fbpx
 

Темпираната бомба на врвот на светот

Марио Молина (Mario Molina), Дурвуд Заелке (Durwood Zaelke)

Molna ZaelkeНасекаде низ светот има луѓе кои ги изгубиле своите домови и изворите на егзистенција поради пожари, поплави, бури и други катастрофи што понеле со себе и човечки жртви. Со оглед на тоа што научниците сега очекуваат Северниот Леден Океан да остане речиси без мраз кон крајот на летото, можно е да следуваат уште многу полоши призори.

Тешко е да се замислат поразорувачки последици од климатските промени од пожарите што беснееја во Калифорнија, Орегон и Вашингтон, или низата урагани што се приближуваа, а и во неколку наврати го пустошеа Заливското крајбрежје. Настапија и смртоносни топлотни бранови во Индија, Пакистан и Европа, и разорни поплави во Југоисточна Азија. Меѓутоа, она што следува е многу полошо и носи со себе еден посебен ризик, толку голем што сам по себе претставува закана на човештвото, а тоа е брзото исчезнување на арктичкиот морски мраз.

Оваа климатска „бомба“ потсетува на еден филм на Алфред Хичкок, оти во даден момент таа може повеќе од двојно да ја зголеми стапката на глобално затоплување и има тајмер што го следиме со сè поголема вознемиреност. Секој септември, степенот на арктичкиот морски мраз го достигнува своето најниско ниво, пред продолжениот мрак и паѓањето на температурите да предизвикаат тој повторно да се шири. Во тој момент, научниците го споредуваат обемот на мразот со претходните години.

Сите треба да сме исплашени од резултатите. Оваа година, мерењата на Националниот центар за податоци за снег и мраз од Болдер, Колорадо покажуваат дека има помалку мраз на средината на Арктикот од кога било порано, а неодамна објавените истражувања покажуваат дека во 2018 и 2019 година, зимскиот морски мраз во Беринговото Море на Арктикот го достигнал најниското ниво во последните 5 500 години.

Низ целиот Северен Пол, на 15 септември морскиот мраз ја достигнал втората најниска точка измерена досега. Износите варираат од година во година, но трендот бележи постојана и незапирлива надолна траекторија: сите 14 септемвриски мерења кои покажале најниски нивоа на морскиот мраз се во последните 14 години.

Не само што морскиот мраз покрива помала површина, таа исто така е потенка од кога било порано. Најстариот морски мраз (стар повеќе од четири години), кој е поотпорен на топење, сега сочинува помалку од 1% од целата морска ледена покривка. Сега доминира мраз стар до една година, што ја прави морската покривка покревка и посклона на топење. Научниците сега очекуваат дека Северниот Леден Океан може да остане речиси без мраз кон крајот на летото за една или две децении.

Последиците би биле катастрофални. Во екстремно сценарио што би можело да стане реалност за неколку децении, загубата на целиот мраз во текот на сите сончеви месеци би произвело глобално радијативно греење што би било еквивалентно на додавање билион тони јаглерод диоксид во атмосферата. За да може да направиме споредба, во првите 270 години од почетокот на индустриската револуција, во атмосферата се додадени 2,4 билиони тони СО2. Околу 30% од затоплувањето на Арктикот веќе е додадено на климата поради изгубениот мраз помеѓу 1979 и 2016 година, а брзо следува повеќе затоплување бидејќи се губи голем дел од преостанатиот мраз.

Ова екстремно сценарио ќе ги забрза климатските промени за 25 години, а не може да се каже дека е нереално или незамисливо. Минатиов месец, ледена санта двојно поголема од Менхетен се отцепи од најголемиот преостанат леден гребен на Арктикот, на североистокот на Гренланд, по рекордно високите летни температури.

Во меѓувреме, на копното, мразот на Гренланд исто така е во опасност. Со затоплувањето на Северниот Пол, кое се одвива во најмала рака двојно побрзо од просечното глобално затоплување, стапката на топење на Гренланд е најмалку тројно зголемена во последните две децении. Се смета дека ова ќе стане неповратно за една деценија или помалку. На крајот, ова топење ќе предизвика морските нивоа наместа да се зголемат и за седум метри, потопувајќи ги крајбрежните градови, иако овие максимални вредности најверојатно нема да се достигнат уште стотици години.

Проблемот со забрзувањето на затоплувањето на Арктикот станува уште посериозен поради повратниот ризик од топењето на вечниот мраз, кој има својство самиот себеси да се засилува. Количеството на јаглерод што е заробено во вечниот мраз е речиси двојно поголемо од јаглеродот што веќе го има во атмосферата, ако се ослободи и само дел од него може да биде катастрофално. Со одмрзнувањето на вечниот мраз истовремено би се ослободиле уште посилни стакленички гасови: азотен субоксид и метан. Како што се зголемуваат глобалните температури, би можело уште повеќе метан да се испушти од плиткото морско дно на источно-сибирскиот арктички гребен.

Јасно е дека е потребно да се преземат итни дејства за ублажување на овие огромни ризици, за кои може да се каже и дека се егзистенцијални. Потребно е брзо намалување на емисиите на СО2, но тоа во никој случај не е доволно. Всушност, студиите покажуваат дека дури и брзите намалувања на СО2 би ублажиле само околу 0,1-0,3 °С од затоплувањето поради СО2 до 2050 година.

Затоа е од суштинско значење драстично да се намалат емисиите на таканаречените краткотрајни климатски загадувачи: метан, црн јаглерод, хидрофлуоројаглероди (HFC) и тропосферски озон. На тој начин, затоплувањето би се намалило шест пати повеќе отколку со намалување на емисиите на СО2 до 2050 година. Генерално, елиминирањето на емисиите на овие супер загадувачи би ја преполовило стапката на целокупното глобално затоплување и би го намалило за две третини предвиденото затоплување на Северниот Пол.

Постигнат е извесен напредок. Пред речиси четири години, во Кигали, Руанда, 197 земји усвоија амандман на Монтреалскиот протокол насочен кон постепено укинување на HFC. (Во овој момент, со Монтреалскиот протокол веќе е олеснето постепеното укинување на речиси 100 хемикалии што го засилуваат глобалното затоплување и ја загрозуваат озонската обвивка.)

Покрај тоа, во САД, Сенатот постигна двопартиски договор минатиот месец за намалување на производството и увозот на HFCs за 85% до 2036 година. Калифорнија значително ги намали емисиите на црн јаглерод дури за 90% споредено со емисиите од 60-тите години од 20 век и ќе го преполови остатокот до 2030 година. И Климатскиот сојуз на САД, двопартиска група од 25 државни гувернери, постави цел за намалување на емисиите на метан за 40-50% до 2030 година.

Ова се цели за пофалба. Меѓутоа, за да се постигнат овие цели, а да не ги ни споменуваме оние поамбициозните цели потребни за спречување на порастот на глобалната температура, ќе биде потребно да совладаме големи спротивставени сили, почнувајќи од владата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се противи на поставените цели за намалување на емисиите.

Дури и ако Трамп изгуби на изборите следниот месец, Северниот Пол и целата планета ќе бидат во голема опасност, освен ако новата влада драстично ги зајакне напорите за намалување на емисиите на CO2 и на краткотрајните климатски загадувачи. Насекаде низ светот има луѓе кои ги изгубиле своите домови и изворите на егзистенција поради пожари, поплави, бури и други катастрофи што понеле со себе и човечки жртви. Можно е да следуваат уште многу полоши призори.

 

Марио Молина почина додека го пишувавме овој текст. Овде може да го прочитате прошталниот текст напишан од неговиот коавтор, Дурвуд Заелке.

Марио Молина, добитник на Нобелова награда за хемија во 1995 година, бил професор на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего и Националниот автономен универзитет во Мексико.

Дурвуд Заелке е претседател на Институтот за управување и одржлив развој и еден од директорите на Програмата за управување со одржлив развој на Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Може ли да се очовечат економскиот и политичкиот с...
Поддршката од најблиските е клучна за менталното з...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 27 Ноември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè