Oдржлив економски развој или економски раст?

д-р Марјан Николов

bloger marjanДали во овие 20 години се направил обид да се согледа корелацијата на среќата, благосостојбата, здравата животна средина и соживотот, со флуктуациите на економскиот раст т.е. растот на БДП? Дали владите во Македонија ќе разберат дека сме дел од екосистем и дека економијата и профитот не се цел, туку инструмент и алатка за одржлива економска благосостојба? Политичките субјекти треба да се фокусираат кон консензус за квалитетот на животот на граѓаните, благосостојбата и животната средина.

Економскиот раст не е и не треба да биде цел сама за себе туку е мерна единица за производство на добра и услуги во единица време која не е идеална мерна единица за благосостојбата на граѓаните. Инсистирањето на економски раст по секоја цена во денешни услови води и кон нееднаквост. Понатаму, малку е познато, на пример, дека во последните 35 години трошоците за инвестирање во капитални инвестиции споредено со трошоците за приватна потрошувачка опаднале за 25%, па поради тоа компаниите секаде каде што е можно ја замениле работната сила со софтвер т.е. нова технологија и затоа уделот на работна сила во економскиот раст е паднат во истиот период за 5 процентни поени. Па дури и во Светска банка почнуваат да зборуваат за инклузивен раст, споделен просперитет и редукција на сиромаштијата. ММФ исто така се повеќе зборува за флексибилност, фокус и услуги, а не за макроекономска стабилност.

Извори на економски раст

Хронологија на неостварената потрага по економски раст, според политиките на Светска банка, се движела како во следната табела.

Табела. Хронолошки преглед на парадигми за извори на економски раст

 50-те – физички капитал   90-те – општествен капитал 
 60-те – природен капитал (земјоделие)    00-те – институционален капитал 
 70-те – човечки капитал  10-те – животна средина / глобално јавно добро капитал
 80-те – финансиски капитал  20-те – што е овде приоритет? 

 Извор: Прилагодено од Easterly W. R. (2002): “The elusive quest for growth”, MIT Press и презентациите од IMF Civil Society Program – October 2013, во организација на Светска Банка и ММФ во Вашингтон

Табелата е рефлексија на парадигмите за тоа кои би биле успешно применетите извори на раст за една неразвиена земја или за земја во транзиција за да може да конвергира до економија на една просечна ОЕЦД економија.

Македонија наспроти парадигмата за изворите на економски раст

Каде е Македонија во контекст на овие извори на раст и кои се нашите приоритети и цели? Во делот на физички капитал и инфраструктура сме назадувале од почеток на транзиција и за ова тврдење нема потреба од посебни докази. Нив ги гледаме секој ден. Според Државниот завод за статистика, потрошувачката на фиксниот капитал (што е опаѓање на тековната вредност на основните средства на производителите, предизвикано од физичко трошење, нормално застарување и оштетување во несреќни случаи) т.е. популарната амортизација во 2008 година била 1 милијарда евра, во 2009 била 1,19 милијарди евра, во 2010 година 1,2 милијарди евра, а во 2011 година една милијарда евра. Вкупните инвестиции во Македонија би требало да бидат повеќе од тие вредности за едноставно да немаме загуба во супстанца. Споредено со капиталните инвестиции, јавни и приватни, ние не само што не сме успеале да конвергираме кон развиените економии туку и сме заостанувале споредено со земјите во транзиција.

Во природен капитал (земја, обработка, земјоделие итн) оценивме неодамна во истражувањето на Центар за економски анализи- ЦЕА дека Македонија се уште е во фаза кога зборува за пари/субвенции, а не за развој и капитал.

Понатаму, во трговската размена со храна не стоиме најдобро. Во човечки капитал што подразбира знаење, вештини итн., исто така, сме во незавидна позиција поради тоа што сме фокусирани на бројот на дипломи, а не на знаење. Во светските рангирања за цитирање во меѓународни списанија сме полоши на пример од Ирак. За финансискиот пазар што да се зборува. Ги имаме нашите банкари кои ете, ги чекаат добрите проекти од Платоновата филозофија за перфектност. Не се сеќавам, дали имавме и берза?

Потреба за промена на парадигмата

Се чини, неостварлива е идејата за економски развој во Македонија. Еве како политичарите гледаат на тоа секојдневно, де на медиумите од „едните“ политичари де на медиумите на „другите“ политичари во биполарниот политички спектрум во Македонија. Од „едните“ политичари, немаме презентација на факти за развој на Македонија туку само индикатори за раст кои се прикажуваат во статичка смисла. А за тоа каде одиме, велат дека требало Европската Унија да ни каже тогаш кога ЕУ ќе била спремна за нас. Понатаму, од „едните“ го имаме фетишот за највисок четврти или петти економски раст во Европа, за трети или четврти најмал долг во Европа, но фетишот понекогаш е зачинет и со пораки да си го опуштиме срцето и да се размножуваме бидејќи тое е иднината на нацијата. Тоа им е добитен одговор на „едните“ на секоја критика од „другите“.

Кога ќе се исцрпат пи-ар рекламите за нацијата со најсилен економски раст дилемите за благосостојбата и вистинските прашања елегантно се покриваат под мистичниот превез на т.н. „потрага по нова економска мисла“, додека новинарските пера фетишизирано ќе не замараат дали економскиот раст олицетворен во БДП растел, опаѓал или сме во рецесија.

Дали во овие 20 години се направил обид да се согледа корелацијата на среќата, благосостојбата, здравата животна средина и соживотот, со флуктуациите на економскиот раст т.е. растот на БДП? Дали владите во Македонија ќе разберат дека сме дел од екосистем и дека економијата и профитот не се цел, туку инструмент и алатка за она што најблиску се нарекува одржлива економска благосостојба? Предизвикот е како да се обезбеди политички консензус, макар за основниот концепт, за да се постигне економска благосостојба. Јасно е дека практицирањето политика во Македонија од осамостојувањето до сега не продуцира одржливост на економска благосостојба на граѓаните, дури ни во најелементарни категории како сиромаштија и еднаквост.

Промена на парадигмата кон мерење на благосостојба

ЦЕА за прв пат го пресмета Индексот на одржлива економска благосостојба (ИОЕБ) како еден од најнапредните обиди за мерење на одржлив развој наспроти економски раст. Појдовна основа за пресметка на ИОЕБ претставува личната потрошувачка, на која се додаваат/одземаат конкретни ставки, во зависност од тоа дали тие придонесуваат за зголемување/намалување на благосостојбата. На пример, во нашата пресметка додаваме семеен труд, јавни расходи за здравство и образование, а одземаме исцрпување на необновливи ресурси, осиромашување на озонска обвивка и друго.

Од приложениот графикон може да се види дека вредноста на ИОЕБ е пониска и со поголема флуктуација од вредноста на БДП, со оглед дека ИОЕБ опфаќа поширок спектар на прашања, кои освен економските, вклучува социјални и прашања од областа на животната средина, во една аналитичка рамка.

Анализирајќи ја динамиката на ИОЕБ по години и споредувајќи ја со БДП, може да се заклучи следново:

• Безбедносната криза во 2001 година има предизвикано подлабок пад на вредноста на ИОЕБ од вредноста на БДП;
• Растот на економската активност во 2003 и 2005 г. не бил придружен со раст на вредноста на ИОЕБ, сугерирајќи дека социјалните и еколошките аспекти не биле подобрени (на пр. стапката на невработеност е зголемена од 31,9% на 36,7% во 2003 г., а во 2005 г. е регистрирана историски највисока стапка на невработеност од 37,3%);
• Во 2006 и 2007 г. нагорниот тренд на БДП е придружен со нагорно движење на вредноста на ИОЕБ, укажувајќи дека растот на економската активност во овој период бил придружен и со зголемување на благосостојбата;
• Економската рецесија во 2009 г. е со поголеми последици кај ИОЕБ, кој бележи остар пад во 2008.2009 г.

Графикон. Движењето на БДП и ИОЕБ за Македонија по константни цени

GRFIKON23
Од сличните истражувања се забележува дека постои едно стилизирано ниво на БДП после кое ИОЕБ опаѓа т.е. секое наредно зголемување на БДП всушност креира повеќе економски трошоци кои водат кон пониска благосостојба за економијата. Ова сознание е важно за политичките субјекти кои претендираат да ја водат економијата на РМ, бидејќи во случај кога двете криви - БДП и ИОЕБ - се во раст, секое маргинално зголемување на БДП води кон одржлива благосостојба. Проблем е кога ќе се постигне нивото на БДП после кое БДП расте, а ИЕОБ опаѓа бидејќи тогаш благосостојбата на граѓаните не може да се реши само со економски раст, туку со мерки за решавање на сиромаштијата и заштита на животната средина во најмала рака.

Оваа пресметка на ЦЕА е само индикативна, првична, со сите недостатоци и можности за грешки. Но, со овие сознанија, ги повикуваме политичките субјекти да се фокусираат кон консензус за квалитетот на животот на граѓаните, благосостојбата и животната средина.

Фетишот за економски раст во Македонија како и популизмот во било која мерка треба да престанат и фокусот треба да биде на изработка на биланс за тоа каде сме, каде сме грешеле и потоа да се направи консензус за тоа кои се целите на оваа нација за наредните децении.

Имам и две едноставни прашања за вас читателите на овие редови. Дали на вас како читатели во вашиот живот денес, додека ова го читате ви значи нешто во квалитет „дебатата“ на политичарите за тоа дали имало или не проекти и економски раст? Дали имате чувство дека нешто значајно се подобрува за вас, еве да речеме за наредните 5 години од таа нивна „дебата“ и тие нивни илјадници проекти денес?


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Слобода за движење, освен ако сте Роми
Mоралноста на криминалното низ призмата на економс...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 18 Јануари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: