fbpx
 

Четири потенцијални пречки за понатамошен политички подем на Димитар Апасиев и Левица

Кристијан Фидановски

Kristijan Fidanovski 400x500Барем од референдумот за промена на името во 2018 година наваму, партијата Левица е во подем. Сепак, на долг рок, овој подем може да биде загрозен од кадровско-географската ограниченост, идеолошката еклектичност, евроскептицизмот и нискиот коалициски потенцијал на партијата.

Во последните неколку години, веројатно единствениот македонски политичар чија популарност непрекинато расте е Димитар Апасиев. На парламентарните избори во 2020 година, партијата која ја претставува, Левица, успеа да освои две пратенички места и покрај релативната анонимност на остатокот од партиското раководство за пошироката јавност. Во меѓувреме, личната популарност на Апасиев ја наруши долгогодишната дуополија на лидерите на двете најголеми партии, надминувајќи ја онаа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според едно истражување на јавното мислење.

До каде може да стигнат Апасиев и Левица е веројатно најинтересното прашање во пресрет на локалните избори есенва, а и општо во следните неколку години на нашата инаку зачмаена политичка сцена. И додека во партијата веројатно уште отсега размислуваат за следните парламентарни избори, токму локалната сцена е обично клучниот чекор во подемот на анти-естаблишмент партиите со кои Левица отворено се идентификува.

Оттука, локалните избори се добар повод за дискусија на барем четири поважни причини зошто подемот на Апасиев и Левица би можел да го достигне својот зенит многу поскоро отколку што честопати се претпоставува во јавноста. Притоа, фокусот на овој текст е аналитички (од што зависи подемот на Левица?), а не нормативен (дали подемот на Левица е посакуван исход за државата?).

Кадровскo-географска ограниченост

Во 2016 година, партијата Движење пет ѕвезди (Movimento Cinque Stelle), дотогаш прилично анонимна надвор од Италија, направи бум на локалните избори во оваа држава, освојувајќи ги градоначалничките места во Рим и Торино. Две години подоцна, Движењето пет ѕвезди станува втора најголемa партија во државата на парламентарните избори во 2018 и влегува во владата. Денес, иако со послаб рејтинг и послаба застапеност во парламентот отколку при својот зенит, Движењето пет ѕвезди веќе три години е континуирано дел од италијанската влада и претставува еден од најмоќните политички актери во државата.

Секако, не можеме да знаеме дали оваа партија ќе доживееше успех на национално ниво дури и без првичниот успех на локално ниво. Сепак, многу е веројатно дека добивањето градоначалници во два клучни града ако ништо друго значително го забрза подемот на Движењето пет ѕвезди. Освен потврда пред гласачите дека партијата е доволно силна за да „има поента“ да се гласа за неа, стекнувањето локална власт носи и поголемо медиумско присуство, но и значајна институционална платформа за понатамошно умножување на поддршката.

Разликите помеѓу Движењето пет ѕвезди и Левица се бројни и го надминуваат фокусот на овој текст. Сепак, важната улога што ваквиот локален успех ја одигра во неодамнешниот подем на оваа анти-естаблишмент партија отвора незгодни прашања за Левица. Со оглед на засенетоста на остатокот од партиското раководство од страна на Апасиев, тешко е да се замисли конкурентен кадар од оваа партија на локалните избори.

Впрочем, кадровската лимитираност делумно се рефлектира и во регионалната концентрираност на партијата околу главниот град. Еден факт кој беше доста занемарен при фамата околу резултатот на партијата во 2020 е дека Левица освои двојно повеќе гласови во првата изборна единица (7.53%) отколку просечно во преостанатите пет (3.26%), потврдувајќи ја (барем во тој момент) географската ограниченост на својата популарност.

Идеолошка еклектичност

Една од омилените теми во јавноста кога се работи за Левица е дилемата за која од двете најголеми партии таа претставува поголема „закана“. Доминацијата на меѓуетничките прашања во реториката на Апасиев (особено на социјалните медиуми), која е и емпириски поткрепена во овој академски труд, честопати ги наведува политичките коментатори да ја (мис)категоризираат Левица како десничарска партија, која претендира да го „истисне“ ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, доминантниот фокус врз главниот град, урбано-интелектуалните реторички претензии на Апасиев, па и одржувањето (привиден) континуитет со прогресивно-левичарските почетоци на партијата преку задржувањето на нејзиното име, укажуваат на тоа дека самата Левица и тоа како смета на (делови од) гласачкото тело на СДСМ.

Оттука, вистинското прашање не е дали Левица е catch-all (идеолошки мешана) партија, туку како ваквиот нејзин карактер може да влијае врз нејзината популарност во иднина. Иако фактот дека партијата е во позиција да одлева гласови од обете најголеми партии навидум изгледа како предност, тој лесно може да се претвори во мана.

Cetiri potencijalni precki za ponatamosen politicki podem na Dimitar Apasiev i Levica 1Извор: novatv.mk

Со оглед на „опседнатоста“ на Апасиев со таканаречената грчка „пасокизација“ во своите јавни настапи, може да се насети дека и самиот Апасиев посакува eдна подиректна понатамошна траекторија за својата партија. Во ова сценарио, Левица едноставно би ја заменила онаа „голема“ партија која ѝ е номинално поблиска (СДСМ), онака како што некогаш „малата“ Сириза се наметна на сметка на ПАСОК на грчката политичка сцена, наместо да чека целокупен колапс на тридеценискиот (де факто) бипартизам во нашата држава.

Меѓутоа, нејасно е како Левица би можела да изведе „пасокизација“ доколку суштински се разидува со (гласачите на) партијата која треба да ја „пасокизира“. Токму ваквото разидување, и тоа по едно од најважните политички прашања во државата, нè носи до третата причина за песимизам во однос на понатамошната популарност на Апасиев и Левица.

Евроскептицизам

Континуираното стагнирање во европските интеграции на државата веројатно дојде како „кец на десетка“ за Апасиев и Левица. Иако Апасиев се нема изјаснето против македонското членство во ЕУ, неговата реторика по ова прашање е во најмала рака евроскептична.

Еден од најчестите шаблони во јавните настапи на Апасиев и Левица е укажувањето на наводната недоследност на разни членки на ЕУ кон европските вредности, како на пример кога упатија протестна нота до Амбасадата на Шпанија во Скопје по повод затворската казна за шпански рапер поради ширење говор на омраза. Тука се надоврзува и честата употреба на пежоративната кованица „ЕУфундаментализам/ЕУфундаменталисти“, најчесто во однос на владини функционери, а со порака дека посветеноста на македонските власти кон евроинтеграциите е наивна и во крајна линија штетна за државата.

Апасиев најчесто е доволно внимателен (иако види исклучок на сликата подолу) да ги насочува своите критики кон практичната манифестација на „европските вредности“ ширум континентот, наместо кон самите тие вредности, но прашање е како ваквото суптилно кокетирање со анти-ЕУ ориентираните слоеви од населението може да се одрази врз популарноста на партијата.

Cetiri potencijalni precki za ponatamosen politicki podem na Dimitar Apasiev i Levica 2Извор: Фејсбук

Она што веројатно треба да го загрижи Апасиев е фактот дека поддршката кај граѓаните за членство во ЕУ (барем досега) се покажува како тврдоглаво отпорна на постојаните пречки во евроинтеграцискиот процес. Повеќето анкети уште од француското „вето“ есента 2019 наваму покажуваат константност или само благ пад во поддршката за членство, а дури и анкетите кои покажуваат позначителен пад и натаму отсликуваат мнозинска поддршка.

Притоа, особено се интересни анкетните крос-табулации според партиска определба, кои покажуваат дека преку 90% од гласачите на СДСМ континуирано поддржуваат членство во ЕУ. Секако, невозможно е да се предвидат идните трендови во ставовите на граѓаните околу ЕУ, но засега евроскептицизмот останува политички штетен за Левица, особено кога се работи за одлевање гласови од СДСМ.

Низок коалициски потенцијал

Високиот степен на евроскептицизам, кој ја одвојува Левица од сите парламентарни партии во државата, па дури и од ВМРО-ДПМНЕ, но и неколку други политички каузи на Левица создаваат длабок јаз помеѓу оваа партија и остатокот од македонскиот политички систем. Ова е секако помал проблем на локално ниво, но може да биде непремостлива пречка за пробивањето на партијата низ централната власт, особен во еден (семи)парламентарен и фрагментиран политички систем како македонскиот, каде клучна улога игра коалицискиот потенцијал.

Нискиот коалициски потенцијал на Левица доаѓа до израз на две нивоа. Првото ниво е она на кое сега се наоѓа партијата. Во еден де факто бипартизам (систем во кој сениорниот коалициски партнер секогаш го даваат една од двете најголеми партии), колку што ѝ е тешко на една помала партија да влезе во парламентот, толку ѝ е лесно да се здобие со влијание диспропорционално на нејзиниот (мал) број на пратеници откако веќе ќе се најде внатре.

Ваквиот парадокс на парламентарните системи е познат во полтичките науки како сценарио во кое „опашката го мрда кучето“ (анг. the tail wags the dog). Се работи за ситуација во која распоредот на силите помеѓу големите партии е релативно израмнет, што ѝ овозможува огромна (а „недемократска“) привилегија на помалата партија, која и покрај својата релативно ниска поддршка кај граѓаните добива клучна улога при формирањето влада.

Веќе два изборни циклуси по ред, разликата во бројот на пратеници на двете најголеми партии изнесува само неколку мандати (во полза на ВМРО-ДПМНЕ во 2016, а во полза на СДСМ во 2020). Ова кажува дека во зависност од распоредот на силите помеѓу останатите помали партии, а особено доколку освои уште некој мандат во иднина, Левица лесно би можела да се најде во улога на „кингмејкер“, или еден вид кум на идната владејачка коалиција.

Meѓутоа, проблемот е што какво било коалицирање со една од двете најголеми партии директно би го погазило антиестаблишментскиот примат на партијата, со кој Апасиев честопати се гордее, нарекувајќи се себеси „Робеспјер неподмитливиот“. Притоа, коалицискиот потенцијал на Левица е дополнително ограничен од политичката некоректност на партијата околу меѓуетничките прашања, која може да создаде проблеми кај албанските партии, но и кај СДСМ.

Оттука, се чини дека партијата би можела да се стекне со власт единствено како сениорен коалициски партнер, односно како најдобропласирана партија на избори, што значи дека Левица би морала да изоди многу потрнлив пат од оној на другите (некогаш) „мали“ партии низ светот споменати во овој текст.

Краткорочни предности, долгорочни пречки

Се разбира, постојат и неколку индикации дека подемот на Апасиев и Левица (барем на краток рок) може да се очекува да продолжи. На прв поглед, падот на поддршката за двете најголеми партии помеѓу изборите во 2016 и 2020, растот на Апасиев и Левица во истиот период (но и во изминатата година според анкетите), честата некомпетентност на актуелната владејачка гарнитура, како и непопуларното коалицирање на СДСМ со ДУИ (сега и на локално ниво), упатуваат токму во таа насока.

Во ваквиот контекст, целта на овој текст беше да укаже на четири подолгорочни (и за пошироката јавност можеби помалку очигледни) фактори кои упатуваат во спротивната насока, а кои заслжуваат барем подеднаква тежина во рамките на медиумскиот дискурс околу Димитар Апасиев и Левица во иднина.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Горан е поприсутен од кога било
Што научивме од 30 години „демократија“?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Октомври 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè