fbpx

Депонија Русино: Темпирана еколошка бомба

Љупка Јаневска

Животна средина

24.01.22

Прегледи

Љупка Јаневска

Ljupka Janevska 400x500Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

Дивата депонија „Русино“, лоцирана над Гостивар во Бањичкото Поле, станува сѐ поголема еколошка катастрофа. Нејзиниот тежок и непријатен мирис што се шири од неа се чувствува речиси до центарот на градот. Тони смет често се оставаат и на асфалтниот пат, бидејќи другиот простор е веќе преполн со смет. На депонијата се одложува отпад од приближно 120.000-140.000 тони дневно, кој често пати се пали, а тешките мириси и чад се шират над Гостивар и околината.

Претходно во депонијата се одложувал отпад и од градот Тетово, од каде се носеле 140.000 тони смет дневно. Секојдневниот комунален отпад што се собира во депнијата се состои од цврст отпад како мебел за домаќинства, санитарна опрема, градежни материјали, или пак гранки од дрвја. Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

Поради зголеменоста на отпадот во депонијата локалното население, кое живеело во близина, почнало да чувствува зголемување на честите пожари и со цел да се намали загадување на животната средина тие ја формираат граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ и Движењето „Стоп за депонија Русино! Чист воздух за Гостивар!’’. Зголемувањето на честите пожари, согласно месечниот извештај за месец јануари 2021 година, придонело и квалитетот на воздухот во Гостивар да се намали, па така вредностите од мерните станици во Гостивар покажуваат дека во јануари е надмината вредноста на ПМ 10 честичките во воздухот.

Суштината на проблемот со депонијата Русино е што локацијата, надморската висина, и подземните и надземни води се тотално неповолни. Локацијата е на надморска височина од околу 850 метри што ја прави тешко достапна, особено во зимските периоди.

Исто така, постои недоволен инспекциски надзор и контроли на депонијата Русино за несоодветен третман на отпад (посебно опасен отпад) пропишани со регулативите кои произлегуваат од Законот за заштита на животна средина, Законот за управување со отпад и соодветните правилници.

Но, според Јавното Комунално претпријатије основен причинител за создавање на огромниот отпад е ниската свест и несовесните постапки на дел од граѓаните, кои го фрлаат отпадот насекаде, како и ограничената механизација и средства за работа.

Мерки за намалување на создавање на отпад

Поволно практични решенија за справување со депонијата Русино, но и со останатите локации и градови во кои има огромно количество отпад се веќе утврдени во Националниот план за управување со отпад 2020-2030. Во овој план неопходно е институционалниот систем за управување со отпад да развие сеопфатно управување со отпадот во согласност со правото на ЕУ и нивните правила за управување со отпадот за да се постигне еколошки безбедна преработка и отстранување на вишокот отпад на начин кој е најдобро прилагоден на состојбите во Македонија.

Deponija Rusino Tempirana ekoloska bombaИзвор: doma.edu.mk

Меѓутоа, покрај потребата од реформи во организациската, техничката, финансиската структура како и правната рамка, во Националниот план, потребно е да се обрне поголемо внимание на мерките опишани во продолжение на текстот.

Мерките за намалување на создавање на отпад се практична алатка за справување со големиот отпад што постојано се создава и натрупува во Русино. Па така, потребно е да се изградат постројки за сортирање и компостирање на различниот отпад што се фрла. На овој начин ќе се намалат количините на биоразградлив комунален отпад.

Исто така, набавката на стандардизирани садови за отпад ќе придонесе во намалување во депонирање на отпадот од домаќинствата во нестандардна амбалажа а со тоа ќе се подобрат хигиенско – санитарните услови заради тоа што ќе нема непријатна миризба.

Понатаму, санирањето на одредени диви депонии во населени места и преземање и транспорт на отпадот до соодветната депонија ќе придонесе до негово поголемо сортирање и намалување. 

Реупотреба и рециклирање

Реупотребата и рециклирањето на отпадот е важно, бидејќи овозможува пренамена на рециклираниот отпад од пластика, стакло или хартија. Можноста да се пренамени рециклираниот отпад и да се реупотреби за нешто што би придонело во креирање на некаков производ или материјал е навистина од голема oпштествена и социјална корист за целокупното општеството.

Согласно планскиот документ на „Националниот план за управување со отпад 2020 – 2030“, формирањето на мрежа на центри за рециклирање на отпад, особено во подрачјата кои не добиваат услуги на собирање од врата до врата ќе придонесе во зголемување на процесот на рециклирање и корисна реупотреба на отпадот. Исто така, подготовката на промотивни материјали за кампањи и настани за едукација преку кои домаќинствата и компаниите ќе се информираат во поглед на рециклирањето на национално ниво ќе придонесе кон зголемување на општата јавна свест за општествената важност за рециклирањето и реупотребата на отпадот.

Преработка на био-отпад

Иако Директивата за депонии не предвидува посебни опции за третман на био-отпад, постојат неколку специфични опции за третман на био-отпад (согорување, компостирање и анаеробна дигестија). Најзначајната придобивка од овие опции за третман на био-отпад би било производството на енергија во форма на биогас, бидејќи придонесува за подобар квалитет на почвата и ја намалува енергетската зависност.

Овој концепт треба да се гледа како добра алатка за решавање на проблемите поврзани со управување и со намалување на отпадот и истовремено да придонесе во зголемување на одржливиот, економскиот раст на национално ниво.

Подигнување на јавната свест

Подигнувањето на јавната свест не само на територијата на градот Гостивар, туку и на национално ниво е еден од најважните чекори за заштита на животната средина. Стекнувањето на знаење и свест за животна средина е процес што трае цел живот и може да создаде одговорно општество што води грижа за животната средина.

Справувањето со депонијата „Русино“ е вистински предизвик, бидејќи отпадот е еден од главните еколошки проблеми во многу европски земји, па и во Република Македонија. Неопходноста од горенаведените мерки, само дополнително укажува на фактот дека институциите на локално и национално ниво треба повеќе да се ангажираат. Министерството за животна средина и просторно планирање, локалниот Совет во општината Гостивар и Граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ се едни од најважните страни за намалување на отпадот во депонијата Русино.

Заедно со предложените мерки и со воведување на задолжителни акти или уредби со законска сила со кои ќе се зголеми инспекцискиот надзор и контролата на отпадот што секојдневно се фрла во Русино, ќе се придонесе кон поефикасно управување со отпадот, а сето тоа е од витална важност за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Љупка Јаневска

Љупка Јаневска е специјалист по право и ги има завршено своите студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.