fbpx

Васко Наумовски: Минатата власт избрза со имплементација на Преспанскиот договор

Интервју

28.05.24

Прегледи

Васко Наумовски, дипломат и политичар, заменик – премиер задолжен за европски прашања во поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, денес професор на Правниот факултет по меѓународни односи, во чие амбасадорско портфолио беа односите меѓу Македонија и стратешкиот партнер САД, е вистинскиот соговорник за темата за Преспанскиот договор. Тој смета дека долготрајните блокади кон ЕУ од повеќе страни, го намалија ентузијазмот дома. Оттука и заканите од Грција го немаат ефектот како пред 10-15 години, бидејќи, според него, има друга активна блокада. Нагласува дека Атина не се држи до Договорот кој досегашната власт во Македонија го имплементираше и повеќе отколку што треба. Во интервјуто разговаравме и за можна тужба од грчка страна, за тоа што значат реакциите од странство, и за други политички прашања кои произлегуваат од оваа тема.

Ги сметате ли за оправдани реакциите на Мицотакис, Фон дер Лајен, Советот на Европа и претставничката на САД за одбегнувањето на зборот Северна” од страна на претседателката Сиљановска-Давкова ?

-Реакциите беа во насока на почитување на т.н. Преспански договор, а новоизбраната претседателка во официјално соопштение потврди дека ќе се придржува до истиот. Високи претставници на ЕУ, САД и други пријателски држави го честитаа изборот на претседателката, и изразија желби заеднички да работат за напредокот и европската интеграција на Македонија.

Некои сметаат дека Сиљановска -Давкова во тој момент не беше уште претседателка и не морала да се придржува кон уставното име. Што мислите Вие?

-Таа, како професорка по Уставно право, и меѓународно признат експерт за човекови права, се повика на правото на самоопределување и самоидентификација, истовремено заложувајќи се за официјална примена на Уставот. Самата заклетва е документ за исклучиво внатрешна употреба, односно може да се подведе под прописите што треба да бидат усогласени во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје од преговорите со ЕУ. Оттаму, сметам дека претседателката не направи никаква грешка.

Може ли да се очекуваат натамошни проблеми од Грција на нашиот европски пат?

-Македонскиот пат кон полноправно членство одамна е блокиран, долг период поради грчкото вето, потоа поради француското вето, а сега причината е кај соседна Бугарија. Европската унија не успеа да најде начин да се оневозможат еднострани блокади на процесот на проширување, што резултираше со намален ентузијазам кај граѓаните од државите кандидати, како и пораст на евро-скептицизмот. Реалноста е дека нашите евроинтеграции се веќе загрозени од страна на членките на ЕУ, поради што заканите за некакво ново вето од Грција немаат иста вредност каква што имаа пред 10 или 15 години.

Анахрони термини во Грција

Што остана неисполнето од Преспанскиот договор од грчка страна, а што од македонска страна?

-Доволно е да ги видиме изјавите на грчките власти за одбивање на ратификацијата на меморандумите, што е јасна обврска од Договорот, а тука е и постоечката патна сигнализација во Грција која содржи анахрони термини. На македонска страна имплементацијата е предвремена, знаејќи дека внатрешната употреба треба да го следи отворањето на соодветните поглавја од преговорите со ЕУ. Ние досега немаме отворено ниту едно поглавје, што значи дека минатата власт избрза со имплементацијата. Доколку имплементацијата не е избрзана, што тогаш би се имплементирало во тој рок од пет години од отворањето на секое поглавје? Самиот договор има нејасни одредби кои предизвикуваат дилеми од правен, историски и лингвистички карактер, што само ја потврдува прецепцијата дека беше склучен без да се имаат предвид последиците што ќе бидат предизвикани.

Какви последици може да имаме како држава ако продолжи оваа вербална војна помеѓу Атина и Скопје?

-Заканите од Грција се однесуваат на блокада на европската интеграција на Македонија, пришто тие закани се дека ќе се блокира нешто што веќе е блокирано. Останува да видиме како ќе настапи новата македонска влада после официјалниот избор, кои ќе бидат чекорите од страна на новите функционери одговорни за надворешната политика и европската интеграција, како и евентуалната стабилизација на реториката на грчката политичка сцена после европските избори. Македонските власти ќе имаат и обврска кон огромниот број на гласачи кои им дадоа силен легитимитет, меѓу другото и за политиката поврзана со овие прашања.

ВМРО-ДПМНЕ е во покомотна позиција од Нова Демократија

Зошто сè уште неустоличената влада на идниот премиер Мицкоски го проблематизира Преспанскиот договор?

-Немаме слушнато изјава од идниот премиер дека ќе го проблематизира или нема да го почитува Договорот. Напротив, такви изјави слушаме од високи претставници на грчката влада, кои со јасниот став за одбивање на ратификација на меморандумите кои произлегуваат од Договорот - директно го проблематизира истиот.

Може ли навистина нешто да се смени во Преспанскиот договор или двете страни го користат за внатрешно-политички цели: ВМРО-ДПМНЕ да го оттргне вниманието на јавноста од мегаломанските барања на ВЛЕН (ВРЕДИ) при составувањето на нова влада, а Нова Демократија на Мицотакис да добие поени пред европските избори? 

-ВМРО се наоѓа во прилично комотна позиција за составување на новата влада, знаејќи дека е на границата на апсолутно мнозинство. Сметам дека барањата на ВРЕДИ ќе бидат значително поскромни од оние на ДУИ, затоа што нивните гласови не се неопходни за составување на владата. Ситуацијата во Грција е таква што Нова Демократија има стабилно водство пред тамошната опозиција, но сепак во секоја предизборна кампања ја засилува патриотската реторика.

Референдумот беше неуспешен

Кои правни аргументи ќе користи Македонија ако грчката страна поднесе меѓународна тужба? 

-Доколку Грција донесе таква одлука ќе треба да се види кои ќе бидат нивните аргументи. Има повеќе случаи на неспроведување на одредби од страна на Грција, и нашите аргументи би се темелеле на тие состојби. Да не заборавиме дека ние поднесовме апликација пред Меѓународниот суд на правдата за непочитување на Времената спогодба, нашите аргументи беа уважени, но состојбата во реалноста не се промени. Самите грчки политичари се свесни дека евентуалното укинување на Договорот нема да значи враќање на Времената спогодба од 1995 година каде што државата во рамките на ОН се именуваше со поранешната референца. Не сум сигурен дека ќе биде во нивна полза да се укине и Преспанскиот договор, со кој беше воведена додавката, и истовремено да не постои можност за враќање на референцата.

Можно ли е сите кои реагираа на некористењето на терминот Северна да не ги знаат одредбите од Преспанскиот договор? Или ние погрешно ги толкуваме?

-Самиот грчки премиер изјави дека реакциите биле на барање на Грција, дури и после негова лична интервенција. Грција е долгогодишна членка на Европската унија, има свое сериозно влијание во европските институции, и ќе има свое влијание и врз изборот на идните функционери на Унијата. Логично е тие да имаат повисок степен на блискост до грчките позиции, како што беше случај долг период со толеранцијата на грчкото вето. Проблемот со спроведувањето на Договорот е што досегашната власт кај нас имплементираше сѐ што треба и што не треба - процес кој секако е во интерес на Грција, заради што немаше никакви реакции од нивна страна, ниту пак од страна на ЕУ. Хронологијата на усвојувањето и спроведувањето на Договорот беше пропратена со, благо речено, дискутабилни методи на тогашната власт, што секако не создаде атмосфера за соодветна стручна дебата за неговите одредби. Да не ги игнорираме и неуспешниот референдум, постапката за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието, и слични чекори со кои во суштина се покажа дека целата постапка не го доби легитимитетот од граѓаните. Во една непристрасна дискусија ќе може да се направи анализа дали спроведувањето на одредбите од Договорот оди со предвидената динамика, или пак додавката на името е наметната во многу документи каде што тоа не било неопходно.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Дарко Андоновски