Анти-вирус против ИСИС во Македонија: Меѓуверски дијалог

Самет Шабани

Samet Sabani200x250Македонија со години предвидува само „хемотерапија“ за спречување на општествениот рак т.н. ИСИС, што всушност треба да биде последна преземена мерка, а не подолг процес на дијагностицирање во кој треба да се вклучат образовните институции, верските заедници, институциите за економски и социјални политики и медиумите.

По вжештувањето на војната во Сирија, која започна на крајот од 2011-та година, Македонија повторно се соочи со појавата на регрутација на свои државјани во насилно-екстремистички и терористички групи (ИСИС и/или Ал-Нусра). Според официјалната изјава на Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, во јуни 2016, во Сирија има 110 борци од Македонија, 25 се водат како загинати, а 86 се повратници во земјата. Во другите балкански земји, пак, бројките се малку поголеми. Според податоците на меѓународната консултантска фирма за безбедносни политики „Соуфан Гроуп“, во Косово има 232 и во Босна 330 случаи.

Овие бројки може да звучат алармантно во смисла дека многумина од нив може некој ден да се вратат во своите родни места и да бидат проблем за целото општество. Но, од друга гледна точка, мора да се има предвид дека во земјите од Западен Балкан живеат 6,5 милиони муслимани, што покажува дека поддршката за општествениот рак таканаречен ИСИС е мошне мала. Воедно, тоа уште еднаш докажува дека Исламот и ИСИС се онтолошки различни: едното е вера, другото е политичка идеологија која ја злоупотребува верата.

Хемотерапија наместо превентинвни лекови

Интересен е фактот дека на почетокот од војната многумина од борците од солидарност се приклучуваа во борбата против деспотскиот режим на сирискиот претседател Асад. Сепак, по самопрогласувањето на таканаречената „Исламска држава“ од страна на терористичката група ИСИС, главната мотивација на регрутирање стана „подобар живот“ во земја владеена од самата група. Добро е тоа што исламските верски заедници ширум светот, вклучувајќи ја и ИВЗ од Македонија, веднаш потоа реагираа против ова самопрогласување и строго се спротивставија на учеството во ИСИС. Дополнително, во 2014-та година, ИВЗ прогласи „програма за дерадикализација“, која што, според нив, не го доби заслуженото внимание и поддршка од тогашната влат.

Од друга страна, пак, напорите на поранешната влада на Македонија за спротивставување на оваа појава беа насочени само кон репресивни мерки. Имено, безбедносните органи на државата, во соработка со судските, делуваа со две aкции (Ќелија 1 и Ќелија 2), во кои вкупно 15 лица беа уапсени за различни дела/дејствија, како што се регрутирање, превезување, организирање превоз, опремување или обучување за учество во странска војска. Воедно, спротивставувањето на насилниот екстремизам се гледаше како дел од стратегијата за борба против тероризмот. Кажано на друг начин, Македонија со години предвидува само силна доза на „хемотерапија“ за спречување на овој општествен рак, што всушност треба да биде последна преземена мерка; а не подолг процес на дијагностицирање во кој треба да се вклучат сите релевантни чинители, како што се образовните институции, верските заедници, институциите за економски и социјални политики, медиумите итн.

teroristen1

Извор: annegaelleamiot.com

Политичка злоупотреба на насилниот екстремизам

Дополнително, феноменот насилен екстремизам беше „злоупотребен“ за политички интриги од поранешните владејачки функционери. Веднаш по полициската акција „Монструм“, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, без ниту еден јавен доказ, изјави дека „најверојатно мотивот на убијците е нивната идеја, убедување, верување и следење на радикалниот ислам“. Исто така, друг индикатор на злоупотреба на овој феномен е фактот дека не беше спроведена никаква казнена мерка за учество на македонски државјани во странски војски кога станува збор за тие што учествуваа во Украинскиот конфликт во 2014-та година.

Загрижувачки беше и фактот дека позицијата Национален координатор за борба против тероризам беше празна една и пол година заради заминување на координаторот Тони Јакимовски, тогашниот шеф на кабинет на Сашо Мијалков, во странство. Тоа значи дека доколку во тој период се случеше терористички акт, државата немаше надлежен застапник кој би презел одговорност зошто не можел да биде спречен. Сепак, важно е да се потенцира дека пред три месеци, новата влада успеа да именува нов координатор и структура на Комитетот од различни органи, кои во моментов изготвуваат Стратегија за спротивставување на насилен екстремизам, одделно од Стратегијата за борба против тероризам. Овој чекор докажува дека пристапот кон овој феномен станува посериозен и сеопфатен, таков како што и треба, бидејќи ИСИС во Македонија не се појави преку ноќ.

Сепак, исто така е важно е да се напомене дека главниот фокус при изготвување на ваква стратегија не треба да биде само исклучителниот тип на насилен екстремизам како што е ИСИС. Тоа би создало два дополнителни проблеми. Прво, таков пристап имплицира таргетирање на одредена верска или етничка припадност во Македонија. Второ, тоа би го ограничило сеопфатниот пристап за превенција на насилниот екстремизам како општа појава во општеството, имајќи предвид дека во последниот период сме соочени и со различни типови на насилен екстремизам.

Имено, друг пример на поттикнување насилен екстремизам со референца на идеолошки толкувања на верата беше видлив и за време на протестите што доведоа до „крвавиот четврток“ на 27 април во Собранието. Тогаш неколку верски проповедници кои што и активно учествуваа во секојдневните протести, преку јавни молитви бараа „народот да го победи непријателот“. Дополнително, ваквите примери на злоупотреба на верата како значајна општествена вредност во Македонија, уште еднаш ја докажуваат важноста на учество на сите верски заедници во било каква стратегија за спротивставување и превенција на насилниот екстремизам.

Од злоупотреба кон дијалог

Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните и муслиманите. Токму поради тоа, верските заедници треба да преземат поактивни чекори за превенирање на било каква злоупотреба и на двете конфесии.

Во оваа смисла, исто така голема улога има и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, која што последните години за жал беше злоупотребена како политички механизам за образложение на насилство. Во рамки на Комисијата, верските заедници треба да организираат што повеќе заеднички настани, каде што ќе се стимулира меѓуверскиот дијалог, толеранцијата, општествената кохезија и хармонијата на соживот. На тој начин може да се воспостават долгорочни мерки за спречување на појава на било каков идеолошки вид на насилен екстремизам во општеството.

Значајно е ваквите настани особено да се фокусираат на младите, бидејќи тие секогаш се главниот таргет на екстремистичките групи. Младите треба што порано и што повеќе да се информирани за заедничките вредности и на тој начин да создаваат похуман пристап кон различноста со другите, што всушност е друг вид на заедничка вредност.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

СИДА, непреносливи болести и „организациската азбу...
Година за поуки
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 12 Ноември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не