Да се свика Собранието за да се ограничи моќта на Претседателот за помилување

Ивана Туфегџиќ

ivana tufegdzicПо најавите дека треба да се најдат механизми за свикување на Собранието на Република Македонија и тоа да заседава за решавање на политичката криза, една од иницијативите која може да се реафирмира е измена или носење нов закон за помилување. На тој начин, на Претседателот на државата може да му се ограничат надлежностите за помилување и аболиција. Истовремено, ќе се застане на патот на контроверзната одлука на Уставниот суд од пред два месеца, со која на претседателот Иванов му се овозможи да помилува лица кои сториле изборни измами.

Одлуката на Уставниот суд за укинување на измените и дополнувањата на Законот за помилување од 2009 година од 16 март годинава, предизвика вистинска бура во јавноста, негативни реакции од правните експерти и меѓународниот фактор. Уставните судии останаа глуви на протестите што ги организираа повеќе граѓански здруженија веднаш по прифаќањето на иницијативата за разгледување на предлогот, како и на реагирањето на Европската унија која оцени дека овој потег е во спротивност со напорите за создавање услови за кредибилни избори и обидот да се врати довербата на граѓаните во изборниот процес.

Промена на Законот за помилување за заштита на легитимитетот

Законот за помилување е донесен во 1993 година, додека, пак, изменет е во 2009 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, при што е воведена рестрикција во правото на помилување од страна на Претседателот. Со промените во Законот меѓудругото на Претседателот му се оневозможи да помилува лица кои сториле изборни измами, биле осудени за педофилија, за трговија со наркотици, за злосторства против човештвото и за други тешки кривични дела од меѓународното право.

Причината за промената на Законот беше аболицијата од страна на тогашниот Претседател на државата, Бранко Црвенковски на Зоран Заев за случајот „Глобал“, кога сегашниот лидер на опозицијата и градоначалник на Општина Струмица, заедно со уште петмина соработници, беше осомничен за злоупотреба на службената положба во врска со изградбата на трговскиот центар Глобал.

Во образложението на Министерството за правда за секое дело поединечно е наведено зошто Претседателот не може да го искористи правото на помилување, како и важноста од превенција и непоттикнување на овие дела, што укажува на тоа дека и предлагачот и законодавецот кој ја прифатил измената, покрај политичкиот момент, ја имале предвид и правната сигурност.

Но, се чини дека таквата промена неколку години подоцна на владеачката гарнитура и се врати како бумеранг, а политичкиот момент укажа на нужната потреба на партијата на власт да ги заштити осомничените за изборни измами во своја корист.

Политичка одлука на Уставниот суд со молневита брзина

Уставниот суд одржа седница на 24 февруари на која одлучуваше по иницијатива за оценка на уставноста на Законот за помилување која била поднесена на 5 февруари од адвокатот Ристо Китевски. Адвокатот Китевски ги оспорил одредбите од Законот за помилување сметајќи дека со ограничувањето на Претседателот на кривичните дела за кои може да помилува се нарушува уставното начело на поделба на власта. Оваа иницијатива е најбрзата за која постапувал Уставниот суд, имајќи предвид дека просечно за една иницијатива да стигне на ред за одлучување, се чека од 6 месеци до 1 година. Брзината укажува дека оваа одлука не е базирана врз правото туку врз партиската волја, бидејќи таа доаѓа само неколку недели по отворањето постапка од Специјалното јавно обвинителство за изборни измами и злосторничко здружување против високи функционери и поранешни министри на владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај бурната реакција на јавноста, неколкуте протести, Уставниот суд на 16 март одржа седница на која ги укина измените и дополнувањата на Законот за помилување со мнозинство од 5 судии, од вкупно 9.

Во образложението на одлуката Уставниот суд наведува дека со оваа измена на законот се повредува темелната вредност на Уставот - поделбата на законодавна, извршна и судска власт, затоа што законодавецот немал право да уредува материја за уставното право на Претседателот за помилување, притоа ставајќи ги граѓаните во нееднаква положба, иако се работи за иста категорија, осудени лица.

Во образложението на Уставниот суд нејасно е каде се гледа дека законодавецот извршил упад во внатрешноста и организацијата како и во уставните овластувања на Претседателот, и не се гледа дека Уставниот суд ја следел праксата на помилување од страна на Претседателот, за да увиди дали измената му го попречила правото. Претседателот Иванов само по повод Нова Година помилуваше 174 лица, што беше рекорд во споредба со претходните години, што значи дека тој целосно го користел ова право.

Претседателот помилува во согласност со Уставот и ЗАКОНИТЕ, се вели во Уставот. Оттука законодавецот утврдил дека со помилување на одредени дела ќе се наруши правната сигурност на граѓаните и го уредил тоа со закон. Аргументот на судот дека Уставот не набројува за кои дела Претседателот може, а за кои не може да врши помилување, е нелогичен. Уставните судии мора да знаат дека во Уставот не може да биде се наведено, па затоа и одредбата во Уставот вели дека Претседателот помилува во согласност со Устав и закон, што значи дека самиот Устав допушта Собранието да ја уреди оваа материја.

Во образложението се наведува и дека Претседателот го црпи легитимитетот од граѓаните кои непосредно го избираат, па оттука законодавецот согласно Уставот не може да ја уредува неговата внатрешна организација, но Уставниот суд го укинува и членот во кој таксативно се набројани делата, меѓу кои и изборните измами. Зарем уставните судии не си го поставија прашањето - ако Претседателот е избран непосредно од граѓаните, од кои го црпи легитимитетот и ако неговиот избор биде преку изборна измама, дека со помилување на лицата кои му помогнале тој всушност ќе се легитимира и легализира?

pomiluvani

Извор: www.svedok.org.mk

Изборни измами – помилувани, неказнети, повторувани

Одлуката на Уставниот суд треба да не потсети на сериозните изборни инциденти и на трендот на несанкционирање на организаторите на изборниот криминал.

Најсериозни инциденти се забележани на парламентарните избори во 2008 г. кога вооружените инциденти и насилството кулминираат, како за време на кампањата, така и на денот на изборите. Постојат обвинети за овие изборни инциденти, како и за полнење кутии, но пратеникот Талат Џафери кој беше и еден од оние кои се осудени за изборни инциденти, подоцна стана и министер за одбрана, а е сегашен координатор на пратеничката група на владеачката ДУИ, што покажува дека не само што нема пракса на казнување високи функционери, туку тие и напредуваат на позиции во политичкиот систем.

Несанкционирањето високи функционери за изборни нерегуларности и измами, уште и отворањето пат за помилување на сторителите на такви дела, сериозно го поткопува легитимитетот на институциите. Уставниот суд, очигледно, не зел предвид дека веќе постоела пракса на помилување на сторители на изборни измами со помилувањето од страна на поранешниот претседател Црвенковски на двајца полначи на кутии.

Со одлуката на Уставниот суд, исто така, се укина и процедурата што ја предвидуваше законот од 1993 година, според која Претседателот не можеше да помилува осудени лица без предлог на Министерството за правда. Со други зборови, уставните судии, за кои опозицијата обвини дека се под контрола на владеачката партија, на овој начин го отстранија ризикот преку контрола на Министерството за правда од друга партија да се оневозможи Претседателот да дава помилувања.

На овој начин, на претседателот Иванов му се дадоа одврзани раце за помилување на функционерите што беа обвинети од Специјалното јавно обвинителство. На 12-ти април, тој прогласи аболиција за 56 обвинети и осомничени во постапките кои што се водеа или беа покренати од страна на Специјалното обвинителство и главно беа поврзани со прислушуваните разговори што ги објави СДСМ. Одлуката на Претседателот крена на нозе илјадници граѓани кои повеќе од еден месец протестираат како дел од „Шарената револуција“ во повеќе градови во Македонија, барајќи Иванов да ја повлече аболицијата и да поднесе оставка.

Собранието како кочница за изборните измами

Уставниот суд со одлуката не врати назад во 1993 година давајќи му апсолутна моќ на Претседателот за помилување. Единствен кој може да се најде на патот на оваа одлука, која е конечна и извршна, е Собранието, кое може да донесе нов Закон за помилување избегнувајќи ги нормите кои Уставниот суд ги укинал, а сепак, унапредувајќи ги правните норми и институтот помилување.

Но, Собранието ја отфрли иницијативата на СДСМ за дополнување на Законот за помилување, поднесена по контроверзната одлука на Уставниот суд. Според овој предлог, на претседателот требаше да му се одземе можноста да помилува за кривични дела неовластено прислушкување и тонско снимање, дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, против здравјето на луѓето, за неовластено производство и пуштање и овозможување употреба на наркотични дроги, за злоупотреба на службена должност и овластување, за злосторничко здружување, за тероризам и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. СДСМ предлагаше и едно лице да не може да биде помилувано за повеќе од едно кривично дело во период од 20 години.

Во случај партиите да се вратат во Собранието и тоа да почне да заседава, пратениците имаат можност повторно да иницираат измени или носење нов закон за помилување. Во спротивно ќе треба да се чека на нов собраниски состав по избори.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Без оглед дали ќе биде поништена или не, аболиција...
Интеграција со сегрегација во македонското образов...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 25 Мај 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: