fbpx

Што ќе донесе реконструкцијата на владата?

Маја Стојанова

Јавен интерес

28.05.18

Прегледи

д-р Маја Стојанова

Maja Stojanova 200x250Одговорноста и отчетноста на функционерите во Македонија досега била мислена именка, а од оваа влада се очекува со најавената реконструкција и со други мерки да ја поправи таа слика.

Во поширок контекст политичката одговорност претставува дел од политичката култура, која редовно се применува во западниот свет од високи државни функционери доколку неодговорно ја извршувале својата функција, на пример, биле вмешани во некој корупциски скандал, извршиле криминални дејствија и сл. Понесувањето на лична одговорност претставува морален акт со кој функционерот, пред сѐ, го штити својот интегритет и достоинство, а потоа и интересите и угледот на политичката партија која ја претставува. За разлика од развиените демократии, кадешто политичката култура во однос на ова прашање е на високо ниво, во Македонија сносењето на политичка одговорност е сѐ уште мисловна именка и табу-тема.

Аферата со прислушувањето преку која беше откриен несоодветниот начин на практикување на власта во повеќе сфери, одново ја актуелизираше нужноста од преземање на политичка одговорност, па оттука и се зголемени очекувањата дека новата влада на премиерот Зоран Заев многу повеќе ќе води сметка за моралното поведение, односно за одговорноста на министрите. Една од причините да се верува дека политичката одговорност конечно ќе почне да се применува во Република Македонија е долго најавуваната реконструкција на владата, која меѓу другото е резултат на промените во пратеничкиот состав кои настанаа со заминувањето на неколку пратеници во локалната власт. Дополнително, рекомпонирањето на составот на владата има за цел да ја зајакне владината стабилност, како и да ја подобри нејзината ефикасност во одделни сектори во кои не беа постигнати очекуваните резултати, не изоставајќи го и главниот приоритет на реконструкцијата - проширувањето на парламентарното мнозинство.

Реконструкцијата е политичка одговорност

Политичката одговорност на извршната власт усредоточена во одговорноста на министрите пред Парламентот, не е само битно прашање кое ја засега ефикасноста на Владата, туку е и прашање кое се однесува на функционирањето на парламентарните институции во целост.

Нешто повеќе од двеипол децениската независност на Република Македонија, не можеме да кажеме дека постои сериозно сфаќање на политичката одговорност на избраните и именуваните функционери, со оглед на фактот дека досега единствениот владин функционер кој поднесе оставка како чин на одговорност е Антони Пешев. По падот на авионите на „Авиоимпекс“ и „Палер“ во 1994 година, тој си поднесе оставка од функцијата министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија во владата на Бранко Црвенковски, и од денешна перспектива нема дилеми околу исправноста на својата одлука. Напротив, Пешев смета дека со ваквиот чин оставил поголем простор за фер делување на демократијата и тоа го сторил за да покаже дека сочувствува со загинатите и како резултат на сопствената совест. Тој вели дека ова треба да го практикуваат сите функционери кога ќе направат некоја грешка во своето работење, а не да чекаат да понесат политичка одговорност поради притисок од јавноста. Наспроти овие препораки на Пешев, во Македонија овој механизам речиси и да не се применува во политичката пракса.

Како алтернативни решенија кои кај нас се користат, а кои претставуваат еден вид изнудување на политичка одговорност од функционерите може да се сметаат: изборите, оние на кои доаѓа до промена на власта, и реконструкцијата на владата, преку која се доаѓа до промена во ресорите каде е забележана стагнација во процесот на имплементирање на политиките кои се дел од владината агенда.

Казнувањето на извршната власт на избори не подразбира и повик за функционерска одговорност, бидејќи победата на избори не секогаш е врзана за барањето политичка одговорност, а да не зборуваме за кривично-правна одговорност на носителите на јавни функции, бидејќи во Македонија таа уште помалку постои. Со други зборови, тоа значи дека во Македонија досега нема изречена судска пресуда за некој министер во владата.

Затоа реконструкцијата на владата како еден вид повикување на политичка одговорност е почеста практика, но мора да се разграничи разликата помеѓу оваа практика и сносењето на политичка одговорност на некој функционер.

Реконструкцијата на владата е колективна одговорност која ја сноси политичката партија кога поставила некој функционер, а тој не ги извршувал доверените задачи на соодветен начин, па решила да го тргне од функцијата. Во Македонија политичката пракса на барање одговорност од политичката партија која го поставила функционерот покажува дека честопати реконструирањето е последица на коалициски договор, не само на партиски одлуки, па како резултат на тоа одредени функционери само се ротираат од еден во друг ресор.

Давањето оставка од страна на функционерите, што изостанува во политичката пракса на Република Македонија, е чин кој се однесува на индивидуална, т.е. на лична одговорност. Стојан Андов, долгогодишен политичар и некогашен претседател на македонското Собранието, исто така објаснува дека политичката одговорност кај нас партиите ја поднесуваат на избори, а функционерите се кријат зад партијата поради што изостанува нивната лична одговорност. Таквата навика, според него, прави одговорноста да стане спротивен елемент на демократијата и на нејзините потреби.

Дел од механизмите за поднесување политичка одговорност се оставката, разрешувањето и интерпелацијата, но речиси и да не наоѓаат примена кај досегашните македонски влади.

Интерпелациите кои вообичаено ги поднесува опозицијата секогаш завршуваат со неуспех бидејќи мнозинството безрезервно стои зад владините функционери. Оставката не е својствена за функционерите. Има дури и случаи кога некој функционер нудел оставка од својата функција, но премиерот не ја прифаќал. Таков е примерот со оставката која во 1995 година по извршениот атентат врз претседателот Киро Глигоров ја поднесе министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски. Иако беше поднесена неколку денови по атентатот, тогашниот премиер Бранко Црвенковски и по еден месец размислување не ја прифати оставката. Ова беше особено типично за претседателот на претходната влада Никола Груевски кој многу тешко прифаќаше политичка одговорност на носителите на министерските ресори. Неколкумина владини министри беа под притисок на јавноста за своето несоодветно работење, но тие сепак долги години се задржаа во владиниот состав, како што беа: министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска (прозивана за многубројни афери); министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска (идеен носител на проектите кои ги опфаќаше антиквизацијата на централното градско подрачје на Скопје); министерот за здравство Никола Тодоров (за колапсот на целокупниот здравствен систем и за неговата нефункционалност); итн.

sto ke donese rekonstrukcijata na vladataИзвор: vlada.mk

Предности од реконструкцијата на владата

Реконструкцијата на владата на Заев на нецела година од нејзиното конституирање не е за изненадување. Тој уште за време на преговорите за нејзиното формирање посочи дека оваа пракса ќе биде честа за да се зголеми ефикасноста на владата и дека секој функционер кој не одговара на очекувањата на граѓаните ќе биде повикан на одговорност. Реконструкцијата на владата нема да донесе крупни промени на првите луѓе на владините ресори, но има други поголеми и позначајни предности.

Поголема отчетност и транспарентност на извршната власт кон граѓаните. Оваа заложба актуелната влада ја конкретизираше преку воведувањето на Министерство без ресор кое е задолжено за комуникации, отчетност и транспарентрност. Владата смета дека со ваквиот пристап воведува нови практики, бидејќи првпат во политичката пракса во Македонија самоиницијативно го става на увид своето работење најотворено и најтранспарентно, пред сè, преку обелоденување на службените трошоци на избраните функционери.

Како што е познато во политичката теорија, обелоденувањето на потрошените средства претставува еден од најмоќните инструменти за транспарентност и за борба против корупцијата. Освен отчетот за потрошените средства, тука спаѓаат и обелоденувањето на приходите и имотот на високите владини претставници, изворите на нивното богатство, изворите на приходи на функционерот, а за да се спречи можноста од појава на корупција, прифаќањето на мито и поткуп и сл.

Отчетноста на сите досегашни влади вообичаено се сведуваше само на отчетност за сработеното по повод 100 денови од изгласувањето на владата и на евентуалното објавување на анкетните листови за имотната состојба на избраните и именуваните функционери преку Антикорупциската комисија. Актуелната влада воведе новитет задолжувајќи ги министрите, заменик министрите, државните секретари, генералниот секретар и претседателот на владата да достават информации за службените трошоци направени во првите 6 месеци од преземањето на функциите. Одлуката беше реализирана во март годинава преку алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

Зголемување на значењето на јавното мислење. Ова е резултат на мерката за отчетност и практиката за поголема отвореност на владата кон граѓаните, но пред сè преку повлекувањето низа потези со кои владата покажа дека ја почитува волјата на јавното мислење, како што беа анулирање на договорите за отворање рудници во источна Македонија и повлекување именувани надворешни советници на претседателот на Владата.

Зголемување на ефикасноста и ефективноста на државните институции и на јавната администрација. Забелешките кои се однесуваат на обемот на јавната администрација со кои директно се засегнати нејзината ефикасност и ефективност се едни од клучните сегменти во кои Европската комисија бара реформи, а кои беа нагласени и во последниот Извештај за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан од февруари годинава. Владата очекува започнување на пристапните преговори во јуни, додека претседателот на Европската комисија, Јункер нагласи дека временската рамка за евентуалниот влез во ЕУ на групата земји од Западен Балкан е предвидена за во 2025 година, а она што Македонија мора да го направи конкретно во делот на јавната администрација е да изврши нејзина реформа со што ќе се зајакне и власта на сите нивоа. Поконкретно, таквите реформи опфаќаат подобрување на квалитетот и одговорноста на администрацијата, зголемување на професионализмот, деполитизација и транспарентност, транспарентно менаџирање на јавните финансии, подобар сервис за граѓаните и обезбедување на соодветен баланс помеѓу централната, регионалната и локалната власт.

Проширување на парламентарното мнозинство

Последната цел која владата има интенција да ја постигне преку најавената реконструкција е всушност и една од примарните цели, а тоа е проширувањето на парламентарното мнозинство. Ова не го криеше ниту премиерот, кој во неколку наврати изјави дека преговорите за владината реконструкција одат во насока на обезбедување на пошироко парламентарно мнозинство за да се зајакне стабилноста на владата.

Во моментот, владиното парламентарно мнозинство кое треба да обезбеди изгласување на предлог законите на власта, а со тоа и реализирање на владините политики брои 62 пратенички гласови. Ваквото мнозинство стана кревко по одлуката на петте пратеници на БЕСА, кои првично му дадоа потписи на Заев со кои тој стана мандатар за состав на новата влада, да не бидат дел од владината коалиција, и покрај интензивните преговори за влез во неа. Претседателот на БЕСА рече дека не се сложуваат да влезат во влада заедно со ДУИ која беше партнер и на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. За БЕСА, како нов политички субјект, проблематично е вклученоста на високи функционери на ДУИ во коруптивни зделки со поранешната власт, што делумно беше обелоденето преку т.н. бомби. Ситуацијата дополнително се искомплицира кога Алијансата на Албанците на Зијадин Села ја напушти владината коалиција затоа што им беше одземен ресорот здравство кога Арбен Таравари од функцијата министер за здравство замина на функцијата градоначалник на Гостивар. Тогаш Министерството за здравство премина во рацете на СДСМ, што за Села беше неприфатливо, бидејќи за возврат добија министерство без ресор.

Со оглед на тоа дека приоритет на Владата се реформите и евроатлантските интеграции, таа во блиска иднина не размислува за избори. Поради тоа се одлучи нестабилното парламентарно мнозинство да го зајакне преку проширувањето на владината коалиција со БЕСА (Крилото на Африм Гаши), ДПА на Мендух Тачи, која го добива Министерството без ресор задолжено за странски инвестиции и едно заменичко место во Министерството за транспорт и врски, и со индивидуални пратеници (Амди Бајрам) и нови членови во СДСМ кои порано припаѓале на некои од помалите политички партии (Андреј Жерновски од ЛДП и Чедомир Саздовски од ГРОМ).

Реконструкција за политички потреби или реална политичка одговорност?

Владиниот состав е веќе познат и повеќе од извесно е дека ќе дојде до зголемување на парламентарното мнозинство, паралелно со проширување на владината коалиција.

Очекувано реконструкцијата на владата опфати заминување на владини функционери од СДСМ и ДУИ, како и ротација на некои министри од еден во друг ресор меѓу двата најголеми партнери од македонскиот и албанскиот блок. Така, Роберт Алаѓозовски од СДСМ е единствениот министер кој заминува од владата како резултат на неодговорно работење, поради високи трошоци за краток временски период и сомнително доделување на субвенции за популарна музика. Од ДУИ, заминуваат министерот за правда Билен Саљији, кој си даде оставка поради случајот со малиот Алмир, и Рамиз Мерко од министерството без ресор за странски инвестиции, кој стана градоначалник на Струга (неговото место ќе биде пополнето со Бардил Даути од ДПА). Ротација ќе има помеѓу министерствата за правда и образование. Министерката за образование Рената Дескоска од СДСМ станува министер за правда, а нејзиниот досегашен заменик Арбр Адеми од ДУИ ќе биде министер за образование.

Поголеми промени се очекуваат во вториот и третиот ешалон од извршната власт. За третиот ешалон сѐ уште нема конкретни информации, додека во вториот влегуваат неколку нови имиња: Андреј Жерновски во МНР, Петар Атанасов во Министерството за образование и наука, Митасим Беќири во Министерството за транспорт и врски и Асим Муса во Министерството за здравство. Досега беа направени неколку промени во третиот ешалон како резултат на неодговорно работење. Александар Донев беше разрешен од функцијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Останува во иднина да се види колку владата вистински ќе се реконструира, дали ќе остане доследна до крај да го испочитува начелото на отчетност и транспарентност и колку овие практики заедно со преземањето политичка одговорност ќе станат дел од политичкиот живот во Република Македонија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Маја Стојанова

Маја Стојанова е доктор на политички науки на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Претходно магистрирала на катедрата за политички науки на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ на ТЕМПУС програмата за Политички менаџмент. Истражува во областите јавно мислење и истражување на јавното мислење, современи политички теории и модерна политичка мисла. Колумнист и автор е на повеќе научни трудови во земјата и во странство. Добитник е на повеќе сертификати и признанија од меѓународни асоцијации.