Препознавање на странското мешање и манипулација со информации
Кога ќе слушнеме за „странско мешање и манипулација со информации“, тоа може да звучи многу апстрактно и тешко за разбирање.
Но, истражувачите развиле едноставни рамки кои ни помагаат да видиме како овие кампањи функционираат. Наместо да се изгубиме во море од технички термини, можеме да замислиме дека СММИ е како сложувалка: треба да видиме кој ја прави, како ја составува, што користи и зошто.
ABCDE рамка
ABCDE-рамката е една од најкористените алатки. Името доаѓа од пет англиски зборови: Actor (актер), Behaviour (однесување), Content (содржина), Degree (степен) и Effect (ефект).
1. Актер
Прво се гледа кој е актeрот, односно кој стои зад кампањата. Тоа може да биде странска држава, група блиска до некоја влада или дури и приватна компанија што работи во нивен интерес.
2. Однесување
Многу е важно да се забележи однесувањето. Тоа значи да се следи како се шират информациите. Дали има стотици новосоздадени профили кои одеднаш објавуваат и споделуваат иста содржина? Дали пораките се појавуваат во исто време и со ист тон?
Таквото неавтентично однесување често е посилен знак за СММИ отколку самата содржина. За време на протестите на „Жолтите елеци“ во Франција во 2018 година, на пример, истражувачи забележале илјадници нови профили на Твитер (Икс) кои користеле исти хаштагови, иако содржината не била секогаш лажна. Целта била да се засили гневот и да се зголеми поделбата.
3. Содржина
Содржината може да биде лажна, но и вистинита информација извадена од контекст.
Често најопасно е кога точни факти се презентираат на начин што создава сомнеж или страв. На пример, за време на пандемијата, некои информации за вакцините беа точни, но беа претставени селективно за да предизвикаат паника.
4. Степен
Степенот означува колку е голема операцијата и колку далеку стигнува. Дали кампањата користи само една социјална мрежа или се шири преку повеќе јазици и медиуми?
Често ваквите активности започнуваат од официјални канали, како државни медиуми или амбасади, а потоа се шират преку неформални страници и групи.
5. Ефект
Последното е ефектот. Ова е прашањето: „Што се промени?“
Дали луѓето изгубиле доверба во институциите, новинарите или политичарите? Дали се зголемиле поделбите во општеството? На пример, некои кампањи успеале да создадат чувство дека изборите се „наместени“, иако немало докази за тоа, што довело до недоверба и протести.
Зошто ова е важно за нас?
Во време кога информациите патуваат брзо, СММИ станува моќно оружје. Не користи тенкови и ракети, туку објави на Фејсбук, твитови или видеа на Тикток. Проблемот е што често изгледа „легално“ и затоа е тешко да се открие. Но, последиците се многу реални: пад на довербата во институциите, конфузија кај граѓаните и слабеење на демократските процеси.
За нас, како граѓани, најважно е да знаеме дека не секоја информација која ја гледаме е спонтана или случајна. Некогаш зад неа стои стратегија.
Ако знаеме да препознаеме кога некој се обидува да нè подели или да нѐ исплаши, веќе сме чекор напред во заштитата од ваквите закани.
Граѓанин кој „скрола“ низ социјалните медиуми може да види вирална објава, несвесен дека е објавена од фарма на тролови во Санкт Петербург, засилена од бот-мрежи и преземена од тајни проксија маскирани како инфлуенсери или медиумски платформи. Додека влезе во мејнстрим-дискурсот, веќе ја исполнила својата цел: нарушување на демократијата.
Студија на случај: „Хипертеа“ и злоупотребата на доктор Драган Даниловски
Кога на социјалните мрежи се појави реклама за чајот „Хипертеа“, многумина ја забележаа затоа што во неа се користеше ликот и името на доктор Драган Даниловски. На видеото изгледаше како тој да го промовира производот и да го препорачува за лекување на висок притисок и други сериозни болести.

Лажна фотографија на која е Драган Даниловски на вести на телевизија „Канал 5“.
Но, вистината е дека докторот никогаш не дал такво интервју, ниту пак го поддржал овој производ. Ова е класичен пример за злоупотреба, кој може да се објасни преку ABCDE-рамката.
Прво, мора да погледнеме кој е актерот во овој случај. Зад рекламата не стои познат медиум или официјална институција, туку анонимни луѓе или компании кои сакаат да продадат производ со сомнителни својства. Тие го злоупотребуваат авторитетот на јавни личности за да изгледаат поверодостојни. Во конкретниот случај, покрај Даниловски, во некои верзии на рекламата е злоупотребено и името на аналитичарот Петар Арсовски.
Потоа го гледаме однесувањето. Овде забележуваме координирана активност – реклами со идентична содржина се појавуваат на повеќе страници и во повеќе групи, користат ист стил и водат кон лажни веб-страници што изгледаат официјално. Тоа не е спонтано ширење на информација, туку внимателно организирана кампања.
Трето, анализата на содржината ни покажува дека станува збор за мешавина од вистина и измама. Вистина е дека Даниловски е угледен доктор, но лага е дека тој го поддржува „Хипертеа“. Се користат негови фотографии, измислени интервјуа и лажни сведоштва од пациенти за да се создаде впечаток дека производот е медицински докажан.
Четвртиот елемент е степенот на распространетост. Рекламите не се појавија само на едно место, тие беа масовно пласирани преку социјалните мрежи, со што стигнаа до илјадници луѓе. Кампањата вклучи повеќе канали, а тоа укажува на поголема инвестиција и посериозна организација.
И на крај, најважно е да се погледне ефектот. За дел од граѓаните, оваа реклама изгледаше убедливо и можеше да ги натера да потрошат пари на непроверен производ.
Уште поопасно, луѓето со здравствени проблеми можеле да ја прекинат својата терапија верувајќи дека чајот ќе им помогне. Освен финансиската штета, ваквите кампањи ја поткопуваат и довербата во докторите и во јавните личности, бидејќи граѓаните почнуваат да се прашуваат дали навистина некој е вмешан или не.
Со ваквата анализа може јасно да се види дека случајот со „Хипертеа“ не е само лажна реклама. Тоа е пример за организирано мешање со информации што користи манипулации со содржина, однесување и авторитети за да ја постигне својата цел: профит по цена на здравјето и на довербата на луѓето.
