираме на почетокот од имплементацијата на Планот за раст, особено делот кој се однесува на вклучување во единствениот пазар на ЕУ, кон кој тежнееме, интеграцијата на регионалниот пазар и интензивирање на фундаменталните реформи.

И трето, на национално ниво, во тек е дефинирање, во координација со надлежните служби на ЕУ, на приоритетите за реформи во рамките на документот Реформска агенда, кои ќе бидат финансирани или ко-финансирани од новите средства од ЕУ. На документот работат тимови од сите надлежни институции, и се надевам дека ќе бидеме подготвени за доставување на Реформската агенда до Европската комисија и до Советот на ЕУ, штом регулативата биде и официјално усвоена, и се разбира, согласно условите предвидени во неа.

Има ли македонската страна воспоставено тим за тоа прашање и како се одвиваат работите?

-Владата веднаш по објавувањето на Планот за раст на Западниот Балкан донесе заклучок со кој се воспостави Комитет на ниво на министри, копретседаван од заменикот претседател на Владата за европски прашања и министерот за финансии, како и оперативно тело координирано од страна на државната секретарка на СЕП. Заклучокот пред две недели беше потврден и верификуван со посебна одлука на Владата, вклучително и правна основа за формирање на шест посебни работни тела кои кореспондираат со приоритетите утврдени во реформската агенда. Тимовите работат непрекинато, се разбира, имајќи ги предвид и сите други тековни обврски кои ги имаме на дневна основа. А јасно е дека после успешно спроведениот скрининг, обврските се во голем број и обем. Пристапните преговори се во тек на експертско ниво.

Нова шанса за економијата

Се надева ли Македонија на дел од колачот? 

-Се разбира, не само што се надева, туку карактеристично за овој нов Инструмент за реформи и раст е токму конкретната алокација по земји, за сите земји од Западниот Балкан, а со тоа и за Македонија. Според посебниот клуч и методологија која ги зема во предвид големината на земјата, односно бројот на жители и куповната моќ на бруто општествениот производ по жител, за периодот 2024-2027 би можеле да се надеваме, грубо, на околу 810 милиони евра, или 202 милиони евра годишно. Доколку имаме предвид дека преку ИПА програмата во моментов добиваме по околу 70-90 милиони евра годишно, станува јасно дека со новиот инструмент имаме можност за дополнителни 202 милиони годишно или вкупно преку ИПА и новиот инструмент речиси 300 милиони евра годишно. За нашата економија тоа е многу сериозен инпут и значајна финансиска инфузија во анемичната економија.

При претставувањето на пакетот беше речено дека средствата ќе бидат условени со реформи. Дали нашата земја е во реформска кондиција да добие пари кои навистина ќе ја подигнат економијата или барем нејзините капацитети?

-Токму така, кај новиот инструмент условеноста е клучна. Имено, и средствата од ИПА се условени со политички напредок во процесот на пристапни преговори, но средствата од Инструментот за реформи и раст ќе бидат стриктно условени со однапред дефинирана реформска агенда, која се верификува од страна на Европската комисија, а потоа се усвојува и од страна на Советот на ЕУ, што значи сите земји членки ќе одлучуваат, со квалификувано мнозинство, и стриктно ќе го надгледуваат спроведувањето на реформите во земјата.

Факт е дека после секои избори, независно од исходот, за очекување е дека реформските апетити се зголемуваат, па така и сега, после изборите очекувам дека реформите значително ќе се интензивираат. Земјата има кондиција па дури би рекол и потреба за вистински и длабоки реформи, само треба добро да се организираат институциите и да се насочува позитивната енергија кон неопходните одлуки со што поширок општествен консензус. Нема лесни реформи и нема одлуки без последици.

Кои се силните страни на нашата земја, а кои се слабите во досегашните реформи и оние кои претстојат?

-Најсилната страна во случајот на реформите поврзани со процесот на интегрирање на земјата во ЕУ системите е фактот дека сме долго во процесот, имаме стекнато искуство и дека еден дел од работата веќе успешно го имаме завршено. Ќе потсетам дека над 45% од европското законодавство е веќе транспонирано во домашниот правен систем. Исто така е добро што системот за водење и координирање на процесот е долго време функционален, над 25 години, и истиот треба да се стави во функција и за реализација на новите реформски процеси, кои непосредно се поврзани со пристапните преговори.

Слабата страна е фактот дека имаме одлив на квалитетен кадар од државните институции и дека е неопходно да се обезбеди влез на млади кадри со повеќе ентузијазам, за да може и долгорочните реформи кои бараат повеќегодишни напори и континуитет, успешно да се реализираат.

Исто така, високото ниво на политизација и депрофесионализација на администрацијата има негативни ефекти и бара итни категорични одлуки. Таа пракса мора да прекине со консензус кај сите политички партии. Од тука, заедно со привлекување на млад и способен кадар, потребна е целосна деполитизација на институциите и професионализација со компетентен кадар, кој знае и умее. Само така ќе обезбедиме функционални демократски институции и ефикасна и ефективна администрација.

Без реформи нема пари од ЕУ

Се знае ли точно на кои реформи треба да се фокусира државата? 

-Прво би нагласил дека процесот на пристапни преговори, особено после спроведениот скрининг, е основа за спроведување на сите потребни реформи со кои земјата би се оспособила да функционира како земја членка на ЕУ, и сите овие реформи треба да се спроведат, според политичката определба, до 2030 година.

Прво, со економскиот инвестициски план 2021-2027, фокусот се насочи кон големите инфраструктурни проекти, кој процес е во тек. Второ, со Планот за раст за Западен Балкан за 2024-2027 и дополнителната финансиска инјекција, на регионално ниво фокусот се става на забрзана интеграција во Единствениот европски пазар, преку интегрирање во регионалниот пазар, но под европски стандарди, како и интензивирање на реформите поврзани со фундаментите, а тоа е владеење на правото и почитување на основните човекови права, вклучително и тие на малцинствата, и трето, преку реформската агенда 2024-2027, на национално ниво, фокусот се става на реформата на јавната администрација, вклучително и управувањето со јавните финансии, потоа на зелената транзиција, дигитална и енергетска, развој на човечкиот капитал, креирање на поповолна бизнис околина, и секако фокус на владеење на правото.

Исто така беше речено и дека ако некоја од земјите на Западен Балкан не успее да ги исполни критериумите за траншата, парите можат да бидат пренасочени на друга земја која е побрза во реформските процеси. Колку може Македонија да биде успешна во таа трка и што треба да се направи за да го држи чекорот?

-Јас би рекол дека прво треба да се фокусираме на нас и на нашите реформи, со цел да ги мобилизираме сите општествени чинители. Со други зборови, прво да ги искористиме нашите алоцирани средства, а погоре навестив за колкави средства се работи.

Но, точно е и тоа дека во предлог - регулативата стои и таа можност, доколку некоја земја не ги исполнува предусловите за добивање на средства преку овој Инструмент, средствата по извесен период, се ставаат на располагање на другите држави, со што потенцијално може да порасне и нашиот дел, заклучно со 2027 година. За тој потенцијал да се искористи, ние треба да бидеме со позитивен напредок во реформските процеси, и секако треба да имаме резервни веќе подготвени реформски или инвестициски проекти, што не е ни малку лесна работа.

Што може да понуди Северна Македонија како ресурси на тој пат?

-Единствениот европски пазар е збир на ЕУ правни прописи, стандарди, процедури, институционални капацитети, кои треба да ги прифатиме и развиеме за да може нашата економија, или нашите економски оператори да функционираат рамноправно на единствениот ЕУ пазар. Како предворје за тој влез, прво треба да обезбедиме целосно и непречено функционирање на економските оператори на единствениот регионален пазар, и тоа токму според сите европски правила и стандарди.

Она што сакам да го кажам е дека, всушност тоа што ние може и треба да и го понудиме на ЕУ, и на регионот, е функционални институции кои ќе обезбедат слободен проток на производи, капитал, луѓе и услуги, односно да им обезбедиме на нашите економски оператори пристап до регионалниот и европскиот единствен пазар. Дали и што ќе може да понудиме во регионот и на пазарот на ЕУ, тоа зависи од конкурентноста и квалитетот на нашите производи и услуги.

Планот за раст не е замена за преговорите

Бидејќи бизнисот е клучен во оваа област какви се вашите сознанија, како може да му се помогне, има ли кај бизнисот расположение и капацитети за реформи?

-Бизнисите се двигател на секоја економија, а економијата е столбот на општеството. Без успешна економија нема успешни реформи, бидејќи најголем дел од реформите ги засегаат токму економските оператори. Со реформите треба да се обезбеди намалување на административните трошоци, поефтин и побрз пристап до финансиските текови, поквалитетна работна сила, побрз и поефтин транспорт, сигурен пристап до поефтина енергија, ефикасен судски систем итн.

Кај бизнисите секогаш има не само расположение, туку и барања за реформи, бидејќи тие секогаш треба да се и во нивни интерес, колку што се во интерес на граѓаните. Често пати повторувам па ќе истакнам и сега, преговорите за пристапување кон ЕУ, па и кон ЕУ единствениот пазар, не се водат со ЕУ, туку со домашната бизнис заедница. Едноставно, од причина што реформите се реализираат дома, во најголем дел на наш трошок и ги засегаат директно економските оператори.

Дали Планот за раст на Западен Балкан и учеството на Македонија во него може да биде замена за запрените преговори за членство? Колкава е опасноста овој процес да го покрие процесот на преговори или да се користи како политичко алиби дека еве не преговараме но сепак сме во процес на економска интеграција со ЕУ која е поважна?

-Тоа секако не е целта на Планот за раст за Западен Балкан, ниту пак на реформската агенда, но не може да побегнеме од перцепцијата. Многу нови иницијативи се случија изминативе години, нови методологии и слично, што создава можеби и погрешен впечаток и ја усложнува работата на Европската Унија и особено на Европската комисија.

Она што е неопходно да се стори, да се дефинира јасно и гласно, комплементарноста, а не исклучивоста помеѓу пристапниот процес за полноправно членство, економскиот инвестициски план со цел забрзана изградба на големите инфраструктурни проекти, Планот за раст на Западен Балкан, и реформската агенда, како катализатор на клучните реформи што секоја земја од Западен Балкан одделно треба да ги преземе.

Финансискиот ЕУ инструмент од шест милијарди евра е за периодот од 2024-2027 година. Во Македонија 2024 е изборна година што значи и година на можни политички смени во инсттитуциите што може да се одрази на можностите за исполнувањето на критериумите. Гледате ли во тоа реална опасност и дали е време партиите да го препуштат тој дел на експерти? 

-Секои избори носат таков ризик, а кај нас изборите се случуваат пречесто и честите промени на носителите на институциите се голем товар за нашиот демократски и административен капацитет. Македонија има многу сложен политички систем и Устав, од тука секое натамошно усложнување на политичката сцена одзема дел од капацитетот за вистинските реформи. Ни треба нова енергија за спроведување на реформите, но ни треба и стабилност на институциите, како и нивна целосна деполитизација и професионализација. Без компетентни институции, нема реформи, независно од политичката волја или чесните намери.

Со оглед дека годинава ќе се одржат и европските избори, постои ли опасност од промена на стратегијата на Унијата, не само по тоа прашање, туку и генерално, кон регионот?

-Многумина велат дека ова е најнеизвесната година, со најмногу избори на планетата во последните декади. Покрај изборите кај нас, се случуваат и избори во Русија, избори за новиот Европски парламент и целосно ново раководство со европските институции, вклучително и нова Европска комисија, а на крајот на годината и избори во САД, најзначајните избори, би рекол, после Втората светска војна. Да не заборавиме војната во Украина добива на интензитет и дополнително креира атмосфера на неизвесност и нови опасности по мирот и безбедноста на Европа и глобално.

Но, според сигналите од Брисел, проширувањето, вклучително и Западниот Балкан останува како еден од клучните приоритети за Европската Унија и во новата Стратешка агенда 2024-2029, за што говори и фактот дека продолжуваат преговорите со Украина и Молдавија, а препорака за одлука за почеток на преговорите има и за Босна и Херцеговина. Тоа се позитивни сигнали во сивилото во кое се одвива процесот на проширување во моментов.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Наке Батев