Меѓународното право дозволува понатамошно објавување на „бомбите“

д-р Воислав Стојановски

voislav sЈавноста има право да знае кој се однесува незаконски и кој бил или се` уште е опасен за општеството, за да влијае превентивно и одвраќачки кон останатите. Дали правото на приватност на инкриминираните функционери е пречка јавноста да дознае за нивното незаконито владеење? Според Европскиот суд и Венецијанската комисија, објавувањето на сите делови од нелегално прислушуваните материјали би биле дозволени зашто откриваат можно кривично поведение што би придонело кон дебата од јавен интерес.

Под превез на јавниот интерес, почнувајќи од 2010 година, властите во Македонија започнаа да подигаат ѕидови на срамот. На нив се наоѓаат оние за кои постојат наводи или е докажано дека се лоши доктори, поранешни соработници на тајните служби, должници (физички и правни лица) и педофили. Ѕидовите содржат лични податоци (име, презиме, професија, работно место, место на живеење, а за педофилите и слики) од илјадници граѓани затоа што сториле дисциплински, прекршочен или кривичен престап. Според властите, овие ѕидови се потребни и оправдани поради тоа што јавноста има право да знае кој се однесува незаконски, кој бил или се` уште е опасен за општеството и за да се влијае превентивно и одвраќачки кон останатите. Дали оваа аргументација на властите може да се примени и во случај кога тие се инкриминирани за сторени кривични дела? Дали доколку граѓаните имаат право да знаат колку данок некое лице и должи на државата, би требало да имаат право да знаат и за најтешките форми на корупција и криминал од страна на претставниците на државната власт?

Од објавените нелегално прислушувани материјали од страна на најголемата опозициска партија на почетокот од 2015 година, произлегоа основани сомненија за сторени тешки кривични дела од страна на претставници на највисоките државни органи. Инкриминираните незаконски дејствија се од областа на кривични дела против: животот и телото, слободите и правата на граѓаните, изборите и гласањето, работните односи, честа и угледот, имотот, финансиите, платниот промет и стопанството, службената должност, правниот сообраќај и правосудството. За дел од функционерите за кои постои сомневање дека ги сториле овие дела, доколку се докаже дека се сторители, според Кривичниот законик можно е изрекување на максимална затворска казна.

Постои ли јавен интерес и имаат ли граѓаните право да знаат?

Дали во овој случај постои јавен интерес што го прави неопходно објавувањето на сите делови од досега необјавените нелегално прислушувани материјали во кои се содржани наводи за кривично поведение? Дали правото на приватност на инкриминираните функционери, актуелните закони, вклучително и неодамна усвоениот Закон за заштита на приватноста, се пречка јавноста да дознае за незаконитото владеење на народните избраници и за тоа дали сите тие се навистина избрани од народот?

За да го дефинираме јавниот интерес би можеле да се осврнеме на темелите на нашата државност содржани во Уставот. Во неговата преамбула, утврдено е дека Македонија се конституира како суверена држава, со намера да се воспостави владеењето на правото и да се гарантираат човековите права и слободи. Според првиот и вториот член од Уставот, суверенитетот произлегува од и им припаѓа на граѓаните кои власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници. Доколку сето досега произлезено од нелегално прислушуваните материјали е точно, тоа значи дека политичка партија или партии ни го киднапирале суверенитетот. Оваа претпоставка, заедно со можноста некому да му се изрече максимална затворска казна за злоупотреби на граѓанските права и слободи, укажува на несомнено постоење на јавен интерес кој е толку силен што го дерогира правото на приватност на неколку политичари.

Со ваквиот аргумент не се согласуваше Основниот суд во Скопје кој сметаше дека нелегално прислушуваните материјали не можат да се користат во судска постапка. Причината за ваквиот став е тоа што тие материјали не биле обезбедени по барање за донесување наредба за законско следење на комуникациите од страна на суд. Судот во овој предмет воопшто не се осврна на јавниот интерес. Но, по само девет дена од ваквиот став, во јавноста беше објавено нелегално снимено видео од дадилка која малтретира бебе и против која Судот веднаш определи притвор. Бранителот на дадилката во постапката ги користеше истите зборови на Судот со кои тој ги оцени нелегално прислушуваните материјали како незаконски, но без успех за неговата клиентка која беше осудена на затворска казна. Со ваквите контрадикторни постапки Судот потврди дека јавниот интерес (заштита на децата или општеството од криминал) може да постои дури и кога доказите се стекнати нелегално.

privatnostИзвор: www.respublica.edu.mk

Законот за заштита на приватноста наспроти меѓународното право

Но што со Законот за заштита на приватноста, производ на Договорот од Пржино, усвоен во кратка постапка, без јавна расправа и со консензус во Собранието? Според овој закон, се забранува објавување на нелегално прислушуваните материјали од 2008 до 2015 година, освен на оние што се веќе објавени. Тој предвидува затворски казни од еден месец до една година за секој што ќе објави досега необјавени материјали. Сепак, законот предвидува и дека доколку дојде до вакво судење, судовите ќе бидат должни да ја почитуваат Европската конвенција за човекови права и пресудите на Европскиот суд за човекови права. Да се осврнеме токму на Конвенцијата, праксата на Европскиот суд, но и на Мислењето на Венецијанската комисија за овој закон.

Во конкретниот случај, се поставува прашањето што доколку медиумите дојдат до остатокот од нелегално прислушуваните материјали. Дали за нив ќе важи уставното право на информирање или пак забраната од Законот за заштита на приватноста? Прашањето за изнаоѓањето на соодветна рамнотежа помеѓу слободата на говорот и правото на приватност е веќе одговорено од страна на Европскиот суд. Според овој Суд, критериумите според кои треба да се оцени кое право преовладува се: 1) Придонесот на објавената информација во дебата од јавен интерес, 2) Колку е познато лицето на кое се однесува објавувањето и на што тоа се однесува, 3) Претходно однесување на лицето, 4) Содржина, форма и последици од објавата и 5) Околности под кои материјалот бил стекнат.

Европскиот суд се има изјаснето дека слободата на информирање и овозможува на јавноста еден од најдобрите начини за формирање на мислење за политичарите. Според Судот, правото на приватност е различно за политичарите и за останатите граѓани, односно политичарите свесно се подложуваат на непосредна контрола пред новинарите и јавноста и мораат да прикажат поголема толерантност за откривање на деталите од нивниот живот. Судот истакнува и дека политичарите не смеат на новинарите да им ја одземат улогата на „јавен чувар“.

Според Венецијанската комисија, преку Специјалното јавно обвинителство кое ги има сите материјали, државата не смее да создаде затворени форуми или институции кои би имале ексклузивно право за пристап, испитување и користење на информации. Улогата на новинарите при објавување на материјалите мора да биде ограничена единствено на криминалните наводи, но во никој случај и на приватниот и семејниот живот. Заклучокот на Венецијанската комисија е дека е потребно „длабинско ревидирање“ на Законот за заштита на приватноста. Но, дури и без таквото ревидирање, според нашиот Устав ратификуваните меѓународни договори (како што е Европската конвенција за човекови права) се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Да си го вратиме суверенитетот!

Според ваквите ставови на Европскиот суд и Венецијанската комисија, објавувањето на сите делови од нелегално прислушуваните материјали би биле дозволени затоа што откриваат можно кривично поведение што би придонело кон дебата од јавен интерес.

Лицата за кои постојат материјали се познати политичари, кои претходно тврделе дека работат според Уставот и законите, а последиците од објавата би биле во насока на задоволување на јавниот интерес кој е над околностите под кои биле стекнати. Би се испочитувало правото на слобода на информирање и би се промовирала улогата на медиумите како јавен чувар на општеството од криминално поведение на политичарите.

По ваквата објава логично е да следат судски постапки за време на кои ќе се утврди дали суверенитетот е киднапиран и доколку е, ќе започне процес на негово враќање онаму каде што припаѓа – кон граѓаните.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Патот од груевизмот до консолидирана демократија г...
Надградувајќи ја утопијата
 

Коментари 1

Анонимен - Петров on Недела, 24 Април 2016 09:22

Пристраснос, знак за лош човек, користољублив, не е за доктор. Штом не кажа ни збор и кон таа и контра другата страна тое не е докторски белег. Тоа оание ниски навивачки фанови го прават. Докторите се надминува себеси чоештвото и гледаат работите сестрано.
Според општите права секој човек е слободен. Но по закон тој не смее да гази по трева, да урива, да крши , да кради. ЗАТОА ИМА ЗАКОНИ. И се работи по законите а не по уставот и повелбите. Да ТРЕБА ЗАКОНИТЕ КОЛКУ МОЖЕ ПОВЕЌЕ ДА ГИ СЛЕДАТ УСТАВОТ И ОПШТИТЕ СВЕСТСКИ НОРМИ но не смее да се донесе одлука еве повлекување аболиција по основ на повелба на обединетите нации. Така би ги ослободиле сите крадци оти таму првата повелба е слобода на човекот. СПОРЕД ЗАКОН АКО НЕКОЈ Е ЧОЕК И ПРАВНИК СЕ ЗНАЕ ИЗБОРИ МОРА ДА ИМА, АБОЛИЦИЈАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПЧОВЛЕЧИ. Е сега по изборите може да се формира секаква влада техничка експерста секакви глупости има кај нас, и можѓе таа по договр да донесе закон за повлекување на аболицијата. и тоа и само тоа е патот по закони. СРАМНО Е ДА КАЖЕ НЕКОЈ ДРУГ ПАТ. Доста е толкување по свое џинџири минџири ПРАВОТО Е ЕГЗАРТНО како и физиката со закони. Доста од политиканства.

Пристраснос, знак за лош човек, користољублив, не е за доктор. Штом не кажа ни збор и кон таа и контра другата страна тое не е докторски белег. Тоа оание ниски навивачки фанови го прават. Докторите се надминува себеси чоештвото и гледаат работите сестрано. Според општите права секој човек е слободен. Но по закон тој не смее да гази по трева, да урива, да крши , да кради. ЗАТОА ИМА ЗАКОНИ. И се работи по законите а не по уставот и повелбите. Да ТРЕБА ЗАКОНИТЕ КОЛКУ МОЖЕ ПОВЕЌЕ ДА ГИ СЛЕДАТ УСТАВОТ И ОПШТИТЕ СВЕСТСКИ НОРМИ но не смее да се донесе одлука еве повлекување аболиција по основ на повелба на обединетите нации. Така би ги ослободиле сите крадци оти таму првата повелба е слобода на човекот. СПОРЕД ЗАКОН АКО НЕКОЈ Е ЧОЕК И ПРАВНИК СЕ ЗНАЕ ИЗБОРИ МОРА ДА ИМА, АБОЛИЦИЈАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПЧОВЛЕЧИ. Е сега по изборите може да се формира секаква влада техничка експерста секакви глупости има кај нас, и можѓе таа по договр да донесе закон за повлекување на аболицијата. и тоа и само тоа е патот по закони. СРАМНО Е ДА КАЖЕ НЕКОЈ ДРУГ ПАТ. Доста е толкување по свое џинџири минџири ПРАВОТО Е ЕГЗАРТНО како и физиката со закони. Доста од политиканства.
Анонимен
Сабота, 22 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не