fbpx
 

Избори во Бугарија: влогот е голем а иднината неизвесна

Радосвета Василева

Radosveta vasileva 400x500Опсесијата на Борисов да спречи предвремени избори по секоја цена и медиумските манипулации со помош на сервилни социолози се само потврда за неговиот страв. Сепак, стравот е лош советник. Колку повеќе ГЕРБ се држи до власта како гладно куче со коска, толку повеќе граѓаните стануваат будни и мотивирани да им ја одземат коската.

Редовните парламентарни избори во Бугарија закажани на 4 април 2021 година се од клучна важност за владеењето на правото и демократијата во Бугарија. Длабоката држава (deep state) во Бугарија е на работ на провалија – бугарските граѓани речиси осум месеци, од јули минатата година, протестираа против огромната корупција на владата на Бојко Борисов, инаку трета по ред, и генералниот обвинител Иван Гешев, барајќи нивна оставка и предвремени избори.

Во август 2020 година, истражувањата на јавното мислење покажаа дека недовербата кај јавноста кон Борисов беше 68%, дека 62% од бугарските граѓани ги поддржуваат протестите и дека 58.9% од нив бараа оставка од Владата – сето ова се бројки кои покажуваат колку се лути граѓаните на корупцијата која е присутна во највисоките инстанции на Владата. Во октомври 2020 година, Владата на Борисов доби шлаканица директно од Европскиот парламент кој усвои критична резолуција во однос на назадувањето на владеењето на правото и на злоупотребата на човековите права во Бугарија. Ова покажа дека нападите врз владеењето на правото во Бугарија, кои претходно веќе беа потенцирани од угледни индекси и извештаи, веќе станаа премногу очигледни за да може ЕУ да ги игнорира.

Сепак, Владата на Борисов упорно одбива да си даде оставка и наместо тоа оди на редовни избори. Колкав е влогот сега и што можеме да очекуваме во иднина?

Како да се спречат предвремени избори по секоја цена: есапот на Борисов

Борисов и неговата партија ГЕРБ го изведоа секој можен трик за да спречат предвремени избори кои граѓаните ги бараа уште од месец јули 2020 година. Тоа го покажа и стравот на Борисов и ГЕРБ засекогаш да бидат симнати од власт. Неговата огромна паника може уште повеќе да се види преку фактот дека неговите две претходни влади беа приморани да си поднесат оставка и тоа во однос на протести и скандали кои беа со релативно минорно значење во споредба со моменталната состојба.

Најпрвин, Борисов го примени своето стандардно оружје – популизмот. „ГЕРБ има изградено исто колку што имаат изградено сите претходни Премиери заедно. Затоа ли треба да си дадеме оставка?“, се прашуваше Борисов во пренос (стрим) во живо од пред иконата на Богородица во месец јули 2020 година. „Јас имам изградено повеќе автопати од Тодор Живков“ и „Ако си дадеме оставка, државата ќе се распадне“ беа некои од аргументите кои ги кажа во обид повторно да ја стекне довербата на граѓаните.

Меѓутоа, гневот се зголеми, па Борисов мораше да се потпре на еден друг добро познат метод – тој побара четворица свои министри да си дадат оставка. Не било кои четворица, туку оние кои опозицијата често ги сметаше за штитеници на партнерот на Борисов зад кулисите, Делјан Пеевски. Овој пат се чинеше дека главен мотив на Борисов е да се обиде да ја убеди толпата дека тој нема ништо заедничко со Пеевски, кого независните медиуми го опишаа како еден од главните луѓе во позадина на длабоката држава во Бугарија.

Очајните времиња бараат очајни мерки

Бидејќи потегот со присилни оставки не го донесе посакуваниот ефект и само поттикна на понатамошно незадоволство и протести, Борисов го примени најдоброто оружје на секој автократ – „нов“ Устав, наводно, „да го овозможи најдоброто за народот“, само што не беше ниту нов ниту пријателски настроен кон барањата на протестирачите. Во суштина, предлогот на Борисов даден во последен момент беше една мешавина: 90% од сегашниот Устав само завртен наопаку и 10% егзотични идеи со кои се кршеше принципот на поделба на власта, како што е давање право на Обвинителството да поднесува законодавни иницијативи.

Борисов го искористи овој предлог за нов Устав за да купи време – тој го достави на разгледување до Венецијанската комисија, инаку орган што го советува Советот на Европа за уставни прашања, иако водечките експерти за уставно право не видоа никаква вредност во нацрт текстот. Кога беше објавено мошне негативното мислење на Венецијанската комисија во ноември 2020 година, Борисов тивко и без никаква фама го повлече наводниот револуционерен предлог. Успеа да спречи предвремени избори.

Izbori vo Bugarija vlogot e golem a idninata neizvesnaИзвор: neweurope.eu

Кошмарот на ГЕРБ за (по)правични избори

Може разумно да се смета дека главната причина зошто Борисов не сакаше да си даде оставка и со тоа да го отвори патот за предвремени избори беше исклучиво техничка, но, како што е познато, ѓаволот е во деталите. Ако владата на Борисов си дадеше оставка, бугарскиот претседател (кој е од опозицијата) ќе назначеше привремена влада чија главна задача ќе беше организирање на парламентарни избори. Сепак, имајќи ги предвид протестите против него, Борисов го претпочиташе алтернативното решение – да преживее по секоја цена до редовните избори, за да може неговата влада да биде таа која ќе ги организира тие избори.

Ваквата навидум техничка природа на ова прашање нè доведува до следново релевантно прашање: колку би биле фер овие избори, имајќи предвид дека влогот е голем? Најголем број од граѓаните во Бугарија се убедени дека нашите избори традиционално се фалсификуваат. Едно истражување на Евробарометарот од 2018 година, на пример, покажа дека 72% од Бугарите сметаат конечните резултатите од изборите биле наместени а 81% се на став дека гласовите се купени – бројки кои се значително над просекот во ЕУ.

Кои фактори се причина за ваквата загриженост?

Експертот за избори Михаил Константинов, за кој се смета дека има ставови блиски со оние на владејачката гарнитура, смета дека 18% од изборниот список се состои од фантомски гласачи т.е. и мртвите гласаат. Во Бугарија традиционално кружат гласини па дури и сведочења за купување гласови. По последните ЕУ избори, на пример, граѓаните отворено им признаа на истражувачките новинари дека добиле од 15 до 25 евра за да гласаат на одреден начин – и за ова немало последици.

Оваа година, поранешната десна рака на Борисов, Цветан Цветанов, кој порано беше задолжен за изборните кампањи на ГЕРБ, изнесе обвинувања дека ГЕРБ прави манипулации со изборите, вклучително и злоупотреба на ранливото ромско малцинство. Ниту еден од надлежните органи не се заинтересира за овие сериозни индикации. Уште полошо, гледано од историски аспект, изборните записници биле фалсификувани но судовите замижале на тоа – граѓаните сè уште се сеќаваат како, во 2015 година, управниот суд во Варна пресуди дека, иако форензичката анализа покажа дека сите записници на изборниот записник од општинските избори биле фалсификувани, изборните резултати сепак се валидни.

Уште еден проблем е тнр. „контролиран глас“. Кога Борисов дојде на власт, јавната администрација имаше 440.000 вработени. Зошто е тоа, нема доволно податоци, но според извештаите, владите на Борисов значително ја зголемија па и ја удвоија бројката на вработени во јавната администрација во Бугарија, што значи дека овие луѓе се повеќе расположени да гласаат за ГЕРБ затоа што се вработуваат благодарение на ГЕРБ.

Бугарите исто така се загрижени дека намерно се спречувани да гласаат. Има повеќе Бугари кои работат во странство отколку во Бугарија (1,5 милион наспроти 1 милион), но гласањето од странство е исклучително тешка работа. До ден денес сè уште не е можно да се гласа од странство поради непостоење на политичка волја. Исто така нема ниту доволно гласачки места, поради што бугарските државјани кои живеат во странство се изложуваат на неправични трошоци – пат, сместување итн.

Медиумски манипулации и искривени анкети

Во Бугарија, партиите на статус кво исто така се борат и за срцата и умовите на оние кои не можат лесно да бидат контролирани, и тоа со користење на потајни средства, како што е манипулацијата. Еднаш, провладините медиуми објавија оцрнувачки материјали за опозицијата со сомнителен кредибилитет – граѓаните во моментов се преплавени со црни ПР текстови против опозициските партии кои не се во сегашниот парламент но се надеваат дека ќе успеат да се изборат за пратенички места во следниот парламент, како што се коалицијата „Демократска Бугарија“ и коалицијата „Стани! Насилниците треба да си одат!“.

Поврзана алатка за не толку бенигна манипулација се изборните анкети. Како пример, во 2016 година, само неколку недели пред претседателските избори, една анкета спроведена од „Медиана“, инаку агенција специјализирана за социјално истражување и за која се смета дека е блиска до Владата, заклучи дека разликата помеѓу Румен Радев (сегашен претседател на државата) и Цецка Цачева (номинирана од Борисов) во вториот круг би била помалку од 1%. Сепак, вистинската разлика меѓу нив откако заврши гласањето беше 23,31% - огромна разлика што ја доведува во прашање методологијата и интегритетот на оние што ја спроведоа анкетата.

Овој пат гласачите во Бугарија повторно беа преплавени со различни контрадикторни анкети со сомнителен кредибилитет, што го натера Алексеј Пампоров од Бугарската академија на науките да објави еден многу критичен текст во кој тврди дека податоците се измешани со манипулации и на тој начин ги потенцира сериозните методолошки недостатоци.

Нејасна иднина

Опсесијата на Борисов да спречи предвремени избори по секоја цена, низата фактори што можат да ја загрозат правичноста на изборите и медиумските манипулации со помош на сервилни социолози се само потврда за неговиот страв. Сепак, стравот е лош советник. Колку повеќе ГЕРБ се држи до власта како гладно куче со коска, толку повеќе граѓаните стануваат будни и мотивирани да им ја одземат коската.

Голем број бугарски граѓани се разбудија поради протестите, што значи дека во идниот парламент ќе има нови играчи. Дури и анкетите кои им се најнаклонети на ГЕРБ не само што покажуваат дека оваа партија нема да може самостојно да формира влада туку веројатно е дека нема да може ни да биде дел од коалиција, затоа што нејзините сојузници ја губат силата а релативно новите играчи се стекнуваат со сè поголема популарност. Секако дека идниот парламент ќе биде фрагментиран но и улогата на ГЕРБ ќе биде намалена.

Во опозициските кругови веќе се зборува за тоа дека идниот парламент ќе има краток животен век: негова главна цел ќе биде да направи реформа на изборниот закон во Бугарија за да може следниот пат да се организираат пофер избори. Без разлика што нè чека во иднина, во овој момент се чини јасно дека автократијата на Борисов е истисната од својата комфор зона што воопшто не е лоша вест.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Д-р Крсте Роџевски: Забораваме дека медицинските р...
Балканот далеку од колективен имунитет против КОВИ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 20 Октомври 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè