Примена на DISARM рамката преку пример за СММИ
Странското мешање и манипулација со информации претставува комплексен процес кој се реализира преку повеќе последователни фази. Една од најкористените аналитички алатки за систематско разбирање на овие процеси е DISARM рамката, која ги категоризира активностите на злонамерните актери во четири главни фази: планирање, подготовка, извршување и проценка.
Во продолжение е претставен хипотетички пример на странска манипулативна операција насочена кон влијание врз јавниот дискурс во држава кандидат за членство во Европската Унија, во период кога се води интензивна јавна дебата за реформи поврзани со процесот на европска интеграција.
ПЛАНИРАЊЕ
Фазата на планирање претставува почетен и стратешки дел од операцијата, во кој се дефинираат основните цели, посакуваните ефекти и целните публики.
1. Дефинирање на стратешка цел
Во рамки на оваа фаза, странскиот актер го утврдува посакуваниот исход на операцијата. Во конкретниот пример, крајната цел е создавање општествен амбиент во кој реформите поврзани со европската интеграција се перципираат како нелегитимни, наметнати од надворешни актери и спротивни на националните интереси.
Крајната цел не се изразува преку конкретна политичка одлука, туку преку долгорочна промена на јавниот дискурс, при што недовербата кон институциите и меѓународните партнери станува нормална појава во општетството.
2. Формулирање оперативни цели
По дефинирањето на стратетешката цел, актерот поставува конкретни цели што треба да доведат до посакуваниот исход. Во конкретниот пример, тие вклучуваат:
- Зголемување на негативниот онлајн дискурс поврзан со ЕУ реформите
- Намалување на довербата во институциите што ги спроведуваат реформите
- Создавање перцепција дека постои силен „народен отпор“ кон евроинтеграцијата
Овие цели се мерат преку индикатори како обем на негативни наративи, степен на ангажман на публиката и доминантен тон во јавната дебата.
3. Анализа на целни публики
Клучен дел од фазата на планирање е деталната анализа на целните групи. Во овој пример се идентификуваат:
- Млади гласачи кои немаат економска сигурност
- Граѓани со претходно изразен евроскептицизам
- Активни корисници на социјални мрежи кои учествуваат во политички дебати
Ваквата анализа овозможува идната комуникација да биде насочена кон групи што се најподложни на одредени наративи и емоционални пораки.
Фазата „Планирање“ не опфаќа создавање содржина, туку поставување на стратешките, целните и аналитичките темели на идната операција. Препознавањето на овие активности, особено дефинирањето на крајниот исход, формулирањето на мерливи цели и деталната анализа на целните публики, овозможува рана идентификација на странско мешање, уште пред операцијата да премине во фаза на подготовка и изведба. Откривањето на овие чекори се најчесто резултат на разузнавачки активности кои не се секогаш возможни, па затоа, потребно е претпазливо да се пристапи кон сите чувствителни теми, кои се предмет на СММИ операција.
ПОДГОТОВКА
Во фазата на подготовка, претходно дефинираната стратегија се трансформира во конкретна инфраструктура за комуникација и влијание.
1. Микротаргетирање на публиката
Целните публики се сегментираат во повеќе подгрупи според нивниот однос кон евроинтеграцијата. На пример:
- Граѓани разочарани од бавниот процес на пристапување
- Млади лица кои не гледаат економски придобивки од евроинтеграцијата
- Групи што ја перципираат ЕУ како закана за националниот идентитет.
Оваа сегментација овозможува развој на пораки и одредување канали за комуникација согласно демографските, емоционалните и политички специфичности на секоја група.
2. Развој на содржина
Врз основа на анализата на публиката, актерот започнува со креирање на содржина што ќе се користи во фазата на извршување. Следејќи го примерот, се развива содржина поврзана со евроинтеграцијата, но во различни формати дизајнирани да допрат до секој слој од публиката:
- Текстуални објави и визуели што ја прикажуваат ЕУ како економски нефер партнер
- Видеа и мемиња што сугерираат дека реформите се „диктирани од Брисел“
- Коментари што ја доведуваат во прашање културната и идентитетската загрозеност
Содржината често не содржи директни дезинформации, туку се потпира на селективно претставување на факти и емоционално врамување со цел да се поткопа довербата во евроинтеграцијата.
3. Избор на канали и можности
Паралелно со развојот на содржината, се врши стратешки избор на платформи и комуникациски канали. Во овој случај актерот внимателно ги избира платформите што нудат најголем потенцијал за ширење на евроскептични пораки.
- Социјални мрежи и онлајн медиуми каде што дебатите за евроинтеграцијата се веќе поларизирани се идентификуваат како приоритетни канали.
- Се земаат предвид алгоритамските карактеристики што фаворизираат контроверзна содржина, како и простори со ограничена модерација каде што критичките и негативните ставови кон ЕУ можат да се шират без значителен отпор.
- Истовремено, се планира присуство и во коментаторски простор под официјални вести за преговорите со ЕУ, со цел да се влијае врз перцепцијата на „јавното мислење“, а за да се создаде перцепција на лажен легитимитет.
4. Развој на наративи
Со овој чекор, се прецизираат кохерентни наративи кои треба да опстанат долгорочно. Во конкретниот пример наместо фрагментарни пораки, се развиваат наративи како:
- „ЕУ интеграцијата значи постојани отстапки без гаранција за членство“,
- „Реформите се алатка за контрола однадвор“
- „Елитите ја користат ЕУ агендата за лична корист“
Овие наративи се доволно флексибилни за да се приспособат на различни настани, како отворање или блокада на поглавја, извештаи од Брисел или домашни политички кризи што им овозможува долгорочна употребливост, конзистентност, но и приспособливост.
5. Воспоставување на социјални средства
Актерот воспоставува социјални и медиумски средства што тематски се поврзуваат со Европа и реформите.
- Профили на социјалните мрежи за граѓански надзор на ЕУ процесите
- Псевдоаналитични блогови на експерти за европски политики
- Веб-страници на „патриотски“ заедници што ја следат интеграцијата
Станува збор за средства кои не се отворено анти-ЕУ, туку се позиционираат како критички, но загрижени гласови, што им овозможува полесен пристап до поширока публика и поголема доверба при подоцнежното пласирање на манипулативни пораки.
6. Создавање легитимитет
Преку воспоставените канали се споделуваат официјални вести за евроинтеграцијата, се цитираат изјави од европски претставници и се повикува на јавна дебата. На тој начин овие платформи постепено градат кредибилитет и создаваат впечаток на легитимност и експертиза.
Тоа овозможува подоцна критичките или манипулативните интерпретации на истите теми да бидат прифатени како кредибилни и „разумни“ позиции во јавниот дискурс.
Фазата „Подготовка“ претставува клучен, но често невидлив дел од странските манипулативни операции. Преку микротаргетирање, развој на содржина, избор на канали, обликување на наративи и воспоставување легитимни на изглед социјални средства, актерот создава стабилна инфраструктура за идно влијание. Идентификувањето на овие активности во оваа фаза овозможува рана институционална интервенција, пред операцијата да премине во фаза на активна изведба и масовно влијание.
ИЗВРШУВАЊЕ
Фазата на извршување претставува момент кога кампањата преминува од подготовка во активна манипулација на информативниот простор.
1. Почетни тест-пораки
Кампањата започнува со ограничена дистрибуција на содржина преку мал број профили или медиуми. Овие објави најчесто поставуваат прашања или изразуваат сомнежи поврзани со евроинтеграцијата во конкретниот пример:
- Дали повторно ќе прифатиме нови услови без гаранции?
- Колку чинат реформите, а што добиваме за возврат?
Реакциите на публиката внимателно се следат, а пораките се приспособуваат врз основа на ангажманот и коментарите, со цел да се оптимизираат пред пошироката дистрибуција.
2. Испорака на содржина
По почетното тестирање, почнува масовно пласирање на содржина преку повеќе канали.
- Евроскептичните наративи се пласираат преку сите воспоставени канали: онлајн портали, социјални мрежи, групи и блогови
- Содржината често се темпира со важни политички настани, како извештаи од европските институции или политички одлуки поврзани со преговорите
На тој начин се создава впечаток дека негативниот став кон евроинтеграцијата е директна и логична реакција на реалните случувања.
3. Поттикнување на офлајн активности
Со оглед на тоа што една од целите на кампањата е таа да се прошири и надвор од дигиталниот простор во оваа фаза се стимулираат и офлајн активности:
- Поддржувачите се охрабруваат да учествуваат во јавни трибини, протести или собири формално поврзани со „одбрана на националните интереси“
- Дел од содржината се рециклира во традиционални медиуми, како радио емисии, печатени колумни или билборди
На тој начин кампањата создава привид на поширока општествена поддршка и ја нормализира евроскептичната позиција во јавниот простор.
4. Опстојување во информативниот простор
За да се избегне откривање или отстранување, актерот презема мерки за одржување на долгорочно присуство. Ова вклучува:
- Ротација на профили
- Користење повеќе платформи
- Редовно менување на формата и тонот на содржината
Дел од пораките се претставуваат како легитимна критика или јавна дебата, што им овозможува да останат онлајн подолг период и да се избегне санкционирање од страна на платформите или институциите.
5. Максимирање на изложеноста
Клучен момент во фазата на извршување е агресивно засилување на видливоста.
- Преку координирано споделување, лајкување и коментирање од мрежата на профили, евроскептичната содржина се распространува во информативниот простор.
- Крос-постирањето меѓу различни платформи создава чувство дека истите пораки се насекаде, што ја зголемува нивната перцепирана легитимност и го потиснува спротивставениот проевропски дискурс.
6. Поттикнување онлајн штета
Во завршниот дел, кампањата преминува во офанзивна онлајн активност насочена кон дискредитација на проевропски актери. Новинари, експерти и јавни функционери кои отворено го поддржуваат процесот на евроинтеграција стануваат мета на координирани напади, вознемирување и обиди за замолчување во онлајн сферата.
Овие активности имаат двоен ефект:
- Директно ја намалуваат видливоста на спротивставените ставови
- Индиректно создаваат „ладен ефект“ кај други потенцијални критичари, кои избегнуваат јавно изразување на проевропски позиции.
Битно е да се нагласи дека при реализирањето на фазата „Извршување“, евроскептичната СММИ кампања станува јасно видлива и општествено влијателна. Комбинацијата од контролирано ширење на пораки, масовна дистрибуција, премин во офлајн простор, долгорочно опстојување и активни онлајн штети овозможува странскиот актер не само да го засили евроскептичниот дискурс, туку и систематски да го потисне проевропскиот наратив. Препознавањето на овие тактики е клучно за навремена институционална реакција и заштита на демократскиот и интегративниот процес.
ПРОЦЕНКА
Последната фаза од операцијата вклучува анализа на нејзината ефикасност со цел злонамерниот актер да утврди до кој степен ги постигнал планираните ефекти и како тие сознанија можат да се искористат за идни манипулативни активности.
1. Анализа на досег и ангажман
Актерот анализира квантитативни показатели како:
- Број на прегледи, споделувања, коментари и повторни објави на клучните пораки
- Се прави споредба со состојбата пред кампањата за да се утврди дали евроскептичните наративи бележат раст односно добиваат видливост
Посебно внимание се обрнува на тоа дали содржината е преземена од автентични корисници или медиуми, што укажува на успешна пенетрација во поширокиот јавен дискурс.
2. Проценка на наративната доминација
Се анализира кои наративи имале најсилен одѕив кај различните слоеви од публиката. Се мери кои конкретни изрази поврзани со евроинтеграцијата (на пример, „ЕУ без гаранции“, „губење на суверенитет“, „елитите против народот“) биле најприфатени кај различните целни публики.
Наративите со слаб одѕив се идентификуваат како неефикасни и се отфрлаат или редизајнираат, додека успешните се обележуваат за повторна употреба или понатамошно засилување во идни операции.
3. Анализа на институционалната реакција
Се следи реакцијата на противниците и институтциите односно се оценува дали проевропските актери, институции или медиуми реагирале дефанзивно:
- Дали се обиделе да демантираат?
- Дали го игнорирале евроскептичниот дискурс?
Недостигот од координиран инситутционален одговор се интерпретира како индикатор за успешност на операцијата, додека силна контра-реакција може да предизвика приспособување и корекција на тактиките во следниот циклус.
4. Подготовка на следниот циклус
Резултатите од проценката се користат за адаптација на идните стратегии и за потенцијално проширување на кампањата во други политички или географски контексти.
Врз основа на анализата, актерот одлучува дали кампањата треба:
- Да продолжи со ист интензитет
- Да се пренасочи кон нови аспекти на евроинтеграцијата (на пример, економски поглавја или културни прашања)
- Да се примени во друг национален контекст со слични политички и општествени услови.
Фазата „Проценка“ претставува директна врска меѓу завршената и следната СММИ операција, затворајќи го циклусот на DISARM рамката.
