fbpx
 

Плата, плата за рата или како пропадна демократијата

Горан Теменугов

goran temenugovОгромни долгови. Граѓаните треба да вратат шест милијарди евра кредити. Две милијарди што самите сме ги земале и над четири милијарди што владите не задолжиле. Досега. Или по три илјади евра секој жител, од бебе до пензионер. Ваквите долгови раѓаат страв. Стравот не тера да не сакаме, да не сме фокусирани на промени. Да немаме сила за тоа.

 

Прелудијум

Долгови. Кон самиот себе. Кон родителите. Кон сопругата. Кон децата. Кон пријателите. Кон БАНКИТЕ. Должиме многу. Должиме со години.

Отплаќаме рати. Се тешиме дека земените пари ни биле неопходни. Насушни, како вода за жеден. Како бело видело за слеп човек. Како среќа на несреќник. Како задолжување на оваа Влада пред избори.

Живееме од кредити. Ги земаме за куќи или станови. Да ги купиме, изградиме. Да се здомиме или од едно да направиме две. За нас самите или за нашите деца. Но, земаме пари од банките и за да преживееме. Овие пари, овие потрошувачки кредити и минусите на кредитните картички не истоштија. Не заморија. Полека не подјадуваат како луѓе.

Почеток...

Должничката голгота почна во 2007 година. Кредитирањето на населението доживеа бум. За само една година порасна за 56,2 проценти. Да, точно е дека претходно кредитирањето беше ниско, основицата беше мала, па овој драстичен пораст не беше алармантен. Но, кредитирањето продолжи и натаму.

Задолжувањето почна со кредитните картички. Кога ги добивме, ни изгледаа како да се од „Плејбој“. Шарени, пластични, а нудат многу задоволства. Се полакомивме и одеднаш имавме по две, три кредитни, со два до три пати повеќе од платата да се оди во минус. Купувавме се` и сешто. Одеднаш, наместо да одиме во Грција на одмор на таканаречен „патлиџан“ туризам, почнавме да шетаме по Хрватска и Турција. Купувавме телевизори. Сите имаме скапи мобилни. Викенди и излети. Сето тоа ни го даде пластиката, кредитните картички. Банките насетија добар пазар. Насетија дека сме весели и лесни кон нивните пари. Па решија да ни понудат што е можно повеќе. Нивните пари станаа брзи и лесни за добивање.

Но, леснотијата во трошењето беше поттикната и од Владата. Во ек на светската криза 2008 година, ни велеше дека се` е во ред. Дека ќе раснат платите и пензиите. Дека се вработува.

Во моментов, како граѓани должиме. Должиме многу. За само шест години, од 2009 до крајот на 2015, нашата задолженост се зголемила за речиси 800 милиони евра. Од 1,2 милијарди евра, долгот се искачи на една милијарда и 964 милиони евра. Или во просек, секој жител, од бебе до највозрасен, во моментов должи 949,5 евра. Најголемиот долг е кај потрошувачките кредити. Скоро 930 милиони евра или 578 милиони евра повеќе од пред шест години. Потрошувачките кредити ги заменија долговите на кредитните картички. Според Народната банка на Република Македонија, огромен дел од потрошувачките кредити се земаат за рефинансирање на постоечките долгови. Трошењето што го правевме со кредитните картички, го отплаќаме со потрошувачки кредити со пониска камата.

Мамец и јадица...

Но, ваквиот долг не` убива. Не` тера да бидеме уплашени. Не` тера да не ја гледаме целата слика. Едноставно, се грижиме само за тоа дали ќе може да ги вратиме парите на БАНКИТЕ. А тие пак, се обидуваат да нè вовлечат сè подлабоко во нивната прегратка. Да станеме нивни вечни клиенти. Ни нудат чудесии. Кредити од кои боли глава. Услов? Услов е само да си вработен во јавната администрација. И оп, може да се земе 15 илјади евра кредит. А, ако си во приватен сектор, условите се поригорозни. Сакале не сакале, иако банките работат ултра капиталистички, се однесуваат супер социјалистички. За нив единствен сигурен плаќач, молим лепо, е само оној кој е на државна боска. Затоа сме чувствителни на секоја можност да ни се намалат приходите. Да ни се измести секојдневната рутина со која доаѓаме до парите за плаќање на ратите. Стравот е сеприсутен.

Инаку, дека сме на врвот на светот, дека има пари за сè, дека одиме само напред и затоа може да трошиме, придонес даде и Владата. Никола Груевски и Зоран Ставревски, цела деценија нè убедуваат дека сме економски лидери. Дека грабиме напред. Дека нема зима за нас. Дека трошењето е потребно. Затоа тие трошат. Па помисливме дека и ние треба да трошиме. Го следевме нивниот пример. Одеднаш многу луѓе станаа кредитно способни. Огромната и се` побројна јавна администрација. Земјоделци. Пензионери. Банките ги почувствуваа парите што се истураат од буџетот кај овие луѓе. Затоа им даваат кредити. Лесни пари. Само да се има некаква поврзаност со државата. Со Владата.

Токму ова излезе добро и за политиката. За партијата на власт. Таа игра на нашата најелементарна емоција, стравот. Стравот дека каква било промена може да ги загрози нашите приходи. А без приходи, ќе загубиме се`. Ако не се тие, ако дојде некој друг, тогаш можеби милион луѓе не би можеле да ги враќаат кредитите. Оние скоро милијарда евра потрошувачки кредити. И уште 200 милиони на кредитни картички. И уште 90 милиони што сме во минус, и уште 91 милион сомнителни кредити. И само 423 милиони евра стамбени кредити и шест милиони за автомобили.

Оваа влада за само три месеци успеа да го сврти вниманието од политиката на економијата. Три месеци нè убедуваа дека сме најуспешни и дека ако не се тие на власт, нема да има пари за да ги вратиме кредитите. Стравот дека промената на власта ќе ги остави административците, пензионерите, земјоделците без приход систематски се потхранува. Не само што е посеана, туку е израсната идејата дека само оваа влада е гарант дека по секоја цена ќе има пари за овие три категории граѓани.

А, токму во нивно време, забраздивме во должничко ропство. Ропство кое не ни дава слободно да гласаме, слободно да кажеме што мислиме, слободно да не се согласуваме со она што ни се случува.

Сиромаштија на кредит...

А дека нешто лошо се случува и дека не е баш се розово, покажува дека за четири години нашата плата изгубила на вредност. Сме осиромашиле. Со нашите примања задоволуваме само 68 отсто од основните потреби.

info grafik

Извор: Институт за економски истражувања и политики FinanceThink

Затоа се кредитите. Затоа сме заглавени до гуша кај банките. Владеењето со лаги за економскиот просперитет нè турка сè повеќе и повеќе кон се` поголема задолженост. Според податоците, дури 77 илјади граѓани имаат блокирано сметки што е за 16 илјади повеќе од лани. Едноставно, пари нема.

Излез или ќор сокак…

Затоа е потребна промена. Промена која ќе ја заузда спиралата на задолжувањето. Но, со оваа влада прашање е дали тоа е можно. Таа секој вторник се задолжува двојно повеќе отколку што треба да врати. Или од први јануари нè задолжува со по два милиони евра дневно. Признаа дека за да функционира буџетот мора да се задолжуваат. А економски лидери сме. Лидери, во трупање долгови. Кај граѓаните, но и кај Владата. Јавниот долг е огромен, 47 проценти од бруто домашниот производ (БДП) или во пари, 4,2 милијарди евра. Владата го лансира во небо за само седум години. Во 2008 година беше 23 отсто од БДП или 1,56 милијарди евра. И граѓаните и Владата се во магичниот круг во кој ако нема нови задолжувања, нема да има пари и за најосновното. Ние, граѓаните се финансираме со потрошувачките кредити, а Владата со задолжување дома и во странство.

За да можеа непречено да се задолжат, на 24.12.2012 ВМРО–ДПМНЕ ја избрка опозицијата од Собранието на клоци. Со тоа почна политичката криза. И сега кога се прават обиди за нејзино решавање, главна економска борба е да може Владата да се задолжува. И во двата случаи, сметката ја плаќаме ние, граѓаните. Нашите кредити ги плаќаме од платата, ако ја добиеме. И кредитите на оваа Влада пак ги плаќаме ние, граѓаните, преку даноците, давачките и казните. Едноставно, НИЕ граѓаните имаме за плаќање шест милијарди евра долг. Или 3.000 евра секој од нас. Од бебе, па до пензионер. Што би рекол некој, аирлија нека е...

Повеќе нема да објаснувам каде згрешивме. Нема да ве потсетам дека после стореното нема каење. Само ќе посочам на едно нешто. Земјата каде должењето и живеењето на рати е измислено, Соединетите Американски Држави, нејзините жители полека разбираат дека се во должничко ропство. Моменталниот успех на еден од кандидатите на Демократската партија за претседател на САД, Берни Сандерс, кој се надевам ќе стане траен, е показател на тоа БУДЕЊЕ.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Галичица - национален, а не забавен парк
Европската бегалска криза – предизвик од глобални ...
 

Коментари 1

Анонимен - Гоце Пачемски on Понеделник, 29 Февруари 2016 12:53

Прекрасна анализа на нашата колективна и индивидуална беда. Лекција за во учебник под наслов „Како не требаше да биде“.

Прекрасна анализа на нашата колективна и индивидуална беда. Лекција за во учебник под наслов „Како не требаше да биде“.
Анонимен
Вторник, 18 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не