Препораки за развој на спортот во Република Македонија

проф. д-р Иван Анастасовски

Ivan Anastasovski 200x250Пристап за поголема масовност на младите луѓе кон спорот, спортот како уставна категорија и професионализам во спорот се трите сегменти кои би придонеле за негов развој како организациски, така и резултатски.

Денес може да се констатира дека спортот во Република Македонија, од гледиште на секој поединец во нашата држава говори за особено ниско ниво како резултатски така и организациски, ниво кое за жал претставува рефлексија на целокупната општествено-економска и политичка состојба во државата. Со чест на исклучоците, особено на организациски план во колективните спортови, како што се спортското друштво Вардар (фудбал, ракомет мажи и жени), фудбалскиот клуб Шкендија, кошаркарскиот клуб Соколи и кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје. Спортот само ги апсорбира состојбите кои се рефлектираат како во инфраструктурата така и во менаџерскиот па дури и во играчкиот дел. Од тие причини се наметнува неминовна потреба за ребрендирање, реорганизиарње на програмите, законите, актите кои имаат допирни точки со системот „спорт“, па до ревизија на Уставот на Република Македонија, со цел да се анулираат посочените состојби, а при тоа да се анимираат што повеќе млади луѓе во спортот не само во тренажниот процес, туку и во менаџерската структура.

Законот за спорт е донесен во 1996 година и до денес има претрпено серија измени и дополнување, дури и целосен нов консолидиран текст. Логиката на одредени законски решенија се однесуваше на тоа дека со децентрализација на одговорностите на власта од централно на локално ниво, ќе се подобри спортскиот и инфраструктурниот дел на спортот и ќе се зголеми масовноста особено кај младите лица во спортот, а тоа ќе придонесе за подобар менаџмент во спортот преку коректен, одговорен и професионален однос на локалните авторитети.

Преземени чекори за состојбите во македонскиот спорт

Од тие причини, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Федерацијата на училишен спорт и Македонскиот олимписки комитет првпат во историјата на независна Македонија почнаа со стручни дебати за состојбите, предизивиците и перспективите на македонскиот спорт, на кои отворено се дебатира за спортот кај нас (првата се одржа во општина Кавадарци, следува во општина Куманово 6 октомври 2017). Притоа, морам да констатирам дека како еден од активистите на овој проект се соочив со интересни проактивни и прогресивни идеи на нашите граѓани кои се директни учесници во спортскиот амбиент во Република Македонија. Несомнено е дека македонските граѓани сакаат подобри спортски резултати, подобра спортска инфрастуктура, подобра спортска администрација, нов спортски инспекторат, односно во целина подобро организиран спорт.

Слушајќи ги размислувањата, коментарите, искуствата и видувањата на сите, како и колумните кои ги пишуваат моите студенти по предметот Социологија на спорт и спортски менаџмент, полека но сигурно ја надоградувам мојата визија за спортот во Република Македонија која ја поставив на база на три сегменти кои би придонеле за развојот на спортот како организациски, така и резултатски.

preporaki za ravoj na sportot vo RM

Пристап за поголема масовност на младите луѓе кон спорот

Анимација на младите луѓе кон спортот, што би претставувало квантитет во основа, за да можеме да дојдеме до посакуваниот квалитет, т.е. привлекување што поголем број млади луѓе во постојните (какви-такви) спортски објекти беше приоритетна препорака на учесниците во дебатата. Пожелно би било во договор со спортските клубови на ниво на државата да се обезбедат услови за работа со младите (пионери, кадети итн.) за постигнување на квантитет (масовност) од кој би произлегол и квалитетот (професионализмот) без оглед за кој спорт, индивидуален или колективен, се говори. Спортските клубови преку посредништво на државата да склучат договор со основните училишта во Република Македонија при што со младите би работеле дипломирани професори по физичко и здравствено образование (академски степен) и дипломирани спортски тренери (стручен степен). На тој начин во секое училиште матичниот наставник би се определил за спортската дисциплина која му одговара и за која има повеќе познавања. Се заштедуваат и време и пари на родителите бидејќи секој поединец е талентиран, но можеби родителите немаат пари да му пружат можност да го покаже тоа во одреден спорт и затоа е тука државата. Спортските клубови би се обврзале на одреден финансиски надомест за вложениот труд на стручното лице (овде говориме исклучиво во методскиот дел на изучување на спортските елементи).

Акцентот ќе биде ставен на фундаментот односно правилна обука на децата за елементите од спортските игри (индивидуални или колективни), со правилна и дозирано-систематски поставена програма и со компаративна анализа на наставно-спортски програми со земјите од Европска Унија, пред се` на Словенија која на овие простори има изградено развиен систем на школски спорт. По добиената основа младите (децата) би се насочувале кон клубови односно спортови за кои имаат изразено афинитет, со што квалитетно би им се надградувале нивните способности и би се подобрувале нивните вештини. Задржувањето на спорските терени практично значи дека на младите во критичниот период од животот, кога почнуваат да се запознаваат со пороците и негативните влијанија врз нивниот живот, неопходно е да им се пренасочи вниманието кон спортот и спортувањето со стипендии и редица други методи кои би значеле субвенционирање на младите таленти.

Спортот како уставна категорија

Оживувањето и подигањето на спортот значи сите релевантни државни институции да седнат на заедничка маса - спортските федерации, носителите на власта на централно и на локално ниво, директните учесници во спортот и спортските асоцијации (менаџерите и спортистите), и да заземат заеднички став за развојот, унапредувањето и организирањето на македонскиот спорт според европски стандарди. Овде исклучиво се зборува за нормативниот дел.

Насоки кон кои треба да се делува во правец на регулирање на:

  1. Имотно-правните односи т.е. спортска инфраструктура,
  2. Професионален однос спортист-клуб и обратно,
  3. Спортската администрација исклучиво за потребите на спортот,
  4. Казнените мерки преку спортска инспекција и судови специјализирани за спортските спорови.

Едноставно кажано „ние самите можеме“. Преку сето ова би се обезбедило квалитетно и професионално натпреварување на спортските клубови на домашната и меѓународната сцена, би се подобрила спортската инфраструктура, би се потикнувале и  мотивирале клубовите за развивање на своите активности на исклучиво професионален начин, понатаму би се обезбедиле услови за непречено одигрување на натпревари како од безбедносен така и од спортски аспект.

Професионализам во спорот

Основата за развојот на спортот и подигањето на нивото на спортот од сите аспекти е професионализам. Тој е гаранција за правата на спортистите, нивно  соодветно третирање и воедно наградување за својот вложен труд, но во исто време и соодветно казнување за својата неодговорност кон работата. Понатаму, потребно е да им се обезбедат сите потребни услови за тренинг (работна активност), сигурност во извршувањето на своите работни задачи преку потпишување на професионални договори. Сигурноста на спортските актери (професионалци) треба да се стави во преден план, бидејќи професионализмот подразбира целосна посветеност и ангажираност на спортистот, но и негова одговорност кон спортот. Ова е тема за која има простор да се зборува на долго и пошироко, меѓутоа мораме да создадеме услови за професионалност во спортот, со што би ја добиле вистинската смисла на зборот амбасадори на спортот. Мора да се напомене дека нашата држава веќе ги промовираше првите амбасадори на спортот во Република Македонија - професорот Јошко Миленковски, ракометарот Кире Лазаров, фудбалскиот тренер Андон Дончевски и фудбалерот Агим Ибраими.

Повикани како луѓе кои се занимаваат со наука од областа на спорот, правото, економијата и образованието поставивме теоретски темели во правец на подобрување на состојбите во спортот, особено на професионален план. Се надеваме дека нашиот труд кој го вложуваме ќе наиде на отворени институционлни врати, со оглед на тоа дека дел од приватните компании веќе ја препознаа и прифатија нашата активност. Целиот процес не би можел да има своја проодност ако не се вклучени приватните компании, кои претставуваат основен економско-финансиски двигател за целосна професионализација на спорот во структурата на играта и на менаџментот. И конечно, секој поединец е потребен и добредојден на ова долгорочно патување кое нема свој крај, оти спорот е жива материја и секогаш е подлежен на промени. Продолжуваме да ги слушаме идеите на нашите граѓани за иднината на поставеноста, уредувањето и практикувањето на македонскиот спорт.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Шест карактеристики на ерата на дезинформации
Реформи во безбедносно-разузнавачките служби – до ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 12 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: