За уставните празнини и претседателската злоупотреба на јавното право

доц. д-р Димитар Апасиев

dimitar apasiev210x250Уставотворецот стреми да се обезбеди пренос на власта и нормално функционирање на највисоките централни институции на системот, а не да им се удоволи на „правото на процедурално“ и „правото на [контра]реплика“ на одредени пратеници со веќе напишани говори. Собранието – кое, во било кое време, може да ја разреши било која македонска влада – дотолку повеќе, мора да може и да избере нова влада, која би дошла на местото на разрешената. Доколку и се избере Влада на РМ без формално определен мандатор, кој во иднина би станал премиер, Уставниот суд на РМ нема да има правна можност да го укине или поништи таквиот легитимен избор на парламентарното мнозинство.

Во науката, правната празнина се дефинира како нешто што не е регулирано со правни прописи и општи правни норми in abstracto, па нужно би требало да биде регулирано со поединечна норма in concreto, со што се остава голем маневарски простор за различни толкувања и делувања. Сета среќа е што ова не е ништо ново во правото, затоа што на крајот на краиштата, Правото постои заради Животот, а не животот заради правото. Кај нас, уставните празнини и недоречености постојат, главно, поради две причини: прво – тоа што пишувачи на Уставот на РМ (1991) не беа професори по Уставно право,кои би имале подлабоко теориско знаење од областа и кои би располагале со посебна номотехника за таков вид конститутивни правни акти; ивторо – тоа што, колку и да сакате, не можете баш сè да регулирате во Уставот, оти тогаш тој би наликувал на обичен правилник или на друг детален подзаконски правен акт. А уставот не е тоа, туку е основен и највисок Закон (lex fundamentalis и lex superioris), па затоа мора да биде генерален по својата содржина, концепција и правен јазик.

Правото треба да симплифицира, а не да комплицира

Да се обидеме тука да направиме вивисекција на контроверзното [не]доделување на мандатот за формирање Влада од страна на Претседателот на Републиката, на претставник на второрангираната партија во Собранието на РМ. Ова правно прашање, само делумно, е регулирано во чл. 90 од Уставот на РМ: „(1) Претседателот на РМ е должен, во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да годовери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинствово Собранието; (2) Мандаторот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата; (3) Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.  Од употребената формулација на цитираниот член на Уставот, консеквентно, се доаѓа до следниве два заклучока: прво – Претседателот на РМ мора да го додели мандатот, оти за тоа постои императивна и безрезервна правна норма (ius cogens); ивторо – мандаторот мора да поднесе Програма, но не на Претседателот, туку на парламентот! „Кваката“ настанува со тоа што, кај овие заклучока, има по некоја недоречена финта која демне во позадина и дополнително ги комплицира работите.

Но, бидејќи правото не треба да комплицира, туку да симплифицира, сега ќе пробаме тоа тука да го изведеме школски и правнички. Откако констатиравме дека постои уставно-правна празнина, сега ќе видиме како таа би можела да се надмине, оти е неразумно таа да продолжи да постои „сега, секогаш и во вечни векови“!? Одговорот ни го дава кралицата на правните науки – јуриспруденцијата (философијата на правото), која вели дека секоја правна празнина се надминува многу едноставно – со нејзино „пополнување“! Тоа, најчесто, се одвива преку неколку познати методолошки техники: (а) телеолошко толкување на објективното право, при што на помош доаѓа правната догматика и наука; (б) употреба на правна аналогија [analogia iuris], т.е. постапување слично на веќе регулираните сродни правни односи; (в) употреба на примери од правната пракса, т.е. повикување на веќе постоечките уставно-судски преседани за конкретното прашање; (г) примена на востановените уставни обичаи или т.н. уставни конвенции, како дополнителен непосреден материјален извор на важечкото уставно право; (д) примена на општозадолжителните принципи и начела на цивилизираните народикои, како авторитативни правни стандарди, имаат универзално важење; и конечно (ѓ) преку добри примери и практики од споредбеното, т.е. компаративно право на развиените демократски општества. Во продолжение, ние ќе се задржиме особено на три од овие плодотворни апликативни методи.

Ни треба правна херменевтика, а не правна херметика

Телеолошкото толкување на објективното право е дел од науката која ние правниците ја нерекуваме правна херменевтика. Уште Цицерон, со право, бил свесен за една голема мана на правниците позитивисти – непотребноста од буквалистичко толкување на „словото“, а не на „духот на законите“! Со ваквиот извештачен, стерилен и шематизиран пристап, правната вештина ја сведувате на голо буричкање по зборовите, буквите, цртичките и запирките – без да ја видите големата слика, односно целта и суштината поради која е воспоставена нормата. Па така, овој доблесен Римјанин предупредил и за присутноста на штетниот феномен злоупотреба на правото, т.е. изигрување на законите (fraudem leges), кога во своето етичко дело За должностите (De officiis), на едно место потенцира: „Често пати, до неправда доаѓа и заради извртување на законот и поради тоа што тој се толкува лукаво и злонамерно. Оттаму настанала и онаа надалеку позната правна максима: ‘И најголемото право, понекогаш може да биде најголема неправда’! Во државните работи многу често доаѓа до вакви престапи. Па така, кога некој хеленски војсководец склучил примирје со непријателот од триесет дена, тој им ги пустошел полињата ноќе – оти, нели, склучил примирје од 30 ‘дена’, а не од 30 ‘ноќи’“!?

Значи, битното кај овој начин на јуристичка интерпретација е дека се гледа целта (грч. telos) кон која сакаме да стигнеме, а не процедуралните спрепки со кои притоа би се соочиле. А целта, во случајов, е токму мирен трансфер на власта во постизборниот период, односно премостување на interregnum-от (меѓувластието), како преоден/технички период од завршетокот на мандатот на една, до почетокот на мандатот на друга демократски избрана влада. Односно, она кон кое уставотворецот стреми е да се обезбеди пренос на титуларот на imperium-от (власта) и нормално функционирање на највисоките централни институции на системот, а не да им се удоволи на „правото на процедурално“ и „правото на [контра]реплика“ на одредени пратеници со веќе напишани говори.

Со други зборови, овој јуснатуралистички пристап е спротивен на некреативниот и схоластички правен позитивизам, кој во нашиот случај го наметнуваат „правниците“ блиски до ДПМНЕ. Имено, тие велат: поминати се законските рокови и Уставот не предвидува доделување на мандатот на второрангираниот следен мандатар во низата – па, оттука, мора да се оди на нови избори!? За лаиците кои не знаат право, ова е и повеќе од јасна аргументација. Но, работата воопшто не е таква како што овие буквалисти се обидуваат да ни ја прикажат – бидејќи, да станеш слуга на пишаниот закон, значи да се ставиш себе си во опозиција на природниот Закон (lex naturalis) и да тргуваш на погрешната страна. Имено, споменатите уставни рокови од чл. 90 на Уставот течат дури по конституирањето на парламентот, а тоа кај нас сè уште се нема случено – оти, за да се случи, треба кумулативно да бидат завршени следниве четири „домашни задачи“ на конститутивната седница: (1) Верификација на мандатите на пратениците; (2) Избор на собраниската Комисија за избори и именувања; (3) Избор на парламентарен спикер, т.е. Претседател на Собранието; и (4) Избор на најмалку двајца потпретседатели! Е дури по овој момент почнува да тече уставниот рок од десет дена за задолжително доделување на мандатот.

Оној кој може повеќе, може и помалку!

Вториот метод на надминување на оваа вештачки креирана „уставна криза“ е постапувањето по аналогија (per analogiam), односно по сличност со веќе регулирани сродни правни односи. Да претпоставиме, притоа, една ваква хипотетичка ситуација: некој од пратеничката група на СДСМ, согласно Деловникот за работа на Собранието, бара поддршка од најмалку десет пратеници за да се помине на следната точка на дневниот ред – избор на Претседател на Собранието на РМ. Но, тоа барање намерно е игнорирано од страна на претседавачот г. Трајко Вељаноски!? По ова, би требало истиот тој пратеник-предлагач (лат. rogator), директно од собраниската говорница, да побара поддршка од мнозинството пратеници за смена на претседавачот-узурпатор, кој бесправно и своеволно ја игнорира волјата на мнозинството пратеници, и негова легитимна замена со најстариот пратеник од новоизбраниот пратенички состав (per analogiam со чл. 9 од Деловникот на Собранието на РМ). Тогаш, најстариот пратеник – ако треба и со употреба на легитимна и правно оправдана физичка сила – има потполно право да ја преземе „диригентската палка“, т.е. претседавачката улога со конститутивната седница и да ја стави бараната точка на гласање. По ваквиот избор на новиот Претседател на Собранието, овој е должен да го извести Претседателот на РМ дека има ново парламентарно мнозинство и тој ќе има рок од десет дена да го даде мандатот.

Доколку и во ваков случај Претседателот на РМ одбива да го даде мандатот, тогаш – без никакви правни пречки – се избира Влада и без формално да има доделен мандат, затоа што, во крајна линија, Собранието изворно и оригинерно го има тоа право, без да зависи од никого! Овој правен заклучок го црпиме од фактот дека на парламентот не му е потребна „дозвола“ од Претседателот на РМ за да ѝ изгласа недоверба на било која влада и со тоа да ја принуди на оставка, т.е. да ја распушти (per analogiam со чл. 92 од Уставот на РМ) – па, оттука, таква „мандатна дозвола“ не е неопходна ниту за изборот на следната влада. Ова толкување во правото се нарекува argumentum a majore ad minus = „оној кој може повеќе, може и помалку“! Значи, согласно логичко-правниот аргумент кој стручно се нарекува argumentum a fortiori, се подразбира дека Собранието – кое, во било кое време, може да ја разреши било која македонска влада – дотолку повеќе, мора да може и да избере нова влада, која би дошла на местото на разрешената.

Уставниот суд не е надлежен да цени човечки дејствија, туку само правни прописи

Третиот употреблив метод за надминување на оваа неодржлива status quo ситуација, која со нејзиното злонамерно траење до недоглед се заканува да ја парализира државата, е со авторитетно повикување на веќе постоечките уставно-судски преседани. За среќа, нашиот Уставен суд на РМ, каков-таков, веќе два пати има одлучувано за сличен ваков случај! Имено, во август 1992, Уставниот суд, со Решение У. бр. 179/92-0-0, го отфрли барањето на тогашниот пратеник Драги Арсов кој писмено побарал Судот да даде правно мислење „дали според соодветните одредби од Уставот на РМ е можно мандатор за состав на Владата на РМ да биде повторно определен кандидат од истата политичка партија, ако претходно определениот мандатор од таа партија го вратил мандатот“!? Се сеќавате, ова е епизодата кога покојниот Претседател Киро Глигоров му го даде мандатот на Бранко Црвенковски, откако Петар Гошев не успеа да состави влада. На ова, Уставниот суд се прогласува за ненадлежен, со образложение дека со поднесеното барање „не се бара оценување уставноста на закон или на законитоста на друг правен пропис, ниту пак се бара Судот да одлучува за другите прашања од неговиот делокруг, туку се бара Судот да даде мислење за примената на одделни уставни одредби“ – што, секако, не е негова надлежност и излегува надвор од кругот на изречните уставни овластувања.

Неколку дена подоцна, во септември 1992, за истиот овој случај, Уставниот суд, со Решение У.бр. 184/92-0-0, ја отфрли и иницијативата на тогашната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, поднесена преку координаторот Томислав Стефковски, со која се бараше оценување на уставноста на Актот бр.08-1596 (од 16 август 1992) на Претседателот Глигоров, со кој за мандатор за состав на Владата на РМ се определува Црвенковски од СДСМ. Според мислењето на Судот, „определувањето на мандатор за состав на влада е дејствие, односно акт на Претседателот на Републиката – а не пропис, во смисла на чл. 110, ал. 2 од Уставот на РМ“ – па, оттука, Уставниот суд повторно оценува дека „не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата“!

Наравоучение

Доколку и се избере Влада на РМ без формално определен мандатор, кој во иднина би станал премиер, Уставниот суд на РМ - за којшто е јавна тајна дека во моментов е контролиран од структурите на ДПМНЕ - нема да има правна можност за никаква интервенција во случајот, односно нема да може да го укине или поништи таквиот легитимен избор на парламентарното мнозинство – бидејќи, во спротивно, би сторил недозволив ultra vires акт, т.е. пречекорување на своите дадени овластувања.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Патоказ за авторитаризмот од Будимпешта до Скопје
Мирен премин на власта
 

Коментари 4

Анонимен - Милка on Вторник, 25 Април 2017 14:20

Одлично напишано и образложено!

Одлично напишано и образложено!
Анонимен - Љубомир К. Бочваров on Вторник, 25 Април 2017 14:56

Браво за д-р Апасиев!
За ставот дека
“...споменатите уставни рокови од чл.90 на Уставот течат дури по конституирањето на парламентот, а тоа кај нас сè уште се нема случено – оти, за да се случи, треба кумулативно да бидат завршени следниве четири „домашни задачи“ на конститутивната седница: (1) Верификација на мандатите на пратениците; (2) Избор на собраниската Комисија за избори и именувања; (3) Избор на парламентарен спикер, т.е. Претседател на Собранието; и (4) Избор на најмалку двајца потпретседатели! Е дури по овој момент почнува да тече уставниот рок од десет дена за задолжително доделување на мандатот.“

сета коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да му баци рака

Штом немало услови за давање на мандатот, не важи ни извршеното давање мандат на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ па Претседателот на РМ треба (пак) мандат да ѝ даде на таа коалиција и тоа дури откако во “Службен весник на РМ“ ќе ги прочита одлуките на Собранието за (1) Верификација на мандатите на пратениците; (2) Избор на собраниската Комисија за избори и именувања; (3) Избор на Претседател на Собранието; и (4) Избор на најмалку двајца потпретседатели.

Ај Јово наново
Така ти е кога досега полуписмени правници го толкувале членот 90 од Уставот на РМ.

Браво за д-р Апасиев! За ставот дека “...споменатите уставни рокови од чл.90 на Уставот течат дури по конституирањето на парламентот, а тоа кај нас сè уште се нема случено – оти, за да се случи, треба кумулативно да бидат завршени следниве четири „домашни задачи“ на конститутивната седница: (1) Верификација на мандатите на пратениците; (2) Избор на собраниската Комисија за избори и именувања; (3) Избор на парламентарен спикер, т.е. Претседател на Собранието; и (4) Избор на најмалку двајца потпретседатели! Е дури по овој момент почнува да тече уставниот рок од десет дена за задолжително доделување на мандатот.“ сета коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да му баци рака ;) Штом немало услови за давање на мандатот, не важи ни извршеното давање мандат на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ па Претседателот на РМ треба (пак) мандат да ѝ даде на таа коалиција и тоа дури откако во “Службен весник на РМ“ ќе ги прочита одлуките на Собранието за (1) Верификација на мандатите на пратениците; (2) Избор на собраниската Комисија за избори и именувања; (3) Избор на Претседател на Собранието; и (4) Избор на најмалку двајца потпретседатели. Ај Јово наново ;) Така ти е кога досега полуписмени правници го толкувале членот 90 од Уставот на РМ.
Анонимен - Metodi on Среда, 26 Април 2017 11:27

Убаво забележа Професорот дека правните празнини се пополнуваат со методолошки техники, останува да објасни зошто на некои техники им се дава предност пред други, од кои, можеби би произлегол друг резултат!?!
На пр. ДПМНЕ прифати коалиција со ДУИ во 20хх, наместо со коалициониот партнер ДПА затоа што мнозинство во парламентот од албанските партии имаше ДУИ а не ДПА - влада создадоа партиите кои имаа мнозинство во парламентот (меѓу македонските партии и меѓу албанските партии).
Албанските лидери беа многу гласни дека мора да се почитува волјата на мнозинството албански гласачи!
Не треба ли денес да се почитува волјата на мнозинството македонски гласачи?
Некој може да признае, некој може да не признава но се создаде УСТАВЕН ОБИЧАЈ - кој е дополнителен непосреден материјален извор.
Да се повикуваш на правото (уставните обичаи) кога ти одговора а да ги игнорираш кога има повисока понуда од другата страна е далеку од политиката (која мора во себе треба да содржи и морал и етика) и е поблизу до политикантство.
Не е спорно дека природното право треба да биде коректив на позитивното право, но позитивното право има еден друг квалитет а тоа е правна сигурност (предвидливост). Во никој случај да не се доведеме во ситуација да прогласуваме правници (теоретичари) - светци или преподобни, па во секоја прилика да трчаме кај нив за совет, како да постапиме во овој или оној случај бидејќи тие се просветлени со природното право наспроти заробените во формалното право.

Убаво забележа Професорот дека правните празнини се пополнуваат со методолошки техники, останува да објасни зошто на некои техники им се дава предност пред други, од кои, можеби би произлегол друг резултат!?! На пр. ДПМНЕ прифати коалиција со ДУИ во 20хх, наместо со коалициониот партнер ДПА затоа што мнозинство во парламентот од албанските партии имаше ДУИ а не ДПА - влада создадоа партиите кои имаа мнозинство во парламентот (меѓу македонските партии и меѓу албанските партии). Албанските лидери беа многу гласни дека мора да се почитува волјата на мнозинството албански гласачи! Не треба ли денес да се почитува волјата на мнозинството македонски гласачи? Некој може да признае, некој може да не признава но се создаде УСТАВЕН ОБИЧАЈ - кој е дополнителен непосреден материјален извор. Да се повикуваш на правото (уставните обичаи) кога ти одговора а да ги игнорираш кога има повисока понуда од другата страна е далеку од политиката (која мора во себе треба да содржи и морал и етика) и е поблизу до политикантство. Не е спорно дека природното право треба да биде коректив на позитивното право, но позитивното право има еден друг квалитет а тоа е правна сигурност (предвидливост). Во никој случај да не се доведеме во ситуација да прогласуваме правници (теоретичари) - светци или преподобни, па во секоја прилика да трчаме кај нив за совет, како да постапиме во овој или оној случај бидејќи тие се просветлени со природното право наспроти заробените во формалното право.
Анонимен - КонтраМетоди on Четврток, 27 Април 2017 14:51

Ме интересира за примерот од 20хх ДПМНЕ ДУИ ДПА... дали во двата случаи постоеше мнозинство 50+1? И во овој случај, кој одлучил да направи влада? Дали ДПМНЕ во случајот се согласил да направи влада со ДУИ а не со ДПА? Нели можел да го врати мандатот и да рече или со ДПА или со никој?

Ме интересира за примерот од 20хх ДПМНЕ ДУИ ДПА... дали во двата случаи постоеше мнозинство 50+1? И во овој случај, кој одлучил да направи влада? Дали ДПМНЕ во случајот се согласил да направи влада со ДУИ а не со ДПА? Нели можел да го врати мандатот и да рече или со ДПА или со никој?
Анонимен
Сабота, 19 Август 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: