Македонскиот даночен систем ги наградува богатите, а ги казнува сиромашните

Вуко Мелов

Македонскиот даночен систем всушност претставува клучниот механизам за нееднаквата распределба на доходот, со што им овозможува на богатите дополнително да се богатат, а сиромашните дополнително да осиромашуваат.

Пазарот претставува најефикасниот механизам за распределба на доходот во земјите со пазарна економија. Меѓутоа, доколку распределбата на доходот се сведе само на онаа примарната што ја прави пазарот, во тој случај добивате општество на мал број богати, и голем број сиромашни лица. Пазарот претставува место кајшто индивидуите се наградуваат соодветно на нивните способности. Меѓутоа, еден голем дел од индивидуите не се во можност на пазарот да обезбедат доволно средства за својата основна егзистенција. Поради тоа, овде треба да реагира државата. Потребно е таа во улога на Робин Худ, земајќи од богатите и давајќи им на сиромашните, да одржува одреден баланс во распределбата на доходот.

Како се мери нееднаквоста?

Најкористени индекси за мерење на нееднаквоста на приходите во Европската Унија се: односот C80/20 и Џини-индексот. C80/20 го претставува односот помеѓу вкупниот приход на 20 проценти од населението кои има највисоки примања со вкупните приходи на населението со најниски примања. Колку е поголем индексот толку поголема е нееднаквоста. За разлика од односот C80/20, Џини-индексот ја зема предвид вкупната дистрибуција на приходот, а не само на најниските и највисоките 20 отсто од населението. Колку е индексот поблиску до нула толку е поголема еднаквоста во распределбата, и обратно. Како посоодветен за нашата анализа ќе го земеме Џини-индексот.

Она што е забележливо од графиконот е дека Џини-индексот за Република Македонија е во континуиран пораст. Па така Џини- индексот за Република Македонија во 2010 година изнесува 45 (последна година за која има достапен податок). Ова значи дека македонскиот даночен систем дополнително ја зголемува нееднаквоста, наместо да ја сузбива, што всушност претставува една од неговите основни цели (секако после фискалната цел).

Untitled 1Извор: Светска Банка

Според ова, македонскиот даночен систем не само што не е дел од решението, туку е и главниот причинител на проблемот на нееднаквоста. Ова зголемување на Џини индексот за Република Македонија е во најголема мера поради промената на стапките на персоналниот данок на доход и данокот на добивка, како и законските промени во однос на пресметката на придонесите на лицата со екстремно високи приходи.

Овие промени во македонскиот даночен систем ја направија Република Македонија земја со највисок Џини-индекс во регионот, односно земја „лидер“ и во оваа категорија.

Untitled 2Извор: данокот на добивка

Во ова балканско друштво ние сме единствената земја со Џини-индекс над 40. По нас следи Грција со индекс од 36,7, Бугарија со 36, Босна и Херцеговина со 33,8, Хрватска со 32,5, Црна Гора со 31,9. Останатите балкански земји: Србија, Албанија, Романија и Словенија имаат поправична распределба на нето-доходот, па поради тоа и Џини-индексот кај овие земји е понизок од 30.

Промените ја донесоа нееднаквоста

Со влегувањето на македонската десница во просториите на Илинденска бб., промените кои беа направени во македонскиот даночен систем беа насочени токму кон зголемување на нееднаквоста. Прво беше намалена стапката на данокот на добивка во 2007 година, и тоа од 15 на 12 проценти. Во 2008 година беше извршена уште една корекција на стапката на данокот на добивка, при што таа дополнително е намалена на 10 проценти. Со ова им се овозможува на сопствениците на компаниите поголем дел од остварениот  профит да го задржат во своите џебови, наместо тој да заврши во државната каса.

Промена исто така беше направена и кај персоналниот данок на доход, при што прогресивната даночна стапка беше заменета со пропорционална. Првата промена е направена во 2007 година. Па така, дотогашното оданочување на доходот на три нивоа (доходот до 360.000 денари се оданочуваше со стапка од 15%, доходот од 360.000 денари до 720.000 денари со стапка од 18%, и доходот над 720.000 денари по стапка од 24%) беше заменето со пропорционална даночна стапка од 12 проценти. Оваа стапка на персоналниот данок на доход од 12 проценти, по една година беше дополнително намалена на 10 проценти.

Меѓутоа, клучната промена која според мене имаше најголемо влијание врз зголемувањето на нееднаквата распределба на доходот, беше промената во плаќањето на социјалните придонеси. Имено, воведена е минимална и максимална основица за престметка на придонесите. Со оваа промена лицата кои имаат пониски плати од просечната, плаќаат придонеси на просечната плата, а додека оние кои имаат приходи повисоки од шест просечни плати плаќаат придонеси на шест просечни плати. Ова го прави македонскиот даночен систем регресивен. Сигурно се прашувате зошто? Поради фактот што индивидуите со повисоки примања од шест просечни македонски плати плаќаат помалку давачки, а лицата со пониски плати плаќаат поголеми давачки кон државата. Или, едноставно кажано, колку ви се поголеми месечните примања, давачките кон државата ви се помали, и обратно.

Како до поеднаква распределба на доходот?

Промените во македонскиот даночен систем кој треба да биде насочен кон намалување на нееднаквата распределба на доходот, треба да почнат со воведување на прогресивната даночна стапка, и тоа посебно кај персоналниот данок на доход. Промената на рамниот со прогресивен данок ќе овозможи граѓаните со повисоки приходи да придонесуваат повеќе во буџетот во однос на оние со пониски приходи, што во секој случај е поправедно. Исто така, потребна е промена и кај основицата на пресметката на социјалните придонеси преку укинување на максималната основица, со што лицата со екстремно високи плати ќе плаќаат давачки кон државата на целата своја плата, а не само на дел од неа. Кога станува збор за данокот на добивка, прашањето дали овде да се прават одредени промени или не е дискутабилно, најмногу поради моментално кревкиот приватен сектор. За остварување на конечната цел секако дека се потребни и промени во системот на социјалните трансфери.

Според мене, ова се чекорите кои треба првично да се направат во правец на намалување на нееднаквата распределба на доходот, а соодветно на тоа и намалување на сиромаштијата. Можеби решенијата изгледаат многу радикални и екстремни. Меѓутоа и проблемите се такви, па затоа и бараат такви радикални решенија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Новиот модел за студентско организирање го фавориз...
Лојалност кон државата или подаништво на партијата
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 20 Октомври 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: