fbpx
 

Отворен Балкан – Отскочна даска или замена за ЕУ?

Христијан Илиевски

Hristijan Ilievski 400x500Прашањето околу значењето на т.н. Отворен Балкан и последиците (позитивни или негативни) кои тој ги има врз регионот станува сe поинтересна тема за следење во периодот којшто следува.

Во моментов постојат две поистакнати иницијативи во нашиов регион кои имаат за цел да ја стимулираат и продлабочат соработката помеѓу земјите од Западен Балкан. Заедничкиот регионален пазар кој е поттикнат од ЕУ, примарно преку Германија и Берлинскиот процес, и Иницијативата за Отворен Балкан, во минатото позната како Мини Шенген, која ја сочинуваат Македонија, Албанија и Србија.

Што претставува „Отворен Балкан“?

Заедничкиот регионален пазар стана реалност минатата година за време на Берлинскиот процес кој се одржа во Софија, а Македонија беше ко-домаќин заедно со Бугарија. За време на самитот, лидерите на земјите од Западниот Балкан ја потпишаа Декларацијата за заеднички регионален пазар, за подлабока регионална економска интеграција и за чекор поблиску до единствениот пазар на ЕУ и Декларацијата за зелената агенда. Станува збор за соработка и вложување повеќе сектори како производство, инфраструктура, климатски политики, заштита и обновување на еко-системите. Клучна улога во спроведувањето и постигнувањето на оваа цел има сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан. Се очекува оваа иницијатива да ја зголеми економската поврзаност помеѓу земјите, како и соработката во сите релевантни сектори кои значат напредок и придобивка за граѓаните од регионот, се со цел приближување на земјите од регионот до стандардите кои се неопходни за членство во Унијата.

Од друга страна пак, паралелно на Заедничкиот регионален пазар кој ги поврзува сите 6 држави од Западен Балкан, годинава, за време на Економскиот форум за регионална соработка кој се одржа во Скопје, беше промовирана Иницијативата за т.н. Отворен Балкан чии потписници се само половина од земјите, односно Македонија, Албанија и Србија.

Клучните одлуки кои беа донесени од страна на македонскиот премиер Заев, неговиот албански колега Рама и српскиот претседател Вучиќ се практично укинување на границите меѓу трите земји кое стапува на сила од 1 јануари 2023 година, потпишување на Договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан кој има за цел Република Македонија, Република Србија и Република Албанија со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи и потпишување на Меморандумот за разбирање и соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот со кој се олеснува движењето на луѓето и се обезбедува полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој за граѓаните на Македонија, Албанија и Србија.

Кога би го земале предвид поширокиот контекст во кој се наоѓа регионот и закочените евро-интеграции кои никако да се одблокираат, логично на сите нам ни доаѓа да си го поставиме прашањето, дали ЕУ навистина има желба да го интегрира Регионот во Унијата или пак овие иницијативи се замена за членството, односно алтернатива за ЕУ. Кого и да прашаме од европските и светските лидери, одговорот е ист, односно дека овие иницијативи се добри за регионот и дека ќе ја зајакнат поврзаноста меѓу земјите, но дека никогаш не треба да бидат алтернатива за ЕУ, т.е. крајната цел на земјите од западен Балкан мора да биде полноправно членство во ЕУ.

За разлика од Регионалниот заеднички пазар каде потписници се сите 6 земји, Отворениот Балкан е сочинет само од три, и тоа предизвика низа реакции околу инклузивноста на иницијативата и негативните ефекти која таа би можела да ги има доколку не ги опфати и останатите три земји. За волја на вистината, и оние кои не се дел од Отворен Балкан беа поканети да се приклучат, но секоја држава имаше свои причини поради кои сега за сега стои на дистанца од целиот процес.

Во главно, причините поради кои Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора не сакаат да се приклучат кон оваа иницијатива е улогата која Србија ја презема поставувајќи се како локомотивата која го влече овој процес напред, односно стравот за преголема српска доминација за време на истиот, а паралелно со тоа не треба да се заборави дека сите овие држави имаат отворени спорови со Србија.

Otvoren Balkan Otskocna daska ili zamena za EU

Извор: sdk.mk

Прашањето за признавањето на Косово од страна на Србија и нормализирање на односите помеѓу двете земји е сè уште актуелно и Приштина не сака да влезе во иницијатива каде според нивните гледишта тие би биле потчинети во одност на Белград. Црна Гора пак, има проблем со улогата на СПЦ и нејзиното влијание во политичкиот живот во земјата, а посебно се влошени односите по случувањата во Цетиње изминатиов месец. Од друга страна ја имаме Босна и Херцеговина каде Република Српска секогаш претставува камен на сопнување во однос на босанско-српските односи.

Ставот на „големите“

Интересен е ставот на главните актери во европската и светската политика, пред сe тука се мисли на Германија и САД. Германија како главен промотор на Берлинскиот процес целосно стои зад Иницијативата за Заеднички економски пазар која ги обединува земјите од Западен Балкан и им помага да се доближат до европскиот пазар и ЕУ, а има помалку воздржан или скептичен став кога станува збор за Отворен Балкан.

Тоа може да се види од изјавите на државниот секретар во германското МНР Мигел Бергер кој смета дека иднината на шесте земји ја гледа во заедничкиот економски пазар и дека за Германија е клучно да се унапреди работата на истиот, кој треба да се воспостави до 2024 година, и претставува клучен предуслов за успешно спроведување на економскиот и инвестициониот план на ЕУ за регионот. Тој смета дека Отворен Балкан треба да биде инклузивен и дека за да иницијативата биде успешна, треба да се приклучат и останатите земји.

На таа линија е и ставот на канцеларката во заминување, Ангела Меркел, која при својата посета на Белград месецов, изјави дека Отворен Балкан може да биде добро решение, но дека го смета за втора опција бидејќи не е инклузивен како заедничкиот регионален пазар. Со поостар тон по ова прашање се изјасни и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Приштина и Белград – Мирослав Лајчак, кој во едно интервју вели дека оваа иницијатива претставува нездрава конкуренција.

Од друга страна САД изгледа како силен поддржувач и промотор на иницијативата за Отворен Балкан имајќи предвид дека упати охрабрувачки пораки кон лидерите-иницијатори на процесот, а паралелно на тоа и упати покана до лидерите на останатите три земји да ја искористат оваа прилика и да се приклучат на иницијативата што поскоро. Засега тие обиди се неуспешни и нема најави дека некоја од трите земји (Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово) би се приклучиле во скоро време, а со посебно остар тон се обрати косовскиот премиер Курти кој изјави дека сe додека Србија не го признае Косово, тој не би учествувал во иницијативата. Албанскиот премиер Рама од друга страна, го смета потегот на косовскиот премиер за пропуштена шанса, бидејќи според него, доколку Курти би се приклучил кон оваа иницијатива, тоа би означувало и чекор напред во однос на признавањето на Косово од страна на Србија.

Фактот што српскиот претседател Вучиќ ги покани Босна и Херцеговина и Црна Гора да се приклучат, изоставувајќи го Косово притоа велејќи дека нема да има граници помеѓу Србија, Албанија и Македонија, а земајќи ја предвид и поканата на премиерот Рама кон Косово за приклучување кон оваа иницијатива, кај многумина кои се скептични по однос на самата Иницијатива се појави сомнеж за улогата на Македонија во самиот процес. Се отвори прашањето за тоа дали Македонија всушност со членувањето во Отворен Балкан само со Албанија и Србија, а без останатите земји, свесно влегла во процес на решавање на албанско-српскиот спор како што го нарекува Вучиќ, односно спорот помеѓу Приштина и Белград, и на чија штета би бил крајниот исход од сето тоа. Сега за сега, се е на ниво на шпекулација, а пораките од страна на САД дека границите на Балканот се неменливи влеваат доверба дека Македонија од овој процес нема да излезе оштетена, туку дека ќе има само придобивки од соработката со Албанија и Србија.

Во потрага по нови решенија

Она што може да се сумира од сите податоци кои засега ги имаме на располагање е дека ЕУ сѐ уште нема најдено финално решение околу пристапувањето на Западен Балкан во Унијата и дека кај нив постои очигледен замор од проширувањето. Затоа лидерите од регионот, сфаќајќи го тоа, се обидуваат да најдат креативни и одржливи привремени решенија кои ќе го држат процесот на пристапување жив, се додека ЕУ самата не биде целосно подготвена за членството на Западен Балкан. На ова се надоврзува и скорешната изјава на Канцеларката во заминување Меркел, при нејзината посета на регионов во септември годинава, дека треба да чекаме доста време до конечно членство.

Што се однесува до самата Иницијатива за Отворен Балкан, ќе треба да се остави време за да се види како таа функционира во пракса, а со оглед на тоа што политиката се одвива со доста силна динамика последниве години, може да очекуваме одговор во следната година или две, на прашањето дали навистина функционира овој проект.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Албанија: Бродот кој сите сакаат да го напуштат
Ученици „од втор ред“: Онлајн настава со офлајн по...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Октомври 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè