До кога ќе слушаме како шумат шумите?

Кирил Пржо Арсовски

Przo200x250Во последните години се соочуваме со се` поголемо уништување на македонските шуми; огромни површини на шуми се уништени од нелегална сеча или шумски пожари. Во историски период во кој секое дрво прави разлика во глобалните климатски промени, Македонија се` уште гледа на шумите како на ресурс кој чека да биде исцрпен.

Површините со шуми се намалуваат на светско ниво. Според Институтот за светски ресурси од 2000-та година од кога и има податоци, до денес, шумите исчезнуваат со забрзано темпо, односно досега се уништени околу 230 милиони хектари. За сметка на тоа, новообраснатите шуми се речиси незабележителни (само 80 милиони хектари). Податоците на Институтот кажуваат дека во Република Македонија од 2000-2012 година се уништени шуми со површина од 32,585 хектари. Според најновите податоци од посебните планови за стопанисување со шумите кои се за стопанска намена од 2008 година, вкупната шумска површина во Македонија изнесува 1.091.857,59 хектари, од кои 835.055,82 хектари се обрасната површина и 256.801,77 хектари необрасната шумска површина (голини).

Според Државниот завод за статистика, во Македонија најголемите штети на шумите се последица од бесправна сеча, а веднаш потоа следат шумските пожари. Одделот за шумарство на Република Кипар, пак, утврдува дека 9 од најчестите 10 причини за пожар се предизвикани од човек. Тука спаѓаат: земјоделско чистење со палење, фрлање отпушоци и кибрити, логорски оган, палење на отпад, воени вежби, лов, употреба на алати кои искрат, пироманија, електрични несреќи и молњи.

Во истражувањата на Европската агенција за заштита на животната средина, шумите во Европа драстично се намалуваат и се под се поголем притисок од човекот. Зголемената сеча на дрвја, урбанизацијата и пожарите се едни од најголемите опасности за европските шуми. Сите овие процеси за жал, ги има и кај нерегулираната сеча на шумите, уништувањето на шумите за пробивање на патишта, зголемената  неодржлива урбанизација и општата негрижа кон шумите.

Шумите се важни за нашиот опстанок

Американското еколошко друштво улогата на шумите ја дели на три дела: шумите како живеалиште, шумите како ресурс и шумите како сервис. Тие претставуваат живеалиште за огромен број животни и растенија и во време на се поголема урбанизација стануваат важни за нивниот опстанок. Шумите не снабдуваат со чист воздух, градежни материјали и храна. Тие го обезбедуваат потребното количество кислород, основниот услов за живот.

Во истражувањето на Европскиот шумарски институт, шумите во Европа се наведуваат како единствена алатка за справување со глобалното затоплување и нивната заштита ќе придонесе за ублажување на негативните влијанија на климатските промени. Шумите се едни од најголемите природни богатства. Во време кога се повеќе шуми се уништуваат, вредноста на оние шуми кои опстанале се повеќе расте. Функцијата на шумите е едноставна - го одржуваат животот на Земјата. Шумите ги спречуваат поплавите и ерозиите, што по шумските пожари се едни од најчестите природни катастрофи што се случуваат кај нас.

Што со македонските гори?

Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминативе седум години површината под шуми во Македонија се зголемила за четири отсто. Во Македонија има околу еден милион хектари површина под шуми, што е околу 10 илјади квадратни километри, или една третина од вкупната територија на земјата. Според официјалните податоци, легалната сеча на дрвја од 2010 е во намалување, но во опаѓање е и бројот на нови насади.

Последниве три години бевме сведоци на речиси сите природни непогоди: ерозии и лизгање на земјишта, поплави, низа земјотреси, шумски пожари, помори на риби како и енормно загадување на воздухот. Сето тоа упатува на отсуство систем за алармирање, едукација на граѓаните и справување со вакви ситуации во државата. Се се сведува на индивидуален ангажман и „религиозно“ надевање дека нема да има следен пат.

Многу често за лошата состојба на шумите службите ги обвинуваат сопствениците на приватните шуми, но според Статистичкиот годишник за 2004 од  Државниот завод за статистика на Република Македонија, шумите во државна сопственост зафаќаат 90,14 отсто од вкупната шумска површина во земјата.

Со фамозниот проект „Ден на дрво – засади ја својата иднина“ наводно беа пошумени 3.000 хектари со над 35 милиони садници. Но никогаш не се објави јавно билансот за успешност за проектот. Садниците беа садени стихијно, без надзор и надвор од шумарските правила за пошумување. Освен што предизвика неред и огромен број на пропуштени часови за учениците, проектот никако не ја оствари својата цел. Освен тоа, самиот проект со своите активности прекршува неколку членови од Законот за заштита на природата, како интродукција на алохтони видови, уништување на пределот и прекупување на почвата.

Често кога се говори за шуми се мисли на стопански шуми. Новите насади се од типот на шумски плантажи и немаат голема еколошка вредност. Тоа не се вистински шуми. Еднородните шуми, шуми само со еден вид на дрвја, ја немаат истата функција како природните шуми. Тие се лесно уништливи под влијание на паразити или шумски пожари.

Според МВР, нелегалната сеча на дрвја во Македонија од 2008 досега е во постојан раст. Во 2015 година, бројот на кривични дела поврзани со сеча на дрва се зголемил за 50 отсто споредено со 2014. Во последниве години сведоци сме на огромни нелегални сечи на дрва на Шар Планина, како и на Скопска Црна Гора.

Во истражувањето на проф. Малиш Саздовска, пустошењето на шумите во Република Македонија претставува сериозен еколошки проблем. Она што е значајно за овој вид на криминалитет е фактот што ова кривично дело е најзастапено од областа на еколошките кривични дела пропишани во гл. 22 од Кривичниот законик. Покрај застапеноста, ова дело во голема мера се карактеризира и со нанесување на енормна штета што се однесува до количината на нелегално сечената дрвна маса. Пустошењето на шумите во Република Македонија се извршува како од домашни така и од странски државјани, значи има и интернационална димензија.

gola seca StogovoФото: Гола сеча на падините на Стогово

Шумарство без есап

Во заштитата на шумите поважна е превенцијата отколку казнувањето. Штетите врз шумите се често неповратни, а доколку постои можност за репарација - тој процес може да трае стотина години. Според податоците на ЦНВП - Организација за поврзување на природни вредности и луѓе, во Македонија официјално нема заштитени шуми. Порано официјално прогласени биле околу 18.000 хектари (со нив стопанисувало Водостопанство со вработени шумарски инженери). Од пред речиси  20 години, кога шумите прејдоа под ингеренции на Јавното претпријатие Македонски шуми се претопија во постојаните „шумско стопански единици“, односно  шуми со стопанска намена и така се загуби статусот на заштитени шуми.

Во Македонија најмногу се сечат листопадни дрвја, споредено со тоа дека најмногу се садат иглолисни. Модерните европски шумарски практики укажуваат на тоа дека во последните години, шумите се единственото оружје во борбата со глобалното затоплување и дека заштитата и обновата на постоечките, особено листопадните шуми е од големо значење. Со глобалното затоплување, Европа ќе се соочува со недостиг од свежа вода, а во истражувањето на Европската агенција за заштита на природата, шумите и нивниот потенцијал за задржување на водата се на прво место. Особено листопадните дрвја (бука и даб) кои имаат можност да задржат дури двојно повеќе од иглолисните дрвја (црн бор).

Кај нас во повеќе наврати се увидува за лошо управување со шумите. Истражувањето Екологија и стопанисување со шумите во регионот на горниот тек на Брегалница  утврдува дека голем број од мерките за стопанисување со шумите се несоодветни или пак одлуките се носени без план.

Да останеме зелената точка на мапата на Европа

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух. Резултат на природните катастрофи се голем број неповратни загуби. Но во 21-от век можноста за навремено алармирање и спречување на ескалација на природните катастрофи е поголема. Секоја непогода со себе носи и жртви, а секоја жртва бара одговорност - што е безизлезна ситуација во држава каде што службената одговорност не постои. Треба да престанеме да ги гледаме шумите како ресурс, туку како основа за квалитетен живот - не само за нас, туку и за богатиот ендемски биодиверзитет на кој сме многу горди. Потребно е враќање на иницијативите за прогласување на заштитени шуми како и прогласување на мораториуми на сеча во шуми кои се сериозно оштетени од дива сеча или пожар. Зголемување на контролата на сеча и воведување на поодржлив систем за управување со шумите би помогнало да се зачува она што се уште го имаме. Според Законот за шуми, шумите се природно богатство и се добро од општ интерес за Републиката. Да ги третираме така.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Зошто треба да се ревидира „Скопје 2014“?
Максимален труд за минимална плата: Контроверзите ...
 

Коментари 1

Анонимен - Ice on Петок, 24 Ноември 2017 12:31

A zamislete za uvoz na drva za ogrev od stranstvo se plaka 18 % danok ima li nekoj da se seti vo drzavava deka podobro e da se namali danokot za uvoz i da se uvezuvat drva od kolku da se secat nasite sumi

A zamislete za uvoz na drva za ogrev od stranstvo se plaka 18 % danok ima li nekoj da se seti vo drzavava deka podobro e da se namali danokot za uvoz i da se uvezuvat drva od kolku da se secat nasite sumi
Анонимен
Понеделник, 11 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: