fbpx

Ако Владата навистина сака да се бори против лажните вести, нека почне од сопствениот двор

Соња Стојадиновиќ

Политика

26.08.19

Прегледи

Соња Стојадиновиќ

Sonja Stojadinovic 200x250Првите битки треба да се почнат од партиските редови, да се забранат лажните профили на Фејсбук и Твитер поттикнати од партиите за зголемување на рејтингот. Да се лоцираат и забранат порталите за кои се знае дека се финансирани од политичките партии и зад кои нема импресум.

Македонската влада неодамна објави Акциски план за борба против дезинформации со 18 мерки кои треба да се преземат за заштита на институциите, граѓаните и јавноста од влијанието на лажните вести и дезинформациите. Овие мерки доаѓаат кратко време после срамот кој го доживеа премиерот Заев во јавноста со аферата со лажниот Порошенко. Лесната пристапност до премиерот од страна на неговите граѓани го доведе во ситуација јавноста да се прашува какви се мерките за заштита на премиерот од несолени шеги. Мерките кои ги донесе владата се соодветни на ситуацијата, но дали се донесени на време? Македонската јавност беше запознаена со активностите на велешките креатори на лажните вести во 2016 година, но тактиката на ширење лажни вести, страв, паника не е авторско дело на младите од Велес. Тактиката на окупирање на јавноста со лажни вести во такво количество што е скоро невозможно да се разликува вистината од лагата, е позната уште од античкиот Рим. Нападот врз опонентот и негова дискредитација со лаги и манипулација не само што е успешна тактика, туку и тешко совладлива.

Како другите земји се борат со дезинформациите?

Финска во светот котира како земја која најмногу вложила во борба против лажните вести и дезинформациите. Полето на кое е преземена таа борба почнува во училиштето. Финскиот образовен систем ги учи учениците на критичко мислење и дигитално образование, способност да се препознае лажната вест. На листата на индексот за медиумска писменост Финска, Данска и Холандија се први, додека последните места ги заземаат Турција, Албанија, а Македонија е последна. Иако Русија е посочена со прст како плантажа за руски тролови и лажни вести, тие имаат закон со кој ширењето на лажните вести се казнува со 6 илјади долари. Мерка која кај нас се уште не е видлива на дело. Во остатокот на светот владите на различен начин се справуваат со лажните вести и дезинформациите. Додека во Кина и Франција постојат закони, во Демократска Република Конго постои посебна единица за борба против дезинформации, во Индија се применува пракса на укинување на интернетот, а во Индонезија постојат посебни единици за овој вид борба, се применува апсење и лоцирање на интернет страниците.

Ako Vladata navistina saka da se bori protiv laznite vesti neka pocne od sopstveniot dvorИзвор: vlada.mk

Лажните вести и дезинформациите најчесто се појавуваат на Твитер и брзо се пренесуваат на Фејсбук. Законската контрола врз овие социјални мрежи скоро и да не постои бидејќи федералниот закон на САД од 1996 година не ги дефинира како издавачи и со тоа тие не се одговорни за содржината на објавеното. Една од мерките за заштита на јавноста од дезинформации и поттикнување насилство беше преземена од Шри Ланка во форма на времено затворање на Фејсбук после Велигденските бомбашки напади. Но таквите мерки не се долгорочно ефикасни бидејќи оние на кои им е во интерес да создадат насилство и хаос, секогаш ќе најдат начин за ширење на своите лаги и манипулации. Ако порано терористичките организации се користеа со видеа постирани на Јутјуб, денес после Фејсбук најоптеретена апликација за комуникација е Ватсап (WhatsApp), преку која директно се доаѓа до корисниците, а е во сопственост на Фејсбук.

Гласноговорниците за слободата на правото на говор одамна зборуваат дека острите мерки на затворање на портали и укинување на интернетот се кршење на слободата на говорот. Внимавајќи да не ја прекрши Повелбата за основните права на ЕУ, Европската Унија објави Акциски план за борба против дезинформациите со посебен осврт на правото на слобода на изразување. Индикативно е што една од специјалните единици за борба против дезинформациите треба да го покрие и Западниот Балкан како жариште на дезинформации на исто рамниште со Русија. Ова е еден од пропустите на претходната влада на која и одговараа портали со лажни вести, Фејсбук тролови и лажни профили организирани од страна на партијата. Порталите со лажни вести беа создадени врз основа на бројот на кликања кои директно водеа кон високо ниво на посетеност и профит од реклами. Профитот кој го вртеше Фејсбук од рекламите беше поважен од етиката и заштитата од лажните вести и последиците од нив.

Вистинска борба против дезинформациите или само елегантна цензура?

Објавувањето на Акцискиот план на Владата предизвика брзи и силни реакции во јавноста. Први се огласија новинарите на Фејсбук, а потоа следеа Синдикатот на новинарите и Здружението на новинарите. Отсуството на новинари во работните групи предвидени со Акцискиот план директно води кон цензура инсталирана од луѓе кои не се новинари по професија. Во Акцискиот план на ЕУ јасно стои дека неговата имплементацијата не може да се одвива без новинарите посебно на оние кои се занимаваат со истражувачко новинарство. Првите битки треба да се почнат од партиските редови, да се забранат лажните профили на Фејсбук и Твитер поттикнати од партиите за зголемување на рејтингот. Да се лоцираат и забранат порталите за кои се знае дека се финансирани од политичките партии и зад кои нема импресум. Вклученоста на новинарите е од клучна важност и нивното искуство во борбата против дезинформациите е од непроценливо искуство. Нема потреба да се измислува топла вода, доволно е само да се вклучат институциите кои веќе имаат искуство во овие борби и водат кампањи за медиумска писменост. Техниката е тука, само треба да се примени. Како што може Финска уште од основно училиште да ги образува децата да прават разлика помеѓу лажна и вистинска вест, така можеме и ние да ги примениме знаењата од факултетите по медиуми и комуникација, организациите на истражувачко новинарство, Советот за етика на медиумите.

Една од мерките под точка 2 на Владата предвидува воведување на безбедносен протокол за дигитални комуникации за сите државни службеници. Овој протокол би бил ефикасен кога ќе се забрани секаква партиска активност на државните службеници на социјалните мрежи. Иако Законот за државни службеници не забранува партиска активност после работното време, оваа слобода на политичка активност беше максимално злоупотребена во времето на на владеењето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Луѓето губеа работни места ако не ја поддржуваат владеjачката партија на Фејсбук. Чистењето на ѓубрето почнува од сопствените редови и дворови. Конструктивната критика не смее да се сфати како напад, туку како совет бидејќи советот од професионалец вреди злато.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.