Пасивна регистрација за пасивниот граѓанин

Ана Нешовска

ana nesovksaПасивната регистрација овозможува лесен и едноставен начин на гласање на секој граѓанин, го избегнува административниот процес низ кој граѓанинот теоретски ќе треба да помине, и со тоа го привлекува да гласа. Се разбира, таа подразбира чисти и неманипулирани бази на податоци во државните органи, објективни и непристрасни административци и минимум можност за манипулација со избирачките списоци.

Последните неколку месеци Македонија се наоѓа во длабока политичка криза, која по потпишувањето на договорот од Пржино треба да резултира со предвремени парламентарни избори во април 2016 година. Еден од клучните проблеми за одржување фер и демократски избори се и избирачките списоци и нивното составување. Дилемата која се појави и кај работните групи од партиите кои преговараа за изборното законодавство беше активна или пасивна избирачка регистрација.

Активната регистрација значи гласачите самите да се регистрираат за да гласаат на изборите, а пасивната – тоа наместо нив да го направи државниот или административниот апарат, со помош на податоците кои во денешниот дигитален свет администрацијата не само што ги има, туку лесно може да ги спореди, да ги вкрсти и да издаде чисти избирачки списоци. Само треба да е вооружена со чесност, во што секако не можеме да имамe доверба, па оттаму политичките партии и граѓанскиот сектор во улога на „watchdog“ имаат огромна обврска да обезбедат услови за контрола, проверливост и транспарентност на процесот на регистрација. Се разбира, и двата начина на регистрација мора да бидат придружени од теренска проверка.

Модели на регистрација

Потемелно, активната регистрација значи активно учество на гласачот во процесот на создавање на избирачкиот список, односно гласачот да се регистрира во некаков центар кој ги собира сите тие податоци и подоцна го создава списокот. Односно, тоа значи дека секој кој сака да гласа ќе треба да отиде до центарот за регистрација и таму да ги остави своите податоци, за тие подоцна да можат да бидат внесени во финалниот избирачки список.

Пасивната регистрација е процес во кој целата работа околу избирачките списоци и сите информации за гласачот кои им се потребни на институциите кои треба да ги спроведат изборите, ги обезбедуваат самите институции, односно гласачот нема никаква улога во процесот на регистрација.

Двата модели имаат свои предности и недостатоци. Моделот на активна регистрација ја намалува можноста за манипулација со избирачките списоци, но повеќе се потпира на активноста и заинтересираноста на граѓаните за изборите, додека пак моделот на пасивна регистрација целосно ја предава работата на институциите, што значи дека граѓанинот е ослободен од обврска, но таа остава поголем простор за манипулација.

Сепак, пасивната регистрација ќе овозможи поголема излезност на изборите, а со тоа и полегитимни избори. Она што беше предложено во последната рунда на разговорите од страна на меѓународниот фактор е компромис - темелна и исклучително тешка операција на теренска проверка за која ќе требаат вонредни напори, средства и време. Тука лежат и опасностите од брзање, импровизација и грешки, во кои, во април 2016, партиите ќе побрзаат да побараат и причина за пораз. Но доколку се случи, теренската регистрација секако ќе треба сесрдно да се поддржи и од граѓаните.

Гласачка апатија

Македонија е зафатена од цунами на граѓанска пасивизација која трае 24 години. Македонскиот просечен граѓанин е депресивен и генерално обезличен, после транзиционата епопеја на нестабилни институции и немање основен животен стандард. Апатијата е логичен производ на овие услови. Голата егзистенција е мотив за врвен дострел, а граѓанскиот активизам станува метафизичка равенка со безброј варијабли без краен резултат. И на сето тоа граѓанинот треба да гласа или самиот да отиде и да се регистрира за гласање!?

Столбот, платформата на минимум коректно изведен изборен процес е регистрацијата на гласачите. Тие се модус операнди на професионална администрација. Кога во погоре само таксативно наброените услови, ќе се вбројат и следниве проблеми иманентни за изборниот процес, кругот станува целосен – во изминатиов период на самостојна Македонија избирачите се соочуваа со: гласови на умрени, „бугарски возови“, контигенти гласачи од Пустец, полнење кутии, уништување избирички ливчиња, отворање вреќи, штанцање лични карти за фантомски гласачи, гласање за друг, фамилијарно гласање, нецелосни списоци, неажурирани списоци по име и по адреси итн.

Наместо политичка, искористив гласачка култура. Не случајно, затоа што за да се одржи политичка култура прво таа треба да постои, а во нашето општество е повеќе од јасно дека политичката култура е во зоната на самракот. Правото на глас е обврска, и тоа тешка обврска за нашиот измачен сограѓанин, кој треба да стане и да пооди неколку минути за да гласа. Затоа, помислата дека активната регистрација нема да ја уништи и онаа малку желба за земање на сопствената судбина во свои раце (а притоа и одговорност), е апсурдна.

glasanje

Извор: telegraf.mk

Колку вреди мојот глас?

Многу големо влијание врз одлуката да се гласа имаат перцепцијата и сфаќањето на граѓанинот дали и како влијае неговиот глас. Во Република Македонија, посебно меѓу младите, владее мислењето дека нивното гласачко ливче не значи ништо и дека ништо нема да смени. Многупати до сега сум разговарала со луѓе на возраст од 20 до 25 години кои не го сфаќаат значењето на сопствениот глас и раскажуваат приказни за нивните злоупотребени ливчиња. Реченицата „Не бе брат, шо ќе се замарам” е дел од нивната политичка (не)култура. Ова укажува на потребата од враќање на довербата во институциите и доближување, а не оддалечување на граѓанинот од избирачкиот процес, преку информирање и канализирање на гласачката енергија, за процесот да стане лесно достапен и разбирлив за секого, како и објаснување и презентирање на целата машинерија наречена политички систем.

Според анализата на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (International Institute for Democracy and Electoral Assistance), отежнувањето на процесот на регистрација на гласање, односно гласањето да се комплицира до степен кога граѓанинот ќе се откаже од своето право на глас, претставува кршење на избирачкото право. Оваа анализа го застапува ставот дека целото изборно законодавство мора да биде најоптимално прилагодено на потребите на гласачите во секоја земја посебно, и дека дури и само доколку законодавството е комплицирано, недостапно и неразбирливо може да се смета дека правото на гласање на граѓаните е нарушено.

Пасивната регистрација овозможува лесен и едноставен начин на гласање на секој граѓанин, го избегнува административниот процес низ кој граѓанинот теоретски ќе треба да помине, и со тоа го привлекува да гласа. Пасивната регистрација, меѓутоа, подразбира чисти и неманипулирани бази на податоци во државните органи, објективни и непристрасни административци и минимум можност за манипулација. Постојат земји, како и Република Македонија, во кои тие основни претпоставки за пасивна регистрација не се исполнети. Но, проблемот може да се реши со прочистување на списоците со податоци за граѓаните, вкрстена проверка на податоците од повеќе институции и максимална електронска заштита на базите на податоци.

Државата треба да направи се` за да го оствари јавниот интерес, односно потребите на сопствените граѓани, а за да може да го стори тоа, прво треба да ги слушне тие потреби. Основен механизам кој се користи за да се слушнат граѓаните е изборниот процес, кој не смее да биде попречен и треба да се исполнат сите услови за да даде најдобра слика за волјата на граѓаните. Во истиот тој процес треба да бидат вклучени колку што е можно повеќе граѓани. Гледано по малку идеалистички, повеќе луѓе им даваат повеќе легитимитет на изборите и на новоизбраното раководство на тие избори.

Да заклучам, пасивната регистрација е единствениот начин да се задржи единствената светла точка во македонскиот процес на избори, излезноста. Пасивната регистрација исто така, го става на пиедестал, таму каде што и треба да биде, правото на гласање.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Само со автономен универзитет до демократија
Тајните за прислушкувањето
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 25 Мај 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: