fbpx

Драгана Печо: „Пандорините документи“ покажаа колку се корумпирани и српските политичари

Dragana Peco Pandorinite dokumenti pokazaa kolku se korumpirani i srpskite politicari 1

Не очекувам дека српските институции, правосудните органи ќе реагираат на нашите објавени приказни за офшор-компаниите и становите во Бугарија на српскиот министер за финансии, вели во интервјуто за МКД.мк и Рес публика новинарката на Крик, Драгана Печо, која работела на големиот истражувачки проект „Пандорини документи“. Таа вели дека нема сознанија дали во ова големо откритие на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) имало документи и за Македонија и дали некој работи на тоа.

Драгана Печо е новинарка на Мрежата за истражување криминал и корупција Крик, непрофитна и невладина организација основана за унапредување на истражувачкото новинарство во Србија и добитник на голем број меѓународни и српски награди за истражувачко новинарство.

- Проектот „Пандорини документи“ почна со протекувањето документи од дури 14 агенции што основале офшор-компании, 12 милиони документи што ги добиле новинарите на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) и ги споделиле со колегите од целиот свет. Документите се однесуваат на 117 земји и во сите овие земји ИЦИЈ бараше партнери.

ИЦИЈ како организатор и координатор на вакви проекти и претходно соработуваше со нас, ние работевме заедно на „Панамските документи“ (Panama papers), „Рајските документи“ (Paradise papers), како и на датотеките на ФинЦЕН (FinCEN Files), вели Драгана Печо.

Партнер на ИЦИЈ во Србија е Крик. Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари со нас соработува и секогаш нѐ вклучува во вакви проекти затоа што ни веруваат и знаат дека истражуваме сѐ како што треба и ја оправдуваме нашата улога во секој проект. Знаеме да направиме добри приказни. Работата на ваквите истражувања е долготрајна, трае со месеци, повеќе од една година. Многу е интересно затоа што имате можност да „копате“ низ вакви вредни документи и да откривате тајни. Но оваа работа и исцрпува затоа што треба темелно да пребарате сѐ, а во нашиот случај тоа се илјадници и илјадници досиеја поврзани со Србија. Ваквите проекти не се лесни за организирање и координирање, но ИЦИЈ и сите ние што работевме заедно секогаш се надминуваме и сме подобри од претходниот проект. А „Пандора документи“ е најголем досега според бројот на новинарите – повеќе од 600 новинари од целиот свет работеа на овој проект. Ние сме во секојдневна комуникација и си помагавме меѓусебно во прекуграничното истражување. Таа поврзаност, заемна помош и сознание дека за само неколку минути во секое време може да стигнете до најдобриот истражувачки новинар од која било земја во светот, кој може да ви помогне со приказната на која работите, е нешто најскапоцено.

Dragana Peco Pandorinite dokumenti pokazaa kolku se korumpirani i srpskite politicari 2

Кои се тие луѓе што ги кријат своите пари по офшор-компании?

- Постојат различни профили на луѓе што чуваат пари на сметки во, на пример, Швајцарија, а сметките се отвораат со посредство на офшор-компаниите, на пример, на Британските Девствени Острови. Широк е спектарот на тие луѓе. Секако, тука најмногубројни се криминалците, кои сакаат да перат пари преку офшор-компании и да инвестираат некаде за да ги легализираат парите. Имате и големи бизнисмени што имаат различни бизниси, па сакаат дел од тие операции да ги водат преку офшор-компании за да плаќаат помали даноци. Имате богати луѓе што преку офшор-компании сакаат да го организираат своето богатство преку трустови, да плаќаат помали даноци или да осигурат кој ќе го наследи нивното богатство кога ќе умрат.

Политичари, главно корумпирани, што испокрале пари во своите сиромашни земји и сега сакаат во тие офшор-компании да ги скријат парите и да купуваат недвижен имот низ целиот свет. Скриени зад тие компании, кријат дека тоа е нивна сопственост. Многумина од нив се и лица што се занимаваат со приватна дејност, тие не се од светот на криминалот, но сакаат да платат помал данок и не го плаќаат во својата земја, туку отвораат офшор-компании, а тоа се главно помали претприемачи, програмери... Треба да се каже дека тоа што некој отвора офшор-компанија автоматски не значи дека крие нешто или дека сака да се занимава со нелегални активности. Но факт е дека офшор-компаниите се користат и за нелегални активности. Многумина ги користат придобивките од офшор-бизнисот од свои причини и сакаат да не плаќаат даноци или да платат што е можно помалку или да перат милиони или да го скријат своето богатство.

Во целото ова огромно истражување досега од Македонија се споменува само тоа дека има две офшор-компании. Нема политичари, нема поединци...

- Крик истражуваше и анализираше документи поврзани со Србија и компании во кои се појавуваат луѓе што доаѓаат од Србија. Не можам да коментирам што има во „Пандорините документи“ и што е поврзано со Македонија, бидејќи не знам, затоа што ние не работиме на тоа.

Dragana Peco Pandorinite dokumenti pokazaa kolku se korumpirani i srpskite politicari 3

Со кои проблеми се соочивте за време на работата?

- Кога работите на вака големи меѓународни проекти, многу е важна тајноста на работата. Голем број новинари низ целиот свет истражуваат и работат истовремено. Многу е важно никој што не е вклучен во проектот да не дознае за тоа или да има пристап до материјалот. Координацијата со проектот не е лесна и ИЦИЈ (Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари), кој излезе со документите, како и во претходните проекти, сега подобро се организираше, собра голем број новинари и медиуми и го координираше целиот проект. За секој од нас додека истражуваме многу значи да бидеме во секојдневна комуникација едни со други. И кога некому од нас му е потребна помош, за само неколку минути лесно можеме да дојдеме до најдобрите истражувачки новинари од кој било дел од светот и тие можат да ти помогнат за она за што ти треба помош. Најголемата пречка за време на ваквото истражување е тоа што е тешко да се добијат податоци и документи за тоа зошто некои од офшор-компаниите се основани и со каква цел. Најчесто тоа се некои тајни зделки, кои се споменуваат само во внатрешните документи, кои не се достапни за јавноста. Оваа документација беше протечена од агенции што се занимаваат со основање офшор-компании, но бидејќи многу такви компании беа основани за отворање сметки во Швајцарија или на друго место, за нас како новинари беше недостижно да дознаеме повеќе детали за овие сметки, колку пари поминале низ нив...

Не, немавме некои посебни проблеми при истражувањето. Поголеми се проблемите по објавувањето, кога ние како новинари ги објавуваме приказните за Србија и добиваме коментари од највисоките државници. Велат дека лажеме, а нѐ напаѓаат и провладините медиуми, кои истовремено пренесуваат што сѐ се открило по светот како дел од овој проект, но тогаш не велат дека новинарите лажат и да не се верува во тоа што пишува во документите.

Каква беше реакцијата по објавата на првите резултати од проектот за Србија?

- Како и во повеќето случаи кога Крик објавува некои големи истражувања, имаме слични реакции. Ние како новинари сме обвинети за лажење, институциите се преправаат дека се слепи за она што го објавуваме, власта, претседателот и премиерот тврдат дека таму нема ништо ново, дека не веруваат во документите што ги објавивме, прорежимските медиуми и таблоидите конструираат свои приказни и спинуваат. Во овој случај имаме и паралелна реалност со создавање на проектот „Веритас документи“ од еден таблоид за да се сврти вниманието кон наодите од „Пандорините документи“, класичен спин. Во преден план се ставија луѓето од опозицијата за да ги закопаат приказните од нашите откритија и да го одвлечат вниманието на јавноста од нив за да се заборави. Мејнстрим-медиумите ги објавија наодите на нашите колеги низ светот, прорежимските таблоиди детално објавуваа за тоа што нашите колеги откриле во соседна Црна Гора за претседателот Мило Ѓукановиќ затоа што тоа им одговара на властите во Србија, медиумите под нивна контрола да се занимаваат со тоа. Во исто време тие не сакаа да известуваат за српскиот министер за финансии, Синиша Мали, и за новите докази што ги најдовме во „Пандорините документи“.

Dragana Peco Pandorinite dokumenti pokazaa kolku se korumpirani i srpskite politicari 4

Очекувате некоја посериозна реакција на српските истражни органи токму за овој случај, за она што го откривте за министерот за финансии и неговите станови во Бугарија?

- За жал, не очекувам посериозна реакција на тоа што досега го откривме за Синиша Мали, а тоа е дека бил директор на офшор-компании што купиле 24 стана во Бугарија (еден од становите купил на свое лично име). За ова и порано се знаеше, но сега тоа и се потврди со документите. Мали бил и сопственик на овие офшор-компании, а со тоа и на сите станови. Сите го видоа, дури и ги објавивме документите на нашата веб-страница, но нема вистинска и сериозна реакција на ова откритие. Синиша Мали реагираше несериозно, обвинувајќи нѐ дека лажеме, не даде никакво објаснување како дошол до сопственост на дури 24 стана (нивната вредност беше, како што претходно проценивме, околу 5 милиони евра). Не даде никакво објаснување за потеклото на парите со кои ги купил тие луксузни имоти. Навистина несериозна реакција од некој што е на толку висока државна позиција и кој како министер за финансии е задолжен за буџетот на Србија и за парите на сите граѓани. Тој не сака ништо да им објасни на граѓаните, на тие што го плаќаат, и му дале право да одлучува во нивно име и да располага со нивните пари. Самиот претседател Александар Вучиќ на моето прашање дали Мали ќе остане министер сега кога се докажа дека е сопственик на сите станови рече дека ние ништо не сме докажале. Да ве потсетам дека кога во 2015 година објавивме дека Мали, кој тогаш беше градоначалник, купил станови како директор на офшор-компанија, а не знаевме кој е сопственикот на становите, Вучиќ рече дека ако се докаже дека становите се негови, тој нема да остане градоначалник. Истото го слушаме и од премиерката Ана Брнабиќ, која вели дека документите не значат ништо и дека не гледа ништо ново, како и дека ако Мали бил сопственик, тоа го правел пред да влезе во политиката. И тоа не е точно бидејќи тој ги купил становите во текот на 2012 и 2013 година, кога бил економски советник на Александар Вучиќ, кој тогаш беше прв вицепремиер на Србија. А кога имаш моќни политичари што од своите позиции велат дека новинарите лажат и дека ништо не докажале со објавување, тогаш не можеш ништо да очекуваш од институциите, кои се мртви и не работат самостојно, туку се под контрола на политиката. Не можеш да очекуваш дека такви институции ќе реагираат сериозно и ќе иницираат некои дејства. Во Србија со години немало вистински истраги, бројот на коруптивните случаи и на оние поврзани со организираниот криминал само се зголемуваат.

По откривањето на скандалот со офшор-компаниите на Синиша Мали би требало да има и ревизија на проектот Белград на вода. Нели?

- Факт е дека Синиша Мали беше личност блиска до Александар Вучиќ, задолжен како негов економски советник за некои од најголемите инвестициски проекти во Србија, како што се Белград на вода и Ер Србија. Постојат многу контроверзии и проблеми околу проектот Белград за вода, на кои граѓаните, експертите и други со години посочуваа. Во овој проект улогата на Мали е многу важна. Во една наша приказна покажавме и докажавме уште една поврзаност што ја има Мали, а која води до проектот Белград на вода. Докажавме дека компанијата што работи на овој проект му отстапила на користење автомобил и стан на братот на Синиша Мали. Но кога станува збор за 24-те стана во Бугарија, треба да се спомене дека Синиша Мали овие станови ги купил од лице што било претставник на руски „Лукоил“ кога таа компанија ги приватизирала српските бензински пумпи „Беопетрол“, а потоа и независното тело на Владата на Србија, Совет за борба против корупцијата, утврдило дека приватизацијата е штетна и дека „Лукоил“ извлекол милиони од „Беопетрол“. А личноста што беше клучна во време на приватизацијата на „Беопетрол“ беше токму Синиша Мали. Тој тогаш работеше во Агенцијата за приватизација. Значи десетина години по приватизацијата Мали ги купува становите од претставникот на „Лукоил“ во Бугарија.

Dragana Peco Pandorinite dokumenti pokazaa kolku se korumpirani i srpskite politicari 5

Веќе се пласира тезата дека објавувањето на приказната за непријавените офшор-компании на министерот за финансии всушност е индиректен напад врз српскиот претседател Александар Вучиќ. Се согласувате ли со тоа?

- Кога ќе откриете нешто големо што власта сака да го скрие, најблискиот круг на политичари и функционери околу претседателот Вучиќ веднаш ги напаѓа новинарите и вели дека ова е напад врз Вучиќ. Се оди и подалеку и се обидува да се каже дека тоа е обид да се оттргне вниманието од некои „истражувања“ за политичарите од опозицијата, или дека ова е еден вид обид за државен удар. Кога ќе откриеш нешто што не им одговара на властите, секогаш се вели дека е напад врз Вучиќ. Не се согласувам со тоа, политичарите што се на власт и од опкружувањето на Вучиќ, кога ќе се открие нешто за нив, се обидуваат тоа да го свртат како напад врз Вучиќ за да се заштитат и тоа да го претстават како закана.

Во некои држави по објавувањето на Пандорините документи веќе се работи на измени во даночниот систем. Што очекувате да се случи на Балканот?

- Не очекувам некои големи промени по Пандорините документи. Но секогаш по вакви големи истражувања има мали промени, овојпат да се ревидира офшор-бизнисот и да се преиспита какви се штетните последици што ги носи. Или да се обрне повеќе внимание на фактот дека не може повеќе да се молчи за тоа како моќниците што добиваат пари преку корупција ги користат офшор-компаниите за парите што ги украле да ги претворат во лично богатство, без да се дознае за тоа.

 

Новинар: Александар Дамовски
Фото: Mилена Арсениќ

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Како видео игрите можат да го подобрат психичкото ...
Власта и граѓаните во Црна Гора: Оглушени на преду...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 04 Декември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè