Потребен ли е нов универзитет?

Александра Филипова

aleksandra filipovaПред да се одобри основање на уште еден универзитет, избрзано, по скратена постапка и без никаква анализа, треба да се разгледаат реалните потреби во високото образование, капацитетите на постоечките универзитети и законските алтернативи и решенија.

Високото образование речиси секојдневно е мета на неосмислени измени. Последна од низата паушални мерки е предлог законот за отворање на нов државен универзитет „Дамјан Груев“, во чиј состав ќе има Воена академија, Воздухопловна академија, Факултет за безбедност, Медицински факултет, Факултет за мировни студии и кризен менаџмент, Правен факултет, Институт за командни и штабни функции и лидерство и Институт за информатички технологии и сајбер безбедност. По скратена постапка е формиран и универзитетот „Мајка Тереза“ кој ќе обучува кадри на албански, македонски и англиски јазик, што покрена слични дилеми.

Поради овие мерки кои насилно се наметнуваат, без претходно да се подготви анализа која ќе ги утврди состојбите и проблемите, реалните потреби и можности, се поставува прашањето дали високото образование се доведува во ситуација во која нуди квантитет наместо квалитет.

Во каков амбиент се формираат новите универзитети

Овие универзитети се формираат по скратена постапка, само еден месец по назначувањето на новите членови на Одборот за акредитација. Предлог-законот за формирање на „Дамјан Груев“ предизвика жестока расправа во Собранието и до блокирање на работата на собраниската комисија за образование, спорт и наука. Опозицијата поднесе 984 амандмани, обвинувајќи дека универзитетот се отвара само за вработување на партиски кадри.

Отварање на овие два универзитета значи создавање на повеќе факултети во рок од неколку месеци, што создава сомнеж дека ова ќе предизвика уште поголемо намалување на квалитетот во високото образование. Барањето за јавна расправа на тема „Општите состојби во образованието во Република Македонија и ефектите од екстерно тестирање во основно и средно образование“, тема на расправа во која спаѓа и отворањето на двата нови универзитета, беше поднесено од пратениците 10 пати, на 10 различни датуми. Барањата за јавна расправа се уште се игнорираат.

Импликации

Нереновираните и неопремените факултети и слабиот библиотечен фонд укажуваат на тешката финансиска состојба на постоечките пет универзитети, а отварањето на нови два нема да придонесе ова да се поправи. Состојбата на државните универзитети ја одразува лошата и неиклузивна владина образовна политика. Студентите живеат во нечовечки услови, во руинирани и мувлосани студентски домови, на некои факултети се учи од скрипти од 80-тите години бидејќи нема книги, при уписи се плаќа за информатички, спортски и културни активности иако на некои факултети воопшто ги нема. Ако не се сконцентрираме на решавање на постоечките проблеми, со отварањето на нови универзитети многу е веројатно дека овие пропусти ќе се префрлат и ќе им тежат и на студентите кои ќе се запишат на нив.

Со донесувањето на Законот за виското образование (ЗВО) во 2008 годината, Владата дефинираше повеќе акти кои требаше да го регулираат финансирањето на јавните универзитети, како и формирањето на Совет за финансирање на високото образование. Советот за финансирање би требало да ги насочи универзитетите усогласено да дејствуваат во повеќе области: финансиски сектор, системот за оценување според европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), инвестициони и развојни планови, библиотечен фонд, издавачка дејност, издавање дипломи и други работи определени со ЗВО и статутите на универзитетите. Но ниту документите се донесени, ниту Советот е формиран. Наспроти тоа, Одборот за акредитација и евалуација врши акредитирање на студиски програми без добиено мислење за можноста за нивното финансирање, а во овој случај и за начинот за финансирање на новиот универзитет „Дамјан Груев“.

Според ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од 2011 година, финансиското усогласување на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и универзитетот „Св. Климент Охридски“ не е целосно остварено, па под знак прашалник е дали и новиот универзитет ќе се вклопи во нормите за усогласено дејствување. Непостоењето на финансиски план во предлог законот за универзитетот „Дамјан Груев“ и неформираниот Совет за финансирање го отвара прашањето какви финансиски импликации ќе има отварање на уште еден универзитет, односно како тоа ќе влијае на буџетот на постоечките универзитети.

Од друга страна, според членовите 1, 2 и 3 од Правилникот за научно-истражувачка дејност, професорот е обврзан да врши научни истражувања и истражувачка работа, а универзитетот тоа да го финансира. Оттука, отворањето на нови универзитети би значело дополнително оптеретување на буџетот за високо образование, односно кратење од финансиите предвидени за истражувачка работа на професорите од постоечките универзитети, освен во случај ако буџетот се зголеми.

Во државниот буџет за 2016 година се проектирани капитални инвестиции во износ од 2.544 милиони денари за образованието, детската заштита и спортот, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите, набавка на современа лабараториска опрема и инвестиции во спортска инфраструктура. Без да се разгледаат финансиските импликации за отворањето на универзитетите „Дамјан Груев“ и „Мајка Тереза“, нејасно е како тоа ќе влијае врз буџетот за високо образование и дали од овој ионака мал буџет предвиден за капитални инвестиции ќе се градат и опремуваат објекти за новите два универзитета.

Сите предлог-закони што се поднесуваат до Собранието мора да содржат финансиска конструкција, односно детално објаснување колку ќе чини спроведувањето на предлог-законот, за какви ставки ќе бидат потребни пари и од каде се предвидуваат. Доколку ова не е испочитувано, а законот е изгласан, постои можност за обжалување пред Уставен суд.

studenti2 640x360

Извор: www.radiomof.mk

Високото образование служи само за статистики

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на средношколци во учебната 2014/2015 бил помал за 10.762 ученици во однос на 2010 година. Годинава има 20.000 матуранти. Во Македонија има пет државни универзитети со вкупно 63 факултети и 18 приватни универзитети со 72 факултети. Само во последните десет години отворени се 83 нови државни и приватни факултети. Податоците на ДЗС укажуваат на тоа дека во Македонија нема потреба од отварање на нови универзитети, особено затоа што бројот на студенти последните неколку години не е значително зголемен.

Дискутабилно е и дали има професори што ги исполнуваат условите утврдени за избор во наставно-научни, научни и наставни звања. Овие лица треба да дадат изјава дека ќе се пријават на конкурсот и дека ќе засноваат работен однос, ако на конкурс бидат избрани (член 276 од ЗВО), а конкурс не е објавен.

Апсурдно е и тоа што со зголемувањето на бројот на факултети, се зголемува бројот на невработеноста кај младите луѓе. Според истражувања на Еуростат и Светска банка во Република Македонија, младинската невработеност варира околу 50%. Како причини за младинската невработеност се наведуваат хиперпродукцијата на кадар со високо образование и тоа што пазарот на трудот нема доволна побарувачка за лица со висок степен на образование.

Кои се алтернативите

Постоечките универзитети имаат капацитет, само треба да се вложува во нив. На воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ постојат катедри за Воени науки и вештини, Природни и воено-технички науки, Логистика, Општествени науки, Безбедност, Заштита и менаџмент и Заштита и спасување. Во согласност со ЗВО, а со одобрување на Одборот за акредитација во рамките на Академијата можат да се отворат нови катедри и насоки за воздухопловство и сајбер тероризам, кои се планирани во рамки на новиот универзитет „Дамјан Груев“.

Во земјава има повеќе од 20 правни факултети, па наместо отварање на нов, студентите од Воената академија предавањата можат да ги слушаат на постоечките факултети, односно да се здружуваат и користат професори и предмети од други факултети, што веќе е пракса на УКИМ подолг период.

Ако се примени ова, наместо капитални инвестиции за градби и опремување на нови универзитети, средствата ќе можат да се пренаменат за отварање на специјализации и курсеви и за студентите и за доусовршување на професорскиот кадар. Финансиите, наместо да се поделат може да се сконцентираат и зголемат на постоечките универзитети, со цел што повеќе и што поквалитетно да се одговори на моменталните потреби.

Затоа пред да се одобри формирање и на универзитет „Дамјан Груев“, избрзано, по скратена постапка, без никаква анализа, треба да се разгледаат сите алтернативи и решенија, каква капацитети имаат постоечките универзитети и која е реалната потреба. Останува да се донесат и сите потребни подзаконски акти, да се формира функционален Совет за финансирање, според чии анализи и препораки Одборот за акредитација ќе носи одлуки.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јавниот интерес во медиумите – заложник на бизнисо...
Одвојување на партијата од државата – реалност или...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 22 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не