fbpx

Дали либерализмот може да го победи коронавирусот – пред тој да го победи либерализмот?

Кристијан Фидановски

Политика

КОВИД-19

13.04.20

Прегледи

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogПолицискиот час не бара од тебе да знаеш дали надвор има вирус, невреме или терористички напад – бара само да знаеш дека има полициски час.

За коронавирусот упорно слушаме дека е „вонреден проблем кој изискува вонредни решенија“. Несомнено, се работи за решенија што никогаш не би се презеле во „нормални“ услови. Но, дали тоа автоматски ги прави „вонредни“? Дури и ако самите решенија се необични, дали тоа значи дека и логиката зад нив мора да биде вонредна? Дали во време на криза има смисла да се зборува за либерални и нелиберални мерки – или само за ефикасни и неефикасни? И со оглед на тоа што повеќето мерки што светот досега ги презема се (претставувани во медиумите како) нелиберални, што значи да се биде либерал во оваа криза?

Дали еден либерал смее – само затоа што сме во криза – да поддржи и по некоја нелиберална мерка? Дали таквиот чекор е оправдан потег во едни вонредни околности, или непобитен доказ дека тој човек всушност никогаш и не бил либерал? Второво би било сосема разбирливо: природно е една криза да нѐ натера повеќе да размислуваме за нашето целокупно разбирање на човековата природа – т.е. за нашата идеологија – па дури и да си го преиспитаме.

Меѓутоа, првата опција, односно острата поделба на „нормални“ (кога идеологијата е дозволена) и „вонредни“ услови (кога таа е наводно штетна) наметнува еден навистина поразителен заклучок. Доколку идеологијата има макар и најмала вредност како некакво животно упатство, зарем не треба таа вредност да дојде до израз токму во најважните (вонредни) ситуации?

Зошто целните ограничувања на движењето се всушност либерална мерка?

Барем во еден поглед, оваа криза и не е толку вонредна. Соочени со избор помеѓу едукативни и рестриктивни решенија, политичарите низ светот всушност се соочуваат со истата вредносна дилема со која бездруго се бореле безбројпати досега низ годините. Но, дали ова значи дека секој либерален политичар што презема рестриктивна мерка е еретик? Или можеби рестриктивното знае да биде и во склад со едукативното?

Во контекст на КОВИД-19, рестриктивна мерка на која сепак може да се гледа како либерална би била, на пример, забраната за јавно групирање. Твоето право да одиш „на пијачка“ не е веќе важно. Важен е ризикот дека ќе се заразиш и дека потоа ќе заразиш некој член на твоето семејство, кој никогаш не би бил толку неодговорен како тебе да оди „на пијачка“ среде епидемија, па затоа заслужува да биде заштитен од луѓето како тебе.

Истата логика се крие зад сите целни ограничувања на движењето. Ставањето клуч на сите затворени простори како кафулиња, ресторани, фитнес-центри и трговски центри е оправдано со фактот дека сите овие објекти претставуваат експлитицни вектори на зараза. Штом нивното користење и онака е оневозможено, нивното затворање е само еден логичен следен чекор.

Меѓутоа, за еден либерал, уште поважно кај оваа политика е прашањето: што не е забрането? Преку одбивањето да се ограничи интеракција на отворено, ваквата интеракција практично се става во иста категорија како односот со најблиските дома: можат да бидат исклучително опасни без лична претпазливост, но и речиси комплетно безопасни доколку се пропратени со одговорно однесување.

Затоа, целните рестрикции не смеат да се третираат како некакво признание дека не е толку важно луѓето да се едуцираат за начините на ширење на епидемијата. На крајот на краиштата, ако не разбираме зошто се затворени кафулињата и рестораните, мерката ќе биде јалова бидејќи само ќе ги замениме овие објекти со домашни журки и одење „на гости“.

Dali liberalizmot moze da go pobedi koronavirusot

Извор: sdk.mk

Секој либерал мора остро да се спротивстави на медиумското претставување на сите кризни мерки како нелиберални, бидејќи на тој начин испаѓа дека либерализмот е бескорисен во време на криза, а тоа не е така. Доколку продолжиме да ја правиме оваа грешка и на крајот испадне дека сме „преживеале епидемија“ благодарение на нелиберални политики, дали некој било кога во иднина ќе смее да се залага за каква било либерална кауза!?

Зошто бланко-ограничувањата на движењето не може да бидат либерална мерка?

За разлика од целните рестрикции, кои се атрактивни ем за помалку либералните граѓани поради својата рестриктивна природа, ем за полибералните поради својата превентивна улога, бланко-ограничувањата како полицискиот час мора да се третираат исклучиво како нелиберални мерки. Со оглед на тоа што присуството во надворешниот свет (особено доколку носиш заштитна маска) не претставува ризико-фактор само по себе, ваквите ограничувања веќе претставуваат една целосно поинаква стратегија во која едукацијата престанува да игра каква било улога. 

Проблемот со бланко-ограничувањата е што дури и нивната наводна сеопфатност е ограничена на јавниот простор. Кога ги затвораат граѓаните дома, владите го повлекуваат последниот ас од ракавот, а сепак и натаму не можат да гарантираат дека зад затворени врати нема да се прегрнуваме со членовите на семејството или да се поздравуваме со соседите.

Бланко-рестрикциите се целосно независни од нашиот степен на едуцираност за кризата. Чуму да се едуцираш кога веќе имаш друга поедноставна причина да не излегуваш – ќе те казни полицаец. Полицискиот час не бара од тебе да знаеш дали надвор има вирус, невреме или терористички напад – бара само да знаеш дека има полициски час.

Ваквиот нелиберален пристап може да има сериозни симболични последици. Со воведувањето бланко-ограничувања, политичарите практично бришат секаква верба во нашата способност за здраворазумски однос кон вирусот. Тие се убедени дека нашето однесување и онака ќе биде неодговорно, па наместо да се обидат преку едукација да го направат поодговорно, одлучуваат да го ограничат нашето присуство надвор на што помалку часови во денот.

Но, што ако на крајот испадне како во приказната за овчарот и волкот? Што ако голем број луѓе навистина станат комплетно неодговорни – токму онака како што надлежните нѐ замислуваат сите? Што ако едноставно почнат да ги занемаруваат препораките за лична заштита секогаш кога нема да им виси полицаец над глава?

Тука се наметнува и прашањето на доверба. Ако политичарите нам не ни веруваат дека сме способни да отидеме до пекара без да се избакнеме со сите што ќе ги сретнеме по пат, зошто па ние ним да им веруваме дека сето она што ни го кажуваат во врска со вирусот е точно? (Секако дека треба и тоа како да веруваме во деструктивноста на коронавирусот, но во доба на широко распространета недоверба кон политичарите во светски рамки, дали е ваквото непосакувано сценарио толку незамисливо?)

За разлика од исплашениот граѓанин, едуцираниот граѓанин кој ги почитува сите препораки за лична заштита може да остане надвор со часови без да се изложува на ризик од зараза. Се разбира, помалку либералните меѓу нас секогаш ќе речат дека ваквиот граѓанин не постои – или барем не доволно често.

А сепак, дури и тие би морале да признаат дека доколку постои, ваквиот граѓанин би ја претставувал единствената оптимална заштита од епидемијата. И тука веќе дебатата за полицискиот час всушност станува еден најсекојдневен – нималку вонреден – вредносен судир на идеалното наспрема реалното, утопиското наспрема несовршеното.

„Железната завеса“ на полицискиот час

Уште пред десетина дена, кога нашиот полициски час беше во својата „најсрамежлива“ форма од неколку часа дневно, јавноста веднаш ја согледа неговата математичка бесмисленост: што подолг полициски час, толку поголем метеж во ограничените временски периоди вон полицискиот час, односно толку поголема опасност од зараза. Со оглед на фактот дека овој заклучок е прилично интуитивен, разумно е да се претпостави дека воведувањето (а потоа и проширувањето) на полицискиот час не е некаков превид, туку сосема свесно воведување нелиберална мерка.

Полицискиот час претставува еден вид кревање раце од напорите да се едуцира населението за вирусот. Кога во тие неколку часа вон полицискиот час ќе се најдеме во неизбежен метеж во некој супермаркет, надежта е дека таквата „гужва пред гол“ ќе нѐ потсети да ставиме маска, додека во помалку полн супермаркет можеби (државата би рекла, сигурно) би заборавиле. Значи, се претпоставува дека ние во оваа криза можеме правилно да постапуваме само поради некаков психолошки „ефект на толпа“, а не (и) од едуцираност.

Интересно е што полицискиот час е посебно популарен во источна Европа: во еден или друг облик, тој активно се применува и во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Грузија. Во западна Европа, пак, според Википедија – вонреден извор во “вонредни” времиња – полициски час досега имало само во две земји: Кипар и Швајцарија.

Ваквата „железна завеса“ помеѓу „западот“ и „истокот“ покажува дека политичарите очигледно сметаат дека некои нации се поподатливи за нелиберални мерки од други. И тука доаѓаме до уште еден аспект од оваа криза кој воопшто не е вонреден. Коронавирусот всушност нѐ враќа на едно од најосновните политиколошки прашања: дали идеологијата е културолошки релативна?

Идеологија во време на „корона“

Веднаш паѓа на ум онаа добропозната чаршиска максима: „а бе види, јас сум либерал, ама таму кај што може – а не кај нас“. По оваа логика, во општество со послаба општествена свест – што и да значи тоа – може да функционираат само најстроги забрани и наредби. Најефективни такви мерки досега имаше Кина: благодарение на една речиси сеопфатна домашна изолација, Кина уште кон средината на март го дочека првиот ден без ниту еден нов регистриран случај.

Меѓутоа, иронијата е што нашата чаршија и за Кина знае да каже: „леле значи секоја чест, ама кај нас таква дисциплина утре сабајле“. Па така, според оваа „логика“, испаѓа дека и за либерални и за нелиберални решенија е потребен некаков посебен тип на народ. Проблемот со културолошки релативните размислувања е што отвораат море од недокажливи и честопати контрадикторни претпоставки – за тоа што (не) може кај нас, а (не) може кај нив – кои на крајот стануваат потполно неупотребливи при осмислувањето политики.

И токму тука најдобро согледуваме зошто идеологијата добива на значење во време на криза. Убавината на идеолошките доктрини е што тие не познаваат исклучоци: ако нешто е правилно, тогаш е правилно и во Австрија и во Шри Ланка. За едно животно упатство да има смисла, тогаш тоа мора да важи и во најтешките ситуации – секогаш и секаде.

Се разбира, сосема е возможно либералните стратегии ширум светот – од целните ограничувања на движење преку интензивно тестирање па сѐ до сеопфатни информативни кампањи –  да покажат послаби резултати од полицискиот час. Во тој случај, кога сето ова ќе заврши, либерално настроените меѓу нас би морале да седнат и да си ги преиспитаат своите целокупни претпоставки за човековата природа.

А сепак, постои барем еден преседан кој во меѓувреме му дава муниција на либералниот пристап. Со една толку едноставна постапка како миење раце, ние веќе секоја година спасуваме милиони животи на планетата – без притоа да ни виси над глава некаква „сапунска полиција“. Дали можеби сепак и не сме толку неразумни суштества?

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кристијан Фидановски

Кристијан Фидановски е докторанд по социјални политики на универзитетот Оксфорд, каде ги проучува политиките за стимулирање наталитет на Балканот и во источна Европа. Кристијан има магистрирано политички науки и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, а има дипломирано во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL). Покрај наталитетските политики, негов примарен истражувачки фокус се партиските системи, евроинтеграциските процеси и теориите на заговор. Има објавувано академски трудови и новинарски текстови на македонски, англиски и италијански јазик за десетици домашни и меѓународни публикации.