fbpx

Буџетска транспаретност – сон или јаве?

Константин Битраков

Јавен интерес

10.11.15

Прегледи

Константин Битраков

kostantin bitrakovНастаните од 24 декември 2012 година, ја сместија Македонија меѓу последните 30 земји во светот во поглед на буџетската транспарентност. За тоа е виновна актуелната власт, која сака да си донесе буџет по своја мера, но виновни сме и ние граѓаните, кои сме должни да инсистираме на поголема буџетска транспарентност и отчетност. Во прашање се наши пари, па сосема е логично за нивното трошење да се грижиме како што се грижиме за семејните приходи и трошоци.

Буџетот, односно неговото донесување, во Република Македонија речиси секоја година претставува сериозен предизвик. Всушност, една од најдлабоките политички кризи предизвикана со инцидент од дотогаш незамисливи размери, беше непосредно поврзана токму со буџетот. Настаните од 24 декември 2012 година, кои македонската јавност нема (а и не смее) да ги заборави, се случија токму поради донесувањето на буџетот, кога пратениците од опозицијата со полициска сила беа грубо исфрлени од просториите на Собранието. Со исфрлањето на пратениците од нивниот „дом“, партиите кои во свои раце ја држеа (и се уште ја држат) власта дозволија грубо кршење на Уставот на Република Македонија, односно на начелото на поделба на власта, кое е едно од основните начела во нашиот уставен поредок.

Овој инцидент е јасна илустрација за тоа колку буџетот е важен во една држава, односно до какви турбуленции може да дојде доколку постојат проблеми околу буџетската транспарентност и постапката за донесување на буџетот. Буџетот како збир на приходи и расходи кои ја ограничуваат потрошувачката моќ на власта, всушност е крвотокот кој овозможува извршување на сите функции во државата. Оттаму, инсистирањето на власта за донесување буџет по своја мера е сосема разбирливо.

Имајќи предвид дека расправата за донесување на Буџетот за 2016 година веќе се одвива во Собранието, сега е вистинскиот момент да се говори за буџетската транспарентност и процесот на донесување на буџетот.

Постапката за донесување на буџетот во Република Македонија

Според пречистениот текст на Законот за буџетите, буџетот на Република Македонија се донесува согласно стратешките приоритети на Владата, Фискалната стратегија, предлог-стратешките планови на буџетските корисници и буџетската политика, како и стратешките планови на општините. Изготвувањето на предлогот на буџетот паѓа на товар на Министерството за финансии, кое е должно предлогот да го достави до Владата на Република Македонија до 1 ноември во тековната година. Владата, пак, овој предлог е должна да го достави до Собранието на Република Македонија до 15 ноември во тековната година. Собранието може да го разгледува овој предлог најрано по 20 дена од неговото доставување, а буџетот мора да го донесе до 31 декември во тековната година.

Законските одредби јасно кажуваат дека постапката за донесување на буџетот е тесно поврзана со рокови. Освен тоа, самата постапка е сложена, односно бара постапување на две комисии во Собранието, Законодавно-правната и Финансиската, по што се одржува и расправа на пленарна седница на Собранието. Постапувањето во рамките на овие комисии и на пленарната седница е уредено со низа одредби во Деловникот на Собранието, поради што може да се рече дека постапката за донесување на буџетот е обременета со низа технички детали (времетраење на говорите на членовите на комисиите, времетраење на говорот на координаторот на пратеничката група, образложение на амандманите итн.) за кои не се очекува од граѓаните да ги познаваат. Токму тоа и овозможува на власта да манипулира со пошироката јавност, за да си донесе буџет каков што таа посакува.

alfa

Извор: alfa.mk

Граѓаните изманипулирани – без буџет ќе нема финансии!

Во 2012 година, токму поради усвојувањето на буџетот за наредната година, пратениците од опозицијата беа грубо исфрлени од Собранието, што е преседан не само кај нас, туку и во светот. Во текот на целиот период, власта инсистираше да се донесе буџет каков што таа посакуваше со аргумент дека без буџет, сите вработени во јавниот сектор и пензионерите, ќе останат без своите приходи. Освен тоа, владеачката партија тврдеше дека последици ќе почуствуваат и сите корисници на субвенции, здравствено осигураните граѓани, компаниите во стопанството итн. Односно, според зборовите на пратениците и министрите од редот на владеачката коалиција, без донесен буџет државата нема да може да ги исплати сопствените расходи, по што сите корисници на буџетски средства ќе останат без финансии.

На тој начин, во очите на стотиците илјади граѓани  вработени во јавниот сектор, пензионерите, земјоделците и оние кои зависат од државните финансии се создаде слика дека ќе останат без било какви средства, што создаде вештачки страв. Сето ова резултираше со силен притисок врз опозицијата да го прифати предлог – буџетот без оглед на аргументите што таа ги нудеше зошто таквиот буџет е неповолен за граѓаните.

Но, зад навидум искрените намери на власта за донесување на буџетот, се криеше грубо манипулирање со граѓаните кое требаше да резултира со „победа“ на волјата на владеачката коалиција. Имено, наспроти застрашувањата и заканите дека без донесен буџет државата нема да може да ги финансира своите дејности, Законот за буџетите содржи одредби со кои се регулира токму и ситуацијата во која навистина нема да се донесе буџет. Доколку буџетот не се донесе до 31 декември во тековната година, според Законот, се пристапува кон таканаречено времено трошење при што Министерството за финансии одобрува средства на месечно ниво, се до 31 март наредната година. Доколку и до 31 март не се донесе буџетот временото трошење ќе продолжи. Се разбира, со временото трошење постои можност некои расходи потешко да се покриваат, но тоа не значи дека граѓаните ќе останат без плати, пензии, субвенции...

Оттаму, јасни беа намерите на власта да ја искористи вештачки создадената претстава кај граѓаните за притисок врз опозицијата. Ваквата практика не смее да се повтори, имајќи ја предвид нејзината директна спротиставеност на начелата кои важат во демократските општества.

Буџетска транспаретност: утопија

Имајќи ја предвид досегашната практика, не треба да не изненади дека Република Македонија има ниско ниво на буџетска транспарентност, што е забележано и од меѓународната заедница. Согласно истражувањето на Меѓународното буџетско партнерство во 2015, Македонија се најде меѓу последните 30 земји во светот во поглед на буџетската транспарентност. Кон ваквото рангирање, освен веќе споменатите околности, придонесуваат и останатите методи за манипулација со граѓаните. Еден од нив се токму бесплатните производи и услуги кои ним им се нудат. Без разлика дали говориме за бесплатен учебник, бесплатно користење бања или пак бесплатен градски превоз во Скопје, не треба да заборавиме дека сите овие производи и услуги, всушност, значат користење буџетски средства. Со други зборови - во економијата постои едно вечно правило: бесплатен ручек не постои!

Сите овие состојби говорат за сериозни манипулации на власта како при донесувањето, така и при спроведувањето на буџетот. За да се спречи ваквата практика, граѓаните се должни да инсистираат на поголема буџетска транспарентност и отчетност. Во прашање се наши пари, кои државата ги собира од нас од даноци, придонеси, такси и други давачки, па сосема е логично за нивното трошење и прераспределување да се грижиме како што се грижиме за семејните приходи и трошоци. Затоа сите ние - граѓаните, а не само пратениците и експертската јавност, имаме обврска да внимаваме буџетот да се донесе во транспарентна постапка, правилно да се димензионираат приходите и расходите и парите соодветно да се користат.

За да го направиме тоа, најнапред, треба да ја следиме постапката за донесување на буџетот што кај нас е можно преку телевизискиот канал на кој се емитуваат седниците на Собранието. Понатаму, можеме да ги пребаруваме и финансиските извештаи за трошењето на парите од Буџетот кои Министерството за финансии е должно да ги објавува. Логично е притоа да се запрашаме колку ќе не чини бесплатната услуга која власта (локалната или централната) ни ја нуди. Освен тоа, сите институции кои користат буџетски средства подлежат на режимот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој се должни да достават податоци на барање на граѓаните. Покрај овие, постојат и многу други механизми кои ни стојат на располагање, а со кои ќе се зголеми буџетската транспарентност.

Во спротивно, доколку сме пасивни и незаинтересирани, ќе дозволиме нашата иднина однапред да биде запечатена со тоа што ние како помлади генерации ќе ги исплаќаме долговите на денешницата, долгови кои ние сме дозволиле да настанат, а кои сме можеле да ги спречиме.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Константин Битраков

Константин Битраков е магистер по право (област: административно право) со положен правосуден испит и докторант на Правниот факултет во Белград. На професионален план, тој извршува научни и административни работи како соработник во Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите, но активен е и во невладиниот сектор.