Специјализирано судско одделение: Прв чекор кон ослободување на судската од извршната власт

д-р Воислав Стојановски

voislav sГлавната придобивка од формирање специјализирано судско одделение (ССО) би била унапредување на правосудниот систем и победа над селективната правда во Македонија. Може да се очекува дека доколку се следи примерот на СЈО, вакво ССО би имало поддршка од граѓаните и меѓународната заедница со што не би ги чувствувало притисоците со кои се обременети судиите денес и би можело да биде поттик за останатите судии конечно да почнат со практикување на уставно гарантираната судска власт.

Преку основањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во септември 2015 година се вклучи будилникот на правната држава во Македонија. По деветмесечна работа, отворени се 7 истражни постапки против 60 лица, а предистражни постапки се водат за најмалку 23 предмети. До 2020 година, кога СЈО ќе престане да постои доколку неговиот мандат не биде продолжен од Собранието, бројот на предмети и осомничени со сигурност ќе порасне. Според последната независна анкета, 63 проценти од граѓаните се изјасниле дека ја поддржуваат работата на СЈО, наспроти 30 проценти кои не ја поддржуваат. За разлика од граѓаните, СЈО не ужива поддршка кај државните институции кои се затворени за соработка, ја попречуваат или отворено ја напаѓаат неговата работа. За жал, најзагрижувачки од сите е односот на Основниот кривичен суд во Скопје.

Кривичниот суд во Скопје – за едни мајка за други маќеа

Во февруари СЈО го отвори предметот „Титаник“ (изборни нерегуларности), во март „Тортура“ (мачење и нечовечко постапување) и „Тврдина“ (уништување на опрема за прислушување), во април „Транспортер“ (корупција) и „ТНТ“ (злоупотреба на службената функција). Имајќи ги предвид основаното сомнение за овие тешки кривични дела и нивната општествена штетност, за сите предмети до Основниот кривичен суд во Скопје беше предложена мерката притвор и мерки на претпазливост. Ова е исходот (конечни судски одлуки) од ваквите предлози на СЈО:

grafa1

За најголемиот број одбиени барања за притвор, Судот воопшто не определи мерка на претпазливост, односно наместо притвор определени беа само 1 куќен притвор и 3 мерки на претпазливост. За споредба, судскиот исход од ваквите барања од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ОКК), според достапните извештаи за периодот 2012-2014 година е прикажан на следниве графикони.

grafa2

Дури и кога во 1,4% (10) од предлозите на ОЈО ОКК Судот во Скопје го одбил предлогот за притвор, изрекол мерка куќен притвор. Според тоа, предлозите на ОЈО ОКК се прифатени во 98,6%, а на СЈО во 5% од предметите. Оттука јасно се гледа пристрасноста на Основниот кривичен суд во Скопје.

Зависно судство во прангите на извршната власт

Освен непристрасноста, за еден суд да се смета како институција која го почитува принципот на владеење на правото, судиите што таму работат треба да бидат независни од какви било надворешни влијанија. Европската комисија (ЕК) минатата година забележа дека во сферата на независноста, судската професија е „под опсада“. Да се осврнеме на примерите од неодамнешното секојдневие. Во полициска акција од октомври 2015 година наречена „Удар“, маскирани полициски специјалци упаднаа во Основниот суд во Куманово и пред вработените и странките го уапсија претседателот на Судот. Во октомври 2014 година во не помалку спектакуларна полициска акција уапсени беа скоро сите вработени (14 судии и 11 соработници) во Одделот за прекршоци на Основниот суд Скопје 1. Со ваквите полициски „удари“ и претходните неправични разрешувања на судии од страна на Судскиот совет, судиите не само што ја изгубија својата независност туку им беа одземени и основниот човечки дигнитет и достоинство.

Стручност произлезена од тефтерчето на партијата

Покрај непристрасноста и независноста, следниот најважен квалитет на судиите треба да е стручноста. Европската Комисија во 2015 година наведе дека изборот на претседатели во основните судови и судии на повисоките судови е „подложен на политичко пазарење“. Во дел од нелегално прислушуваните разговори дознавме дека пресудите се нарачуваат и фабрикуваат дури и од претседател на Врховниот суд. Стручноста на македонскиот судија извршната власт ја мери според тоа колку тој ќе „застане јако на наша страна“. Известувањето за избор на судија кандидатот телефонски го добива од директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање итн. Нестручноста на некои судии во Основниот кривичен суд во Скопје се огледа и преку постапувањето по предметите на СЈО. Па така, кога судијата на претходна постапка и кривичниот совет во овој суд им го одзедоа статусот на докази на нелегално прислушуваните материјали, на СЈО му беше дадена грешна поука за жалба до Апелациониот суд во Скопје. Ваквата грешка беше повторена и во предметот „Тврдина“. Третата грешка беше повторно направена во истиот овој предмет кога и покрај тоа што судија на претходна постапка определи притвор против еден осомничен, а кривичниот совет ја преиначи во мерка куќен притвор, по неговата аболиција и повторниот предлог за притвор новата судијка на претходна постапка ја оспори надлежноста на СЈО по овој предмет. Во услови на ваква ерозија на судската професија, се чини нужно да се преиспита стручноста на некои судии.

Што е Специјализирано судско одделение (ССО)

ССО не претставува новина во нашиот правосуден систем. Вакви одделенија се предвидени во Законот за судовите кој предвидува дека „Основните судови можат да имаат судски одделенија, да судат надвор од седиштето на судот, како и да имаат судски денови надвор од седиштето на судот.“ Во рамките на Основниот кривичен суд во Скопје веќе функционира ССО за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на државата. Според тоа, преку законски измени на Законот за судовите или усвојување на нов посебен закон, возможно е формирање на ССО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Придобивки и предизвици од ново ССО

Главната придобивка од формирањето на ова ССО би била унапредување на правосудниот систем и победа над селективната правда во Македонија. Ова ССО би можело да биде составено од истакнати правници меѓу веќе докажани и искусни судии, но и од најдобрите кандидати што неодамна ја поминале обуката во Академијата за судии и јавни обвинители. При неговото воспоставување може да се преземат некои од решенијата и искуствата при формирањето на СЈО. Идеално, ССО би било решение кое ќе добие широка политичка и општествена поддршка со што кај граѓаните би можело да стекне поддршка слична на онаа што во моментов ја ужива СЈО. Може да се очекува дека доколку се следи примерот на СЈО, вакво ССО би имало и меѓународна поддршка со што не би ги чувствувало притисоците со кои се обременети судиите денес. Ова ССО би можело да биде поттик и за останатите судии конечно да почнат со практикување на уставно гарантираната судска власт која значи неселективна правда и еднаков однос кон сите државни институции и граѓани.

Сепак, идејата за формирање на ова ССО ќе се соочи со голем број предизвици од политичка и професионална природа.

Прво, за неговото формирање ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието во кое се наоѓаат поддржувачи на оние што ја предизвикаа политичката криза.

Второ, именувањето и надзорот на судиите кои би работеле во ова ССО ќе мора да оди преку Судскиот совет за чиј состав е познато дека не ги исполнува критериумите на независност и непристрасност.

Трето, одлуките кои ќе ги носат судиите во ССО ќе подлежат на преиспитување од повисоките судови (Апелациониот и Врховниот суд во Скопје).

Четврто, дел од судиите во Основниот кривичен суд ќе се почувствуваат како „судии од втор ред“ поради впечатокот дека својата функција ја вршеле непрофесионално.

Овие предизвици се толку сериозни што бараат „жртви“ помеѓу политичките и правосудните елити. Овој навидум радикален чекор е возможен единствено со силна волја на граѓаните и меѓународната заедница, преку смена на составот на Судскиот совет, подготвеност на сите судии да си ја вратат власта и компромисно решение на политичарите во име на правдата и напредокот на државата.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Систематското блокирање на учеството на граѓаните ...
Политички и правни претпоставки за специјално одде...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Јуни 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: