Молкот на институциите е поопасен од страшните инсекти

Кирил Пржо

kiril arsovskiПо правило, речиси секоја пролет во изминатите години, во Македонија е обележана нова чудна „природна“ појава - епидемија на вирус, појава на тропски инсекти, или пак наводни инвазивни, опасни или отровни видови растенија или животни. Исто така, како по правило, во тој бурен и „опасен“ период, во јавноста недостасува целосно информирање од надлежните државни институции за настанатата „опасност“. Ваквата апсолутна анемичност на одговорните институции ја остава јавноста да се прашува дали е безбедна, дали здравјето на граѓаните, состојбата на земјоделските насади и имотите на луѓето се во опасност, или пак, вестите што граѓаните ги добиваат преку медиумите се направени користејќи го методот „расипан телефон“.

Последните години сме сведоци на фантастични наслови во медиумите, кои, во обидот да ја зголемат својата читаност, не продуцираат ништо друго, освен лоши вести и страв во јавноста. Насловите како „Огромен инсект го нападна Штип“, „Забележани чудни егзотични птици“, „Инвазија на отровни пеперутки во Охрид“ се чести, па наместо информирање на граѓаните за одредена природна појава, се шири страв и паника, кои за среќа се често неосновани и лажни. Ваквата стратегија на страв не е единствена само за кај нас, туку е честа и во други, технолошки поразвиени држави како САД. На тоа укажува и истражувањето објавено во научното списание TreeSearch, во кое се анализира известувањето за инвазивните видови кои се појавуваат во САД.

Од азиски стршлени до ново зеландски ендемити

Во летото 2014-тата, македонската јавност беше преплашена од информацијата за наводната појава на т.н. азиски стршлен во државата. Медиумскиот простор беше преполн со информации за локациите каде може тој да се сретне, но и со грозоморни фотографии на кои се гледаат човечки жртви од нападите на овој инсект. Оправдано, меѓу граѓаните завладеа паника, а државните институции неколку недели не понудија никаков одговор до јавноста за ова прашање. Подоцна, дел од надлежните институции дадоа позитивно мислење за постоењето на овој тропски инсект, без притоа да понудат било каков научен доказ. Следната година, повторно се појавија информации за појава на инсект со големина на зајак во штипско. Иако се работеше за попово прасе (Bradyporus dasypus), инаку чест инсект во Македонија, сепак дел од научната јавност со избрзаност и без научна поткрепа инсектот го нарече „ендемит од Нов Зеланд“, што само дополнително ја влоши ситуацијата. Истата година, во македонските медиуми се појави и веста за некој ,„чуден инсект“ забележан на Водно кој ширел страв меѓу планинарите и рекреативците. Иако повторно се работеше за чест вид во Македонија - Мorimus funereus, сепак штетата беше направена. Граѓаните цела сезона со доза на страв ги искачуваа планинарските патеки кон Водно.

Сите овие вести беа полни со небулози, погрешно толкувани информации, паушални изјави и лаги, а во ваквиот наплив на дезинформации, конкретен одговор единствено се обидоа да дадат неколкумина биолози за да ја смират паниката, и на граѓаните да им појаснат каква е реалната состојбата и дека нема простор за паника.

Сечени, лепени и монтирани полувистини и обични лаги

Голема одговорност во вакви „панични“ ситуации имаат и медиумите, кои многу често во потрага по сензација и зголемување на популараноста пренесуваат неточни, погрешно толкувани, филувани или хиперболизирани вести и информации. Во медиумите можеме да сретнеме објави кои имаат сериозен недостаток на поткрепени факти и текстови кои содржат минимално или никакво новинарско истражување за темата која се обработува. За жал, благодарајќи на интернетот и социјалните медиуми, информациите за многу кратко време можат да се прошират во јавноста, со што постои реална можност за влошување на ситуацијата, особено ако се работи за погрешни податоци кои може да предизвикаат паника.

Порталот Social Science Space во 2014 година, токму ширењето на погрешните онлајн информации го рангираше на 10-тото место на листата на општествени појави со глобално значење и тоа веднаш по темите како што се војни, економија и климатските промени. Од таму кажаа дека потребата за споделување на вистинити, точни, прецизни и потврдени онлајн информации се повеќе се зголемува. Истото истражување посочи и дека јавноста има се поголема доверба кон онлајн медиумите во споредба со традиционалните медиуми, и тоа треба да се има на ум кога се споделуваат онлајн информации кои се однесуваат на здравјето и сигурноста на луѓето. Според истражување објавено во BioMed Central, медиумите имаат големо значење за информирање на јавноста, на пример, за време на епидемија. Нивната брзина при споделувањето на информациите е со голема важност. Списанието TIME во анализата на известувањето за ебола вирусот, укажува дека ширењето на погрешни информации низ онлајн медиумите или нивно погрешно споделување на социјалните медиуми може да влијае врз јавното мислење, да предизвика паника и влошување на состојбата. Притоа, токму ставот на јавноста, односно однесувањето на луѓето е оценето како многу важно при состојба на епидемија и слични природни појави и непогоди, потврдува и статијата објавена во научното списание Journal of the royal society interface.

Освен ширењето на погрешни или погрешно протолкувани информации, медиумите се соочуваат и со дефицит на споделување на вистински научни анализи. Како што наведува статија објавена во списанието Ecosphere, иако годишно се објавуваат илјадници научни публикации само мал дел од нив успеваат да допрат до општата јавност, со што се скратува можноста за споделување на вистината и на фактите за одредени прашања од јавен интерес.

insekti

Извор: Авторот

Погрешните информации може да влијаат на биодиверзитетот

Поголема опасност од потенцијалните епидемии, зарази и инвазивни видови е отсуството на реален и брз одговор од државните надлежни институции кон јавноста. Уште поголема опасност се лажните, површните и недоволно анализираните прашања кои како официјална информација ги објавуваат одговорните институции. Молкот или половичните информации кои доаѓаат од надлежните претставуваат уште поголема опасност не само поради ширењето паниката меѓу граѓанството, туку и поради опасноста да се нанесе штета на биодиверзитетот и на животната околина, бидејќи луѓето често ги уништуват ретките и непознати видови од страв дека се опасни по нив и по нивниот имот. Со ова се нанесува сериозна штета и дисбаланс на биодиверзитетот, а најголем дел од вината оди на сметка неа неажурноста на одговорните институции и нивната анемичност во информирањето и едукацијата на населението за животната околина.

Без оглед на тоа дали постои основаност за паника или не, без разлика дали се работи за сериозна состојба или „медиумска патка“, јавните институции имаат должност и обврска во најбрз можен рок да дадат одговор и да ја известат јавноста за прашањата кои се актуелни, но и да ги демантираат медиумите за објавените дезинформаци.

Ширење погрешни информации или невистини, особено за промени или појави во биодиверзитетот може многу негативно да се одрази врз него. Потребно е многу малку за да почне нелегално или нерегулирано уништување на животински или растителни видови преку прскање, директно убивање, корнење, берење, прекопување, со што директно може да се влијае во локалниот, односно националниот биодиверзитет или најмалку врз здравјето и нивната благостојба. Чести се примерите кога луѓето од незнаење, страв и паника уништуваат и цели популации на видови. Вакви несовесни мерки не само што можат да го уништат биодиверзитетот, туку можат и негативно да влијаат врз себе и останатите граѓани.

Која е следната сезонска епидемија

Светот и регионот веќе изминативе месеци се под закана од ширење нова епидемија со вирусот Зика. Овој вирус е тропско заболување кое се пренесува преку неколку видови комарци кои претставуваат инвазивни видови за Европа. Вирусот Зика примарно потекнува од Централна Африка и е присутен во западниот свет околу 70 години. Поради еколошко-климатските услови кои позитивно влијаат врз растот и развојот на комарците, вирусот Зика веќе неколку месеци се шири низ Европа, Медитеранот, Северна и Јужна Америка. Појавата на вирусот будно се следи во регионот и засега нема индиции за негово ширење низ Балканот, но сето ова може да се промени со зголемиот транспорт и патувањата за време на летните одмори.

Според државните институции, овој вирус не е забележан во Македонија, што не значи дека одговорните институции не треба благовремено да излезат со насоки и упатства во случај на регионална епидемија. За спречување на можна епидемија и правилно информирање на јавноста, се очекува голема сериозност и проактивност од надлежните институции во земјата, но и професионално и вистинито известување на јавноста од македонските медиуми.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

За државата и праведноста или што научив од владее...
Наставниците не се подготвени за заштитата на личн...
 

Коментари 1

Анонимен - Силвана on Сабота, 18 Јуни 2016 10:31

Токму така како и за разните епидемии .За да биде епидемија во Македонија на пример на сипаници или друго заболување неможе да кажете дека имате 20 случаи и притоа да прогласиле епидемија а имате два милиони народ во државата очигледно желбата за сензации кај некого е огромна

Токму така како и за разните епидемии .За да биде епидемија во Македонија на пример на сипаници или друго заболување неможе да кажете дека имате 20 случаи и притоа да прогласиле епидемија а имате два милиони народ во државата очигледно желбата за сензации кај некого е огромна
Анонимен
Четврток, 21 Јуни 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: