Суперкупот и непостоечкиот план за евакуација на арената „Филип Втори“

Милорад Стојмановски

Milorad Stojmanovki 200x250Не верувам дека Суперкупот нема да се одржи во Скопје. Ако намерата беше таква, досега УЕФА тоа одамна ќе го стореше. Лично Бутрагењо и Саха дојдоа во Скопје да го промовираат, од 13 јуни веќе е почнато аплицирањето за влезници со локација Скопје, македонските екипи во еврокуповите се „избркани“ за да се сочува тревникот, Реал и Манчестер резервираа хотели, а од последната контрола, на 23 јули, до 8 август останува премалку време за евентуални промени. Но ако се пропушти и оваа шанса за поправање на пропустите, пред сѐ на безбедносните стандарди, опасноста ќе остане да ни виси над глава.

Се чини дека требаше новата Влада да излезе со соопштение за состојбата на Националната арена „Филип Втори“, со кое укажа на забелешките на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) спроти организацијата на најголемиот фудбалски настан во историјата на фудбалот на Македонија, Суперкупот на УЕФА, за конечно да се актуелизира прашањето за некогашниот Градски стадион во Скопје. Иако се потрошени 60-тина милиони евра за проектирање, изградба и „дотерување“ на најголемиот спортски објект кај нас (оваа бројка прифатете ја со резерва, зашто кога се отвора досието со побарувањата, цената на чинење по „дифолт“ станува поголема), објектот сѐ уште не е завршен, а до 2015 година требаше да ги добие сите сертификати.

Зарем нема да ги гледаме Реал и Манчестер јунајтед?

Информацијата на Владата доби во тежина поради „стравот“ да не ја загубиме доделената организација на натпреварот меѓу двете можеби најпопуларни фудбалски екипи на светот, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед. Како студен туш дојде ова соопштение по возбудата околу тоа како да се набави влезница за „натпреварот на столетието“ во Македонија и по вестите за вртоглавиот раст на цените на хотелските услуги на денот на натпреварот - 8 август и за сместувањето на фудбалските ѕвезди во елитните хотели „Александар палас“ и „Мериот“.

Поради огромниот интерес да се гледаат најскапите нозе што некогаш газеле „македонска трева“, УЕФА има посебна процедура при онлајн-продажбата на влезниците. Поточно, се влече лотарија од апликациите на заинтересираните за тоа мало богатство, наречено билет (чини од 15 до 50 евра). По разочарувањето дека поради потребата од подолг одмор, во Скопје можеби нема да допатува најдобриот на светот за 2016 година, Кристијано Роналдо, стаса нов гром од ведрото јунско небо над Скопје - „Филип Втори“ да ти бил фаличен! Згора, Македонија има рок до 21 јули да ги поправи недостатоците констатирани од строгите инспектори на УЕФА, пред да се случи последната контрола од европската „куќа на фудбалот“ на 23 јули.

Десет години се гради, а уште не е завршен

Последен пат во арената бев на 11 јуни, на натпреварот Македонија - Шпанија. Истите простории за новинарите што со години зјаат празни сѐ уште беа празни (ни маса, ни столче, камо ли друга опрема). Во тоалетите за новинарите немаше сапун (како ли е тогаш во оние за гледачите?). Од неопходната опрема за прес-центрите што ја има на вакви врвни настани (телевизори, приклучоци за интернет, кетеринг) ни трага, ни глас. Така е со години, практично од 2009 година, кога ја пуштија во употреба Северната трибина, која сега делумно се реконструира на барање на инспекторите на УЕФА.

Националната арена „Филип Втори“ (поранешен „Градски стадион“) во денешната форма почна да се гради во 1978 година. За две години беше изградена Јужната трибина по урнекот на стадионот „Пољуд“ во Сплит, а изведувач беше „Бетон“ од Скопје. Имаше неколкукратни адаптации по разни поводи - пред настапот на Вардар во Купот на европските шампиони во 1987, потоа две години подоцна за несудениот квалификациски натпревар Југославија - Северна Ирска кога теренот не беше доволно рамен за ју-селекторот Ивица Осим, а во самостојна Македонија за средбата Македонија - Англија во 2003 година. Дури во 2007, Владата распиша тендер за изградба на Северната трибина (во јануари 2008 беше урната старата), а новата беше промовирана на 2 август 2009. Истата година беше поставен камен-темелник и за Источната и Западната, а кон крајот на 2009 стартуваше и реконструкцијата на Јужната трибина. Во 2011 беа пуштени во употреба Западната и Источната трибина (иако недовршени), а неколкупати беше реконструиран фудбалскиот терен зашто требаше т.н. бонификација (зацврснување) на меката подлога поради близината на реката Вардар. До 2013 требаше целосно да се изгради и оспособи подтрибинскиот простор и да се изведе современо фасадно обликување, но според АД за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор (АДССДП) застојот бил поради економската криза.

Сите зафати поврзани со Арената во периодот 2008 – 2013, според специјализираниот портал Буилд.мк се проценува дека ќе достигнат 50 до 60 милиони евра. Дури и да остане оваа цена, по столче ќе чини околу 3.000 евра (капацитетот е околу 32.500 седишта) што стадионот го прави скап за денешни стандарди. Јужната трибина со над 11.000 места веќе беше изградена, иако претрпе извесни корекции. Објектот првично требаше да биде комплетиран до 2015 година, но лани во април е направен нов договор за адаптација според барањата на УЕФА, а допрва треба да се уредува и комерцијалниот простор.

Фалијанц арена

За толку фалениот стадион напишав анализа со наслов „Фалијанц арена“ кога речиси сите му се воодушевуваа. Насловот беше таков поради изјавата на екс-премиерот Никола Груевски дека кога ќе биде готов, ќе личи на „Алијанц арената“ (Allianz arena)  во Минхен.

Тезата ми беше дека кога веќе се трошат толку буџетски пари, требаше да се гради на друга локација. Оваа градба не исполнува бројни стандарди: безбедносни, инфраструктурни, урбанистички,  телекомуникациски, спортски... Факт е и дека критериумите на УЕФА од година во година се заоструваат, но условот без кој не се може - безбедноста - е приоритет над приоритетите. Стадионот „Паркен“ во Копенхаген, на пример, со сличен капацитет (38.000), може да се евакуира за осум минути. За нашиот спортски храм никој не може да направи комплетен план за евакуација, а камо ли и да пресмета за колку време можат да бидат извлечени присутните во случај на опасност.

pehar superkup ffmПехарот од Супекупот пред просториите на Фудбалската федерација на Македонија

Суперкупот најверојатно нема да ни биде одземен

На прв поглед, Владата е во голем цајтнот за да ги коригира утврдените пропусти. Сепак, според мое мислење, Суперкупот нема да ни биде одземен, затоа што ако намерата беше таква, досега УЕФА тоа одамна ќе го стореше. Сега е, едноставно, предоцна за такво нешто. Лично Емилио Бутрагењо од Реал и Луј Саха од Манчестер дојдоа во Скопје да го промовираат, а од 13 јуни веќе е почнато аплицирањето за влезници со локација Скопје и ќе трае до 4 јули. Македонските екипи во еврокуповите се „избркани“ за да се сочува тревникот, клубовите резервираа хотели, а од последната контрола - 23 јули останува премалку време за евентуални промени.

Кога УЕФА бара средби на највисоко ниво, поточно со премиери и министри, тоа е поради безбедносните и финансиски гаранции што се нужни. Писмото до новата Влада е опомена поради застојот на бараните интервенции, пред сѐ поради инертноста на претходната техничка Влада во плаќањата, па сега АДССДП бара финансиска инјекција од два милиона евра.

Контролите од УЕФА се континуирани уште од доделувањето на организацијата пред две години. Од септември 2015 до денес секоја година имаше по две. Стопанисувачот со објектот АДССДП не ги кажувше јавно забелешките, иако уште од почетокот се знае дека теренот е слаба точка. Токму поради лошиот квалитет на тревникот забранети се какви и да се активности до 8 август. Тоа е дополнителен хендикеп за македонските претставници во еврокуповите кои поради ова мораат своите натпревари од квалификациите на Лигата на шампионите и Лигата на Европа да ги играат во Струмица, на теренот на ФФМ во Ново Лисиче (Работнички), а Вардар дури најави дека со шведскиот тим Малме можеби ќе игра и во Јагодина, Србија.

Лош за Евро 2020, добар за Суперкуп 2017

Доделувањето на организацијата на Суперкупот 2017 на Скопје беше изненадување ако се има предвид дека само девет месеци пред тоа, во септември 2014 година, кандидатурата на Фудбалската федерација на Македонија и „Филип Втори“ за домаќин на една од групите за Европското првенство во 2020 година воопшто не беше ни разгледувана од УЕФА. Арената не исполнуваше бројни критериуми: непокриени една третина од седиштата, паркинг-просторот не е дефиниран, нема план за евакуација, не исполнува услови за квалитетен ТВ-пренос, нема податоци за висина на оградата, бројот на тоалети за гледачите е ограничен, нема простории за прва помош и услови за хендикепирани лица, несоодветен е просторот за ВИП-гостите, бројни технички и телекомуникациски недостатоци, несоодветни услови за новинарите итн.

Не верувам дека битно беа поправени споменатите слабости, кога по само девет месеци УЕФА објави дека Скопје ќе биде домаќин на најдобрите екипи од Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Објаснување може да се бара во изборите што тогаш претстоеја и во УЕФА и во ФИФА, а гласот на ФФМ како една од 54 членки на УЕФА е подеднакво важен како и на другите делегати. За жал, корупцијата во овие две врвни фудбалски тела е присутна последниве децении, а поранешните челници Сеп Блатер и Мишел Платини мораа да се повлечат поради обвиненија за финансиски злоупотреби.

УЕФА и претходно почна со „децентрализацијата“ на фудбалот, па меѓу градовите домаќини се најдоа и Тбилиси, Трондхајм, Талин, а на ЕП 2020 - Баку, Букурешт, што беше речиси невозможно до пред некоја година.

„Крвавиот четврток“ беше најголемата опасност

Единствената вистинска опасност да ни биде одземена oрганизацијата на Суперкупот всушност беше „крвавиот четврток“, поточно настаните во македонското Собрание од 27 април. За среќа, земјата денес е доволно стабилна и не ги загрижува официјалните лица на УЕФА кои се гарантот пред фудбалските гиганти.

УЕФА замижувала и ќе замижува пред несовршеностите не само на овој стадион. И не само УЕФА. Кога бев на Олимписките игри во Атина во 2004 година, натпреварите веќе беа почнати, а сѐ уште можеа да се забележат градежни активности околу објектите. Временскиот теснец е речиси секогаш присутен кај организаторите на големите спортски настани. Некогаш и намерно не се брза со предвремено завршување на градбите за да не се троши премногу за нивно одржување до почетокот на спортскиот настан.

Скап, а небезбеден објект

Ако се проанализираат забелешките, најголемиот дел се лесно решливи и за еден месец. Освен една. И во 2014 година, и денес, останува истата забелешка на УЕФА - нема детален план за евакуација. Недоволниот број влезови/излези за итно напуштање на објектот во случај на опасност треба да нѐ загрижува и со и без организацијата на Суперкупот. Тој можеби ќе помине перфектно, политичарите ќе се „нацртаат“ во ВИП-ложата по стариот добар обичај, но стадионот ќе треба да го користиме и по 8 август. За толку скапо платен и реконструиран стадион недозволиво е да е несигурен во случај на паника кај присутните во вонредни ситуации.

Во зададениот рок речиси е невозможно да се поправат грешките. Но, ако се пропушти и оваа шанса за подобрување, пред сѐ, на безбедносните стандарди, опасноста ќе остане да ни виси над глава.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Како да се спречи нова партиска чистка
Зошто треба да го заштитиме Скопје 2014?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 27 Јули 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: