fbpx

Д-р Крсте Роџевски: Забораваме дека медицинските работници ќе имаат трауми од пандемијата

D r Krste Rodzevski Zaboravame deka medinskite rabotnici ke imaat traumi od pandemijata intervju

„Луѓе кои прележале КОВИД 19 ни се чувствуваат поуспорени, имаат малку променета перцепција за дистанца, имаат бранови на многу непријатен мирис, на гума, на ѓубре, на леш. Се истражува и се вели дека вирусот го напаѓа офлакторниот нерв, го напаѓа автономниот нервен систем и преку мозочното стебло оди во белата маса, каде сите овие кортикални функции можат да бидат успорени“. Вака Крсте Роџевски – невропсихијатар со приватна пракса, кој работи како психофармаколог и психоаналитички терапевт во Њујорк, ја објаснува т.н. „когнитивната КОВИД магла“. Со него разговараме за бремето од траумите на медицинските работници. Нашата јавност д-р Роџевски го познава како гласот и музиката од филмовите на Милчо Манчевски „Сенки“ и „Бикини Мун“ и „До Балчак“ на Столе Попов, од кои извира многу топлина и љубов.

 
Мутациите на вирусот одат пропорционално со непридржување до препораките за заштита, па бунтовите и реакциите на граѓаните се масовни. Дали ова однесување на луѓето е очекувано?

- Ако општеството беше ткиво и го гледаме под микроскоп, ќе видиме дека има клетки и меѓуклеточен простор, артерии, вени, лимфа, продукти со кои клетките се хранат. Тоа хистолошко социјално ткиво кое го имавме пред пандемијата едноставно го снема и сега имаш само изолирани клетки, кои малку атрофираат и внатрешниот хаос расте. И заради социјалниот контекст, психологијата почнува да пати. КОВИД-от нас нѐ не направи депресивни и анксиозни, ние веќе бевме неспремни за ова. Се наоѓаме во „бори се или летај“ (анг. Fight or flight) реакција, односно акутна состојба во која треба да преживуваме. Луѓето психолошки регресираат, го губат капацитетот за апстрактно размислување и се многу склони кон теории на заговор, кон ритуали и суеверија како начин да се почувствува човек дека има контрола на ситуацијата и така прават свои нарации. Уште Мојнихан во 70-тите години во Сенатот во Америка има кажано, „Имаш право на свое мислење, но немаш право на свои факти“. И луѓето се бунат и прават работи кои се многу самодеструктивни. Тие бунтови се само за да се добие тоа чувство на контрола, чувство на омнипотенција и грандиозност кои тие ја имаат, но сега се само поразголени. И тоа е тешко да се пробие бидејќи не може да очекуваме некој да го смени своето мислење преку ноќ.

Планетата е „заробена“ од КОВИД 19. Ја живееме новата нормалност, вакцинацијата се случува на различни точки на светот. Дали можеме да зборуваме за македонски карактер во справувањето со КОВИД?

- Со вакцинацијата видовме кои сме, какви сме и колку постои нерамноправност кога зборуваме за дистрибуцијата на вакцините. Многу ми е жал кога слушам вести од Македонија бидејќи јас цело време мислев дека ние се стремиме да бидеме Масачусетс или Њујорк, ама ние сме Алабама или Мисисипи со поведение кое за мене е неразбирливо. Но, тоа ни се случува од една долгорочна карактерна патологија која ја имаме во Македонија. Ние сме еден несигурен, истрауматизиран и нарцистичен народ. Нарцистичен не значи само да си самобендисан, тоа не се луѓе кои се убаво облечени, зборуваат гласно и знаат сѐ, туку нарцисти се луѓе кои се тивки и тајно ги судат сите околу нив, додека се чувствуваат морално и интелектуално супериорни. Тоа се вика таа тајна грандиозност. Јас мислам дека е тоа од оние транс-генерациски трансмисии на траума што се случувале кај нас и има неоформено чувство за себе си. И ние наоѓаме начини да направиме поента таму каде што таа не треба да се направи. Ние не сме љубоморни, во неа има имплицитна љубов, ние имаме завист, а во неа има омраза и инфилтрирана деструкција. Не очекувам во Македонија тоа да се смени преку ноќ, не очекувам дека луѓето ќе носат маски, ќе се вакцинираат без теории на заговор, едноставно не можеш да ги научиш луѓето зошто треба да се грижат за другите. Тоа се има или се нема. Или ако го имаш малку се надградува дома со читање книги, поезија, слушање музика, со алтруизам... Затоа на сите им велам дали се прашуваат пред да си легнат „Каков придонес направи ти кон светската цивилизација?, Каков беше твојот импакт фактор?“. Ние сме многу повредени како нација бидејќи сме ирелевантни. Имаме многу низок импакт фактор во светски размери, независно за која област станува збор, медицина, музика, архитектура. Во последните 30 години има 4-5 дела кои нѐ ставиле на мапа и треба да се свестиме за тоа и да го загрееме столчето и треба темелна промена на вредности, но не само во Македонија. Светот пати од глобален нарцизам, но во нашата земја тој е наталожен од вековните трауми кои ги имаме и се идентификуваме со нашиот бивш агресор. Кај нас беа Турците со свој начин на живот, каде беше глорифицирано да не работиш, а нешто да ти биде дадено. Во Америка на пример агресорите беа со поинаков начин на живот и дисциплина. Луѓето помалку или повеќе се секаде исти, но ние треба малку повеќе да работиме, а помалку да зборуваме. Јас сум се видел себе си во огледало. Сум дошол од Битола, преку Скопје во Њујорк и точно знам кој е тој импакт фактор и таа нарцистична повреда, кога ќе се свртиш лево-десно. Ако светот е крава, ние сме како мувата која таа нема ниту со опашката да ја избрка, бидејќи нема да ја забележи. Треба малку да се смириме, повеќе да работиме, помалку да грабаме и да бидеме свесни дека имаме желба, а помалку капацитет. Затоа да работиме.

Инаку во мојата работа, им го кажувам на луѓето она што тие не сакаат да го чујат, но таква е нашата појдовна точка. Имаме и позитивни фактори бидејќи имаме неверојатно талентирани деца и тие треба да ја добијат можноста.

Лицата со инвалидитет имаат хронична осаменост, старите и возрасните се социјално изолирани, прелетуваат суицидни мисли кај помалку сигурните, опаѓа отпорноста на стрес... Што да се прави?

- Некои луѓе кои имаа инвалидитет или психијатриски проблеми пред пандемијата се справија со неа многу подобро од оние кои ги немаа. Мојата теорија е дека луѓето кои имаа анксиозни или депресивни состојби пред пандемија, живеат во еден константен страв тие веќе ја имаат таа психолошка изолираност, бидејќи тоа им се случува само ним. Кога ни се случи ова што ни се случи, и „нормалните луѓе“ станаа анксиозни, имаа несоници, депресивни состојби, со теории на заговор, луѓето со инвалидитет или психијатриски проблем, се чувствуваа помалку осамено бидејќи сите околу нив почнаа да имаат симптоми, и тие парадоксално се смирија. Но, имаше и еден друг момент што се случи во Њујорк минатата година во март, април, мај минатата година, бидејќи голем дел од психијатриските болници беа претворени во КОВИД-центри, градот беше преполн од бездомници, хероин пандемијата се разгоре, самоубиства и беше страшно, не само притисокот врз пациентите, туку и врз нас бидејќи ние не можевме да ја вршиме нашата работа. Во Македонија не знам како тоа изгледа, но најважно е да создадеме релации за да не се чувствува никој изолиран. Прв пат во историјата на човештвото сме толку изолирани, а толку поврзани. Сите седиме дома, но сме пред ТВ, пред компјутери, телефони и акутно знаеш дека нешто недостига и тоа боли.

А што со децата и младите? Кај нас мнозинството имаат онлајн настава и времето го минуваат на социјални мрежи, пред компјутер и на телефон.

- Во психоанализата главната мантра ни е дека детето е татко на човекот. Она што ќе го направиме до шест години апсолутно ќе го формира начинот на поведение или карактерна структура на таа личност. Оттука сакам да кажам дека тие се многу ранлива група и не е толку до децата колку што е до луѓето околу нив. Кога си околу деца, не е само она што го правиш, туку она што си. Ако си како возрасен, како родител депресивен, анксиозен, имаш нетретирана патологија, тоа ќе биде поштетно за детето отколку самата пандемија. Децата се сунѓери, тие потсвесно се идентификуваат со одбранбените механизими на таткото и мајката. Една индивидуа треба да има здрава доза на нетрауматски искуства за да стане добар човек. Но пандемијата е трауматски настан кој повеќе ги афектира родителите и преку нив доаѓа до децата. Тоа што децата учат дома една година, јас мислам дека тоа ќе го надминат со повеќе труд, ќе бидат добро во образовен контекст, но ако живеат дома во една нездрава атмосфера, во која има пореметена семејна структура, таа ќе направи поголеми штети отколку онлајн наставата. Во Њујорк на пример, кога градоначалникот не сакаше да ги затвори училиштата најголем фактор за таа одука беше дека 120.000 ученици живеат во бедотија, бидејќи тие одат во училиште каде се хранат. Ако не одат на училиште ќе останат гладни. Значи децата мора да одат на училиште не само заради образовното, туку за да го научат социјалниот контекст, да излезат од домашниот контекст кој може да не е многу пријатен, бидејќи родителите може да бидат анксиозни, депресивни, насилни... Велам дека научив повеќе психологија во Битола на улица, отколку сите школи и факултет. Така што предизвиците со децата ќе бидат повеќе на психолошко ниво, отколку на образовно, се разбира ако гледаме крај на пандемијата за скоро време со вакцините.

Но, сериозни последици по менталното здравје имаат и сите оние кои го поминаа КОВИД-от. За нив мрачните мисли се пострашни од агонијата којашто ја минале во болница.

- КОВИД-от не го напаѓа мозокот само на психолошко или на социјално ниво, туку има и биолошки промени, кај луѓе кои одат во т.н. „когнитивна КОВИД магла“. Белата маса на мозокот е поафектирана бидејќи таа е одговорна за брзината со која ние ги процесираме информациите. Луѓе кои прележале КОВИД ни се чувствуваат поуспорени, имаат малку променета перцепција за дистанца, имаат бранови на многу непријатен мирис, на гума, на ѓубре, на леш. Се истражува и се вели дека вирусот го напаѓа олфакторниот нерв, го напаѓа автономниот нервен систем и преку мозочното стебло оди во белата маса, каде сите овие кортикални функции можат да бидат успорени.

Од психијатриски аспект, кај оние што прележале КОВИД имаме пораст на депресии, пораст на први психотични епизоди, пораст на когнитивно успорување или когнитивна магла, а во некои случаи промени на карактерот, на поведението на личноста. И ние сѐ уште не знаеме, треба да се направи долгорочно испитување, бидејќи е нов вирус и дали ќе биде невролошки поопасно од она што мислиме, ќе видиме.

А што станува со медицинскиот персонал којшто се соочува со таква смртност на своите пациенти?

- Сега како никогаш порано сите станаа свесни колку е важно да се има добро јавно здравство и да се има добри доктори, медицински сестри и посветени социјални работници. Многу е полесно да се гледаат овие случаи на телевизија, да се слушаат само бројки, а многу е поинаку кога како јас на пример ќе поминев покрај болницата и ќе видев 4-5 камиони ладилници со преку 600 тела. Таа слика не се заборава. И замислете некој во пандемија оди во канцеларија, проверува пошта, има цвеќе, има поглед, а медицинската сестра оди на работа, каде има 12 до 14 КОВИД пациенти кои не можат да дишат, се мачат како риба на суво, некои и умираат. Тоа е трауматски ефект кој го носиш дома кога ќе се вратиш од работа. Имаше голем број на самоубиства на медицински персонал во март и април во Њујорк. Една моја колешка од Колумбија се самоуби и за неа пишуваше во „Њујорк Тајмс“, бидејќи таа немаше психијатриски проблеми и историја. Сакам да истакнам дека менталното здравје на персоналот е значително нарушено. Сите забораваат во овие моменти дека и медицинскиот персонал се луѓе и тие можат да бидат депресивни, анксиозни, психотични. Од таа стигма што постои, медицинскиот персонал е сосема занемарен и затоа мислам дека луѓето треба да имаат малку повеќе почит кон нивната работа и да се прашаат како изгледа да се биде медицинска сестра, да се стави тој „панцир“ како во војна, да се качиш во автобус од Ѓорче, да дојдеш во болница, да гледаш на 16-17 пациенти од кои 10 може да ти умрат и во шест часот попладне ќе се вратиш да ручаш или вечераш со семејството. Тоа не е обичен ден. Притоа тие само си ја извршуваат својата работа, за да донесат плата дома. Ние сме во пандемија и тоа луѓето го забораваат, додека пијат кафе во кафуле, а на неколку блока од нив се умира. Затоа сакам да го поздравам цел медицински персонал бидејќи знам како изгледа затоа што брат ми е дел од него и работи во КОВИД центар во Македонија.

И како живее Њујорк денес, по онаа тешка пролет лани?

- Времето се разубавува, рестораните се отвораат, животот се враќа, се гледа на улица, а медицинскиот персонал е покомфорен бидејќи вакцинацијата се спроведува. Јас се вакцинирав во јануари, и со две вакцини сѐ уште носиме маски затоа што ова не е солипситичко општество во кое си само ти, туку има луѓе околу мене и се грижам за нив. Инаку до јуни – јули цел Њујорк ќе биде вакциниран и ќе преживееме. Стравот мој е дека делови на светот како Азија, Африка, Јужна Америка нема да се вакцинираат на време и сите тие варијанти може да ни се вратат како бумеранг по глава уште еднаш.

Затоа е интересен вирусот на психолошко ниво, затоа се гледаат капацитетите за љубов и грижа на луѓето. Во 70-тите години на минатиот век ние бевме воспитувани дека целта или благосостојбата е да бидеш добар, а во последните 20 години целта е да бидеш среќен, да се забавуваш. Макар и тоа да биде изнасилено, себично, грабање со плаќање и купување. Ама не можеш да бидеш само среќен без да бидеш добар. Јас не сум сретнал среќен богаташ кој се бави исклучиво со бизнис, туку се бават и со филантропија, даваат пари во истражувања и развој и подобрување на условите за живот. Исилената слика е дистракција и невозможна мисија. Животот е ранлив и знае да боли. Сѐ што ни дава задоволство во исто време е и фрустрирачко. Она што нè задоволува во исто време нè потсетува дека ни треба, дека сме зависни од него, па затоа потсвесно и го мразиме. Да се биде среќен е да може да се толерира таа амбивалентност, да ја толерираш љубовта и омразата во исто време кон оние што ги сакаш или мразиш. Секоја релација, љубов или омраза има повеќе слоеви.

Таа добрина ја имаше во Македонија кај бабите каде имаше љубов без никакво врзување со конци. Сега има себичност, завист и изолираност. Затоа сме таму кај што сме. Тој присилен нагон да се биде среќен (заб. анг. happiness), отиде до таму што некои мислат дека можат да го купат и концептот на добробит (заб. анг. Wellness). Значи не е доволно да си здрав, туку дека можеш да си купиш и нешто повеќе, како на пример да си купиш така наречена благосостојба.

Каква музика ќе создадете во оваа животна фаза? Каков призвук би имала таа?

- Си купив нови плочи. Бев во Чикаго службено, имав некои разговори и за музика. Но, во моментов има многу тишина, а таа знае да е погласна од музиката.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Ана Зафирова

Грција се надева дека плажите нема да бидат празни...
Избори во Бугарија: влогот е голем а иднината неиз...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 20 Април 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè